
- Со новите измени на Законот за градење Владата и општините ќе можат да го пренесуваат правото на градење на приватни лица со минимални услови и без транспарентен надзор.
- Доволно е само еден заинтересиран инвеститор кој нуди дел од изградената површина за државата, што отвора можности за корупција.
- Недовршени проекти ќе можат да продолжат со изградба дури и една деценија по истекот на претходниот рок, без гаранција за нивна навремена реализација.
- Архитектонската фела е исклучена од процесот, а експертите предупредуваат на потенцијални злоупотреби и деградација на јавниот простор.
- На прашањата на „Само прашај“, Министерството за транспорт и врски одлучи да молчи.
Владата „скрои“ нови измени на Законот за градење кои во вклучија алармот кај архитектонската фела поради контроверзните решенија кои овозможуваат централната и локалната власт на мала врата да им овозможат на компании и поединци да се стекнат со државен имот под сомнителни услови.
„Државни органи, јавни претпријатија и други субјекти основани од Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија, кои се сопственици на градежното земјиште, можат да го пренесат правото на градење на физичко или правно лице по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија, а општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, кои се сопственици на градежното земјиште можат да го пренесат правото на градење на физичко или правно лице по претходнa согласност од страна на советот на општината, советот на општината во градот Скопје или советот на градот Скопје“, пишува во предлог-законот.
Доволна е една понуда, единствен критериум квадратите за државата
Предложената регулатива предвидува правото на градење да може да се пренесе откако претходно ќе се распише јавен повик за доставување понуди, а предност ќе има оној кој на државата ќе ѝ понуди најголем дел од колачот.
„Единствен критериум за избор на најповолен понудувач е висината на понудениот процент од бруто развиената површина на делот од објектот кој по изградбата ќе биде предаден во сопственост на органот, односно субјектот кој го пренесува правото на градење“, се наведува во предлог-законот.
Интересно е што постапката може да се тера и ако има само една понуда, па физичкото или правното лице ќе се стекне со право на градење оти неговата единствена понуда ќе биде понудата со најголем процент од бруто развиената површина што по изградбата ќе заврши кај државниот орган. Практично, државните органи ќе бараат соинвеститор, каде тие ќе го отстапат правото на градење за да добијат дел од изградениот објект. Во јавниот повик ќе бидат наведени информации за градежното земјиште, информација што треба да се гради, минимален процент од бруто развиената површина што треба да биде предаден во сопственост на органот што го пренесува правото на градење, податоци за роковите, документацијата, банкарската гаранција.
Чудно образложение за измените
Документот, потпишан од премиерот Христијан Мицкоски на крајот на февруари е испратен во Собранието, со образложение дека треба да се забрза изградбата на капитални проекти од јавен интерес, но и да се регулира статусот на оние градби коишто се веќе стигнати до одредена фаза, а не се завршени во предвидениот рок.
„Со предложените решенија ќе се овозможи забрзана и квалитетна изградба на објекти од јавен интерес, кои се во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија и овозможуваат економски развој и напредок во соодветните области од општественото живеење, а кои најмногу поради административни причини не биле во можност целосно да се реализираат.“, се вели во образложението на законските измени.

Власта како причина го навела застојот во изградбата на патиштата, на инфраструктурата во слободните зони, на брани, како и заглавената изградба на факултетите во кампусот на УКИМ кои поради недоволна екипираност на институциите, нивна неажурност и недоволната јаснотија на дел од законските одредби не можат да продолжат да се градат. Со измените се остава простор, овие проекти да продолжат да се градат и 10 години од истекот на предвидениот рок за градба.
Законски измени без филтер
Министерството за транспорт и врски не одговори на прашањата на „Само прашај“ зошто ова се прави, односно зошто државата сама не ги изгради објектите и дали се можни злоупотреби. Интересно е што ниту фелата не е консултирана за измените.
Деканот на факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ и поранешен прв човек на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев вели дека експертската јавност е тргната настрана кога се носат вакви решенија.
„Мене ми е тотално нејасно како тоа право да прејде на друг, и зошто да прејде? И, тука е она сега, колку ние сме запознаени со идејата и зошто се појавува. Знаете, јас не сум правник, но сметам дека секогаш кога се носи закон треба да има причини за да донесете нешто ново или да го измените претходниот закон. Значи, мора да има претходна анализа дали е застарено, некој односи или релации се променети во економијата, и сега треба да кажете зошто се носи тој закон, дека ќе биде вака, ќе биде така. Многу е очигледно дека експертите не се консултирани зашто експертите се надвор. Немојте погрешно да ме сфатите, јас немам ништо против луѓето во Министерството или во министерствата, но, сепак е ова материја којашто треба да дојде и да се провери низ некаков филтер, помеѓу експертската јавност. Тогаш е транспарентноста видлива и успешна“, вели Ралев.
Градежни еквилибристики за задоволување приватни апетити
И покрај најавите за системска борба со корупцијата, власта засега нема абер од промена на спорните одредби во законите кои инвеститорите ги користат за „легален грабеж“ на државно земјиште.
Законот за градежно земјиште овозможува, лице кое има во сопственост над 30% од градежната парцела да може со непосредна спогодба да купи државно градежно земјиште за оформување градежна парцела до 100 проценти, или, државно земјиште да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти (дивоградби), врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности.
Ваквите решенија резултираа со распродажба на државен имот, дури и во најстрогиот центар на Скопје по багателни цени, каде потоа „никнуваат“ зданија и комплекси со астрономски цени за квадратен метар. Одредбата 30% - 70% досега се покажа погубна за јавниот простор и основа за сериозна корупција, но, и покрај ова, засега нема најава дека нешто ќе се промени. Таквата формула се користеше во случајот со градежните објекти спроти „Холидеј Ин“ и кај поранешната фабрика „Треска“.
Легенда: Постоечката регулатива овозможува инвеститори да се стекнуваат со државен имот на штета на јавниот интерес (Градбите спроти Холидеј Ин и кај Треска)
Општина Центар иницираше законски измени каде соодносот би се променил во 70% - 30%, но работата остана само на иницијатива додека „надлежните“ институции се прогласуваа за ненадлежни.
„Ние почнавме да ја распродаваме земјата. Почнавме да распродаваме, сѐ некако почна да преоѓа во приватни раце. Се дооформуваат парцели, сѐ на сметка на државното земјиште на РМ. Мора да се прекине таа низа на активности. Знаете, под превезот на законитост, они се некако легално, но, кога ќе ги разгледаме треба да се внимава дали се тие правични, односно што е ефектот на тоа. Земјиштето е ресурс што е нереверзибилен и мора внимателно да постапуваме токму преку тоа што е јавен интерес, а што е приватен интерес. Не велам јас дека приватниот интерес треба да се занемари, но, секогаш да се гледа во рамките на јавниот интерес. Кога полагате за автомобил, инструкторот ви вели – „вози за другиот“, така е за сите постапки во животот, треба да осврнеме околу нас и да видиме кому му сметаме. Ние немаме право некому да му сметаме“, вели Ралев.
Градот мора да има резерви територии, појаснува професорот, кој посочува дека мора да се внимава и да не се брза под изговор дека напуштеното државно земјиште кога ќе прејде во приватни раце ќе се облагороди и ќе се стави во промет. Тој за пример го зема „Дефанс“, познатиот бизнис-кварт во Париз каде се вратени повеќе конкурси додека не се стигнало до вистинското решение. Кај нас конкурсите, како во случајот на „Треска“ се правеа само колку да се направат, без никој потоа да воопшто и да ги есапи.
Молк од Министерството за транспорт
На прашањата на „Само прашај“, Министерството за транспорт и врски одлучи да молчи. Ниту ресорот, ниту неговиот прв човек, вицепремиерот и министер Александар Николоски не одговорија на поставените прашања и на барањето за изјава за поднесените законски измени, за дивоградбите, ниту за спорните одредби за „разграбување“ на државно земјиште.
Легенда: Министерот Александар Николоски не гледа потреба да објасни на јавноста зошто се менува регулативата (Извор фото: ФБ страница на Николоски)
Ова се прашањата на кои нема одговор:
- Во Собрание во февруари се поднесени измени на Законот за градење. Со нив се овозможува државни органи, јавни претпријатија, општини да можат да го пренесат правото на градење на физичко или правно лице по претходна согласност на Владата. Како ќе се пренесува правото, во кои случаи? Зошто ова се прави, кое е оправдувањето? Дали се можни злоупотреби?
- Со измените се предвидува, за правосилни одобренија за градење на име на државни органи, јавни претпријатија, општините за кои не е истечен рокот за изградба, истиот продолжува да важи најмногу десет години, а за оние за кои е истечен рокот за изградба, да може да продолжат со изградба во рок од десет години, сметано од денот на истекот на рокот за изградба согласно издадените правосилни одобренија за градење. Зошто се прави ова? Дали дополнително може да се пролонгираат роковите за изградба на капитални проекти?
- Во однос на Законот за градежно земјиште, дали конечно се размислува за укинување на одредбата 30% - 70% за дооформување градежни парцели, која во неколку наврати се покажа како погубна за јавниот простор и отвори сериозни сомнежи за коруптивни активности?
- По трагедијата во Кочани, се отвора и прашањето за легализирањето на дивоградби. Дали се планират промени во овој дел, бидејќи со легализицијата на дивоградби се овозможува и објекти со сомнителен квалитет и без запазени процедури за безбедност да станат легални?
Градежните апсурди ни се удираат од глава
Правниот апсурд во Македонија оди дотаму што имаме и Закон за градење и Закон за легализирање дивоградби, односно за озаконување на градењето на диво. Објектите добиваат „тапија“, иако никој со сигурност не може да гарантира дали се безбедни. Ако првичната идеја имаше социјална компонента, да се надмине проблем наследен уште од Југославија, сега се испреплетуваат приватни бизнис-интереси, па се легализираат куќи, згради, мали индустриски капацитети, деловни центри, па и хотели. Има и такви што се изградени по зададениот рок за легализација, а сепак го минуваат филтерот и стануваат законски.
„Ако е дивоградба, тогаш треба да се направи повторно снимање на објектот, да се нацрта архитектонски проект, да се испитаат механичките својства на конструкцијата и да се испита асеизмичниот квалитет, па дури тогаш да се впише во некаков урбанистички план и тогаш да се платат комуналии. Постапката мора да се врати наназад. Денес, секој што оди по закон е ненормален. Затоа што му треба ревизија, па електронско запишување на проектот во општина, па треба да чека одговор, па одговор од јавните претпријатија дали неговите димензионирани капацитети, инфраструктурни елементи се во согласност со можноста на таа инфраструктура. И вие трошите пари, трошите нерви и време за сѐ тоа да биде законски, а некој тоа го прескокнува и веднаш добива објект. Е, сега, последиците се страшни, можни и страшни, тоа го видовме“, вели професорот Ралев.
Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани не беше дивоградба, но не беше ниту легална, бидејќи фигурирала како објект за лесна незагадувачка индустрија. Но, замижувањето на институциите и корупцијата овозможиле преадаптации и реконструкции на внатрешноста без одобрение, сѐ тоа парафирано со печат „по закон“ за на крајот да се стигне до објект каде што се одржувале забави, кобен за десетици млади животи.
Државата не само што прогледуваше низ прсти, туку и носеше закони со кои објекти за кои никој не може да гарантира дека се безбедни стануваа легални, преку легализацијата на дивоградби којашто почна во 2011 и наместо помош за социјално-ранливи категории брзо се претвори во „Ел Дорадо“ за поединци кои го изигруваа системот за остварување профит.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Ристо Душковски
Фотографии: Дарко Андоновски