Општина Центар води декларативна борба за стопирање на градбите предвидени со деталните урбанистички планови за кои е утврдено дека се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Изминаа три и пол месеци откако Уставниот суд го замрзна таканаречениот мораториум за градење, а локалната самоуправа и покрај најавите во овој период не поднела ниту едно барање за суспензија на спорните планови до Министерството за транспорт и врски. До пред неколку недели од Општината тврдеа дека активно работат на „оживување“ на мораториумот.
Молк од Општина Центар
Од Министерството потврдуваат дека Општина Центар не доставила елаборати или какви било документи, ниту пак прикачила некој од плановите за суспензија во системот е-урбанизам.
„До денеска, 22 март, во системот е-урбанизам, општина Центар нема доставено барања за суспензија на урбанистички планови. Исто така, Министерството за транспорт и врски нема примено документација која се однесува на суспензија на конкретните УП за кои прашувате“, велат од Министерството.
Принтскрин од одговорот од Министерството за транспорт и врски
Од Општината молчат. Не сакаа да одговорат на прашањето зошто не се користи можноста за суспензија на спорните планови, за кои самата Општина тврди дека се незаконски и штетни.
Маѓепсан круг
Мораториумот за градба во Општина Центар требаше да спречи продолжување на урбанистичкото дивеење во срцето на Скопје. За првпат беше донесен во 2017 година, но двапати оспоруван пред Уставниот суд, еднаш од Градежната комора при Сојузот на стопански комори и вториот пат од охриѓаните Александар Илиоски и Игор Влакевски. Во меѓувреме, општината успеа да ревидира само 8 од вкупно 31 ДУП-ови, кои беа прогласени за спорни. Со последната одлука од 3 март, Уставниот суд го укина мораториумот за градба.
Се очекува нова градежна офанзива во централното градско подрачје
Три месеци пред оваа одлука, откако Уставниот суд првично го замрзна мораториумот, Советот на Општина Центар го задолжи градоначалникот Саша Богдановиќ да се бара суспензија на плановите преку Министерството за транспорт и врски и на тој начин да се „оживее“ мораториумот. Меѓутоа, овој период наместо за акција беше искористен за префрлање на топката од локалната самоуправа до Министерството за транспорт и врски и обратно. На нашите прашања од Министерството постојано информираа дека не се доставени елаборати, туку е побарано само мислење како да се изработат, а Општината тврдеше дека се постапува. И така во круг.
Чист терен за облакодери спроти „Холидеј Ин“
По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар, исчистен е теренот за изградба на висококатници спроти хотелот „Холидеј Ин“. Инвеститор е фирмата „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ. Од Општина Центар не одговорија на прашањето дали е веќе одобрено решението за оваа локација и што предвидува.
На локацијата спроти „Холидеј Ин“ според ДУП беше предвидено да се градат облакодери и помали станбени објекти за приближно 11.000 жители, што е еднакво на бројот на население во еден од помалите македонски градови
Деталниот урбанистички план за овој потег „ДУП Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ е во фаза 10, што значи дека планерот постапува по стручното мислење.
Уште една локација којшто чека бетонизација е онаа кај поранешната фабрика „Треска“. За таканаречениот Блок 06 кој е дел деталните урбанистички планови за Буњаковец,
Улицата „Рузвелтова“ ќе стане ново „тесно грло“ во сообраќајот доколку се реализира планот за изградба на 30-ина згради на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“.
Под притисок на јавноста и на дел од советниците, Советот на Општина Центар пред еден месец, на 61. седница донесе одлука за распишување конкурс за изработка на идејно решение за оваа локација. Се‘ уште нема никаков епилог по оваа одлука и не се знае дали воопшто ќе има конкурс.
На двете локации се враќа во игра реализацијата на плановите коишто очигледно се направени за да се задоволат желбите на инвеститорите за максимален профит.
Парцелите кај „Холидеј Ин“ и поранешната фабрика „Треска“ се само два од многуте примери во кои фирмите коишто ги изработуваат деталните урбанистички планови очигледно најголем дел од просторот гледале да го предвидат за изградба на станбено-деловно објекти со единствена цел – да се извлече максимален профит за инвеститорите. При тоа, не се запазени основните урбанистички правила за хуман живот на граѓаните.
Планот за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ со зградите „наполитанки“ е пример за прекршување на основните урбанистички правила за квалитетен живот на граѓаните.
Ваквиот начин на планирање беше и главна причина за воведување на мораториум за градење во Општина Центар од каде што тврдеа дека градењето ќе продолжи откако спорните ДУП-ови ќе се усогласат со Генералниот урбанистички план. Сега, откако Уставниот суд го укина мораториумот, а Општина Центар очигледно ретерира во борбата за суспензија на плановите станува јасно дека граѓаните и јавниот интерес повторно се жртви на апетитите на инвеститорите, чијашто главна цел е профитот, а не квалитетот на живеење.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар Мартин Пушевски
{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}