- Повеќе од една година, жителите на строгиот дел на центарот на Скопје се обидуваат да издејствуваат сопственикот на зградата на некогашниот гигант да спречи создавање на еколошка и урбанистичка катастрофа.
- Од пред неколку дена, секојдневно се собираат купиштата отпад создаден од кршењето на инвентарот и екстериерот на огромната бетонска зграда, која е соголена од крадци.
- Општина Центар со Решение го задолжила сопственикот „Буши Фашион“ да ја расчисти дивата депонија и секојдневно да ја одржува хигиената околу.
- Засега нема ништо од најавите дека конечно ќе започне долгонајавуваната изградба на хотел, но следно што треба да се направи е да се обезбеди овој исклучително небезбеден објект до кој секој има пристап.
По повеќе од една година од почетокот на распадот на огромната зграда на некогашниот гигант „Технометал – Вардар“ деновиве таму се спроведува голема акција на расчистување на дивата депонија. Се собираат купишта ѓубре, меѓу кои и шут, но и секаков друг отпад кој се фрлаше буквално од секаде. Најголем дел од ѓубрето беше собран викендов и однесен со камион, додека од почетокот на неделава се чисти кат по кат од купиштата остатоци од некогашниот ентериер и прозорците на оваа зграда.
Првпат по повеќе од една година се спроведува вакво темелно чистење
Од Општина Центар ни потврдија дека таму конечно се расчистува дивата депонија и дека тоа е иницирано со решение кое му е издадено на сопственикот, по што тој почнал самостојно редовно да го прави тоа.
„Од страна на Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, во февруари сопственикот беше задолжен со Решение да исчисти и постапи во законски предвиден рок, по што и постапи. Бидејќи на посочената локација секојдневно се создава и се фрла отпад, сопственикот самостојно редовно почна да го отстранува истиот“, ни одговорија од Општина Центар на нашето прашање кој ја спроведува акцијата на расчистување.
Исто така, најавуваат дека Секторот за инспекциски работи на Центар и во наредниот период ќе продолжи со инспекциски контроли преку инспекцијата за животна средина за да не се повтори грдата слика.
Мала победа за жителите
Повеќе од една година жителите на овој дел од центарот на градот се обидуваат да најдат решение за проблемите и со крадците кои дење-ноќе кршеа прозорци за да ги украдат алуминиумските рамки и корнеа лимови од покривот, додека долу се создаваше вистинска дива депонија, додека парчиња мермер и железо завршуваа на самата улицата „Македонија“ која е пешачка зона и беше голема опасност за минувачите.
„Само прашај“ во ноември лани започна со објавување серија текстови во кои посочуваше на немањето слух ниту кај Општина Центар ниту пак, кај сопственикот фирмата „Буши Фашион“ за оваа еколошка и урбанистичка катастрофа што се случува во најстрогиот центар на Скопје.
Од Општина Центар цело време укажуваа дека сопственикот добива и казни и решенија да преземе нешто, и дека тука нивната надлежност завршува. Сопственикот пак, со кој разговаравме, тврдеше дека никој не се нафаќа да го чува објектот поради нападите од крадците. А за чистењето велеше дека прави сè што е во негова моќ, но не може да спречи да се фрла отпад. Неколкупати и вети дека ќе постави заштитна ограда за барем малку да се намали опасноста што демне од соголената зграда. Но, ништо од тоа досега не се случи.
Видлива е разликата на пред и потоа
Според тврдењето на сопственикот на објектот, тој има намера овој објект да го направи хотел. Но, зошто на толку многу фрлени пари во 2019 година за ваков објект среде центар на Скопје дозволува тој секојдневно да се демонтира од крадци, одговорот од Абдулмуталиб Буши, еден од петтемина сопственици на компанијата „Буши фашион“ беше дека ќе ја чекаат одлуката на Општината на барањето да им се дозволи да изградат уште два ката на постојната зграда, за што велат дека поседуваат маркица за градење, која била издадена десетина години пред тие да го купат објектот.
Но, од Општина Центар за „Само прашај“ тврдат дека сопственикот на зградата на поранешен „Технометал Вардар“ нема поднесено барање за издавање на одобрение за доградба и надградба, затоа што со актуелниот план не е предвидено такво нешто.
Кога му го предочивме тоа, Буши на крајот рече дека без разлика каква ќе биде одлуката, тие имаат намера во јануари. Потоа ова се пролонгира за како што ни рекоа за неколку месеци.
„Страшилото“ останува
На крајот на јануари Советот на општина Центар донесе одлука дека овој објект нема да може да се надградува и ќе остане во актуелниот габарит и висина. Како што веќе објавивме одлуката е всушност техничка исправка за градежната парцела 4.5.6 во Деталниот урбанистички план Централно градско подрачје на град Скопје - Мал Ринг (каде што се наоѓа овој објект), во согласност со Законот за урбанистичко планирање.
Техничката исправка е потврдена и од Комисијата за урбанизам и објавена во Службениот весник на општината (Извор: Службен весник на Општина Центар стр.5-6)
Техничката грешка во важечкиот ДУП за оваа парцела била во тоа што во графичкиот приказ е евидентирана намена А2 – домување во станбени згради, што не соодветствува со табеларниот приказ каде е заведена намената Б4 – деловни дејности, како што е и во имотниот лист за парцелата со бр. 12035.
Парцелата Б4 каде се наоѓа зградата на „Технометал Вардар“ (Извор: Општина Центар)
Оваа одлука сега е дел од важечкиот Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Скопје „Мал Ринг“ од 21.12.2012г., и на локацијата каде што се наоѓа објектот на „Технометал Вардар“ (КП 12035), предвидена е градежна парцела со бр. 4.5.6 на која е потврдена постојната градба со реализирана катност П+М+5. Тоа го запечатува овој објект на актуелната висина од 5 ката.
Од компанијата сопственик на зградата „Буши Фашион“ овојпат не добивме одговор на нашите прашања: Дали тие го организираат чистењето и дали ова значи дека тука конечно ќе почне да се гради најавуваниот хотел.
Сепак, расчистувањето на депонијата е само првата битка која жителите на овој дел на Скопје ја добија, но борбата и натаму продолжува. Страшилото кое го создаде повеќегодишното запоставување на оваа некогашна маркантна зграда од страна на сопственикот и игнорирањето од страна на институциите, не смее да заврши само со расчистување на отпадот. Следно е да се обезбеди овој исклучително небезбеден објект до кој буквално секој има пристап. И последно, оваа грдосија да добие убав лик.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Соња Трајковска