По Студентскиот пленум – Кој е следен?

  • Трагедијата во Кочани која однесе 60 млади животи, а над 150 беа повредени повторно го разгоре студентското незадоволство.
  • Какви се лекциите од Студентскиот пленум пред 10 години кој беше силен глас во тогашниот општествен и политички амбиент.
  • Студентскиот крик по трагичната несреќа во Кочани и внатрешните бранувања меѓу студентите, се знак колку се ранливи младите и колкава е нивната изложеност кон оние кои сакаат да јаваат на бранот на младоста.

Трагедијата во дискотеката во Кочани која однесе 59 млади живота, а над 180 беа повредени, повторно го разгоре студентското незадоволство. Еден ден по кобното утро кога завиваа болничките и противпожарните сирени во Кочани, студентите во Скопје се собра да го искажат својот протест против корумпираниот систем кој кулминираше со незапаметена трагедија. На собирот во кампусот насловен како „Заеднички час“ присуствуваа неколку илјади студенти, на кои според некои информации неочекувано и непланирано им се обратија министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорот Билјана Ангелова. Тие беа единствени говорници. Претседателот на универзитетското студентско собрание (УСС) Александар Николовски, пак, се обрати само во еден момент со порака дека „собирот е да се искаже почит, а не да се протестира“.

Еден ден по трагедијата во Кочани се одржа собир на платото пред УКИМ. Фото: СДК.мк

По настанот уследија реакции за говорите на министерката и ректорката при што се вжештија дискусиите во насока дека настанот бил узурпиран од политички претставници, што резултираше со јавно извинување од страна на УСС со сите членови на академската заедница поради говорите на Јаневска и Ангелова. Ситуацијата ескалираше дотаму што Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет во Скопје соопшти дека им изгласало недоверба на делегатите и најави пленумско самоорганизирање во рамки на Независно студентско собрание.

„Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски. Тоа за што се бореа пред една деценија, студентите никогаш не го добија. Наместо автентично претставување на студентскиот интерес, го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ. Студентите не може да имаат претставнички тела контролирани од власта и од партиите. Независното студентско собрание на УКИМ е хоризонтална самоорганизација на сите студенти на УКИМ. Ова е наш Универзитет“, соопштија студентите на Филозофскиот факултет.

Лекциите од Студентскиот пленум

Навраќањето на борбата од пред една деценија, а особено оцената дека „тоа за што се бореа студентите никогаш не го добија“, е прво јавно споменување на Студентскиот пленум кој пред десетина години се бунтуваше против мешањето на политиката во образованието.

Студентскиот пленум тогаш се појави како силен глас на студентите, борејќи се за нивните права и академската автономија. Основан во 2014 година, ова движење брзо стана симбол на отпорот против авторитарните обиди за регулирање на образовниот систем.

Ние сакавме да покажеме пркос кон тогашната влада дека не може да не ги консултира студентите и универзитетите за ваквото решение, кое го сметавме за сериозен упад во автономијата на универзитетите“, оценува денес Дарко Малиновски, еден од основачите на некогашниот Пленум.

Иницијативата што сега се роди под името „Кој е следен“, на некој начин е инспирирана од Студентскиот пленум од пред десетина години. Борјан Ефтимов, кој е дел од оваа иницијатива вели дека ако треба да се направи споредба, протестите на некогашниот пленум беа искрен исчекор на една генерација и нивната визија за подобра и поправедна општествена структура.

„Иако може да се каже дека беа ‘неуспех’ од перспективата на конкретните законски реформи, нивното влијание врз долгорочното созревање на граѓанската свест и подготвеноста за критичка акција е непроценливо. Тие, всушност, го поставија симболичниот темел врз кој може да се гради идната демократија во Македонија, потсетник дека промената понекогаш доаѓа преку непресметливи, но длабоко искрени гласови на оние кои веќе не можат да се помират со состојбата“, истакна тој во разговор за Само Прашај.

Борјан Ефтимов: Студентскиот пленум ја подготви државата за посмела култура на несогласување, поттикнувајќи јавна критика и барање одговорност од власта. Фото: А1он.мк

Денес кај младите чашата ја прели кобниот 16 март кога во Кочани изгоре дискотеката во која се забавуваа околу 500 млади во нивните најубави години, при што животот го загубија 61, а уште стотина се наоѓаат на болничко лекување од кои неколку сѐ уште се борат за живот. Претходно гневот се излеа на улиците и поради загинувањето на младата девојка Фросина која настрада под налетот на возачкото дивеење на централната сообраќајна артерија во Скопје.

Стотици луѓе излегоа на улиците како резултат на гневот поради загинувањето на младата Фросина Ќулакова. Фото: СДК.мк

Во јавноста излегоа спротивставени мислења за тоа дали треба да се протестира и каде водат овие протести. Младите велат дека целта не им е да ја урнат власта туку да го сменат корумпираниот систем.

„Ми се чини дека институциите се спремни да ги слушаат студентите кога се работи за козметички интервенции во постоечкото, но во моментот кога студентите се активираат за суштински измени на самиот систем, тогаш институциите веднаш го активираат методот на репресија и дискредитација како би се заштитиле“, вели Ефтимов.

Ефтимов беше учесник и во Студентскиот пленум пред десет години и посочува дека најважната лекција за него е дека трајната, суштинска промена не произлегува од „експлозивни“ протести или краткорочни, спонтани движења, туку од долгорочна, меѓу генерациска борба. Колку и да е инспиративно масовното излегување на улица, додава тој, вистинските општествени преобразби бараат континуитет, поврзување помеѓу генерации, здружени сили и упорност која ги надминува еднократните настани.

Само преку таква трајна посветеност и соработка меѓу различни групи може да се создаде доволно политичка и општествена тежина за да се издејствуваат структурни промени“, вели Ефтимов.

Студентскиот отпор против политиката

Организацијата „Студентски отпор“ веднаш по собирот во понеделникот на 17 март, резигнирано соопшти дека министерката за образование Весна Јаневска и ректорката Ангелова го искористиле собирот за сопствена промоција.

Место 7-минутен молк и достоинствено оддавање почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваквиот трагичен момент за говори и за политичка самопромоција. Го осудуваме ова однесување и бараме одговорност од институциите“, беше соопштено.

Од „Студентски отпор“ побараа идните комеморативни настани по повод трагедијата во Кочани „да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација“.

Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат да се користи нивната болка за нечии ПР-поени. Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, „Студентски отпор“ ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси“, предупредија од „Студентски отпор“.

Засега е тешко да се направи разграничување меѓу движењето „Студентски отпор“, Младинскиот образовен форум, кој исто така се огласи по протестниот собир на платото пред УКИМ, еднодневниот протест на студентите од УКИМ и иницијативата „Кој е следен“, во чиј опис стои дека е граѓанска организација чија мисија е борба против системското нефункционирање. Некогашната масовност на Студентскиот пленум која според некои проценки беше над 10.000 студенти, досега не се повтори, а и општествениот амбиент и покрај трагедиите кои однесоа млади животи не е толку усвитен како што беше пред една деценија. Освен тоа впечаток е дека сега има поголема разноликост меѓу студентите во поглед на тоа како да се организираат и која треба да им биде целта.

Мојата порака за новите студентски движења е дека треба да бидат сложни и да ги почитуваат разликите меѓу индивидуите, за да се постигне поголемата цел. Според мене, покрај директната демократија која знае да биде неефикасна во поголеми движења, недостатокот на комуникација и разбирање меѓу фракциите кои постоеја во тогашниот Студентски пленум, придонесоа кон неговото распаѓање“, порачува поранешниот пленумец Дарко Малиновски.

 

Окупација на факултетите

Инаку, еден од најзначајните настани на Студентскиот пленум пред десет години,  беше симболичната окупација на универзитетите, каде студентите остануваа во училниците преку ноќ, испраќајќи порака за нивната решителност.

Еден од најзначајните настани на Студентскиот пленум пред десет години, беше симболичната окупација на универзитетите

Паралелно, се организираа јавни дискусии, предавања и уметнички настани, кои ја демонстрираа нивната визија за образование како заедничко добро.

Таа зима, Универзитетот стана дом на нашите идеи. Сите бевме дел од нешто поголемо,“ се присетува Ивана Туфегџиќ, активистка во Пленумот.

Јавноста се сеќава и на досетливите наслови на дебатите како што беше „УКИМ гори, Економски се чешла“, кои имаа за цел да го мобилизираат јавното мислење во корист на пленумците. Една од позначајните активности беше и организирање бојкот за избор на претседател на студентскиот парламент, бидејќи според Студентскиот пленум изборите беа нелегални и нелегитимни.

Денес, Туфегџиќ смета дека Студентскиот пленум остави позитивна трага во образованието и покажа дека се можни промени и дека со добро организирање може многу да се постигне.

Види повеќе: Од младите за сите – младинскиот активизам некогаш, сега и во иднина | Ин медиас рес | ResPublica

Рано е за правење паралела меѓу некогашниот Студентски пленум и тоа што денес е во зародиш и за кое нема јасна претстава дали и во кој правец ќе се развива. Некогашните пленумци сметаат дека и покрај почетниот успех, Пленумот пред десет години се соочи со слабости како што се отсуството на формална структура, која на почетокот се сметаше за предност, но подоцна создаде внатрешни конфликти.

Хетерогеност во приодите на решавање на проблемот ни овозможи посилно да се спротивставиме на власта, да се избориме против нивното етикетирање, врамување во партиските наративи и ни овозможи да обезбедиме поголема поддршка од јавноста. Сепак, токму хетерогеноста и хоризонталната структура претставуваа предизвик кога требаше да се изнајде нов стратешкиот правец“, вели Малиновски.

Во истражувањето за Студентскиот пленум и неговото влијание, на пример, објавено од Институтот за европска политика пред седум години, беше детектирано дека уште во неговиот зародиш постоеле две фракции од кои едната биле т.н. легалисти (правници) а другите левичари-револуционери. Јазот меѓу нив, како што се апострофира, го ослабел Пленумот.

Критичарите тогаш тврдеа и дека движењето било инструментализирано од опозициски политички партии, обвинување кое создаде сомнеж кај дел од јавноста.

Нашата соговорничка Ивана Туфегџиќ тоа категорично го отфрла.

Не, Студентскиот пленум се појави кога општеството беше во најголема апатија. А потоа престана да постои за да го заштитиме од ‘киднапирање’. Ако се сеќавате партијата Левица беше формирана од членови на Студентскиот пленум кои потоа се одвоија. Мене ми е драго што Студентскиот пленум успеа да одолее на сите обиди за ‘киднапирање’“, оценува таа, додавајќи дека и денес во аулите треба да се зборува на теми кои се важни за студентите.

Во последната објава на социјалните мрежи испратена до поддржувачите некогашниот Студентски пленум искажа надеж дека ќе биде мотивација за идните генерации.

„Сакаме Студентскиот пленум да остане едно убаво и многу важно сеќавање. Се надеваме дека нашата приказна ќе биде мотивација за генерациите по нас, тие да бидат коректив на секоја влaст и да се борат за студентските и општествените права во иднина“, порачаа во последната порака на ФБ - страницата.

„Кој е следен“ наликува на Студентскиот пленум, но целите се други

Којзнае, можеби со неодамнешните случувања кај студентите, тестаментот на Студентскиот пленум е веќе отворен. Нашиот соговорник Борјан Ефтимов кој е еден од ретките кои беа активни и пред десет години како и сега, потсетува дека тогашното студентско организирање било протестно и краткорочно, а денешните форми на студентско организирање, како што вели, се институционализирани и оттука можеби помалку деструктивни кон корумпираниот систем, но од друга страна се „поспособни да дејствуваат долгорочно и да работат на агенда која нема суштински да го сруши корумпираниот систем, но во рамки на истиот ќе се бори за минимални подобрувања на статусот на студентите“.

„Младите денес се активни но на различни начини и преку поразлични платформи. За време на Студентскиот пленум, студентите разбирливо беа водечката сила, тие ја создадоа организацијата, ги изнесуваа барањата, го водеа дијалогот и беа самото движење. Денешните движења се малку поинакви, сега имаме пошироко граѓанско ангажирање каде што не се вклучени само студенти, туку и други млади луѓе, вработени, невработени, активисти надвор од формалното образование“, дополнува Ефтимов.

Синдромот на поделби

Тоа, пак, води до внатрешни поделби или пак како што се присетува некогашниот пленумец Бојан Матовски еден од најголемите неуспеси, личен ама и на ниво на организацијата, им бил што дозволиле пред десет години, нагласува тој, да им се закачат најразлични политички и уште поважно бидејќи пленумот сам по себе е политичка организација, партиски профитери.

Нехиерархиските организации патат од овој синдром токму поради тоа што немаат централизирана моќ и не можат лесно да се справат со луѓе кои имаат свои агенди и пробуваат да го злоупотребат движењето за нивни лични цели“, предупредува Матовски.

Матовски вели дека Пленумот направил максимум во однос на краткорочните барања и особено за автономијата во образовните политики, но не успеал во долгорочната мисија. „Тоа што јас лично сакав е Пленумот да го постигне е да создаде директно демократско движење кое ќе се пренесува „од колено на колено“, истакнува тој.

Неговата порака за новите генерации е ако прават такво движење да го заштитат.

Ставете најмногу фокус и енергија на заштитата на принципите на движењето и пробајте да најдете начин да не ве злоупотребуваат бидејќи пленумот го расчисти патот кон Шарената револуција, која не навлегувајќи дали беше добра или лоша, беше веќе недвосмислено партиска, и меѓу другите проблеми со кои организацијата се соочуваше беше клучната причина зошто Пленумот не ја продолжи својата активност“, порачува Матовски.

Масовноста е една од одликите на протестите пред 10 години и сега

Неговиот колега по бунтовништво од тоа време, битолчанецот Дејан Лутовски, кој беше еден од иницијаторите на Студентскиот пленум дополнува дека тоа беше студентско движење „кое се случи во време кога постоеше клима за општествени промени, и студентите дадоа мотор на сите тие протести“.

„Ги инспириравме сите слоеви и групи во општеството. Што се однесува до тоа дали ја исполнивме целта, одговорот е и да и не, односно само делумно ја исполнивме. Екстерното тестирање кое Министерството го заговараше и го стави во закон не се спроведе, но од друга страна не се ни задржа тоа автентично студентско движење“, оценува Лутовски, десет години по бурните настани кои ги предизвика Студентскиот пленум.

 

Дискредитација како метод

Овие искуства можат да бидат значајни за студентскиот и младински крик по трагичната несреќа во Кочани.

Ако Студентскиот пленум беше специфично сконцентриран на проблемите во високото образование, денешните движења ги обединуваат младите околу пошироки општествени прашања: човекови права, еколошки теми, дигитални слободи и слично, посочува Борјан Ефтимов.

„Активноста еволуираше, но духот на критика кон системот и волјата за промена остануваат слични. Во моментов и самите студентски организации и движења поминуваат низ процес на реорганизирање и воспоставување на своите репрезенти и модели на организирање. Покрај студентските собранија, се појавува и паралелен процес на повторна пленумизација на студентите, но за насоката во која ќе се движат, останува времето да покаже“, нѝ изјави тој.

Ефтимов смета дека системот продолжува, како што вели, да се однесува речиси исто како и претходно користејќи ги веќе испробаните механизми за дискредитација и задушување на граѓанскиот отпор. Тука спаѓаат ширењето лажни вести, масовната пропаганда насочена кон оцрнување на учесниците во протестите и создавање атмосфера на страв, како и притисок преку различни форми на институционална и неинституционална репресија, појаснува тој.

Студентски пленум остави жар од кој искрите се присутни и денес

Неговата оцена е дека некогашниот Студентски пленум остави жар од кој искрите се присутни и денес. „Иако непосредните резултати можеби изгледаат поразителни или недоволни, силата на симболичко разоткривање на нефункционалниот систем тогаш беше несомнено постигната. На краток рок, па и на среден рок, не видовме трајни промени (со исклучок на демократизацијата на студентското организирање), но на долг рок, Студентскиот пленум ја подготви државата за посмела култура на несогласување, поттикнувајќи јавна критика и барање одговорност од власта. На тој начин, иако тогашните студенти не успеаја да ја надминат состојба на образованието, создадоа значаен пресврт во граѓанската свест“, вели Борјан Ефтимов.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Томислав Георгиев