fbpx

Пасивноста на институциите од „Технометал Вардар“ создаде депонија среде Скопје

  • Пожарот пред две недели е круна на агонијата која трае најмалку една година – кражби и огромна дива депонија во строгиот центар на градот.
  • Групи крадци го откорнаа лимот од покривот, дрвенаријата внатре и сите прозорци.
  • На барањата од жителите да му наложат на сопственикот да го среди хаосот, од општина Центар одговараа дека тоа е приватен имот и не е нивна надлежност.
  • Сопственикот Буши најавува дека во јануари ќе почне со градење на хотел, но чека амин од Општина Центар дали ќе може да догради уште два ката.
  • Според ДУП „Мал Ринг“ од 2012 г. оваа градба е потврдена со актуелната катност.
 

Пожарот што неодамна беше подметнат во зградата на поранешен „Технометал Вардар“ во центарот на Скопје за многумина беше изненадување, но, за жителите во околните згради тој е само круна на агонијата која трае најмалку една година – кражби на се што имаше оваа зграда, од покривот, дрвенаријата внатре, до прозорците.

Некогашниот гигант денеска е страшило
 

Тажна е денешната слика на она што некогаш беше симбол на компанија-гигант во која работеа илјадници луѓе. Денес низ дупките од некогашните прозорци се гледаат голи ѕидови, а покривот е решето, каде ги нема ниту гулабите кои некогаш тука имаа гнезда.

Се краде од покрив до подрум

Се започна пред една година, кога по долги години под клуч, од огромното здание почна да се отстранува мебелот и другиот инвентар. Објектот доби нов сопственик, компанијата „Буши фашион“, и најава дека ќе стане хотел.

Новиот сопственик во јануари ја испразни зградата

Не помина долго време, кога објектот беше запоседнат од групи крадци кои преку покривите од околните згради се префрлаа на зградата на „Технометал Вардар“, го корнеа лимот, го фрлаа во дворот и со вреќи го носеа, најверојатно на некои од откупните складишта. Полицијата секојдневно интeрвенираше и ги приведуваше, но тоа не ги одврати, туку само ги натера на друга тактика - ги искршија излозите во приземјето на зградата и оттаму влегуваа.

Опасноста од „Технометал“ демне од сите страни
 

Безуспешни беа пријавувањата и кај сопственикот, кој повремено испраќаше луѓе да ја проверат состојбата и евентуално да фатат некој на дело. Посериозна реакција имаше летоска, кога поради силниот ветер парчиња лим и делови од покривот паѓаа на улица „Македонија“ и станаа сериозна опасност за безбедноста на луѓето кои седат во кафулињата и минувачите.

Во напорите на жителите да ги принудат институциите да реагираат за оваа не само естетска туку и еколошка катастрофа во центарот на Скопје, се приклучи и советникот од „Шанса за Центар“ Јане Димески. Тој на два пати писмено побара од општинските власти - во мај и последно во октомври годинава. Првиот пат тој побара интервенција од општинските служби поради загрозената безбедност.

„Побаравме општината да му наложи на сопственикот да го затвори објектот за да се спречи секојдневниот влез на непознати луѓе кои ги правеа овие работи и добивме одговор дека по пријавите на граѓани во април веќе бил извршен инспекциски надзор и дека биле утврдени истите работи вклучително и сериозна опасност за животот и здравјето на минувачите и му било наложено на сопственикот, ДПТУ Буши Фашион ДОО Скопје да ги отстрани паднатите лимови од јавните површини и на делови од лимениот покрив. Исто така ни одговорија дека општината нема надлежност да постапува околу влегувањето на непознати лица во објектот кои ги предизвикуваат проблемите и дека за тоа треба да се обратиме во полицијата, вели Јане Димески, советник во Општина Центар од „Шанса за Центар“.

Димески потоа реагираше поради големата дива депонија од секаков отпад околу зградата. Ова е вистински срам за општината, градот и државата ако се има предвид дека во близина е главната пешачка зона улицата „Македонија“ каде дневно минуваат стотици странски туристи, а да не зборуваме за луѓето кои живеат и работат во околината, а кои тука мора да минуваат, вели Димески.

Одговорот бил дека го задолжиле инвеститорот да го расчисти отпадот и дека тоа е направено.

На постојаните пријави од жителите, од Општина Центар велеа дека се работи за приватен имот и дека не е во нивна надлежност.

Можам да резимирам само дека пасивноста на институциите е неверојатна. Нешто што во секој друг град во светот е неверојатно да се случи во строг центар на градот, овде е секојдневие, а општината и институциите велат дека немаат механизам како да го натераат сопственикот да го затвори објектот. За затворањето на објектот не добивме никаков одговор што сметаме дека во моментот е единствениот начин како да се спречи понатамошниот хаос на оваа локација кој кулминираше и со пожар. Баш како што предупредуваат цело време жителите дека ќе не запалат некоја вечер, вели Димески.

Тоа и се случи. На 4-ти овој месец, нешто после 17 часот жителите на зградите во непосредна близина забележаа оган, кој за кусо време беше изгаснат. Но, ниту ова не ги спречи „операторите“ уште следниот ден да се вратат на „местото на злосторството“: со греди ги кршеа прозорците за да ги извадат преостанатите лимени рамки од прозорците.

„Буши“ почнува да гради во јануари, според ДУП во овој габарит

Фирмата „Буши Фашион“ е сопственик на зградата на „Технометал Вардар“ од 2019 година, но досега не говореле јавно за објектот иако повеќе пати беа прозвани, особено откако зачестија написите за опасноста што тој ја претставуваат.

Абдулмуталиб Буши е еден од петтемина сопственици на компанијата. Во разговор за „Само прашај“ тој вели дека е свесен за проблемите со овој објект кој пред три години го купиле за да изградат хотел и признава дека и самите се виновни. Планот е да биде познат бренд, но поради ковид-пандемијата, а потоа и економската криза, тоа се одложило но тврди дека од јануари почнуваат со реновирање.

„На почетокот, откако ја исчистивме, имавме обезбедување, но тогаш почнаа проблемите – чуварите беа напаѓани од групи крадци и повеќе никој не се нафаќаше да останува таму. Ангажираме приватно обезбедување, но тоа функционира само како патрола. Не можеме да обвиниме никого, бидејќи полицијата на секоја наша пријава доаѓа, имаме над 30 пријави последно време, но нема решение“, вели Буши.

Тој објаснува дека објектот го купиле со дозвола за градење и маркичка 5+2 (дополнително да изградат уште два ката) која е издадена десетина години пред тие да станат сопственици. На прашањето, зошто се уште не започнале, Буши вели дека очекуваат одговор од Општина Центар каде во тек е процедура за промени во ДУП и дека можно е на крајот овој објект да остане во постојниот габарит (5 ката). Иако Буши вели дека тоа би ги променило нивните планови за изградба на хотел со 120 соби, сепак, во јануари планираат да започнат со градење.

Тврдењето на сопственикот на зградата го проверивме во Општина Центар. Оттаму велат дека во согласност важечкиот Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Скопје „Мал Ринг“ од 21.12.2012г., на локацијата каде што се наоѓа објектот на „Технометал Вардар“ (КП 12035), предвидена е градежна парцела со бр. 4.5.6 на која е потврдена постојната градба со реализирана катност П+М+5.

Притоа, посочуваат дека за оваа градежна парцела во важечкиот ДУП има техничка грешка, бидејќи во графичкиот приказ е евидентирана намена А2 – домување во станбени згради, што не соодветствува со табеларниот приказ каде е заведена намената Б4 – деловни дејности, како што е и во имотниот лист за парцелата со бр. 12035.

ДУП за „Мал Ринг“ и имотниот лист (Извор: Општина Центар)

Од Центар исто така потврдија и дека во тек е постапка за изработка и донесување на Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, а за оваа градежна парцела (број 4.6), како и во важечкиот ДУП евидентирана е постојната градба, без услови за дополнителен развој, но направена е точна инвентаризација, односно градежната парцела има намена Б4 – деловни дејности.

Парцелата Б4 на зградата на „Технометал Вардар“ (Извор: Општина Центар)

За тоа што досега е преземено за да се расчисти и естетска и еколошка грдотија, од Општината велат дека досега на терен биле и комунален и градежен и инспектор за животна средина. Епилогот од тоа е: казна за градежен шут на државно земјиште, односно плочникот кој гледа на улица „Македонија“, решение за отстранување на смет и отпад во приватен имот кое сопственикот го испочитувал додека градежен инспектор од Секторот за инспекции на Општина Центар донел решение за доградба на локал на улица „Македонија“.

Осум илјади квадрати бетон и отпад

Зградата на „Технометал Вардар“ е изградена во 1980 година со површина од над 8.000 квадратни метри. Беше ставена на продажба откако во 2019 беше отворена стечајна постапка. Поради обврски кон „Комерцијална банка“ објектот беше одземен од банката, а потоа ставен на продажба, по што зградата беше купена од „Буши фашион“.

Во 2016 година пред скопските советници беше предлог-одлуката за промена на повеќе фасади на улица „Македонија“ во стилот на „Скопје 2014“ при што оваа зграда требаше да добие и столбови и скулптури на фасадата.

Фирмата „Технометал Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија и беше водечка фирма во трговија со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини... Во осумдесеттите години од минатиот век оваа фирма настана со фузија на компаниите „Технометал“ и „Вардар“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Соња Трајковска