fbpx

Нов одговор од Правда: Сами себе се демантираат и не ги кажуваат авторите на измените на КЗ

Правда, Министерство за правда
  • По завчерашниот одговор добиен со печат и потпис на заменик-министерката, вчера од Министерството за правда ни испратија исправка во која се вели дека работната група на Камбовски не е автор на измените на КЗ.
  • Министерството за правда во три дена за исто прашање даде два различни одговори, двата потпишани од заменичката министерка Викторија Аврамовска – Мадиќ.
  • Во изменетото решение, всушност нема одговор кои се авторите на измените на КЗ кои беа донесени со европско знаменеце неодамна, а чии имиња ги побаравме преку правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
 

По одговорот кој „Само прашај“ на 27 овој месец го доби од Министерството за правда врз основа на нашето Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој се тврдеше дека работната група на чело со академик Владо Камбовски ги изготвила измените на Кривичниот законик, вчера по реакциите и по јавниот демант на членовите на групата, Министерството за правда испрати нов допис до „Само прашај“. Во него тие го демантираат претходниот одговор уредно добиен според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, она што е важно е дека тие овој пат не одговараат на нашето прашање: Кои се членовите/експертите на Работната група која ги подготви измените на Кривичниот законик кои беа донесени со европско знаменце?

Во новиот одговор, со официјално име „Решение за исправка на решение УП1 бр.19-2117/2023 од 25.09.2023“, тие не информираат дека работната група во која, освен Камбовски, членуваат уште дваесет и пет угледни имиња од правото, адвокатурата, академската заедница и невладиниот сектор, работи на измени на КЗ, но не работела на овие кои неодамна беа усвоени со европски знаменце, а кои беа посочени во претходното Решение потпишано од заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, како одговор на нашето барање.

Викторија Аврамовска Мадиќ
Викторија Аврамовска - Мадиќ, заменик-министерка за правда

И на двата последователни и спротивставени одговори е потпишана заменичката на министерот.

„Министерството за правда ве известува дека претходно дадените имиња на членови на работната група се членови за изготвување на новиот Кривичен законик и работат на тоа уште од 2020 година, а истите на учествуваа во последните измени на Кривичниот законик“, се вели во одговорот кој пристигна на 28 септември.

Со овој допис, Министерството за правда за исто прашање во три дена даде два различни одговори, двата потпишани од иста личност, заменичката министерка Викторија Аврамовска – Мадиќ.

Овој допис во кој се демантираат самите себе доаѓа, според наши информации, по бурниот состанок во врвот на Министерството за правда кој дошол по серијата усни реакции од членовите на работната група кои се искористени за да фигурираат во јавноста како автори на спорните измени. За да се смират состојбите најдено е соломонско решение да ни испратат исправка на претходниот одговор кој беше заверен со печат од Министерството за правда, но сепак да не ги откријат имињата на пишувачите на измените на Кривичниот законик.

Заменик-министерката Аврамовска – Мадиќ е патем, најинволвираната во операцијата за измена на Кривичниот законик со која се скратуваат затворските казни во предметите на СЈО и во предметите против генералните секретари на Владата блиски до СДСМ, и се скратува периодот на застарување на делата од злоупотреба на службената положба, и тешко е да се поверува дека таа не е информирана кој ги подготвил измените. Од друга страна, категоричното тврдење дека Министерството за правда ни дало погрешен одговор на прашањето кое го поставивме, отвора врата за друг вид злоупотреба и пласирање на дезинформации од официјална државна институција.

Инаку, истиот ден кога ни беше испратена исправката, на министерот за правда Кренар Лога на прес-конференција му беше поставено новинарско прашање дали знаел за измените кои ги поднесе до парламентот неговата заменичка. На ова тој одговори дека таа во негово отсуство има право да ги врши министерските должности, додавајќи дека одговорноста е кај Собранието кое ги изгласа измените и дека зад предлогот за измени на Кривичниот законик застанала целата Влада.

„Овластувањето е пропишано во Законот за влада, така што јас не сум некој што може со обична хартија да овластува или да деовластува кој било во државата. Заменик-министерот има право, во отсуство на министерот да биде предлагач, а останува Владата со гласање да се изјасни“, изјави Лога.

Прашан конкретно дали ја овластил заменик-министерката за правда да го потпише предлог-законот за измена на Кривичниот законик, Лога рече дека членовите на работната група кои Министерството за правда ги објави неодамна, работеле заедно со Аврамовска - Мадиќ на веќе изгласаните измени на законикот и дека имињата на тие кои работеле на изгласаните измени треба да ги каже заменик-министерката.

Но, ваквото префрлање на одговорноста, не го амнестира Министерството кое избегнува да даде одговор на прашањето кое е од јавен интерес: Кој е авторот на измените на КЗ со кои се намалуваат казните за кривичните дела од областа на корупцијата, злоупотребата на службена положба и злосторничко здружување, како и рокот за нивно застарување? Ова Министерството како институција им го должи на граѓаните.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографија: Дарко Андоновски