fbpx

Надежта за зградата на „Технометал Вардар“ прва умре

  • Општина Центар ја исправи техничката грешка за ДУП Мал Ринг и со тоа го запечати габаритот на зградата на некогашен „Технометал Вардар“ на сегашната висина.
  • Иако ветија дека со изградбата на хотелот ќе почнат во јануари, sод фирмата сопственик „Буши фашион“ тоа го одложуваат за неколку месеци.
  • Дење и ноќе групи крадци го корнат она малку што е останато на симболот на некогашниот индустриски гигант.
  • Општина Центар најавува вонреден инспекциски надзор од градежен инспектор, бидејќи ниту глобите ниту досегашните решенија не дале резултат.
 

Објектот на поранешниот гигант Технометал во Скопје кој со години е само нем сведок на големината на некогашното претпријатие чие седиште бил, нема да може да се надградува и ќе остане во актуелниот габарит и висина. Ваква одлука донесе Советот на општина Центар, во јануари годинава, а одлуката стапила на сила на 31 јануари со објавување во општинскиот Службен весник.

Одлуката е всушност техничка исправка за градежната парцела 4.5.6 во Деталниот урбанистички план Централно градско подрачје на град Скопје - Мал Ринг (каде што се наоѓа овој објект), во согласност со Законот за урбанистичко планирање.

Уште во ноември лани, кога „Само прашај“ пишуваше за ова урбанистичко страшило во епицентарот на Скопје, од Општина Центар ни посочија на техничката грешка во важечкиот ДУП за оваа парцела, со тоа што во графичкиот приказ е евидентирана намена А2 – домување во станбени згради, што не соодветствува со табеларниот приказ каде е заведена намената Б4 – деловни дејности, како што е и во имотниот лист за парцелата со бр. 12035.

Парцелата Б4 каде се наоѓа зградата на „Технометал Вардар“ (Извор: Општина Центар)

Тогаш ни потврдија дека во согласност важечкиот Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Скопје „Мал Ринг“ од 21.12.2012г., на локацијата каде што се наоѓа објектот на „Технометал Вардар“ (КП 12035), предвидена е градежна парцела со бр. 4.5.6 на која е потврдена постојната градба со реализирана катност П+М+5.

Со ова, според одлуката, „техничката исправка ќе стане составен дел на Деталниот урбанистички план Централно градско подрачје на град Скопје - Мал Ринг, изменување и дополнување, Општина Центар - Скопје, донесен од Советот на Општината од 21.12.2012 година и ќе може да се применува во форма на пречистена верзија на планот односно како основниот план во кој е вградена техничката исправка, за којшто важат истите одредби за предавање, објавување, презентирање, преклопување, применување и чување на урбанистички планови“.

Техничката исправка е потврдена и од Комисијата за урбанизам и објавена во Службениот весник на општината (Извор: Службен весник на Општина Центар стр.5-6)

Тоа го запечатува овој објект на актуелната висина од 5 ката.

„Се работи“ и дење и ноќе

Ова е значајно, бидејќи Абдулмуталиб Буши, еден од петтемина сопственици на компанијата „Буши фашион“ која го купи објектот во 2019 година, лани во ноември во разговорот за „Само прашај“ рече дека за да почнат со средување на „страшилото“, ќе ја чекаат одлуката на Општината. Тие бараат да им се дозволи да изградат уште два ката на постојната зграда, за што велат дека поседуваат маркица за градење, која била издадена десетина години пред тие да го купат објектот.

Но, од Општина Центар за Само прашај велат дека сопственикот на зградата на поранешен „Технометал Вардар“ нема поднесено барање за издавање на одобрение за доградба и надградба, затоа што со актуелниот план не е предвиден развој на објектот.

Кога му го предочивме тоа, Буши  на крајот рече дека без разлика каква ќе биде одлуката, тие имаат намера во јануари да почнат да градат и ги замолија жителите во околните згради да се стрпат уште неколку месеци.

Но, јануари помина, помина и февруари и веќе е средина на март, а на самото место навистина работите се променија. Но на полошо. Објектот кој во ноември имаше барем голем дел од прозорците, сега е гол бетон, а ѓубрето наоколу само се зголемува, насекаде висат кабли за кои не се знае дали се уште една опасност за оние кои мора да поминуваат низ овој дел на центарот.

Сепак, некогаш и преку ден, но најчесто ноќ е жителите и минувачите може да слушнат силни удари кои доаѓаат од зградата. Групи со алати се обидуваат да ги откорнат и преостанатите метални делови од некогашните прозорци кои потоа ги продаваат на отпадите.

Во тие нивни операции, насекаде летаат стакла, парчиња бетон. Но, и самите тие се изложуваат на опасност, бидејќи не ретко се гледаат како „висат“ од погорните катови на необезбедениот објект.

Крадците не се свесни на каков ризик и самите се изложуваат

Иако уште во ноември сопственикот вети дека следниот ден по нашиот разговор ќе побара да се постават огради за барем малку да се придонесе во безбедноста додека да започне изградбата, до ден денес тоа не е направено. Од погорните катови висат прозорци, а урната е и оградата која го одделува овој објект од другиот објект кој исто така е во изградба во непосредна близина, со што опасноста е проширена на уште поголем простор.

Опасноста демне и од горе и од долу

Поради ова, втор пат за неколку месеци се обративме со Општина Центар да побараме одговор дали контактирале со сопственикот во врска со проблемите со безбедноста и со создавањето дива депонија, особено што состојбата е уште полоша од ноември лани.

Во писмениот одговор Од Центар се вели дека и покрај повеќе инспекциски постапки и акции за чистење повторно има отпад.

„Секторот за Инспекциски работи, преку овластен инспектор за животна средина и комунален инспектор во изминатиот период изврши неколку вонредни инспекциски надзори на напуштениот објект на поранешен „Технометал Вардар“ на ул. Македонија. Водени се и инспекциски постапки, но и покрај акциите за чистење на отпадот од страна на сопственикот на имотот, повторно се остава отпад на локацијата“, велат од Центар.

„Буши“ го одложи градењето, на терен доаѓа градежен инспектор

А за отпадот веќе и нема што да се зборува. Само една куса обиколка предизвикува и чувство на очај и на револт: плочникот е покриен со купишта стакла, наоколу има отворени канали, отпад од непознато потекло е насекаде расфрлан. Веќе не е ни прашање дали работниците задолжени за хигиена од градот или општината го собираат или не, бидејќи тој секојдневно се таложи со тоа што никој не го обезбедува објектот. Освен што крадците фрлаат стакла и друг шут, има и несовесни граѓани кои носат и друг вид отпад тука.

Од Општина Центар велат дека граѓаните пријавуваат, тие излегуваат на терен извршен е , сопственикот добил Решение со кое е задолжен да го исчисти отпадот и имотот да го одржува во уредна состојба (согласно член 38 од Законот за управување со отпад), комуналната инспекција му изрекла глоби по Закон за јавна чистота, но ситуацијата е непроменета.

Најавуваат дека во наредниот период ќе биде направен вонреден инспекциски надзор од страна на градежен инспектор, кој ќе постапи согласно Законот за градење.

Од компанијата „Буши фашион“ во телефонски разговор ни рекоа дека рокот за изградба што го поставиле за јануари се одложува за неколку месеци, бидејќи ја чекале одлуката од општината. Во врска со ситуацијата околу објектот велат дека знаат што се случува и дека редовно доаѓаат и дека подготвуваат барање да поднесат до инспекциските служби. Но, што ќе бараат, не кажуваат.

И еден од сопствениците Буши лани ни кажа дека е свесен за проблемите со овој објект за кој планираат да биде хотел и признава дека и самите се виновни. Но, од она што се случува само во изминатите неколку месеци од тој разговор до сега, не изгледа дека преземаат нешто за овој и естетски и еколошки проблем да се реши.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Соња Трајковска