fbpx

Сложеното име на МПЦ-ОА е една од најпаметните стратешки одлуки на нашата црква

Во мај 2022 година Српската православна црква ја призна афтокефалноста на Македонската православна црква- Охридска архиепископија. Ова, не само што значеше крај на неколкудецениска борба за самостојна црква, туку и остварување на вековниот сон на многу генерации Македонци. Но, исто така, се појавија и редица прашања кои внесуваат забуни кај општата јавност и се предмет на шпекулации и недоволно прецизни објаснувања. За да ги разјасниме, во поткастот In medias res, разговараме со проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Православниот богословски факултет и проф. д-р Александар Спасеновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Дали постои паралела помеѓу случајот на МПЦ-ОА и Црногорската православна црква во однос на односите со СПЦ? Паралели помеѓу двата случаи често се прават и односите на СПЦ со едната и другата црква често се поистоветуваат. Но, дали постои суштествена разлика помеѓу двата случаи? Дали односите на МПЦ и СПЦ може да се споредат со односите на СПЦ и Црногорската црква? Која е одлучувачката разлика? И конечно, дали споредбата од перспектива на односите помеѓу црквите е воопшто соодветна?

Проф. Ѓорѓевиќ: Односите на СПЦ со МПЦ-ОА не може да се споредат со оние со Црногорската

Со оглед на резервите кои одредени цркви ги имаат во однос на именувањето на МПЦ-ОА, треба да се разјасни прашањето како ќе ни се обраќаат другите православни цркви во меѓусебната комуникација. Дел од нив ќе сакаат да ја избегнат придавката „македонска“, а дел од нив нема да сакаат да реферираат на континуитетот на МПЦ-ОА токму со Охридската архиепископија. Некои веројатно ќе ни се обраќаат со името „Црква на Северна Македонија“. Но, дали воведувањето на сложеното име на МПЦ-ОА е всушност еден од најпаметните стратешки одлуки на нашата црква со оглед на дипломатските можности кои ги пружа во однос на другите цркви, кои иако не признаа и прифатија како рамноправна црква, може да изберат да ни се обраќаат со различно име?

Проф. Ѓорѓевиќ: Успехот на црковната дипломатија е сложеното име

Што значи терминот „македонска“ во името на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија? Дали повеќе се однесува на територијата или на народот кој предоминантно се идентификува со одредена црква? Од една страна, во православието, па и кај други религиозни деноминации, етнофилетизмот како принцип на спојување на црквата со одредена етничка заедница, се перципира како негативна појава. Од друга страна, дали е возможно одредена црковна организација да се поврзе со одредена територија без притоа името да се однесува и на предоминантната етничка група која таа црква ја исполнува со содржина. Што е примарно, а што секундарно, територијата или народот кој верува?

Проф. Ѓорѓевиќ: Што означува името „македонска“ во МПЦ-ОА?

Какво е влијанието на византиската традиција врз современата црковна и државна организација? Кои се основните карактеристики на организацијата на црквата и државата кои се задржале до денес, а потекнуваат токму од таа традиција? Дали Византија е всушност пример по кој и денес се организираат односите помеѓу црквата и државата и зошто е тоа наследство важно за православниот свет?

Проф. Спасеновски: Влијанието на византиската традиција врз црквата и државата

Какво е влијанието на формирањето на националните православни цркви врз единството во православниот свет? Дали неслогата во православниот свет може да се надмине? Какво е влијанието на формирањето на одредени цркви врз односите помеѓу различни православни цркви и зошто во 2016 година е пропуштена можноста за постигнување на поголем степен на разбирање помеѓу православните цркви на Соборот во Крит?

Проф. Спасеновски: Дали неслогата во православниот свет може да се надмине?

Колкав е степенот на религиозност на населението во Р.С. Македонија? Дали признавањето на МПЦ-ОА и нејзиното прифаќање од страна на другите православни цркви ќе доведе до поголем интерес за религиозни прашања кај граѓаните? Дали е за очекување ваквиот позитивен развој на настаните да ја популаризира религијата кај граѓаните во државата? Дали и без тоа, степенот на религиозност кај граѓаните е исклучително висок во Р.С. Македонија?

Проф. Спасеновски: Голем дел од населението во Македонија е религиозно

Целиот поткаст под наслов „Темнината е зад нас, светлината е пред нас“ може да го слушнете на следниот линк