Кина и Западен Балкан: Дали јуанот ќе проговори и на политички јазик?
- И покрај алармот во Брисел, на Балканот малку се зборува за влијанието што го има Кина во регионов.
- Ранливоста на Западен Балкан е во извесна мера магнет за Кина, и тоа и на економски план и на политички план, затоа што се работи генерално за сиромашни држави кои се „гладни“ за странски инвестиции.
- И европските политичари срамежливо ќе кажат дека јуанот иако може да проговори и со политички јазик, сепак е добредојден на европско тло.
Кинеска стратегија
„Со застојот во преговорите за членство, влијанието на Кина во Западен Балкан расте, што предизвикува стравувања дека новите земји-членки еден ден би можеле да дејствуваат како промотори на кинеските интереси и да стават вето на акциите против Пекинг во ЕУ“. Ова е заклучок од анализата објавена на почетокот на ноември на веб- страницата на Европскиот совет за надворешни работи под наслов: „Очи широко затворени: Како да се чита кинеската игра на Западен Балкан“. Во текстот се додава и дека ЕУ треба да утврди цврст временски рок за прием на Западен Балкан и да постигне подобра рамнотежа помеѓу барањата и стимулациите за поттикнување на напредокот.
И покрај алармот во Брисел, на Балканот малку се зборува за влијанието што го остварува Кина во регионов. Тоа е можеби така затоа што во денешно време влијанието се наметнува малку посуптилно, и главно, низ економски чекори, а сиромашните балкански држави кои се „жедни“ за странски инвестиции, ги затвораат очите пред политичкото влијание кои инвестициите го носат со себе.
Но, и без инвестиции во некои од балканските земји, Кина понекогаш е жешка тема. Пример за тоа е Македонија која во ноември 2025 по втор пат во својата три ипол децениска историја го провоцира Пекинг, кокетирајќи со Тајван. Нервозата кај Кинезите беше предизвикана од тајванска делегација која дојде во Скопје и која беше примена од македонска собраниска делегација. Средбата доведе до молскавична реакција од Кинеската амбасада која го предупреди македонското раководство дека „ваквите потези можат да имаат последици врз билатералните односи и економската соработка“. „Дали напуштањето на огромен пазар и идни развојни можности е во согласност со интересите на македонскиот народ?“, прашаа од Амбасадата.
Акцентирањето на економската соработка во оваа кинеско-македонска дипломатска епизода не е случајно. Германската фондација „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, во публикација објавена во мај 2024, заклучија дека има знаци на зависност на Северна Македонија од Кина во три сфери: трговија, инвестиции и заеми за инфраструктура.
„Досега Кина не се обидела зависноста да ја користи како ‘оружје’ како што тоа беше случајот со Литванија, Шведска или Јапонија. Но, тоа не значи дека кинескиот трансакциски пристап досега не бил во игра затоа што Кина во изминатиот период бараше низ инвестиции да ги ‘награди’ земјите со попријателски однос, како Србија и Северна Македонија“, се наведува во анализата.
„Ако разгледуваме како кинеските активности во Македонија се вклопуваат во овие планови, гледам дека, од една страна, економската соработка, а од друга страна сите активности за јакнење на кинеската мека моќ, на она неформално влијание преку различни видови на people to people соработка, се навистина во полн ек“, вели Ана Крстиновска, основач и претседател на тинк-тенкот „Естима“ кој ги проучува кинеско-македонските односи. Сепак, додава Крстиновска, кога станува збор за економската соработка, има повеќе ограничувања кои произлегуваат, пред сѐ, од асиметријата – ние сме мала држава која нема што многу да понуди она што би ја интересирало Кина.
Крстиновска: Кина се обидува да ги освои гласовите на што повеќе држави | Интервју | ResPublica
И Албанија, која зазема стратешки важна позиција на јадранскиот брег, е релевантна за амбициите на Кина за Морскиот пат на свилата во 21 век. Албанија е исто така домаќин на дел од Транс-јадранскиот гасовод (ТАП), кој носи касписки гас до Европа. Иако гасоводот не го гради директно Кина, улогата на Албанија во енергетскиот коридор ѝ дава геополитичка важност. Кинеските инвестиции во енергетскиот сектор и во природните наоѓалишта (како нафтата преку контролата на Џео-Џејд врз Патос-Маринза) оттука, не може да се гледаат само во комерцијална смисла, туку и како дел од поширока стратегија за обезбедување пристап и влијание врз енергијата. Кина сега е еден од главните извори на стоки за широка потрошувачка, машини и индустриски материјали во Албанија, зајакнувајќи го трговскиот однос кој е асиметричен, но и се шири.
Во Босна и Херцеговина која годинава одбележа 30 години дипломатски односи со Кина осврнувајќи се на иницијативата „Појас и пат“, која беше започната пред 10 години со цел поврзување на Азија, Африка и Европа преку копнени и морски патишта, амбасадорката Ли Фан рече дека трговијата меѓу двете земји се зголемила за 15,2 проценти во 2024 година. Таа притоа ги посочи ветерната фарма „Ивовиќ“, мостот „Почитељ“, болницата во Добој и градската железница во Сараево. Владините претставници кои беа во Пекинг во годините по започнувањето на иницијативата „Појас и пат“, се вратија со информации дека Кина ќе инвестира неколку милијарди конверибилни марки во енергетски и инфраструктурни проекти во БиХ во наредните години и дека тоа ќе ја трансформира и драстично ќе ја зајакне економијата.
И вистина, кинеските компании добија многу договори за изградба на инфраструктурни проекти во БиХ, како што се голем број автопатски делници, изградба на ветерни фарми (Ивовиќ, Томиславград), фабрики за гипс (Угљевиќ), хидроелектрани (Дабар), термоелектрани Гацко итн. Договорите вредат милијарди. Сепак, мислењата се поделени за тоа дали станува збор за класични инвестиции или зделки од кинески државни компании што им носат милијарди, а за кои БиХ е во долгови. Но, од друга страна, пак, важно е што инфраструктурните објекти што се градат, остануваат во БиХ.
Истражувачките новинари и невладиниот сектор на БиХ се на мислење дека повеќе станува збор за кинеско влијание отколку за инвестиции, што главно се манифестира преку економијата. Ирвин Пекмез, новинар на БИРН верува дека кинеските инвеститори, а со тоа и кинеската држава, многу добро се прилагодуваат на начинот на кој работат локалните власти во БиХ.
„Кинеските партнери работат според диктат на локалните власти, а знаејќи дека локалните власти сакаат да кријат договори, тие им овозможуваат да кријат исклучително важни договори како што се за трамвајските пруги во Сараево, автопатот Бања Лука – Приједор и хидроцентралите во Република Српска. Знаејќи дека корупцијата е проблем во БиХ, Кинезите се прилагодуваат и влегуваат во симбиоза со неа“, вели Пекмез.
Воената соработка на Белград со Пекинг
И Србија и Кина одржуваат сеопфатно стратешко партнерство, при што двете земји ги подигнаа своите односи на највисоко ниво. Ова го отвори патот не само за економска, туку и за политичка врска меѓу двете држави, што многу експерти ја критикуваат. Српските власти во кинеските партнери гледаат шанса за забрзана модернизација на инфраструктурата, имајќи предвид дека разни проекти од овој тип, како што е изградбата на автопати, беа финансирани со помош на кинески кредити. Според официјалните извештаи, до крајот на 2022 година, кинеските инвестиции во Србија достигнаа ниво од околу 17,3 милијарди долари.
Кога станува збор за Србија економската соработка е надополнета и со воена соработка која го „шокира“ Западот. Српската воена бригада за специјални операции во јули годинава одржа заедничка обука со кинеска бригада во Кина и покрај силните противења од Европската Унија и САД. Обуката се одржа од 19 до 28 јули во покраината Хебеј во северна Кина, при што Србија, земја-кандидат за членство во ЕУ, се обиде да ја балансира и воедно да одржува блиски врски со Пекинг и Москва. Така, Србија стана единствената земја-кандидат за ЕУ која има воена обука со Кина. Во последните години, Србија купува оружје од Кина, станувајќи првата земја во Европа што го набави кинескиот противвоздушен систем ФК-3.
Македонија, пак, нема особени придобивки од економска соработка со Кина во форма на директни инвестиции. Минатата година вкупната трговска размена помеѓу Кина и Северна Македонија достигна 1,22 милијарда долари, при што една милијарда е увозот на Македонија од Кина, а 220 милиони е извоз. Кина е четврти најважен трговски партнер на Македонија. Сепак, неодамнешните истражувања покажаа дека влијанието на Кина во земјата е силно, рангирајќи се на трето место меѓу 17 земји во Централна и Источна Европа, покажа истражувањето на „Естима“.
Веројатно најважната долгорочна стратегија за зацврстување на кинеската мека моќ во Македонија е отворањето на институтот „Конфуциј“ кој обезбедува бесплатни курсеви по кинески јазик. Бројот на ученици се зголеми од 60 во првата година (2013) на 562 во академската 2020-2021, и 1.500 во 2023 година, при што најголем дел од слушателите се деца. Освен тоа Кина повеќе од 20 години обезбедува и стипендии за македонски студенти.
Есмералда Топи, економски уредник во албанскиот медиум Фактоје, вели дека Кина има стратешки интерес во Западен Балкан, а исто така и во Албанија.
„Овој интерес ја наведе Кина да направи клучни инвестиции во нашиот регион. Но, мислам дека во случајот на Албанија, постои разлика, бидејќи интересот на Кина е поврзан и со нашата географска положба. Поради оваа положба, Кина ја гледа Албанија како порта кон пазарите на ЕУ“, вели таа.
Сепак, за разлика од другите земји од Западен Балкан, во случајот на Албанија, овој интерес не ги даде очекуваните резултати. Генерално, во последната деценија, Албанија ги отфрли обидите на Кина да стане еден од главните инвеститори во нашата земја.
„За разлика од другите земји во регионот, како што се Србија, БиХ или Црна Гора, кинеското влијание и инвестициите во Албанија беа проекти кои или не успеаја или беа отфрлени од страна на албанската влада. Тука можеме да се потсетиме на 5G мрежата, патот Арбер, како и раскинувањето на договорот за концесија за меѓународниот аеродром во Тирана“, истакна Топи.
„Еден појас, еден пат“
Но, за разлика од Албанија, по 10 години откако БиХ, на пример, стана потписник на кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“, претставниците на владејачките и опозициските партии на државно ниво на Босна и Херцеговина со кои разговаравме се согласуваат за едно нешто – а тоа е дека се нужни добри односи со Кина.
„Покрај нашата стратешка определба БиХ што поскоро да стане дел од Европа, секако, може да се заклучи дека постои одредена деловна врска помеѓу Народна Република Кина и одредени делови од Босна и Херцеговина, особено Република Српска“, вели Албин Муслиќ, член на владејачката Социјалдемократска партија (СДП) во Парламентарното собрание на БиХ.
Милан Петковиќ, член на партијата Обединета Српска, која е на власт и на ниво на РС и на ниво на БиХ, забележува дека Кина е втора најголема економија во светот.
„Сигурно е дека ни требаат и мора да имаме добри односи со Кина и да ги користиме ресурсите што тие се подготвени да ни ги дадат. Кинезите се лидери во светот кога станува збор за изградба на патишта, автопати и мостови, а тоа е она што очајно ѝ е потребно на БиХ, бидејќи знаеме какви инфраструктурни објекти имаме, многу малку автопати, а исто така и квалитетни патишта“, изјави Петковиќ.
Во последниве години Кина стана поактивна во реализација на заеднички истражувачки проекти до тој степен што денес Северна Македонија има повеќе вакви билатерални проекти со Кина отколку со било која друга земја (вкупно 40 во последните пет години). Тинк-тенкот „Естима“ оценува дека има три начини на присуство на кинеската мека моќ во Македонија: управување со вести каде спаѓа колумни и статии на кинескиот амбасадор, како и пораки преку социјалните мрежи, вториот начин е испраќање на стратешки пораки преку културна понуда, превод и објавување на книги и третиот е градење односи низ активности на институтот Конфуциј, образовни стипендии, обуки и истражувачки проекти.
Нашата соговорничка Крстиновска од „Естима“ Македонија, вели дека во тој сегмент Кина има поголем интензитет во наметнување на активности за соработка, нови инцијативи во соработка со чинители кои што се надвор од Владата, како универзитети, медиуми па дури и граѓански организации.
„Тоа претставува промена во однос на начинот на кој што Кина историски наназад се однесувала кон различни држави. Кина секогаш соработувала на ниво на влади, значи централизирано, меѓутоа последниве години гледаме дека таа соработка сѐ повеќе се пренесува на некој начин во таа неформална или невладина област“, изјави таа.
Трагедијата во Нови САД со кинески белег
Во Србија, пак, не е тајна дека највредните кредити од Кина беа земени за модернизација на железницата од Белград до унгарската граница. Поточно, за два дела од брзата железница, Србија склучи кредити со EXIM банка во вкупна вредност од повеќе од една милијарда евра. Овие проекти, особено беа во центарот на вниманието на граѓаните на Србија во текот на претходната година, имајќи предвид дека вклучуваа реконструкција на станични згради по железничката линија. Еден од нив беше зградата на станицата во Нови Сад, чија настрешница се урна на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица.
Работата на овој проект ја спроведе конзорциум од две кинески компании – China Communications Construction Company (CCCC) и China Railway International Corporation Ltd. (CRIC). Интересно е што документите со кинеските компании ретко се достапни за јавноста, но поради јавниот притисок и блокадата на факултетите што започна во Србија веднаш по падот на настрешницата, договорите со изведувачите сепак беа објавени.
Јавноста во Србија честопати ја истакнува нетранспарентноста како главен проблем во соработката со Кина. Д-р Данило Шуковиќ, економист и поранешен член на Советот за борба против корупцијата, исто така верува во ова.
„Главниот проблем во таа приказна е недоволната транспарентност. И претходната и оваа влада потпишаа договори со Кина што ја исклучуваат конкуренцијата, нема тендери, сите работни места се договараат лице в лице“, вели д-р Шуковиќ и нагласува дека сè што не е транспарентно е предмет на корупција.
„Каде што нема конкуренција, секогаш се случува едната страна да биде оштетена, а послабата, а во овој случај ние сме, го извлекува дебелиот крај. Сега дојдовме во вазална позиција, за што е виновна Владата. Зависиме од Кина – дали ќе даде кредит, а нивните компании дојдоа тука за да создадат профит или позиција за проширување на бизнисот во ЕУ. Многу работи се прават за политички интереси, иако треба да бидат во согласност со законите, и штетно е што владата ја користи Кина за да си го подигне рејтингот“, заклучува Шуковиќ.
Во Србија, кинеските кредити одат за инфраструктурни проекти, како што е изградбата на автопати, кои се главно политичко оружје на сегашниот режим. Не помалку важни се кинеските фабрики, кои често се субвенционирани од државата. И тие често се споменуваат во изборните кампањи, имајќи предвид дека вработуваат голем број луѓе, првенствено во посиромашните делови од земјата.
Што се однесува до Албанија нашата соговорничка Есмералда Топи нагласува дека моментално, две од најголемите кинески инвестиции во Албанија се компанијата „Банкерс Петролеум“ – иако мора да се каже дека е регистрирана во Канада – како и кинескиот гигант за бакар „Џијангси Копер“, кој почна да работи во сите наоѓалишта на бакар во Албанија во последниве години, откако купи 50% од акциите од турската компанија „БерАлб“.
„За да одговориме на прашањето колку овие проекти биле економски успешни за Албанија, можеме да кажеме дека Албанија не може да се смета за еден од успешните случаи на Кина“, вели Топи.
Но, таа истовремено посочува дека во повеќето случаи, економското влијание на Кина во Западен Балкан служи како порта за проширување на нејзиното политичко влијание. „Ова е особено очигледно во Србија, Босна и Северна Македонија, каде што масовните кинески инвестиции се придружени со политичка блискост, стратешки договори и посилно дипломатско присуство. Со други зборови, кинескиот модел честопати ја следи логиката: ‘економијата ја отвора вратата, политиката влегува потоа’“, истакнува Есмералда Топи.
Таа смета дека Албанија претставува јасен исклучок од оваа динамика, бидејќи е помалку вклучена во кинеските иницијативи и има релативно ниско ниво на инвестиции. „Нашата земја одржува значителна дистанца од политичкото влијание на Пекинг. Ова дивергенција од остатокот од регионот ја става Албанија во единствена позиција, бидејќи го намалува ризикот од економска зависност, како и политичка зависност од Кина“, оцени Топи.
Можеби Албанија е најилустративен пример за тоа дека колку една земја е поблизу до ЕУ, кинескиот интерес е помал, а колку е подалеку како БиХ тогаш е поголем. Но, Бранислав Бореновиќ, опозициски пратеник вели дека БиХ треба да биде што помалку на радарот на Пекинг.
„Треба да бидеме што е можно помалку на нивниот радар, а што е можно повеќе преку директни билатерални односи да видиме какви се придобивките за нашата економија, за нашите граѓани. Кина има свое значење. Сè повеќе ја гледаме во овој дел од регионот. Тоа не е во спротивност со она што е наш клучен приоритет на надворешната политика, а тоа е ЕУ“, оцени тој.
Во Македонија, од друга страна, Кина е маргинален инвеститор, далеку зад Австрија, Германија, Грција, Холандија и други. Според Народна Банка во 2022 година кинеските инвестиции изнесуваа 20,42 милиони долари или 2,6 % од вкупниот број странски инвестиции. Според податоците пак на НБМ заклучно со 31.12.2024 година, Кина не се најде ниту меѓу првите пет држави кои инвестирале во Северна Македонија, а тоа се Австрија, Турција, Германија, Грција и Холандија.
Оттука, домашните експерти се уверени дека не може да има ни политичко влијание без оглед што Кина е во постојана потрага по политички сојузници во регионов.
„Кина ги смета сите држави за потенцијален сојузник без разлика на големината, затоа што кога ќе видите на пример како се гласа во Генералното собрание на ОН или во други меѓународни организации, гласот на Македонија има исто толку голема тежина колку гласот на Кина и гласот на многу поголеми држави. Во таа смисла Кина настапува отворено кон сите држави, големи или мали, демократски или авторитарни системи и се обидува да ги привлече во нејзините амбиции, цели и влијанија“, оценува нашата соговорничка Ана Крстиновска.
Како да се седне на масата на ЕУ
Во случајот на Македонија како членка на НАТО, смета таа, Кина игра прагматично. „Кина за да има соработка со некоја држава, не е пресудно или воопшто не влијае дали таа држава е во ЕУ, во НАТО или пак има различно државно уредување од тоа што е Кина. Односно, Кина има план за соработка со Македонија и ако ние сме надвор од ЕУ, и ако ние сме во ЕУ, и воопшто не ѝ менува дали ние ќе влеземе во ЕУ. Многу држави на ЕУ имаат далеку поинтензивна соработка со Кина од на, и во тој контекст, за Кина ќе биде од интерес да има што е можно повеќе сојузници на масата во Советот на министри, да кажеме, на ЕУ кога ќе се донесуваат одлуки“, вели Крстиновска.
Македонија за разлика од земјите кои ги анализираме во овој текст, има една специфика а тоа е дека со децении е заглавена во предворјето на ЕУ и како таква е податлива за влијанија од трети страни. Но, Кина во својата понуда, велат нашите соговорници, никогаш не нудела за други држави некакво ниво на интеграција, а Македонија конкретно е и далеку од таа сфера на интерес и влијание на Кина.
„Секако на Кина ѝ одговара и додека Македонија е надвор од ЕУ затоа што може да ги користи различните празнини или недоречености во усогласувањето со ЕУ, фактот што на пример ние немаме механизам на следење на странски директни инвестиции, немаме регулатива за истрага за субвенции во јавните набавки, понатаму разни коруптивни зделки, знаеме дека корупцијата е сериозен проблем, доброто управување и за Македонија и за државите од регионот, така што Кина ги користи на некој начин сите тие слабости во нашиот систем за да ги промовира и унапредува своите интереси“, вели Крстиновска.
Матеја Агатоновиќ, новинар од Белград, специјализиран за односите меѓу Кина и Србија, вели дека покрај економијата, политиката игра важна улога во тоа зошто Србија се свртува кон Кина. Кина во еден момент, објаснува тој, им се обрати на сите земји од централна, јужна и источна Европа, по светската економска криза, и понуди соработка – заеми, инфраструктурни проекти и сè што оди со неа.
„Главниот проблем е што сето ова, од кинеска страна, беше помалку економска приказна, и во принцип целата оваа помош е условена од политичка поддршка. Ние, често гласаме во Обединетите Нации онака како што би сакале кинеските партнери. Не би рекол дека ние сме како отскочна даска за кинеско влијание во Европа, но тоа секако има политички конотации, што јасно го видовме во неколку гласања. На пример, ние бевме единствената европска земја што гласаше во ОН дека не се врши геноцид и слично. Значи, тие односи се градеа постепено, понекогаш преку економија, понекогаш преку политика, бидејќи тоа, барем во кинескиот случај, секогаш оди рака под рака“, вели Агатоновиќ.
Не може да се одбегне впечатокот дека ранливоста на Западен Балкан е во извесна мерка магнет за Кина, и тоа и на економски план и на политички план, затоа што се работи генерално за сиромашни држави кои се гладни за странски инвестиции, без оглед од каде доаѓаат. Ако прашате европски политичари и тие срамежливо ќе кажат дека јуанот, иако може да проговори и со политички јазик, сепак е добредојден на европско тло. Нашиот регион, оттука, е само дел од тој геостратешки мозаик кој од ден на ден се менува.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска (Македонија), Дуња Мариќ (Србија), Амил Дуциќ (БиХ) и Јона Плумби (Албанија)
Сниматели: Наке Батев, Дамир Беговиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории:
Дигитална џунгла: Европа воведе правила, Балканот сè уште бара механизми
Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание
Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција
Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?
Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста
Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани
- Објавено:
- Прегледи: 697
Тагови:

