- За две недели два производи од увоз беа повлечени од продавниците бидејќи содржеле повеќе токсин од дозволеното.
- Проблемот е поради разликата на дозволеното ниво на токсинот „афлатоксин“ кај нас и во некои соседни држави.
- Еден производ од граница до продавница минува низ четири проверки, но земањето мостри не е задолжително.
- Мало количество афлатоксин не е штетно, но консумирање на подолг период може сериозно да го загрози здравјето.
- Лабораториска анализа на сè што се внесува во државата е гаранција дека нема да се пропуштаат небезбедни производи.
За петнаесет дена Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) два пати го вклучи алармот за тревога. Првиот пат, на 7 ноември за босанското млеко „Милкано“ кое содржеше поголема доза на токсинот афлатоксин од пропишаната. Вториот пат, на 20 ноември, повисоко присуство на овој токсин имаше во јогуртот „Баланс плус“, кој според надлежните, по грешка завршил на македонскиот пазар. Од Агенцијата за храна објаснуваат дека прехранбените производи поминуваат низ повеќе нивоа на контрола. Како тогаш спорните производи се нашле кај купувачите? Која алка во системот на контрола попуштила?
Ѝ се верува на документацијата
Постапката за увоз на храна почнува со најавување на пратката од шпедитерот во ексим- системот (ЕXIM), во кој се прикачува целокупната увозна документација. Кога пратката ќе дојде на граничниот премин, започнува проверката за нејзината исправност која се состои од четири нивоа.
Првата контрола инспекторот ја врши со проверка на документацијата и прави физички преглед на пратката. Во оваа првична фаза, инспекторот се потпира исклучиво на документацијата. Ако пратката ги исполнува законските услови за увоз, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветерина електронски го одобруваат нејзиниот увоз.
Потоа следува спроведувањето на царинската постапка, која е вториот филтер.
Третото ниво на контрола е кога инспектор на Агенцијата за храна контролира дали производот соодветно се чува од увозникот. Тој инспекциски надзор се врши во самите објекти или кадешто се продава производот, односно тоа е контрола во внатрешниот промет. Ако инспекторот се сомнева во нешто, се земаат мостри и се праќаат во лабораторија на испитување.
Четвртото ниво на контрола се прави со програмите за мониторинг на Агенцијата за храна, по претходна процена на ризик дека е можна некаква опасност, кога има сомневање во увозникот или ако веќе имало случаи на неисправни пратки од прехранбениот производ. Во такви случаи, од пратката се земаат мостри за анализа во пет примероци, за да се исклучи можност за грешка. Пратката се става под надзор сè додека не се добијат резултатите од лабораториските анализи со кои треба да се потврди дали таа е безбедна. Доколку е, производите може да се пуштат во промет. Ако не е, а притоа пратката е веќе во продавниците, таа се повлекува и за тоа се информираат граѓаните.
Земањето мостри не е задолжително за сите производи
Мониторинг програмата го откри повисокото ниво на афлатоксин
Поголеми концентрации на афлатоксин во млекото од Босна и Херцеговина беше откриено преку Мониторинг програмата за безбедност на храна на АХВ, кога и млекото „Милкано“ се нашло меѓу контролираните производи. Резултатите од мострите покажале присуство на афлатоксин, два до три пати повеќе од дозволеното. Во рамките на истата програма беше откриен и случајот со јогуртот „Баланс плус“.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски вели дека за секој производ треба да има комплетна анализа за неговиот состав, во која треба да е наведено и количеството на афлатоксин, Според него, документацијата за босанското млеко „Милкано“ била исправна.
Во случајот со пратката од јогуртот „Баланс плус“ од Битолска млекара ни изјавија дека „овој производ беше произведен во Србија и наменет за српскиот пазар, но по логистичка грешка беше испратен во Македонија“. И во информацијата од АХВ се наведува дека тој бил наменет за пазарот во соседството, но по грешка се нашол на рафтовите во Македонија.
Проблемот се лоцира во разликата на дозволеното ниво на афлатоксин во производите кај нас и оние во соседните држави како Србија. Според законот во Македонија прилагоден на стандардите на ЕУ, не се дозволени производи кои содржат со афлатоксин над 0,05 микрограми на килограм, што се смета за процент кој не е штетен по здравјето. Во овој случај, спорната пратка која беше повлечена имала процент кој бил над оваа дозволена граница.
„Со мониторинг програмата можеме да ставиме акцент на ризичните производи по здравјето на луѓето или одредени несакани супстанции кои може да се најдат во тие производи. Конкретниот случај го имаме, а исто би се однесувале кога и кај други би се појавиле. Наредните 10 пратки од тој производител и производ задолжително ќе се мострираат. Со тоа ја докажуваме безбедноста на храната и дека економскиот оператор се коригирал во своите постапки“, уверува Бабовски.
Ако некои состојки не се штетни, не би биле ограничени
Секоја анализа е анонимна само со код
Пропустите кога во документите пишува едно, а во составот на производот има нешто друго, може да се избегнат со софистициран електронски систем на контрола, вели професорот и раководител на Институтот за храна при Факултет за ветеринарна медицина, Деан Јанкуловски.
Тој објаснува дека во Институтот за храна има лабораториски информативен систем во кој секоја проба е анонимна, без да се знае од кој коминтент, оператор или нарачател е, и има посебен код, при што точно се знае во која лабораторија стигнува примерокот, кој лаборант работел, со која метода и каква вредност е добиена. Датумот и времето на внесување на сите овие податоци се бележи во системот и на крајот се издава известување од тестирање во електронски формат. Со ваквата постапка, според Јанкуловски, може да се избегнат незаконитости.
Професорот вели дека храната за луѓето и животните подлежи на исти контроли и мора да е безбедна. Според него, истражувањата докажуваат дека остатоци како контаминенти или микроорганизми, во количества кои ги надминуваат законски дозволените, прават проблеми по здравјето на животните.
„Далеку од памет е да се мисли дека внесувањето на микотоксини не е опасно. Европската комисија преку нејзиното тело за безбедност на храна секоја година прави извештаи за ризиците кои влијаат врз здравјето на животните и кои се јавно достапни. Доколу не би биле опасни или ризични, не би ги ни имало во легислативата. За оние кои не се ризични не постојат мерки и ограничувања, а оние што се ризични се наведени со концентрациите кои може да ги има во храната на животните“, објаснува професорот Јанкуловски.
Тој наведува дека ако се надминат дозволените концентрации кои ги поставува законодавството, може да има последици, како низа здравствени проблеми, намалување на продукцијата, па дури и угинување на животните. И дека на крајот оваа храна и нејзините продукти стигнуваат на трпезите на луѓето. Поради тоа, вели професорот по ветеринарна медицина, треба да се води контрола и за храната која ја консумираат животните и за готовите производи кои се пласираат до потрошувачите.
Една чаша јогурт не може да нè убие, но никој не знае колку сме испиле
Афлатоксинот има афинитет кон имунолошкиот систем
Професорот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија вели дека афлатоксинот е најканцерогена хемикалија во природата. Го синтетизира и испушта габа која има афинитет кон зрнести производи, како што се соја, пченка, пченица, јачмен и јаткасти плодови. При посебни услови, габата го испушта овој токсин и со тоа ја загадува храната.
Изминатиов период некои лекари ја смируваа јавноста дека од една чаша јогурт не може да се настрада. Чибишев вели дека тоа е точно, но внесување на мали количини на подолг временски период може да предизвика сериозни проблеми. А ние не знаеме, ниту имаме информации колку време наназад сме пиеле загадено млеко или јогурт, вели професорот.
„Долготрајното внесување на храна која е загадена со афлатоксин може сериозно да го загрози здравјето. Афлатоксинот има афинитет кон црниот дроб. Навлегува во клетките, го нарушува нивниот метаболизам и клетката станува нефункционална, изумира, а со тоа и црниот дроб ја губи својата функција. Или може во црниот дроб да се создадат малигни клетки кои ќе доведат до негово малигно заболување. Покрај тоа, афлатоксинот има афинитет кон имунолошкиот систем, посебно кон оној дел од имунолошкиот систем кој што е задолжен за заштита на организмот од вируси“, објаснува професорот Чибишев.
Надлежните институции немаат листа на земји кои најчесто прават пропусти. Според АХВ, во Македонија стигнувале небезбедни производи и од земите членки на ЕУ, за што постои и листа со околу 20-тина производи.
Од почетокот на годинава, Агенцијата за храна и ветеринарство евидентирала дваесеттина повлекувања на небезбедни производи од пазарот: виршли, додатоци во исхрана, сокчиња за деца, суви смокви, адитиви за во пекарска индустрија, сладоледи, ѓумбир во прав, додаток во исхрана сируп за деца, минерална вода со додатоци, сладоледи, бази за производство на сладолед, путер. Лани биле направени 50 000 контроли на објекти, храна, производи и увозници, за да се спречи небезбедна храна да дојде до потрошувачите.
Но, доктор Чибишев смета дека е несериозно и неодговорно да не се земаат мостри и да не се прават лабораториски анализи од сè што се внесува во државата. Така се остава простор производителите да напишат сè најдобро за производот, а потоа при случајна контрола да се покаже дека е штетен по здравјето.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.