Дигитална џунгла: Европа воведе правила, Балканот сè уште бара механизми
- Говорот на омраза, фашистичката реторика, повиците за убиство и други форми на нелегална содржина „царуваат“ на социјалните мрежи.
- Европската ориентација на земјите од Западен Балкан на некој начин ги принудува да ги прифатат европските правила во дигиталната област.
- Македонија и регионот заостануваат во тој дел, барем што се однесува до регулативата, и засега имаа воспоставено свои механизми.
- Една од основните препораки на Брисел е дека ЕУ мора внимателно да го надгледува усогласувањето на регионот, осигурувајќи се дека националните закони се придржуваат кон принципите на Законот за дигитални услуги без да ја поткопаат слободата на изразување.
(Не)Регулација
Законот за дигитални услуги на Европската унија (Digital Services Act – DSA) од февруари 2024 година е во сила во земјите-членки на ЕУ и носи сосема нови правила за тоа како треба да функционира Интернет – просторот: од социјалните мрежи, преку онлајн продажбите, до медиумските платформи. Законот поставува јасни обврски за онлајн-компаниите да реагираат побрзо на незаконска содржина, да бидат потранспарентни кон корисниците и да обезбедат фер и безбеден дигитален простор. Целта на законот е да ги заштити дигиталните права на сите корисници во онлајн-просторот и да ја зајакне одговорноста на корисниците.
Во последниве години, создавањето механизми за заштита на дигиталниот простор од нелегална содржина и воспоставувањето правила за транспарентност и отчетност на дигиталните платформи беа во фокусот на европската администрација. Македонија и регионот заостануваат во тој дел, барем што се однесува до регулативата. Како што Западниот Балкан ги усогласува своите закони со стандардите на ЕУ, законот (DSA) нуди рамка за справување со нелегалната содржина и заштита на корисниците. И не само тоа, туку како дел од процесот на пристапување, од овие земји се очекува да ги усогласат своите национални закони со одредбите опфатени со законот.
Во нашиот регион постојат проблеми, вклучувајќи онлајн измами, слаба регулатива и ограничена одговорност на платформите. Еден пример во Црна Гора мошне сликовито го објаснува тоа. „Група Турци киднапираат деца. Крадат храна и други работи од пратки добиток… Убиваат, тепаат, силуваат…“ Ова беа само дел од најавите што се појавија на социјалните мрежи во Црна Гора кон крајот на септември. Сè започна со лажни објави на социјалните мрежи дека дете е киднапирано во трговски центар во Подгорица и оставено во тоалет, истрижано и со селотејп преку устата. Оваа лажна вест почна да се шири на социјалните мрежи со неверојатна брзина, благодарение најмногу на инфлуенсери со стотици илјади следбеници, а потоа се претвори во отворен фашизам кон странците што живеат во Црна Гора. Веста предизвика паника, а подоцна се покажа дека е целосно измислена. Полицијата, трговскиот центар, но и другите виновници за оваа дезинформација негираа дека нешто слично се случило во Подгорица.
Но, прашањето е какви последици имаше ширењето на вакви опасни наративи врз црногорското општество, особено во земја која нема соодветен начин да се бори против ваквите дезинформации. По почетната паника и хистерија, објавите беа заборавени по три дена и никој не одговори.
Ваквите примери, за жал, живописно покажуваат зошто уредувањето на дигиталниот простор е неопходно во Црна Гора. Ситуацијата воопшто не е наивна, објаснува уредникот на порталот Raskrinkavanje.me Дарвин Муриќ, чија редакција се заинтересирала за наводното киднапирање.
„Нашата редакција контактираше и со полицијата и со администрацијата на трговскиот центар и секако сите брзо рекоа дека апсолутно не е вистина дека се случило нешто такво. За жал, последиците од ваквите работи можат да бидат сериозни, пред сè се создава еден вид негативен став кон имигрантите, се шират овие анти имигрантски наративи и се буди национализам, што може да биде многу опасно“, истакна Муриќ.
Дополнително, додава Муриќ, луѓето ја етикетираа анкетата спроведена од Монстат и УНИЦЕФ, како УНИЦЕФ да ги евидентира децата во Црна Гора за тие деца да бидат однесени некаде. „Ги фотографираа анкетарите, во основа постои можност сега целото истражување да биде загрозено поради ваквите наративи и никој не ни гарантира дека на следното истражување луѓето нема да ги нападнат анкетарите“, вели тој.
Нема последици за оние луѓе кои шират такви лаги, нагласува Муриќ.
„Тие едноставно ги избришаа тие тврдења кога полицијата реагираше, се обидоа да се извинат, но вие кревате паника во општеството и создавате наратив во кој ја загрозувате нечија безбедност и на крајот го бришете тоа како ништо да не се случило и немате никакви последици“, рече уредникот на порталот што се занимава со откривање на дезинформации и пропаганда во медиумите и на социјалните мрежи во Црна Гора.
Муриќ оценува дека барем интернет-профилите на луѓето што објавуваат такви работи треба да претрпат одредена штета, но дека, за жал, нема апсолутно никакви последици во Црна Гора кога станува збор за ширење дезинформации. Усвојувањето на Законот за дигитални услуги, заклучува тој, сигурно би бил еден од начините да се започне борбата против дезинформациите.
„Законот за дигитални услуги или DSA, како што се нарекува во ЕУ, е приближно збир правила што големите платформи мора да ги следат, па затоа не е цензура, не е бришење на некои работи од Интернет, туку едноставно говорот на омраза, опасни дезинформации, платени реклами, измами што ги гледаме на социјалните мрежи, политички реклами, сето ова би било многу подобро регулирано. Затоа мислам дека е крајно време да го усвоиме“, истакнува Муриќ.
Говор на омраза
Говорот на омраза наспроти законот
Една од основните препораки на Брисел е дека ЕУ мора внимателно да го надгледува усогласувањето на регионот, осигурувајќи се дека националните закони се придржуваат кон принципите на DSA без да ја поткопаат слободата на изразување.
Проблемот е изразен и во Македонија. Хелсиншкиот комитет забележува висок број случаи на говор на омраза и вознемирувачки говор, при што најзастапени биле содржини насочени кон етничка и национална припадност, како и кон ЛГБТИК+ заедницата. Политичките настани, изборите и Парадата на гордоста дополнително го поттикнаа зголемувањето на навредливи и дискриминаторски содржини, се вели во извештајот на Хелсиншки комитет од каде прва препорака за борба против оваа појава е засилена модерација на социјалните мрежи преку соработка со платформите за санкционирање и отстранување на говор на омраза.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за Само прашај вели дека станува збор за комплексна регулатива и затоа Министерството врши консултации со повеќе засегнати страни за пристапот кој треба да се има при транспонирањето на регулативата.
„Познато е дека станува збор за акт кој е предизвик и за многу држави членки на ЕУ, особено затоа што станува збор за мал пазар како македонскиот дигитален пазар кој и нема доволна пазарна тежина за да може да ги принуди големите глобални платформи да прифатат локални правила. Тоа подразбира дека ваквите механизми ќе треба да бидат препознаени и признаени и од страна на ЕУ, како интегрален дел од нивниот систем за заштита, но и да се внимава со домашната регулатива да не му се наштети на домашниот пазар“, изјави тој.
Министерството за дигитална трансформација на Македонија, како што посочува министерот Андоновски, подготви апликација за ИПА проект чијашто имплементација се очекува да започне наскоро, каде што меѓу другото, се предвидуваат и чекори за усогласување со европскиот закон. Во рамки на проектот се предвидува анализа за утврдување на нивото на усогласеност на домашното законодавство, односно одредби со кои е потребно усогласување, потоа анализа за самите решенија и утврдување на надлежностите и организирање на јавни дебати за разгледување на можните решенија.
Во Албанија, онлајн просторот е огромен, фрагментиран и само делумно регулиран. Со околу 800 онлајн медиуми во земјата, многу од нив регистрирани во странство и само дел под националниот домен .al, прашањето кој модерира дигитална содржина останува сложено и нерешено. Формално, не постои посебна институција одговорна за модерирање на онлајн содржини во смисла предвидена со Законот за дигитални услуги на ЕУ. Државата генерално се воздржува од филтрирање или блокирање на онлајн содржини, што значи дека модерирањето во голема мера е оставено во рацете на приватните платформи и самите индивидуални медиумски куќи. Ова создава систем на крпеници каде што глобалните платформи како што се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Јутјуб ги применуваат своите правила, додека албанските онлајн портали работат без конзистентен механизам за надзор.
Ерјон Тасе од Академијата за политички студии вели дека во Албанија, проблемот со дезинформациите е уште посериозен, со оглед на недостатокот на регулатива и контрола врз просторот на онлајн медиумите. Тоа се должи и на фактот, како што објаснува, што сериозните медиуми повеќе не се она што го знаевме порано – тие повеќе не се вистински редакции со 20 новинари и уредници.
„Сите студии и практики што ги видовме покажуваат дека постои СММИ. Имаше мешање од Иран, што е обид насочен од државата за ширење дезинформации, а ова е поврзано со кампот на иранската опозиција сместен тука во Албанија. Целта е да се создаде перцепција кај албанските граѓани дека овие луѓе претставуваат закана“, рече тој.
Албанија се обврза да ја имплементира целата рамка на DSA во своето законодавство до јуни 2026 година. „Обврската е амбициозна. Во јули 2025 година, што ја означи првата фаза од оваа обврска, беше спроведена вежба за да се идентификуваат пречките за спроведување на ова законодавство и да се процени моменталната законска рамка во Албанија. Наодите беа објавени во документ, но сега следните чекори мора да се одвиваат многу брзо, бидејќи јуни 2026 година се приближува брзо и потребни се значителни законски подобрувања за да се достигнат стандардите што ЕУ веќе две години ги применува. Верувам дека ако постои вистинска политичка волја, можно е да се постигне барем соодветна регулаторна рамка“, вели нашиот соговорник Ерјон Тасе.
Надзорот е клучно прашање
Во Црна Гора Raskrinkavanje.me која е управувана од невладината организација Центар за демократска транзиција (CDT) е практично единствената организација што се занимава со анализа и верификација на медиумските и онлајн информациите во Црна Гора.
Од црногорското Министерство за култура и медиуми, дури и по долго чекање и инсистирање, не добивме одговори на прашањата зошто во Црна Гора сè уште нема одговорност и законска заштита на дезинформациите и лажните вести на Интернет, дали Законот за дигитални услуги (DSA) е применлив и дали земјата планира да донесе сличен закон и кога. Исто така, прашавме колку далеку стигнала Црна Гора во спроведувањето на добрите практики од ЕУ кога зборуваме за подобрување на одговорноста, транспарентноста и безбедноста на корисниците во онлајн просторот. Молчењето за овие прашања јасно покажува колку Министерството е заинтересирано за регулирање на оваа област.
Недељко Рудовиќ, поранешен долгогодишен директор на Дирекцијата за медиуми во црногорското Министерство за култура и медиуми тоа Министерство, истакнува дека Црна Гора мора да го усвои Законот за дигитални услуги ако сака да стане членка на ЕУ.
„Законот за дигитални услуги ги регулира Интернет – брокерите и платформите за тргување, социјалните мрежи, споделувањето содржини, тргувањето со апликации, како и платформите за патување и сместување. Неговата главна цел е да спречи нелегални и штетни активности на интернет и ширењето дезинформации“, објаснува Рудовиќ.
Тој додава дека клучното прашање што треба да се реши е надзорот, односно соработката на надзорните органи, доколку има повеќе од еден. „Идејата е дека националниот координатор, кој е задолжен за комуникација со големите интернет платформи (Мета, Икс, Тик Ток, Јутјуб итн.) треба да биде Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АМУ), а Агенцијата за електронски комуникации и поштенски услуги (ЕКИП) исто така да има своја улога“, вели Рудовиќ.
Работите се движат во позитивна насока и во Македонија. Горан Ризаов од организацијата „Метаморфозис“ истакнува дека поднеле иницијатива до Владата за усогласување на домашното законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ.
„Таа иницијатива формално беше прифатена, меѓутоа освен тој чекор на формално прифаќање, ништо друго речиси и да не се презема. Требаше да се формира работна група којашто би анализирала кои домашни закони треба да се изменат за да се имплементираат одредбите од Законот за дигитални услуги коишто би биле корисни за нас како држава. Тоа не е направено, ние ќе поднесеме уште еднаш иницијатива и ќе побараме од Министерството за дигитална трансформација да го води тој процес“, нѝ изјави тој.
Ризаов додава дека Македонија дури и да не сака да стане членка на ЕУ, одредбите од Законот за дигитални услуги се важни за добробитта на граѓаните затоа што регулираат важна област.
„Се регулира начинот на комуникација на социјалните мрежи. Ја регулираат можноста за измама на граѓаните или злоупотреба на граѓаните и повреда на нивните дигитални права на социјалните мрежи. Тоа во моментов, кај нас, не е на никаков начин регулирано. На социјалните мрежи има безброј начини на коишто може да бидете измамени и тоа секојдневно се случува. Тој простор не е регулиран, во време кога реториката се заострува, кога поделбите се зголемуваат, и кога расте онлајн насилството“, наведува тој.
Кога станува збор за онлајн насилството, во Албанија уште се свежи сеќавањата на еден трагичен настан кој го подели албанското општество. Станува збор за ученик кој беше прободен со нож во училишниот двор и почина. Владата изјави дека го затворила пристапот до ТикТок во Албанија поради овој настан, но самото семејство јавно изјави дека случајот бил искористен само за да се затвори мрежата (која сега е повторно достапна во Албанија), иако немало директна врска помеѓу она што се случило и сè што е објавено на платформата. Всушност, детето што го избоде Мартин Цани објавило слика од ножот на СнапЧет веднаш по бегството. Владата беше обвинета дека го затворила Тик Ток бидејќи било период на изборна кампања и бидејќи опозициските партии имале поголема ангажираност на оваа мрежа, но сè беше шпекулативно и не се дадени докази за да се поткрепи какво било тврдење.
Иако Законот за дигитални услуги (DSA) не се применува автоматски во Албанија, која е земја кандидат за ЕУ, сепак, земјата има воспоставено некои основни законски одредби кои делумно ги одразуваат принципите на европскиот закон, првенствено преку Законот за електронска трговија и Законот за електронски комуникации. Овие закони ги дефинираат одговорностите на посредничките даватели на услуги (ISP) во врска со модерирањето на содржината, преносот на информации и соработката со властите.
Заштитата само делумна
Но, Албанија сè уште нема сеопфатен систем за регулирање на онлајн-платформите во согласност со европскиот закон за дигитални услуги. Иако давателите на услуги се обврзани да пријавуваат инциденти и да соработуваат со властите во случаи на сомневање за криминална активност, не постои формална правна рамка што ги обврзува да спроведат мерки за транспарентност за модерирање на содржината или да одржуваат внатрешни системи за обработка на жалби слични на оние предвидени од овој закон. Корисниците можат да побараат отстранување на содржината само индиректно, често преку извештаи до платформата или преку законски канали, како што е поднесување жалби за клевета или нелегална содржина, но овие процедури се фрагментирани и не се стандардизирани.
Во април 2024 година, албанскиот Парламент формираше Комисија за дезинформации и странско мешање, но неговата работа сè уште е во рана фаза и не се усвоени правно обврзувачки механизми за регулирање на лажните информации на интернет. Проверката на фактите и разоткривањето на дезинформациите најчесто се спроведуваат од независни организации и медиуми, а не преку систем регулиран од владата. Организации како „Фактоје“ работат во овој простор, следејќи и проверувајќи ги онлајн тврдењата, но немаат овластување за спроведување врз платформите.
Говорот на омраза, фашистичката реторика, повиците за убиство и други форми на нелегална содржина се криминализирани според албанскиот закон. Кривичниот законик предвидува казни за поттикнување насилство или омраза, но спроведувањето е недоследно и нема специјализирани дигитални канали за директно пријавување на таква содржина до властите или платформите. И самите новинари често се соочуваат со заплашување или вознемирување кога известуваат на Интернет, што ги одразува празнините во системот за заштита.
Нашиот соговорник од Црна Гора, Недељко Рудовиќ вели дека ќе биде најтешко додека земјата не стане дел од ЕУ, да се најде начин големите платформи (VLOP) да ги почитуваат реакциите што ќе им дојдат од Црна Гора во однос на елиминирањето на штетната содржина. Доколку се осигураме дека Законот за дигитални услуги ќе почне да се применува, додава тој, можеме да зборуваме само за подобрување на одговорноста, транспарентноста и безбедноста на корисниците во онлајн просторот.
„Ова би значело дека имаме институции, почнувајќи од националниот координатор, кои точно знаат каква е нивната улога и се способни да ја спроведат. Без тоа, не сме ни блиску“, наведува Рудовиќ.
Тој оценува дека Црна Гора има одредена заштита од злоупотреба на Интернет, наведувајќи како пример дека, кога некој е жртва на закани преку Интернет, постои комуникација помеѓу судството и VLOP, но која често е многу бавна во делот на идентификување на корисникот што ги испратил заканите. „Суштината е дека сè зависи од добрата волја на VLOP, т.е. од нивното толкување на прописите на нивната компанија. А Црна Гора, за жал, не е доволно важна тема и важен пазар во очите на VLOP. Само со пристапување во ЕУ ќе добиеме шанса подобро да ги заштитиме нашите граѓани, но само ако имаме агилни институции со обучен персонал“, заклучува Рудовиќ.
Тему под истрага за непочитување на Член 34
Во јули, Европската Комисија утврди дека кинеската платформа за онлајн купување Тему ги прекрши обврските според Актот за дигитални услуги (DSA), бидејќи не спровела соодветна проценка на ризиците поврзани со ширење на нелегални производи на платформата. (Член 34)
Според образложението, собраните докази покажуваат дека постои висок ризик за потрошувачите во ЕУ да наидат на нелегални производи додека купуваат на Тему. Доказите се собрани преку проверка каде истражителите се купувачи. Притоа, забелешките за ризик се однесуваат на детски играчки и мали електронски уреди.
Комисијата утврдила дека проценката на ризик на Tему од октомври 2024 година е неточна, затоа што се потпирала на општи информации за индустријата, наместо на конкретни податоци и како резултат на тоа, утврдено е дека мерките за спречување на ширењето на нелегални производи се недоволни.
Истражувањето на Комисијата се проширува и на други сомнителни прекршувања, како: ефикасноста на мерките за ублажување на ризиците, употребата на дизајнерски елементи кои предизвикуваат зависност, транспарентноста на алгоритмите за препоракии пристапот до податоци за истражувачи.
Tему сега има можност да го искористи своето право на одбрана, да го прегледа истражниот предмет и писмено да одговори на забелешките на Комисијата. Паралелно, ќе биде консултиран и Европскиот одбор за дигитални услуги.
Ако овие наоди се потврдат, Комисијата ќе донесе одлука за непочитување на член 34 од DSA, со што Tему би можела да се соочи со казна до 6% од нејзиниот глобален годишен приход, како и со налог да преземе конкретни мерки за отстранување на прекршувањата. Можен е и период на засилен надзор, за да се обезбеди спроведување на мерките.
Што предвидува членот 34 за проценка на системските ризици?
Членот 34 од Дигиталната услужна регулатива (DSA) ги обврзува многу големите онлајн платформи (VLOPs) и пребарувачи (VLOSEs) редовно да спроведуваат проценки на системските ризици што произлегуваат од нивното функционирање. Овие проценки опфаќаат ризици поврзани со ширење на нелегална содржина, повреди на основните права, влијание врз јавната безбедност, изборните процеси и медиумскиот плурализам, како и обврска за усвојување соодветни мерки за ублажување на ризиците.
Што се однесува до Македонија носењето на таква легислатива подразбира суштински и коренити промени, за кои министерот за дигиталната трансформација Стефан Андоновски, за „Само прашај“, вели дека ќе почнат во 2026 година. Иако нема посебен Закон за дигитални услуги, преку Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (NPAA) се планира постепено усогласување на домашните прописи со европскиот закон, на што земјата е обврзана како кандидатка за членство во Унијата.
Во Македонија нема централизирано тело што го „модерира“ Интернетот, како што би било предвидено со Законот за дигитални услуги во ЕУ. Оваа обврска може да се каже дека е дисперзирана на повеќе државни тела чии обврски произлегуваат од домените коишто ги регулираат. Со оглед дека нема единствен закон и директно назначена, специјализирана институција, во Македонија во моментов своевидна контрола над интернет просторот имаат Агенцијата за електронски комуникации, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, МВР, судовите и обвинителствата.
Агенција за заштита на лични податоци во Македонија следи дали онлајн платформите, институциите и компаниите ги почитуваат правилата за приватност и може да изрече казни ако се злоупотребуваат лични податоци на граѓаните преку веб-страници, апликации или социјални мрежи. Единствените институции, пак, што можат да наложат блокирање на вебстраници или бришење содржини преку судски налози се судовите и обвинителствата. На пример, ако станува збор за клевета, говор на омраза, терористичка содржина или незаконска продажба. Ваквиот налог издаден од судот, проследен преку Јавното обвинителство, го реализира Одделот за сајбер криминал, кој испраќа барање до одредена социјална мрежа за повлекување или бришење на спорната содржина. Ова може да се оствари само ако се работи за објавувач чиј домен е регистриран во Македонија. Во спротивно, социјалната мрежа го одбива барањето на МВР. Но институциите интервенираат само по пријава или судска постапка, а не проактивно.
Неформално модерирање
Ваквиот начин на интервентна и парцијална модерација на Интернет – просторот во Македонија не одговара на реалните потреби со оглед на зголемувањето на говорот на омраза, ширењето дезинформации, клевети и навреди на социјални мрежи. Речиси целото население во Македонија користи Интернет. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2025 година, 92.1 % од вкупното население во земјава на возраст од 15 до 74 години користеле Интернет, а 91.2 % од домаќинствата имале пристап на Интернет од дома.
Слично е и во Албанија каде и покрај иницијативите на Авторитетот за аудиовизуелни медиуми (АМА) за соработка и подготвеноста што ја покажаа некои меѓународни оператори (ТикТок, Икс), отсуството на правно и физичко претставување на овие платформи во Албанија го прави практично невозможно целосното остварување на новите надлежности. Затоа, мерките постојат законски, но нивното спроведување во однос на глобалните платформи останува ограничено сè додека не се воспостави формален механизам за извршување.
Во пракса, модерирањето на онлајн-содржините во Албанија се спроведува неформално од самите платформи и, до одреден степен, преку закана од тужби за клевета. Корисниците можат да поднесуваат жалби до платформите, но не постои структуриран механизам за жалби или задолжителен временски рок за дејствување, за разлика од рамката на Законот за дигитални услуги на ЕУ. Оттука, без посилна заштита и одредби за неутралност на мрежата, постои ризик приватните актери – а не независните институции – да продолжат да бидат де факто модератори на дигиталната сфера на Албанија.
Ерјон Тасе од Академијата за политички студии во Албанија посочи дека говорот на омраза е постојано присутен на социјалните мрежи во земјата.
„Случаите што станаа јавни често вклучуваат млади луѓе, каде што говорот на омраза започнува во затворени групи, а потоа се шири во секојдневниот живот, понекогаш завршувајќи со злосторства, закани или екстремни акти. Тој се однесува и на политичарите, особено на жените во политиката. Во последните 2-3 години спроведовме континуирано следење. Говорот на омраза, феномен што треба повнимателно да се набљудува на социјалните мрежи во Албанија, сега вклучува и пораст на антисемитизмот по конфликтот и воениот напад на Израел врз Газа“, изјави тој.
Европската ориентација на земјите од Западен Балкан на некој начин ги принудува да ги прифатат европските правила во дигиталната област. Тие не ја доведуваат во прашање подготвеноста да го сторат тоа, но изгледите се дека ќе работат во фази. Најважното е дека политичката волја постои и дека ги води земјите кон уште еден чекор напред на патот кон европското семејство.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Катерина Ѓуровски, Маја Боричиќ, Јона Плумби
Сниматели: Наке Батев, Славен Томовиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Фотографии: Наке Батев
Поврзани стории:
Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание
Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција
Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?
Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста
Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани
- Објавено:
- Прегледи: 801

