fbpx

Правда ги откри, дел од Работната група негира: Кој е авторот на измените на Кривичниот законик?

  • Според информацијата што ја добивме од Министерството за правда врз основа на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Работната група која ги подготвила измените на Кривичниот законик донесени со европско знаменце се состои од 26 члена и е предводена од академик Владо Камбовски.
  • Академик Камбовски, професорот Тупанчески и обвинителот Бубевски за Само прашај демантираат дека учествувале во измените на Кривичниот законик.
 

„Само прашај“ доби одговор од Министерството за правда кои се членовите или експерти на работната група која ги подготви штетните измени на Кривичниот законик, со кои се намалуваат казните за кривичните дела од областа на корупцијата, злоупотребата на службена положба и злосторничко здружување, како и рокот за нивно застарување.

На 7 овој месец, врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/2019), до Министерството за правда испративме Барање за пристап до информации од јавен карактер, со конкретно прашање: Кои се членовите/експертите на Работната група која ги подготви измените на Кривичниот законик кои беа донесени со европско знаменце?

Деветнаесет дена подоцна, на 26 септември добивме решение во кое се наведува дека „барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер УП1 бр.19-2117/2023 се одобрува“. Во одговорот потпишан од заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ се вели:

„Во врска со вашето барање за да ви се достави информацијата кои се членовите/експертите на Работната група која ги подготви измените на Кривичниот законик кои беа донесени со европско знаменце, Министерството за правда ве известува дека согласно Решението бр.21 512/11 од 15.12.2020 година именувани се следните членови:

  1. Претседател: Академик проф. д-р Владо Камбовски – член на МАНУ
  2. Африм Фидани – судија во Врховниот суд
  3. Цветанка Периќ– судија во Врховниот суд
  4. Тања Милева – судија од Апелацискиот суд во Скопје
  5. Зоран Димитриевски – од Апелацискиот суд во Скопје
  6. Данка Ристова – од Апелацискиот суд во Штип
  7. Мери Тромбева – виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство од Битола
  8. Вјолца Елмази – јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство од Гостивар
  9. Вилма Русковска – основен јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
  10. Сашо Рајчев – јавен обвинител од Основното јавно обвинителство на Скопје
  11. Гаврил Бубевски – главен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје
  12. Даниела Алексовска Стојановска – судија во Основен Кривичен суд Скопје
  13. Марија Џабирова Велков – јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје
  14. Татјана Поповска – Буловски – адвокат претставник на Адвокатска комора
  15. Никола Главинче – адвокат претставник на Адвокатска комора
  16. Никола Тупанчески –професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ на УКИМ
  17. Александра Деановска – Трендафиловска – професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ
  18. Беса Арифи – професор на Правниот факултет на Универзитетот Југоисточна Европа
  19. Елена Мујоска – Трпеска – претставник од МАНУ
  20. Трајан Богоевски – началник на Сектор за економски криминал и корупција БЈБ МВР
  21. Вилдан Дрпљанин – Хелсиншки комитет и заменик Жарко Хаџи-Зафиров претсавник на Блупринт групата за правосудство
  22. Проф. д-р Јетмире Зеќири – професор на Унверзитетот во Тетово
  23. Никола Прокопенко – државен советник во Министерство за правда
  24. Николина Миќеска-Костадиновска – Министерство за правда
  25. Проф. д-р Африм Османи – професор на Правниот факултет при државниот универзитет од Тетово
  26. Бесник Сулејмани – адвокат од Куманово

Интересно е што за потребите на првичната анализа, од некои од членовите на работната група добивме ставови дека не знаат ништо за измените и дека не биле консултирани за нивната содржина. Еден од клучните членови, дури, нѝ рече дека текстот на измените бил скриен од него иако барал да го види.

Професорот и академик Владо Камбовски и по денешната официјална информација добиена од Министерството за правда, повторно демантира дека има нешто со измените на Кривичниот законик:

Категорично тврдам дека оваа работна група што ја предводам не ги подготвила измените. Тие од нашиот нацрт за нов Кривичен законик, кој што е при крај и до крајот на месецов ќе го предадеме на Министерството за правда, го имаат земено делот за еколошки криминал. Останатото е нивно како на пример проширување на конфискација каде што имаат направено дури и грешка“, нѝ изјави Камбовски.

На нашето прашање, дали во нацртот на новиот Кривичен законик што го подготвуваат ќе влезат и изменетите одредби, Камбовски рече дека е тоа прашање кое се разгледува, но дека не може за злосторничко здружување да има пропишана три години затворска казна, туку треба да биде четири, затоа што помалата казна е спротивна на Конвенцијата Палермо, позната како Конвенција на Обединетите Нации против транснационален организиран криминал.

Ексминистерот за правда и професор на Правниот факултет, Никола Тупанчески на нашето прашање поврзано со одговорот на Министерството за правда дека е дел од работната група што ги подготвила измените, денеска кратко ни одговори:

„Подолго време не сум учествувал во работата на работната група“.

Информацијата ја демантира и Гаврил Бубевски, шеф на Основното јавно обвинителство Скопје. Тој вели дека најверојатно се работи за недоразбирање.

„Немаме никаква врска со измените на Кривичниот законик. Нашата работна група нема ни мандат за подготовка на такви измени. Нашиот мандат е да го подготвиме новиот Кривичен законик. Тие зеле од нашиот нацрт на новиот Кривичен законик делот за кривични дела против екологијата и за проширената конфискација каде имаат направено грешка, додека другите измени што ги направија ниту ги има во нашиот нацрт, ниту пак работната група стои зад нив“, нѝ изјави Бубевски.

Измените на Кривичниот законик ја дигнаа на нозе целата јавност, а реакциите беа со осуда на овој владин потег и на (зло)употребата на европското знаменце кое беше искористено измените да бидат донесени во скратена постапка. Загриженост искажа и ЕУ, од каде изјавија дека со овие измени може да бидат засегнати судските процеси за висока корупција. Кон загриженоста на ЕУ се приклучи и холандската амбасада. Од американската Амбасада, пак, рекоа дека нивен правен тим ги анализира измените и дека ќе излезат со заклучоци.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Крамарска

Насловната фотографија е преземена од Ванчо Џамбаски