fbpx

Секоја година на Дрисла „гние“ струја за 20.000 домаќинства

  • На депонијата Дрисла годишно се фрлаат скоро 180 000 тони отпад, што би било доволно да се произведат 3,2% од производството на струја лани во термоцентралата РЕК Битола.
  • Компаниите бараат дозвола за увоз на алтернативно гориво и да може да се преработува домашниот отпад, што би заменило 285 000 тони јаглен.
  • Македонските производи ја губат конкурентноста и на домашниот пазар поради увозот на субвенционирани производи од Србија и Турција
  • Од Министерството за економија на нашите прашања одговорија седум дена после рокот.
 

Високите сметки за електрична енергија удираат по македонските фирми. Домашните компании полека ја губат конкурентноста на странските пазари, а се намалува и тука, во Македонија. Ако се сублимира што очекуваат како помош од владата фирмите од прехранбената индустрија, како ,,Витаминка”, од базичната индустрија како цементарница „УСЈЕ“, и од текстилната А.Д. ,,Мода”, тоа е следново:

  • Субвенционирање на цената на електричната енергија.
  • Вистинско законско олеснување за брзо поставување на фотоволтаици.
  • Тарифи за увезените стоки кои се произведени со субвенционирана електрична енергија.
  • Дозвола за увоз на алтернативно гориво и поттикнување да се изградат постројки за преработка на отпадот во Македонија.

Од овие четири мерки, инвестирањето во постројки за преработка на отпад и за добивање на алтернативно гориво, ќе значеше значителна помош во енергетскава криза. Според податоците до кои може да се дојде во Министерството за животна средина и просторно планирање, секоја година на скопската депонија „Дрисла“ гнијат 61 гигават часа (GWh) електрична енергија. Или, електрична енергија која годишно би задоволила потреби на 20.000 домаќинства.

За да биде појасно, во „Дрисла“, која е единствена легална депонија во државава, годишно се фрлаат скоро 180.000 тони отпад. Од него би можело да се искористат околу 66.000 тони, од кои би се добиле 35.000 тони алтернативно гориво. Ако ова гориво се употреби во термоцентрали, како РЕК Битола, би било доволно да се произведат 61 GWh електрична енергија или 3,2% од производството на оваа централа во 2021 година.

Проценки на Министерството за животна средина за генериран отпад

Алтернативното гориво би заменило 285.000 тони јаглен (лигнит) кој чини просечно по 20 евра по тон од рудниците на РЕК Битола (20 евра е микс од цена од рудниците Суводол и Брод – Гнеотино, при што од едниот рудник лигнитот на влез во печката има цена од 12 евра по тон, а од другиот варира цената од 25 до 28 евра по тон, или околу 5,6 милиони евра, информации кои директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски ги соопшти на брифингот за новинари во текот на декември лани.

Калориска вредност на алтернативно гориво

Алтернативното гориво е со поголема калориска вредност од лигнитот што се користи во РЕК Битола, што значи дека со согорување на помала количина алтернативно гориво, ќе се добие истиот ефект како оној со согорување на лигнитот.

Ако на оваа пресметка се додадат и алтернативното гориво кое би можело да се добие и од другите три региони во државава од 41.411 тони или изразено во електрична енергија 38 GWh, би се добило дека годишно алтернативното гориво произведено во Македонија би заменило 5,3% или половина милион тони јаглен. Во пари, овие 500.000 тони се 10 милиони евра.

Проценки на Министерството за животна средина за генериран отпад

Потрага по изгубената студија

За целисходноста и за можноста алтернативното гориво да се користи во РЕК Битола постои студија, која не можеше да биде обезбедена од страна на ЕСМ, иако директорот на ова државно претпријатие за производство на електрична енергија, Васко Ковачевски го потврди нејзиното постоење.

Владата прави анализи за употреба на алтернативно гориво и во термоелектраните

Но, додека во ЕСМ се обидуваат да ја најдат студијата за алтернативното гориво, од Министерството за животна средина со појаснувања. Првото е дека во моментов има законска забрана за увоз на алтернативно гориво и за да се смени тоа, ќе треба да поминат измени во Собранието. Ова, досега никој од партиите не го потегнал како прашање. Второто е на прашањето дали јагленот и мазутот се поштетни од алтернативното гориво, велат дека тоа зависи од неколку фактори:

„Зависи, не може да се направи директна корелација, зависи и од квалитетот на јагленот, но првенствено зависи во каква печка се гори алтернативното гориво (на прим. кај цементните печки нема ризик), но за да се користи во термоцентралите потреби се дополнителни инвестиции за да може гасовите на излез да ги задоволуваат максимално дозволените концентрации на одредени гасови“, велат од МЖСПП.

Од Министерството велат и дека во земјава само две инсталации имаа дозвола за користење на алтернативно гориво и кај нив забраната влијае на економската моќ. А на ниво на Влада се прават анализи за употреба на ова гориво и во термоелектраните, но за тоа се потребни големи инвестиции за да биде безбедно согорувањето. Овие инвестиции треба да бидат и кај компаниите и се движат во висина од неколку милиони евра, но треба да има инвестиции и од страна на државата и на општините, пред сѐ во правилно селектирање и одлагање на отпадот, но и во негова обработка со безбедни технологии кои веќе со децении се применуваат.

Кризата ја „убива“ конкурентноста на домашните производи

Забраната за увоз на отпад е на штета на компаниите

Инаку, според европските практики, на последно место со управувањето со отпадот е негово носење на депонии, а примарно е селектирање, рециклирање и преработка како алтернативно гориво. Еден од корисниците на овој тип горива, скопската цементарница „УСЈЕ“ вели дека со забраната за увоз и немањето домашни капацитети за производство, пред сѐ поради немањето мотивација за инвестиции и лошото управување со отпадот, што се гледа преку тоа што во државава има само една легална депонија, скопска „Дрисла“, 54 општински нестандардни депонии и над 1 000 диви, трпат економски штети. Поради зголемената цена на електричната енергија и неможноста за употреба на алтернативно гориво, вкупната производна цена на цементот во 2022 година е зголемена за 83%.

„Конкурентноста на УСЈЕ како на домашниот така и на пазарите во регионот значително се намали, пред сѐ заради фактот дека соседните земји го субвенционираа зголемувањето на цената на електричната енергија за потребите на индустријата“, велат од цементарницата.

Проблемот со задржување на конкурентноста поради високите сметки за електрична енергија имаат и во прилепска ,,Витаминка”.

„Се обидуваме да ја одржиме конкурентноста со цената, но онаму каде што мерките од почетокот на кризата вклучуваат и субвенционирана енергија, додека кај нас беа само замрзнување на маржата и укинување на данокот, кои се мерки насочени кон граѓаните, но не и кон компаниите, е многу тешко. Од конкурентноста на овие пазари ни зависи целата продажба и позиционираноста што ја градиме со години. Но исто така сакам да укажам на тоа дека македонските производи сѐ повеќе ја губат конкурентноста и на македонскиот пазар! Погледнете во маркетите, сѐ помал е процентот на застапеност на македонски производи во споредба со производи од увоз, посебно од Србија, Турција...“, вели Сашо Наумоски, првиот човек на ,,Витаминка”.

Ангел Димитров од А.Д. ,,Мода”, пак, вели дека високите сметки за електрична енергија ги изеле платите на вработените во Македонија, а странските компании субвенционирањето на електричната енергија ги прави поконкурентни бидејќи можат да ги зголемат платите и со тоа да ги задржат вработените.

„Во овој момент постои голема побарувачка на нашите услуги од партнерите во Европа и постојано бараат нови производни капацитети. Ова ние можеме да го искористиме за пораст на нашите цени, но штета би било целото зголемување да отиде за зголемените трошоци за електрична енергија, бидејќи во овој момент за нас најважно е да ги зголемиме платите на вработените. Зголемените цени на електричната енергија во 2022 година, кај нас, „изедоа“ 6% од платите на работниците“, вели Димитров.

Димитров смета дека Владата треба да ја замрзне цената на електричната енергија на 250 или 300 евра за мегават час, односно фирмите да платат до оваа цена, а остатокот да го покрие државата. Од ,,УСЈЕ” пак велат:

„Владата да го поттикне домашното производство, а и со воведување на одредени други мерки за фер конкурентност кон увозни производи кои имале повластена цена на електричната енергија“.

Ова значи, за сите производи што се увезуваат, а се произведени со субвенционирана електрична енергија, да се воведат увозни такси и давачки со кои би се анулирала субвенцијата, за да останат конкурентни домашните производи на македонскиот пазар.

Високи цени на струјата и во 2023

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вели дека многу тешко е да се замрзне цената на струјата и разликата да се субвенционира. Тој предвиде и дека во 2023 година цените ќе бидат високи, во просек околу 300 евра за мегават час. Но, се надева дека една мерка на Европската унија може да ја потсмири ситуацијата:

„Да видиме како ќе биде мерката за ограничување на цената што ја кажа Европската комисија за електрична енергија. Значи, мерката е дека доколку производителите продаваат по цена електрична енергија повиоска од 180 евра за мегават час, сето тоа што е над 180 евра мегават час државата им го одзема и го враќа назад во стопанството. Да видиме како ќе влијае таа мерка во наредниот период и би било добро да ги натера производителите на електрична енергија во Европа, не вклучувајќи ги гасните електрани да се залепат на оваа цена“, вели Бислимовски.

Фотоволтаците се голем проблем за компаниите

Инаку, и од „УСЈЕ“ и Наумоски од „Витаминка“ се жалат дека имаат проблеми околу фотоволтаиците. Наумоски вели дека проблемите се поради тоа што ги поставиле самоиницијативно, пред кризата.

„Но, потоа следеше субвенционирана електрична енергија за прехранбената индустрија, за која не може сите да аплицираат, токму заради фотоволтаиците. После нашето укажување беше решено да се откупува вишокот од таа струја од страна на владата, но имаше и технички проблеми, раздвојување на струјата во производство и канцеларии, штo беше неизводливо и неисплатливо во таков кус временски период да го спроведеме!“

Од „УСЈЕ“, пак, бараат поедноставување на процедурите.

Процедурите поврзани со издавање на документација, пренамена, дозволи, лиценци и сл. потребно е да се поедностават и да бидат јасни и концизни. Постојат доволно инвеститори кои сакаат да вложат во производство на обновливи извори на енергија, но честопати се откажуваат од сложената законска регулатива“.

Наумоски од „Витаминка“ предвидува дека со вакви мерки и тајмингот на спроведувањето, стопанството го чека многу тешка година.

Мислам дека се чекаше предолго со мерките, не се следеа примерите од соседството. Оние мерки што се носеа беа насочени само кон граѓаните, а стопанството долго време е оставено само на себе. И сега мерките што се носат не се добро обмислени и не се сеопфатни. Мислам дека после сево ова што се случуваше во оваа година, стопанството го чека една премногу тешка година!“, вели Наумоски.

„Само прашај“ упати прашања до Министерството за економија за кои побара да добие одговори во одреден рок. Прашањата се:

  1. Македонија е во енергетска криза. Дали се планира директна фискална помош на компаниите бидејќи цената на електричната енергија (ЕЕ) повтрорно растеше на светските берзи?
  2. Ако не може субвенционирање на дел од цената за ЕЕ, дали се размислува за воведување на тарифи за производите кои доаѓаат од увоз, а се произведени со субвениционирана ЕЕ во земјите од каде што доаѓаат. За да се заштити конкурентноста на домашните производи?
  3. Дел од земјите имаат ограничување на цената на електричната енергија за компаниите. Над ограничувањето, државата ја плаќа разликата. Дали и во Македонија е можно ова и дали се направени пресметки колку на годишно ниво би го чинело државниот буџет?
  4. Кои мерки планирате да ги воведете за дополнителна помош на компаниите, бидејќи ем им се нарушува конкурентноста поради несубвенционирана ЕЕ, ем дел од парите поради зголемените цени на нивните производи наместо за повисоки плати, завршуваат за плаќање на сметките за електрична енергија.

На овие четири прашања од Министерството одговорија седум дена по рокот и тоа како единствен став за сите прашања.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално.

„Министерот за економија Крешник Бектеши на 19.10.2022 достави писмо за интерес  за финансиска поддршка од ЕУ, до Еврокомесарот за соседство и проширување на Европската Комисија г-дин Оливер Вархеји. Со цел одржувањето на стабилноста и конкурентноста на нашата економија, во писмото за интерес е истакната потребата Европската Комисија да ни одобри итно средства за воведување на буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сé за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование како и за непречено снабдување со храна, млеко и останати дејности во интерес на сите граѓани.

Во писмото за интерес е побарана поддршка од ЕУ преку кофинансирање   и за проекти и програми за спроведување на европските политики за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, за  политиките и мерките за енергетска ефикасност во зградите и  за развој и имплементација на концептот на просумери. Дополнително, во писмото е наведено и дека електроенергескиот систем на државата може да се доведе во ризик поради зависноста од увозот од рускиот гас поради што е многу важно финансиската и техничката поддршка од страна на ЕУ за да ги диверсифицираме изворите на енергија.

Со цел заштита на потрошувачите и нивниот животен стандард од директното влијание на растот на цените на енергенсите и прехранбените производи, Владата на Република Северна Македонија подготви и донесе Национален енергетски акциски план на Северна Македонија за 2022-2023 година за справување со енергетската криза. Истиот вклучува низа мерки за справување со ваквите глобални трендови, поддршка на стопанството и на граѓаните, како и мерки за подобрување на законодавството со цел усогласување со правната регулатива на ЕУ, овозможување на праведна енергетска транзиција и спроведување на пакетот за чиста енергија.

За остварување на наведните цели и реализација на приложените мерки од Националниот План,  за справување со енергетската и ценовната криза процентата финансиска импликација е 276,06 милиони евра.

Националниот енергетски акциски план на Северна Македонија е за периодот  2022-2023 година за справување со енергетската криза, од кој во продолжение е претставен дел од преглед на мерките:

  • Ублажување на непосредното социо-економско влијание на енергетската криза
  • Готовински трансфер/субвенции за домаќинствата за надминување на поскапувањето на сметките за енергија
  • Поддршка на мали и средни претпријатија за да се обезбеди континуитет на бизнисот
  • Забрзана енергетска транзиција кон одржлива и климатско неутрална економија и енергетска безбедност
  • Инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност

Имајќи ги предвид најновите случувања во поглед на донесувањето на Одлука од страна на европската комисија со која се ограничија  цените на пририодниот  гас, во натамошниот период очекувано е да отпочне тренд на намалување на цените на електричната енергија. На овој начин ќе се создадат поповолни услови за компаниите кои набуваат енергија на слободниот пазар. Поради ова потребно е внимателно да се анализира и преоцени потребата од финансиска помош за компаниите од различни дејности, начинот и видот на доделување на помошта со цел ефективно справување со енергетската криза.“

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Горан Теменугов
Фотограф: Дарко Андоновски