Странски инвестиции и скриени влијанија: Кој ја диктира економијата на Македонија?

  • И покрај најавите, 2025 донесе пад на странските инвестиции, бидејќи најавените договори не се реализираа.
  • Странските инвестиции често се прикажуваат како успех, но зад бројките стојат и силни политички влијанија.
  • Во мали економии, вложувањата во стратешки сектори носат и политичко влијание, па зависноста може да биде поголема од користа.
  • Земјава не го искористила до крај својот потенцијал за привлекување на странски капитал и покрај стратешките партнерства и членството во НАТО
  • Потребна е долгорочна стратегија за привлекување на инвестици со јасни правила, контрола и корист за домашната економија.

Историски контекст

„Не е крај на светот“ – изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски, кога две американски фабрики од технолошко-развојните зони најавија дека заминуваат од земјава. Паралелно со ова, премиерот најави дека Владата е во преговори со нови инвеститори и дека до крајот на годината се очекува потпишување со четири или пет компании.

Но, крајот на годината не донесе таков (позитивен) пресврт. Напротив, се потврдија надолните проекции за странски директни инвестиции, кои во 2025 се во сериозен пад. Инвестиционото конто остана со слаб прилив, а ветувањата не се во бројки. Ова беше повод да се отвори дебата за странските директни инвестиции, што е разбирливо, ако се има предвид дека овие инвестиции се клучни за економскиот развој. Но, и овој пат расправата се сведе на меѓусебни обвинувања за тоа „во чие време влегле повеќе пари“. Наместо суштинска анализа за причините поради кои земјата и по три децении транзиција не направи значаен исчекор кон економска независност, јавноста повторно доби популистички пресметки.

Политиката е второто име на економијата

Странските директни инвестиции  во Македонија со години се прикажуваат како економски спас и политички успех. Секоја нова фабрика е проследена со прес-конференции, сечење ленти и ветувања за развој. Во прв план се бројките колку пари се вложени и колку работни места се отворени, додека други суштински прашања остануваат на маргините. Ваквиот наратив свесно ја поедноставува реалноста, зашто одлуката за инвестирање честопати е испреплетена со политички влијанија и различни интереси, кои ја надминуваат економската сфера и имаат политички импликации.

Во ваков амбиент прашањето не е дали инвеститорите имаат право да бараат стабилна држава, туку дали државата ја задржува автономијата да каже „не“ кога економските барања се судираат со јавниот интерес, дали може да оддолее на овие политички влијанија и да донесува автономно одлуки кога се менуваат глобалните економски трендови.

Македонската економија под притисок на „големите играчи“

Глобалните трговски и геополитички судири дополнително ги засилуваат овие притисоци. Малите економии, како македонската, најчесто ги чувствуваат последиците од одлуките на „големите играчи“, без реална можност да влијаат врз нив.

Таков беше примерот во 2020 година од страна на САД за 5Г – инфраструктурата и кинеската компанија Хуавеи. И тоа не е единствен пример. Истото се однесува и на купувањето руски гас и нафта, на пример, каде што барањата се упатени и кон некои од најмоќните економии во светот, не само кон Европа, туку и кон Индија.

Според професорката на Економскиот факултет, Ирена Кикеркова, странските директни инвестиции денес се „крвотокот на глобалната економија“. Тие не се само вложувања на странски капитал, туку со нив се  воспоставува долгорочен интерес и значително ниво на влијание,  право на сопственост и право на управување, вели професорката цитирајќи ја дефиницијата на Обединетите Нации.

За неа нема дилеми дека економијата и политиката се поврзани и во таа интеракција „главниот збор“ го има економскиот интерес кој ги диктира одлуките и на политички план.

„Уште античките филозофи, во разграничувањето на економијата од политиката, посочиле дека политиката е само второто име на економијата.  Во основата на сите политички одлуки се конкретните економски интереси на една држава, впрочем затоа се водат и војни во светот. Но, во секојдневието многу пати политичките интереси и од нив условените политички одлуки, може да ги затскријат вистинските економски мотиви заради кои и дошло до дефинирањето на одредени политички решенија“, вели Кикеркова.

stranski investicii i skrieni vlijanija foto 2
Во мали економии, дури и релативно мали вложувања во стратешки сектори, можат да создадат несразмерно големо политичко влијание (Од отворањето на фабриката Кемет електорникс во 2012 година)

Оваа врска посебно доаѓа до израз при привлекување на странски директни инвестиции. Кикеркова предупредува дека во мали економии, дури и релативно мали вложувања во стратешки сектори, можат да создадат несразмерно големо политичко влијание, особено кога станува збор за енергетика, инфраструктура или финансискиот систем.

„Колку е поголем интересот за вложување во вид на странски директни инвестиции, толку е поголема потврдата за правилните политики, јасно дефинираните законски прописи, пријателската деловна клима, макроекономската стабилност на економијата во која се вложува и довербата во неа“, анализира професорката, која додава дека ваквата логика важи и за македонската економија и за најголемите странски инвеститори во неа.

Но, зад позитивната перцепција стои посложена реалност.

„Во секоја национална економија, големиот наплив странски директни инвестиции од еден или од неколку значајни странски инвеститори, особено ако инвестициите се насочени кон одредени индустрии што имаат стратешки карактер како на пример, енергетиката, може да доведе до зголемување на економска зависност на економијата од одредени странски инвеститори, со што, нормално, се остварува и поголемо политичко влијание. Во малите и економски послабите економии, ефектот на зголемена зависност доаѓа до израз дури и со релативно помали вложувања во вид на странски директни инвестиции по обем“, вели Кикеркова.

Зависноста како наследство

Економскиот новинар Мирче Јовановски ја лоцира оваа зависност уште во раните години на независноста. Македонија излезе од Југославија економски исцрпена, со минимални девизни резерви и високи надворешни обврски. Во такви услови, приватизацијата, решавањето на големите претпријатија – загубари, подоцна продажбата на големите стопански  капацитети не беа само економски, туку и политички условени одлуки, често наметнати од меѓународните финансиски институции.

Унгарскиот кредит- пример за политичко влијание врз економски одлуки

Унгарскиот кредит е пример за политичко влијание врз економските одлуки, вели Јовановски. Кредитот беше земен во целосно нетранспарентна процедура, формално одобрен од унгарската Ексим банка, иако медиумите шпекулираа дека парите се всушност од Кина. Политиката влијаеше и врз распределбата на 250 милиони евра за компаниите, со притисокот што извршната власт го изврши врз банките за пониска камата, но и во распределбата на парите за општините – процес за кој беа задолжени министерствата. Политичкото влијание се гледа и во чекорите што следеа, односно со отворање на патот за влез на трет мобилен оператор – од Унгарија.

Случајот со ОКТА, како и подоцнежните продажби на Телеком, банки и енергетски компании, покажуваат дека странскиот капитал не влегувал секогаш како резултат на јасна развојна стратегија, туку како компромис меѓу економската нужност и политичкиот притисок.  Покрај тоа, политиката одиграла и негативна улога кога им „пресудила“ на неколку потенцијално добри зделки.

„Политиката, но и одредени бизнис интереси, не само што придонеле за продажба на некои домашни компании и за влез на странски компании на македонскиот пазар во чувствителни и стратешки сектори, туку има и спротивни примери на одвраќање на потенцијални заинтересирани странски компании за влез во Македонија“, вели Јовановски.

Според него, класични примери за тоа, се неуспехот за приватизација на македонската тутунска индустрија на големи странски корпорации (по што тие инвестирале во соседството), неуспешниот обид за влез на „Ауди“ на македонскиот пазар, потоа 14-те неуспешни тендери за изградба на Чебрен.

„Ако преовладаше визијата за развој на Македонија, наместо теснопартиските или бизнис интереси, економската слика на државата сега ќе беше многу поинаква“, заклучува Јовановски.

Оваа пракса продолжува и денес, но во поинаква форма – преку специјални закони, директни договори и „тајни“  аранжмани, како во случаите со „Бехтел и Енка“ или со унгарскиот кредит. Политичкото влијание и во двата примера беше пресудно да се заобиколи транспратеноста и да се сменат правилата на игра.

 „Во контекст на темата, не може да се одбегне влегувањето на американско-турскиот конзорциум ‘Бехтел и Енка’ на македонскиот пазар, би рекол, со директно политичко покровителство од тогашната власт, особено на ДУИ, како и начинот на носењето и менувањето на повеќе законски прописи за да се задоволат барањата на конзорциумот. Јас не се сомневам дека ‘Бехтел и Енка’ ќе ги завршат работите квалитетно и професионално, но тоа не го намалува ‘багажот’ на политиката врз начинот на кој беше договорена целата зделка“, вели Јовановски.

Привилегиите за странците ги засенија домашните фирми

Привилегиите за странците ги засенија домашните фирми

Поволните пакети за странските инвеститори – даночни олеснувања, субвенции и договори склучени без јавни тендери – со години го ставаат домашниот бизнис во подредена позиција. Иако властите овие мерки ги оправдуваа како неопходни за забрзување на економскиот развој, тие создаваат нелојална конкуренција и демотивирачка деловна клима за домашните компании.

На ваквите слабости укажува и професорката Кикеркова, според која, привилегиите за странските фирми во Македонија предизвикаа сериозни нарушувања на пазарот на трудот. Таа посочува дека компаниите во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), ослободени од дел од даноците, придонесите и другите давачки, можеле да понудат значително повисоки нето-плати, со што преземале обучен и високо квалификуван кадар од домашните претпријатија.

„Понеразвиените економии, во ерата на глобализацијата влегоа во беспоштедна борба за привлекување на странски директни инвестиции, при што на странските инвеститори почнаа да им се обезбедуваат големи привилегии и олеснувања што не им беа достапни на домашните инвеститори. Во Македонија, ова создаде големи проблеми во вид на нелојална конкуренција во преземањето на обучен квалификуван кадар и високо квалификуван кадар од домашните претпријатија во странските компании што функционираат во ТИРЗ.  Компаниите во зоните можеа да обезбедат повисоки нето-плати поради тоа што беа ослободени од повеќе даноци, придонеси и други давачки со што домашните фирми беа ставени во нефер позиција во сопствената економија“, објаснува Кикеркова.

Јовановски исто така смета дека реакциите на домашните компании се оправдани и дека поволните унгарски кредити не можат да бидат замена за системска и долгорочна поддршка на домашниот бизнис. Како клучен проблем го посочува нестабилниот деловен амбиент, одбележан со чести промени на законите и даночните политики – од воведување и укинување на прогресивното оданочување, преку укинување на данокот на солидарност, до пролонгирано враќање на данокот на додадена вредност.

Странските инвестиции како двигатели на економијата

И покрај значајниот придонес, странските инвестиции сè уште не се доволно препознаени од дел од институциите, вели претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо. Тој преку бројки го илустрира уделот на странските инвестиции во домашната економија.

Странските компании, главно од преработувачкиот сектор, учествуваат со над 50 отсто во вкупниот извоз и ја диверзифицираат извозната структура на земјата. Нивниот влез овозможи развој на индустрии кои претходно не постоеја, како автоиндустријата, електрониката, батериите и медицинската опрема. Извозот најмногу е насочен кон Германија и земјите од ЕУ, а податоците за 2024 покажуваат дека меѓу 15-те најголеми извозници само две компании „Алкалоид“ и „ИГМ Трејд“ се со доминантен домашен капитал.

Странските инвеститори имаат и силно локално влијание – компанијата „Костал“ за девет години инвестираше над 170 милиони евра, отвори повеќе од 1.200 работни места и во локалната економија вбризга околу 200 милиони евра преку плати, даноци и соработка со домашни фирми.

Во овој сегмент, интересите на домашните и странските инвеститори се поклопуваат. И странските компании, како што истакнува претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо бараат предвидливи правила и стабилна деловна клима. Тој нагласува дека барањата на странските инвеститори не се спротивни на интересите на домашните компании.

„Сите барања што ги имаме – стабилност, транспарентност и ефикасни институции – се подеднакво релевантни и за домашните компании. Секое подобрување на условите за работа на странските инвеститори е во корист и на домашните“, вели Мизо.

stranski investicii i skrieni vlijanija mizo
Мизо: И странските и инвеститори бараат предвидливи правила и стабилна деловна клима

Како приоритети, странските инвеститори ја издвојуваат потребата од стабилно економско и политичко опкружување, усогласување на царинските стапки со оние на Европската Унија, како и намалување на административните пречки и бирократијата. Тие бараат предвидливи услови за работа, јасни и конзистентни толкувања на законите, професионалност и брза реакција на институциите, како и целосно и навремено исполнување на обврските од страна на државата, особено во делот на даноците, царините и договорните обврски. Дополнително, се инсистира на јасни правила за државна помош, со максимална транспарентност и предвидливост.

И покрај различните перспективи, заеднички заклучок на сите соговорници е дека за подобра инвестициска клима потребна е поголема транспарентност, помалку бирократија и корупција и еднакви правила на игра за странските и домашните инвеститори. Само таков пристап, може да обезбеди одржлив економски развој и рамноправна конкуренција на пазарот.

Странските инвестиции ја отсликуваат геополитичката ориентација на Македонија

Странските директни инвестиции во Македонија во 2024 година достигнаа рекордни 1,196 милијарди евра, но нивната структура јасно покажува дека капиталот го следи политичкиот  курс на државата. Велика Британија и Германија се на врвот на листата на земји-инвеститори, со вложени над 220 милиони евра, по што следуваат Турција со 143 милиони, Австрија со 137 милиони и Грција со 120 милиони евра.

Од вкупниот износ, околу 748 милиони евра потекнуваат од земјите членки на Европската Унија, Овие бројки, според економските аналитичари, не ја отсликуваат само деловната клима, туку и јасната геополитичка ориентација на Македонија кон евроатлантскиот блок.

stranski investicii i skrieni vlijanija grafikon 1
Велика Британија и Германија се на врвот на листата на земји-инвеститори, по што следуваат Турција, Австрија и Грција

Инвестициите од Кина и Русија остануваат симболични – со по 4,2 и 1,9 милион евра.

Професорката Кикеркова посочува дека Македонија формално не прави разлика меѓу инвеститорите според нивното потекло.

„Од досегашната практика не постои евидентен доказ за различно постапување спрема кинеските инвеститори во споредба со инвеститорите од западна провиниенција“, вели таа, потсетувајќи дека „како членка на Светската трговска организација, Македонија се обврзала дека нема да врши дискриминација на странски инвеститори што потекнуваат од земји-членки на СТО“.

Сепак, и покрај формалната рамноправност, реалноста покажува дека интересот на кинеските инвеститори за Македонија е минимален, особено во споредба со соседните земји како Србија и Унгарија, кои имаат поинакви традиционални и политички односи со Пекинг.

stranski investicii i skrieni vlijanija grafikon 2
Во периодот од 2022 до 2024 се бележи раст на директнитте странски инвестиции и од САД и од Кина, но и од Русија

Предизвика за Македонија и за влијанието на инвестициите врз политиката може да биде и агресивноста и притисокот на кинеската автомобилска индустрија. Технолошкиот јаз ја потисна глобална улога на гигантите во оваа сфера, особено оние од западот а во индустриските зони кај нас голем број од капацитети произведуваат делови токму за германската или за американската автоиндустрија. 

По падот на европската индустрија многу компании и земји од континентот се обидуваат сега да привлечат кинески инвеститори за побрзо да се научи „новиот инженерски рецепт“ и да се премости технололошкиот јаз кој се креираше, посебно во автомобилската индустрија. Тука не станува збор за инвестиции во критична инфраструктура и стратешки дејности (кои секако треба да бидат соодветно заштитени и контролирани), туку производствени дејности од страна на приватни компании“ вели Мизо.

Идеолошките врски се минато - односите меѓу Кина и Македонија сега се градат преку економија и мека моќ

Кина и Западен Балкан: Дали јуанот ќе проговори и на политички јазик?

Во случајот со Македонија, неколку примери отстапуваат од правилото дека добрите релации на политички план ќе се капитализираат и во економски вложувања. Тоа е континуираното присуството на грчките компании кои инвестираа во различни сектори – од енергетика и банкарство до телекомуникации и индустрија –и во период кога односите меѓу двете земји на политички план беа крајно заострени. Сличен е примерот и со Бугарија. Бугарскиот капитал е присутен особено во банкарскиот сектор и рударството, а надворешно-политичките односи и понатаму остануваат оптоварени. Од друга страна и покрај блиските односи со Унгарија, досега нема значајни директни инвестиции од таму.
„Српскиот свет“ во клучни сектори

Голем дел од банкарскиот сектор е во странска сопственост. Од 13 банки, девет се со доминантен странски капитал (грчки, турски, словенечки, австриски, бугарски, руски и српски). Последниот случај со купувањето на Стопанска банка Битола од српската Алта предизвика политички обвинувања за влијание на „српскиот свет“.

Слични политички обвинувања се појавуваат и во други случаи, како што беше договорот на МЕПСО со српска компанија за телекомуникации за набавка на уреди за телеконтрола на 400КV далекувод Скопје – Врање како и проширување на услугите на операторот МТЕЛ во Македонија.

Политичките опоненети, овој акт го оценија како „стратешки и политички ризик со што, едноставен комерцијален договор, се претвора во инструмент за проширување на влијанието на српскиот свет врз енергетскиот систем на земја-членка на НАТО и дел од евроатланската безбедносна архитектура.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, потврдува дека политиката и економијата се секогаш поврзани.

„Најважниот фактор за секој инвеститор е профитабилноста, односно за колку време ќе се поврати вложувањето и ќе почне да се остварува добивка“, нагласува Мизо, додека политиката е амортизер-може да забрза или да закочи определена инвестиција.

„Политичката стабилност, надворешните односи и меѓудржавната соработка често пресудуваат“, вели тој, посочувајќи дека отворените односи со земји како Германија директно се рефлектираат во зголемен инвестициски интерес.

Сепак, според Мизо земјава не ги искористила до крај својот потенцијал за привлекување на странски капитал и покрај стратешките партнерства и членството во НАТО.

Во услови на глобално преструктуирање на економијата и ‘производство во Европа за Европа’, а уште повеќе поради геополитичките преструктуирања од почетокот на војната во Украина и воспоставување на  friendshoring, Македонија не успева целосно да ги искористи своите потецијали иако е членка на НАТО и има стратешки партнерства со клучни земји“, вели Мизо и додава дека земјава сè уште не е доволно фокусирана на системско привлекување на странски директни инвестиции.

Прашањето што останува отворено е дали Македонија ќе успее да ја претвори својата геополитичка позиција и формалните сојузништва во конкретни, одржливи инвестиции што ќе донесат долгорочен економски развој“, вели тој.

Од милијардата на Циле, до Субрата Рој

Без долгорочна и јасна стратегија за привлекување на инвестици особено во енергетиката и инфраструктурата, странските директни инвестиции можат да донесат и сериозни ризици. Доколку се влезе во трка за странски директни инвестиции, без да се води сметка за нивниот квалитет и придонес во економијата, тоа е сигурен пат кон  деформирање на и онака несоодветната економска структура“, заклучува професорката Кикеркова.

„Инвестициите кои не ги вклучуваат домашните компании во глобалните синџири на вредност, не го поттикнуваат технолошкиот развој и не придонесуваат за зголемување на продуктивноста, можат само дополнително да влијаат врз зголемувањето на увозната зависност на земјата, преку набавка на поголем дел од компонентите за своето производство од странство, а не од домашната индустрија“, вели таа и додадава дека дополнителни ризици, особено кај стратешките проекти, се поврзани и со (не)почитувањето на законските и еколошките стандарди.

Заобиколувањето на плаќањето на редовните давачки, непочитувањето на прописите за заштита на животната средина и непочитувањето на работничките права, се сериозни последици кои на долг рок го поткопуваат очекуваниот позитивен економски ефект.

Излезот од оваа економска, но и политичка зависност, Кикеркова го гледа во дефинирање на јасна стратегија на економски развој, базирана на сопствените економски можности и на добар сооднос меѓу квалитетни домашни и странски инвестиции. Како приоритети ги посочува инвестициите во напредни технологии, автоматизацијата и дигитализацијата на производните процеси, поддршката на Зелената агенда, да се отстранат негативните бирократски процедури и коруптивната практика во високите институции што, според Кикеркова, може да ја позиционира земјата како „сериозен партнер на кој може да му се верува“.

Милијардата на Циле и признавањето на Тајван

Ветувањето за милијарда долари странски инвестиции му донесе изборна победа на Васил Тупурковски во 1998 година, но брзо се покажа дека таа е условена со политичка одлука – признавањето на Тајван. Воспоставувањето на дипломатски односи со Тајван, предизвика остар одговор од Кина, вклучително и прекин на односите и вето во Советот за безбедност на ОН.

По падот на владата во 2001 година, односите со Кина беа обновени, а милијардата остана како пример за политичка авантура со краткотраен ефект. Никогаш не се дозна колку точно пари од ветената милијарда се вложија во земјата ниту каде се инвестираа. „Милијардата на Циле“, како што ова ветување беше познато во јавноста, го следеа и подоцнежните влади, кои на секои избори ветуваа по неколку „милијарди“, но никој не даде отчет колку од најавените средства навистина биле реализирани.

И Јовановски се согласува дека без стратегија за странски инвестиции и понатаму ќе гледаме апсурди како во земјоделството, така и во енергетскиот сектор – каде се слеваат милиони евра субвенции, а зависноста  од увозот расте. Како примери се посочуваат нереализираните инвестициски ветувања, од „милијардата на Циле“ до случајот со Субрата Рој, кои останаа „епизоди во серијалот на политички измами што ги плаќаат граѓаните“. Резултатот е економија која со децении останува со „шпекулативен“ кредитен рејтинг, за разлика од земјите во регионот кои веќе стигнаа до инвестициско ниво.

stranski investicii i skrieni vlijanija foto 4
Странските инвестиции не треба да се третираат како цел сами по себе, туку како инструмент за економски развој (Џонсон Мети- ТИРЗ Бунарџик)

„Македонија е можеби единствената земја од регионот која што во изминатите децении остана со ист кредитен рејтинг кој спаѓа во категоријата ‘шпекулативен’, за разлика од другите земји кои напредуваа во оцените на кредитните агенции, а некои како Хрватска и Словенија веќе се доближија или имаат таканаречен инвестициски кредитен рејтиг, кој е најдобрата препорака за странските инвеститори и им овозможува на државите да се задолжуваат со најниски камати на меѓународниот пазар на капитал“, вели Јовановски.

Клучниот предизвик за Македонија не е дали да привлекува странски капитал, туку да се дефинира начинот на кој ќе се одвива тој процес – наместо ад-хок политики и краткорочни политички поени, да се изгради модел што ќе ја зајакне политичката и економската автономија на државата. Во тој контекст, странските инвестиции не треба да се третираат како цел сами по себе, туку како инструмент за економски развој. Тоа подразбира јасни правила на игра, строга институционална контрола за исполнување на обврските и механизам за спречување злоупотреби и штетни договори.