- Ниту зголемените блок дотации од МОН не ги покриваат дупките на училиштата.
- Ќе се трошат пари од капитални инвестиции за да се плати струја.
- Владата не информира како ќе го реши проблемот, паниката за онлајн настава се шири на социјалните мрежи.
- Од МОН засега негираат дека наставата ќе се префрли онлајн, иако не го исклучуваат тоа.
Образовните институции тонат во долгови. Енергетската криза стави печат на и така лошата состојба во која се наоѓаат. Државата им даде обврска да штедат, а директорите велат дека нема од каде да се скрати. Општините наместо да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните со капитални инвестиции, средствата ги алоцираат за да платат сметки, но и тоа не е доволно. Во отсуство на владини информации за проблемот, на социјалните мрежи сè погласни се наводите дека онлајн наставата ќе биде единствена опција. Од Министерството за образование и наука засега велат дека најдобро е да се учи со физичко присуство.
Блок дотациите од МОН не ги покриваат дупките на училиштата
Септември повторно донесе живот во основното училиште „Лирија“ во Чаир. Џагорот низ ходниците поттикнува чувство на веселост, но не и кај директорката Теута Идризи. Во нејзината канцеларија се распослани хартии, се прават пресметки и планови како да се платат новите сметки за струја.
„Ако направиме една споредба со минатата година разликите се големи. Во последно време ни доаѓаат големи суми за плаќање на електрична енергија. На пример, во втор месец 2021 година, за плаќање имавме износ од 19.792 денари, додека една година потоа од 1.2. до 28.2 2022 година, имаме сума од околу 200 илјади денари. Значи, големо, големо покачување“, вели директорката на ООУ „Лирија“ од Чаир, Теута Идризи.
Во училиштето е најавено дека ќе се стават и фотоволтаици на кровната конструкција за да се намалат овие средства, но Идризи се сомнева дека тоа ќе им ги реши маките, оти сумите се превисоки.
Истиот проблем го имаат 9 основни училишта, 7 градинки и 1 училиште за возрасни кои се наоѓаат во Општина Чаир. Сите тие ја плаќаат струјата од блок дотации кои ги добиваат од Министерството за образование и наука. Тоа се пари кои понатаму општините ги распределуваат за платите на вработените во училиштата и за плаќање на струја, вода, греење и слично.
Од МОН се пофалија дека оваа година во споредба со ланската, блок дотациите се зголемени за околу 400 милиони денари во основното и 100 милиони денари во средното образование. Општина Чаир добила 4 милиони денари плус и оттаму велат дека ваквото покачување не затвора ниту една дупка.
„Тие 4 милиони денари апсолутно не се доволни за покривање на трошоците, особено имајќи предвид дека моментално има и покачување на платите кај наставниот кадар и тимот во училиштата и градинките. Можам буквално да тврдам, бидејќи е сепак аргумент, до крајот на првото полугодие, трошоците што не ги покриваат блок дотациите се во висина од 13 милиони денари“, потенцираше портпаролот на Општина Чаир, Фати Хисени.
Општина Чаир реалоцирала 20 милиони денари од општинскиот буџет и моментално се во долг од 17 милиони денари за горливи течности.
Пари за патишта ќе се трошат за да се плати струја
Не е поразлично ниту во внатрешноста. Ликот на големиот револуционер чиј профил стои на влезната врата од основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип се гледа само под дневна светлина. Ноќе е темно, оти училиштата мораат да штедат. Годинава децата ги пречекале во неваросана зграда за да заштедат некој денар. Но, директорот Зоран Митев вели дека повеќе нема од што да се скрати за да се заштеди.
„Значи блок дотациите кои треба да ги добиеме се сведени на минимум така што од шупло во празно ќе мора да префрлуваме и да работиме“, смета директорот на ООУ „Гоце Делчев“ – Штип, Зоран Митев.
Тој е директор и на подрачното училиште во населбата Три Чешми, кое системот на греење со дрва го заменило со нафта. Поставиле и фотоволтаици, но Митев вели дека нема голем ќар.
„Цената по која ја продадеме струјата на нашиот добавувач е многу ниска. Таа изнесува 2,4 денари по киловат. Струјата која што ние ја набавуваме е 28 денари по киловат. Тоа е огромна разлика која што не знам како...“, вели Митев.
Пет основни и четири средни училишта во Штип помош бараат од општината. Градоначалникот вели дека за да платат сметки за струја, трошат од парите кои ги планирале за да им изградат патишта на штипјани.
„Најголем дел од овие средства ќе треба да се реалоцираат во покривање на трошоците за овие енергенси кои вртоглаво растат од ден на ден. Токму затоа во разговор со останатите колеги од ЗЕЛС баравме поддршка од централната власт за надминување на оваа криза затоа што верувајте дека е доведено во прашање функционирањето на локалната самоуправа.“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Паниката за онлајн настава се шири на социјалните мрежи
Но, Владата досега јавно не ги информира граѓаните дали и како ќе го реши проблемот со скапата струја која училиштата повеќе не можат да ја плаќаат. А во отсуство на јасни информации, на социјалните мрежи веќе втор месец се шири паниката дека со почетокот на студот учениците ќе бидат испратени од дома онлајн да ја следат наставата.
„Во Штип во понеделник средношколците почнуваат со онлајн настава“, „МОН од онлајн настава бегаат како ѓавол од крст. Не е време дали сакаат или не, треба да ја видат реалната слика“, „А кој ќе ја плаќа струјата што ќе ја трошат компјутерите?“ и „Има ли некој информации дали е укината онлајн наставата?“ се само дел од наводите од граѓаните.
„Само прашај“ го праша Министерството за образование и оттаму негираат дека наставата ќе се префрли онлајн, иако не го исклучуваат тоа ако училиштата побараат.
„Ставот на Министерството за образование и наука е дека училиштата треба да бидат постојано отворени за време на учебната година и наставата да се организира со физичко присуство, бидејќи тоа е од најдобар интерес на учениците, а воедно и предвидено во календарите за организирање на работата на основните и средните училишта во учебната 2022-2023 година. Сепак, МОН ќе ја следи состојбата и во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи и за какви било нови одлуки, јавноста навремено ќе биде известена“, пишува во соопштение од МОН.
И директорите се согласни дека онлајн не е решение, но дека ќе биде неизбежно ако државата не помогне.
„Доколку нешто порадикално не се смени во политиката спрема училиштата, реално е она што пред малку го кажав дека постои ситуација да преминеме на онлајн настава. Меѓутоа тоа не е решение, со оглед на тоа дека ако се обидуваме да го заштитиме буџетот на училиштата, што ќе направиме со буџетот на семејствата?!“, вели директорот Митев.
Директорите на училиштата велат дека ако не можат да ги плаќаат сметките за струја не само што учениците ќе останат во темница, туку и ќе влијае на квалитетот на образованието.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии