Во кујната на балканските ехо-комори вистината го менува „вкусот“

  • Иста дезинформација се преработува и рециклира за да резонира со специфичните стравови на различните публики.
  • Слабите институции и политичката поларизација создаваат празен простор во кој манипулациите брзо се шират и тешко се коригираат.
  • Алгоритмите ги засилуваат ехо-коморите, претворајќи го дијалогот во затворен монолог каде фактите тешко ја пробиваат границата на убедувањата.

Ехо-коморите на Балканот функционираат како медиумска мрежа каде истата дезинформација се преработува и адаптира за различни публики.

„Ехо – коморите се формираат како комбинација од личните онлајн преференци, улогата на алгоритмите во следењето и креирањето на нашите избори и типови на информации, како и динамика на т.н. општествени признанија како што се лајковите, споделувањата и друга онлајн валоризација. Ако дозволите да се затворите само во својот круг на истомисленици, прифатливи ставови и слично, па едноставно до вас нема да допираат различни информации, туку само она во кое избирате да го прифатите како единствено точно, со тек на време е мошне веројатно дури и проверените информации и факти кои нема да ви одговараат да бидат прифатливи за вас, објаснува комуникологот Бојан Кордалов.

Дезинформациите се шират систематски, преку регионална медиумска поврзаност, политичка поларизација и чувствителни безбедносни теми. Ретко остануваат во својата оригинална форма – со секое прераскажување, информацијата се менува во наратив, каде фактите стануваат основа за шпекулации, а сценаријата од типот на „што ако“ создаваат чувство на страв и несигурност.

Кордалов посочува дека алгоритмите на социјалните мрежи и психологијата на човекот  се идеална комбинација за зајакнување на ехо-коморите.

Човечката психологија го прави изборот на тоа што ни се чини блиско и прифатливо, а алгоритмите тоа го засилуваат и го мултиплицираат со огромна брзина и моќност. Ова е сигурен начин за доаѓање до засилена поларизација во општествата, отсуство на дијалог и различни мислења, вели тој.

Семе за шума

Во дигиталната ера, ниту една приказна не патува сама. Таа оди од портал до портал, од наслов до наслов, а секој медиум ѝ додава сопствен „зачин“. Ехо-коморите на Балканот функционираат како медиумска мрежа во која истата (дез)информација се преработува и се адаптира за различни публики: во Македонија настанот се драматизира; во Србија добива геополитички слој; во Црна Гора се засилува паника додека во Албанија и во Косово информацијата се прилагодува на локални политички и изборни контексти. Суштината останува иста, а формата се менува за да резонира со локалната публика.

Како на пример оваа вест (тврдење) од 2019 година – информација без докази, но со доволно драматика за да стане идеален тригер – почетна искра за дезинформациски пожар. Во македонскиот медиумски простор, приказната беше објавена во еден маргинален портал под наслов „Американците изградиле воена база за дронови“ – тон што повеќе им прилега на трилери отколку на новинарски текст.

vo kujnata na balkanskite eho komori vistinata go menuva vkusot mkd milenko
Класична драматизација – преувеличување на факти за да се произведе страв.


Во оваа фаза, дезинформацијата сè уште не мора да биде целосно лажна; доволно е да биде извадена од контекст или пренагласена. Наместо одговори на основните новинарски прашања – кој, што, каде, кога и зошто – фокусот се префрла на „што ако“. И токму тоа „што ако“ е плодна почва за дезинформации: сугерира, навестува, а не докажува.

„Препакување“ во аналитички тон – повеќе зборови, ист наратив.

Во Србија, истото тврдење доби геополитички тон: насловите веќе не беа само за дронови, туку за „темели на Голема Албанија“. Така, еден локален настан се претвори во „доказ“ за големи сили и закани, маскирани зад аналитички тон. Овој тип рефрејминг ја легитимира дезинформацијата: се повикува на „анализа“, „експерти“ и „долгорочни последици“, без проверливи извори, што создава чувство на информираност и интелектуална легитимација кај публиката.

Панична интерпретација – кога емоцијата станува главна содржина.

Во Црна Гора, неколку портали користеа драматични графики и остра реторика, предизвикувајќи паника. Во Албанија и Косово, истата приказна доби локализирани функции: врзувања со избори, регионални безбедносни анализи и политички притисоци. Така, локализацијата ја прави дезинформацијата домашна и потешка за препознавање.

Една странска приказна „преведена“ во домашен проблем.

Кога информацијата почнува да се повторува и да се прилагодува во различни медиуми, таа почнува да се доживува како нешто што сите го прифаќаат како вистина. Луѓето повеќе реагираат на приказната како им се раскажува, отколку на самите факти, а тоа влијае на политичките одлуки, изборите и довербата во институциите. Во средини каде недовербата кон институциите е голема, овие наративи стануваат тешки за демантирање и проверка.

„Мислам дека тука проблемот примарно треба да се бара во враќање на довербата на релација институции и граѓани. Секако дека алгоритмите и ехо коморите го забрзуваат и продлабочуваат процесот на недоверба, но решението треба да се бара во основата на проблемот. Исто како и за дезинформациите и теориите на заговор, би потенцирал дека не постои ни ехо комора која би ја поткопала довербата во одредена јавна институција доколку истата дава редовни, квалитетни, брзи услуги од кои граѓаните би биле задоволни“, вели Кордалов.

Во овој контекст, ехо-коморите се погодна почва за надворешни влијанија во клучни процеси како што е евроинтеграцијата – тие полека, но сигурно, создаваат публика со однапред подготвен и висок емоционален момент и истовремено мошне ниска доверба и толеранција кон надворешни или различни извори од нивното убедување.

vo kujnata na balkanskite eho komori vistinata go menuva vkusot znaminja
Дезинформациите на Балканот често имаат геополитички слој, што бара координирана европска и регионална одбрана на дигиталниот јавен простор.

Според Кордалов, надворешните актери и нивните влијанија преку ехо-коморите не мора да го убедат мнозинството, туку доволно е да ја засилат поларизацијата, да ја намалат довербата и да создаваат конфузија. Особено во време на избори и геополитички тензии.

Мораме да бидеме искрени и да признаеме дека ако не се адресира овој проблем, ехо-коморите можат сериозно и длабоко да ја трансформираат демократската дебата од дијалог во дигитален монолог. Во дел од земјите гледаме опасен тренд каде изборите во одредени кругови не се добиваат со подобри аргументи, туку со погласно повторување на еден ист аргумент и оневозможување на судир на мислења и ставови на темите. Класичниот демант, па дури и факт-чекерството, иако играат важна улога, во одредени ситуации стануваат недоволно моќно оружје во борбата со ехо-коморите. Бидејќи, кога една невистина ќе се зацврсти ако единствен точен и валиден став во одреден круг, вистината често не ја ни поминува неговата граница. Тоа е како да викате од другата страна на дебел стаклен ѕид каде можат да ве видат, но не ве разбираат што всушност зборувате. Мојот став е дека не смееме да дозволиме технологијата да ни ја киднапира демократијата. За таа цел ни се неопходни мостови помеѓу ехо-коморите, а тоа значи дијалог, разговор и демократски судир на мислења и концепти, а не конфликти меѓу поединците и различните групи во демократските општества“, смета Кордалов.

Европската регулатива контра балканските „балони

Комуниколог Кордалов од пред извесно време е директор за креирање јавни политики и комуникации во Европскиот центар за извонредност во Брисел и има појасна слика за ранливота и на земјите- членки на ЕУ и на земјите од регионот надвот од ЕУ-границите на странски влијанија. Тој смета дека земјите‑кандидатки се наоѓаат во поризична позиција.

Причината, како што вели, не е само во технолошката инфраструктура или алгоритмите, туку во комбинацијата од политички, институционални и медиумски слабости што го прават регионот идеално тло за дезинформации.

„Земјите-кандидатки за членство во ЕУ генерално се поранливи на ехо-комори и дезинформации поради комбинација од фактори: пониска доверба во институциите, силна политичка поларизација, медиумски екосистеми со пократка демократска традиција и, секако, недоволно развиена медиумска и дигитална писменост. Во таква средина граѓаните почесто се информираат преку изворите на информации што ја потврдуваат нивната позиција, што дополнително го зацврстува создавањето и порастот на влијанието на ехо-коморите, вели Кордалов и тука го посочува најновиот Индекс на медиумска писменост на Институтот Отворено Општество од Софија, Бугарија, според кој земјите од Западниот Балкан и дел од ЕУ-кандидатките се на самото дно во Европа по отпорност на дезинформации.

Во контекст на ЕУ интеграциите, ова е особено чувствително бидејќи дебатите за идентитет, реформи и геополитика лесно се претвораат во поларизирани наративи. Кога тие се засилени преку ехо-комори, се создава амбиент во кој дезинформациите полесно се вкоренуваат, а довербата во демократските процеси и европската перспектива дополнително се еродира“, додава тој.

vo kujnata na balkanskite eho komori vistinata go menuva vkusot vlada
Европските механизми како ДСА нудат рамка, но нивната ефикасност на домашната сцена зависи од подготвеноста на локалните институции за вистинска транспарентност.

Но, ова не е само регионален проблем — туку и европски. Во Брисел одамна постои свест дека ехо-коморите не се едноставен комуникациски шум, туку фактор кој директно може да влијае врз безбедноста, изборниот процес и јавната доверба.

„Прво, тие се директен безбедносен ризик. Преку механизмите на ЕЕАС (EEAS) и рамката за справување со странски манипулации, ЕУ јасно дефинира дека затворените информациски системи се ранлива точка која надворешни актери ја користат за дестабилизација.

Второ, ова претставува суштинско демократски прашање. Со Акцискиот план за европска демократија, Брисел јасно порачува дека без изложеност на различни мислења, нема квалитетна дебата. Ако граѓаните се заглавени во ехо-комори, демократијата ја губи својата кохезивна моќ“, објаснува тој.

Европската практика всушност е дека решението не е само во технологијата, туку истовремено и во градењето на дигитална отпорност. Затоа, преку Актот за дигитални услуги (ДСА) ЕУ ги обврзува платформите да ја зголемат транспарентноста на алгоритмите, за јасно да се детектираат и да се пробијат овие „балони“, со цел да се врати и да се осигура дијалогот во јавниот простор.

Кордалов во овој контекст го споменува и Европскиот акт за слободна на медиуми (European Media Freedom Act) преку кој ЕУ се обидува да го врати плурализмот во тие затворени кругови кои се создаваат со ехо-коморите и дополнително се засилуваат преку улогата на алгоритмите во ова дигитално време и време на ВИ.

Трите столба на дигиталниот сувернитет во ЕУ

Вакуум‑ефектот, во кој граѓаните се затворени во круг од содржини без проверка или контекст, веќе одамна се третира како безбедносен ризик. Токму затоа Европската Унија вложува напори преку повеќе паралелни механизми — регулација, ко‑регулација и градење медиумска отпорност — со цел да го стабилизира дигиталниот јавен простор.

Трите столба на дигиталниот суверенитет се решението кое го спроведува ЕУ и прави баланс од регулација и медиумска писменост. Унијата не верува во едноставни решенија, туку спроведува сеопфатна офанзива на сите три фронта, а тоа го прави и го адаптира секојдневно, земајќи ги предвид динамичниот дигитален развој на алгоритмите и дигиталните платформи.

Со Актот за дигитални услуги (ДСА), големите технолошки гиганти се ставени под лупа за секое потенцијално прекршување на регулативата која сеопфатно ги штити граѓаните во дигиталниот свет. ЕУ со огромни казни јасно се обидува да спречи алгоритмите да станат фабрики за поларизација, што ги вклучува и нивните дизајни кои создаваат ехо-комори.

Преку Кодексот на однесување (Code of Practice), ЕУ директно бара од дигиталните платформи самите да се обврзат на транспарентност. Тоа е т.н. ко-регулација или партнерство: државата и приватниот сектор заедно ги поставуваат стандардите и правилата во дигиталната сфера, повторно ставајќи ги правата на луѓето во дигиталниот свет на прво место.

Инвестиција во човечкиот капитал што е исто така еден од најважните делови. Бидејќи регулацијата го трасира патот, но од нивото на медиумската, дигиталната и ВИ писменоста зависи и степенот во кој секој од нас ќе умее правилно да се движи по тој пат.

Преку  Европска опсерваторија за дигитални медиуми (European Digital Media ObservatoryEDMO), ЕУ поттикнува создавање независни факт-чекери и истражувачи.

Сепак, додека овие напори се оценуваат како алатки за воведување поголем ред и безбедност, неизбежно се појавува и онаа другата страна за тенката линија меѓу регулацијата и цензурата.

Ова е можеби клучното прашање. Мојот став е дека ДСА е тука да биде т.н. дигитален архитект кој ги поправа темелите на јавниот дигитален простор. Оттука, клучно што мора да разбереме и да се потсетуваме е дека транспарентноста не е и не може да се толкува како цензура. ДСА бара од технолошките компании да ни го покажат рецептот, односно состојките на нивните алгоритми. Со други зборови, секоја личност добива законска опција да избере дигитален ѕид кој не е базиран на профилирање, што претставува основниот клуч за да може да се излезе од ехо-комората. Потенцирам дека тоа според мене не е цензура, туку слобода на избор. Секако дека ризикот од перцепција на цензура останува реална опасност и тука правилната комуникација на институциите и вклучувањето на граѓаните во процесите игра клучна улога. Граѓаните е важно да бидат дел од процесите на регулирање за да разберат зошто одредена содржина е тргната или зошто алгоритамот им нуди поинакви вести, вели Кордалов.

Сепак, колку нешто и да изгледа добро на хартија, вистинска вредност ќе мора да се потврди преку нивната примена во секојдневната дигитална пракса. Европската регулација не може самата да ги реши ниту сите локални предизвици, но ги поставува неопходните темели за поголема транспарентност и одговорност во информирањето. Овие механизми можат да направат суштинска разлика во региони како Западен Балкан, каде ехо-коморите често се испреплетени со политички интереси, надворешни влијанија и хибридни закани.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Трајковска

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории:

Дигитална џунгла: Европа воведе правила, Балканот сè уште бара механизми

Предолгиот европски процес и слабите реформи создаваат идеална почва за анти-ЕУ кампањи

„Бајати“ наративи го разгоруваат македонско-бугарскиот спор

Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?

Време е изградба на национален систем против хибридни напади

Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција

Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста

Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани

Тагови: