fbpx

Во средните стручни училишта недостасуваат 457 учебници – лани не се пријавил ниту еден автор

Извор: Министерство за образование и наука
  • Средните стручни училишта се соочуваат со недостаток од учебници за предмети од прва до четврта година.
  • Автор на учебник ни го раскажа своето искуство, а претставници од МОН во чекори ни ја објаснија процедурата за еден учебник да ја види светлината на денот.
  • Проблем се кусите рокови, корекциите без консултација и исплатата на хонорарите на рати.
  • Од Центарот за средно стручно образование сметаат дека учебниците не се најнужни за наставниците.
  • Решението е во носење на нов закон за учебници кој е во подготовка.

Застарен и нефункционален Закон за учебници, неповолни авторски договори, куси рокови, заплеткани, гломазни административни процедури, ниски хонорари, страв од линч... Долга е листата на фактори поради кои професорите и наставниците имаат мал или воопшто немаат интерес да пишуваат учебници за средно стручно образование (ССО). И тие што некогаш имале желба да напишат учебник се повлекуваат. На конкурсот за автори на учебници за средно стручно образование лани ниту еден автор не се пријавил за дури 457 предмети од прва до четврта година. На што се должи оваа состојба, кога државата повеќе од пет години форсира средно стручно образование, се отвораат дуални паралелки, се стипендираат основците да учат занаети?

Според податоците од МОН, изминатата година објавен е конкурс за вкупно 964 учебници во сите четири години за средните стручни училишта. Но, за половина од нив, или 457 не се пријавил ниту еден автор.

Во 2019 година престана употребата на старите учебници

„Учи паметно – работи стручно“ е кампањата со која Министерството за образование и наука го поттикнува средното стручно образование, а во последните години се прави во координација со стопанските комори и со анализи на пазарот на трудот за кадарот што недостига. Лани МОН додели стипендии за 900 средношколци што ќе се запишат во стручно училиште или во некоја од дуалните паралелки и тие девет месеци добиваа по 3.500 денари.

И покрај тоа, мал е бројот на учебници за средно стручно образование, уште е помал интересот на авторите да пишуваат учебници, нема рецензенти што ќе ги контролираат ракописите. Упатените велат дека ова е резултат на проблемите што повеќе од 30 години се таложат во нашиот образовен систем, постојани реформи, некомпатибилни закони. Наставници директно вклучени во образовниот процес во средните стручни училишта објаснуваат како ја спроведуваат наставата без учебници, но не се осмелуваат јавно да зборуваат за проблемите.

Во 2019 година медиумите наголемо се интересираа за реформите и новата концепција за основно образование, но малкумина известија дека се прави сеопфатна реформа во средното стручно образование кога беа доставени нови модуларно дизајнирани наставни програми. Со воведувањето на модуларните програми автоматски заврши и употребата на дотогашните учебници.

Слично како со реформите во основното образование, ССО им дава поголема слобода на наставниците да ја следат наставната програма и да го пренесат материјалот на учениците, а учебниците треба да бидат помагала. Наставните програми за општообразовните предмети за средно стручно образование ги носи Бирото за развој на образованието (БРО), а за стручните предмети – Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО). Од Педагошката служба при МОН велат дека околу 1.000 предмети (односно учебници) ги опфаќаат сите предмети од средното стручно образование од прва до четврта година. Од 2019 година наваму, МОН секоја година објавува по два конкурса за авторите да се пријават и да понудат ракописи – еден за општообразовните, еден за стручните предмети. Проблемот е што интересот на авторите е мал, особено за одредени струки.

МОН секоја година објавува по два конкурси за автори на учебници

„Комплексна е состојбата, многу се гломазни законските процедури. На пример, лани во октомври заврши мандатот на Националната комисија за учебници, новата беше формирана во февруари. А од оваа комисија зависи целата процедура. Се разбира дека има автори што се пријавуваат, но има одредени струки за кои навистина нема интерес. Од друга страна има стандарди што треба да се исполнат. Ако на оглас за еден учебник никој не се пријави, тогаш се објавува повик за формирање авторски тим што ќе изработи ракопис за учебникот итн.

Самата процедура е долготрајна, а кога треба да се прават корекции, тоа уште повеќе го одолговлекува процесот. Кога еден учебник ќе биде конечно одобрен, тој треба да биде преведен и на јазикот на кој се изведува наставата“, објаснуваат од Педагошката служба.

Што сè треба за да се одобри еден учебник?
Процедурата за одобрување на еден учебник е следна:
  • БРО или ЦСОО ги доставуваат наставните програми, а Педагошката служба објавува конкурс за издавање учебници (процедурата може да трае од 1 до 6 месеци).
  • Педагошката служба објавува оглас за рецензенти (вообичаено трае околу 14 дена).
  • Шифрирање на доставените ракописи бидејќи конкурсот е анонимен (при овој процес ако е нарушена анонимноста, или не се исполнети условите од конкурсот ракописот се дисквалификува).
  • Шифрираните ракописи се доставуваат до БРО или ЦСОО кои во рок од 7 дена треба да достават образложение дали се усогласени со наставната програма.
  • По завршувањето на огласот за рецензенти, Националната комисија формира комисии соодветни за рецензирање, според Законот за учебници.
  • Ако нема доволно пријавени рецензенти (или не се соодветни), Националната комисија ја задолжува Педагошката служба да се обрати до универзитетите или училиштата за да се обезбедат рецензенти (има голем недостаток од рецензенти бидејќи хонорарите за рецензија на еден учебник се од 3.000 до 4.000 денари).
  • Откако ќе се избере рецензентска комисија, тие ги добиваат ракописите и во рок од 14 дена треба да дадат стручно мислење.
  • По добивањето на стручните мислења од рецентзентите и од БРО или ЦСОО, претходно избраниот известител ја известува Националната комисија за учебници и предлага кој ракопис е најдобар.
  • Националната комисија одлучува дали ќе го прифати ракописот за учебникот или ќе го одбие.
  • Педагошката служба објавува соопштение за отворање на шифрите на ракописи за учебници и се донесува одлука за одобрување или неодобрување.
  • Ако има забелешки од рецензентските комисии, БРО или ЦСОО, авторите треба да направат корекции.
  • Коригираните ракописи повторно се враќаат кај комисиите и се повторува целата процедура – известителот доставува конечен предлог, па се донесува одлука за одобрување или неодобрување на ракописот.
  • Одлуките се доставуваат до авторите, па се склучува договор за пренос на материјално авторско право за 5 учебни години. Ако го потпишат договорот, авторите доставуваат финална електронска верзија од учебникот. (Ако се не склучи договор, а и авторот не сака да ги пренесе авторските права од одобрениот учебник, Законот не предвидува што треба да се преземе).
  • Договорите се исплаќаат по 1/5 во рок од 5 години. Доколку во некоја од тие 5 години учебникот не се користи, авторот не ја добива годишната 1/5.
  • Ако има повеќе ракописи за еден учебник, по приемот на одлуката во рок од 15 дена авторите имаат право на жалба до Второстепена комисија (ако комисијата ја одбие жалбата одлуката е правосилна и може да се склучи договор, ако ја прифати жалбата целата постапка се враќа во онаа фаза за која ќе одлучи Второстепена комисија).
  • Хонорарот за авторите се определува во согласност со Правилник и не е фиксен - се менува според просечната плата. Ако договорот е склучен втор пат, износот се намалува на 70 отсто од сумата утврдена во првиот договор, а ако е трет пат, сумата се намалува за 50 отсто.
  • Ако на некој конкурс нема пријавено автор, или пријавените се дисквалификувани, или доставените ракописи за учебници не се одобрат, се објавува повик за авторски тим.
  • Од доставените пријави директорот на Педагошката служба доставува предлог до министерот за да се формираат авторски тимови.
  • Тимовите имаат рок од 60 дена да достават ракописи до Педагошката служба и потоа следуваат истите постапки како и на конкурсите (во овој случај роковите се пократки).

Никогаш повеќе!

Проф. д-р Владимир Петрушевски долги години беше професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а во еден мандат беше и проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е активен член и на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, научно здружение што ги организира натпреварите по хемија за основци и средношколци и ги подготвуваат извонредните талентирани ученици за престижните меѓународни натпревари и олимпијади. Со својата колешка одлучиле да напишат учебник „Вовед во лабораторија“ за работа во лабораторија.

„За да можеш да напишеш учебник за некого, треба да си работел со слична структура на луѓе. Затоа и сметавме дека мораме да го напишеме, оти нема кој друг да го напише. Следен чекор е тоа што го знаеш и зборуваш да го преточиш во сосредоточена форма на хартија т.е. во компјутер. Навидум звучи едноставно, но потребни се години и години искуство во работата за да можеш добро да обмислиш. Чесно би било да имаш 6 месеци на располагање, ама не два месеца. Кај нас, брза кучка слепи кучиња раѓа“, вели Петрушевски.

Кога се пријавиле на конкурсот објавен во 2020 година, имале два месеца да го напишат учебникот и да конкурираат.

„Да се напише учебник е голема работа, а да се напише во таков рок е... Но, добро. Запнавме, имаше нервози, го завршивме и предадовме учебникот и наеднаш ни стигна соопштение од МОН - се поништуваат конкурсите. Туку така. Се помиривме. Наредната година, ново соопштение - сепак ќе има учебник. Годинава во мај-јуни нè повикаа да потпишеме договор. И дури тогаш колешката увиде дека вкупниот хонорар е поделен на 5 години, па службеничката ни објасни дека тој учебник треба да се користи 5 години и секоја година авторот добива по 1/5 од хонорарот. Природна ни беше реакцијата - па ние не ви дадовме 1/5, ви го дадовме целиот учебник. А ако некоја година не се користи учебникот, нема хонорар таа година, таа петтина пропаѓа“, објаснува Петрушевски.

Хонорарите за учебник варираат – од 224.458 денари до 314.400 денари, во зависност од бројот на страници. Според Петрушевски, висината на хонорарите не се спорни, најголем проблем е што правилата на игра авторот ги дознава предоцна.

„Тоа не е договор, туку ултимамтум, уцена. Еве го, потпишете го. Не може да се прават корекции ако со нешто не се согласите. Хонорарот го делиме со колешката и од сумата го плаќаме лекторот и тој што графички ни го уредил ракописот за печатење. Откако еден човек ќе го ‘излизгаат’ вака, тој веќе нема да се јави на повик, вели Петрушевски.

На прашањето дали средношколците би можеле да го совладаат предметот без учебник, тој вели дека теоретски, тоа би можеле два отсто, оние талентираните кои сами си бараат материјали и учат дополнително, надвор од зададената програма.

Но, на прашањето, дали повторно би се јавил на конкурс за пишување учебници, тој е дециден:

Не. Нема!

Проблем со рецензенти, наставниците сами се снаоѓаат

Во процесот на одобрување на еден ракопис голем е проблемот со наоѓање рецензенти чија задача е да направат контрола на избраниот ракопис и да направат потребни корекции. Хонорарите за рецензија на еден учебник се од 3.000 до 4.000 денари во зависност од бројот на страници, а одговорноста е голема и малкумина се пријавуваат.

Бројот на учебници за текстилно-кожарска струка е исклучително мал, вели професорка која предава повеќе предмети во текстилна струка во град во источниот дел на Македонија и која сакаше да остане анонимна. Таа предава текстилно-кожарски материјали, дизајн на облека и други предмети. Се снаоѓа како умее.

„Користам книги од факултет, има и нови изданија што ги набавувам од Софија за да ја обновам литературата. На Интернет нема многу литература за нашите предмети“, вели таа.

Кога биле донесени реформите во 2019 година од Центарот за средно стручно образование им држеле обуки како да го распределат материјалот и да го пренесат на учениците.

„Според наставната програма си подготвив скрипта и им ја делам на учениците. Не смееме да го диктираме материјалот. Нашето школо има доволно печатачи и хартија и секој ученик на почетокот на годината ја добива скриптата, ја користи и на крајот на учебната година ја враќа. Потребни ни се учебници - така ќе се унифицира материјалот, а многу ќе ни помогне и нам и на учениците, објаснува таа.

Недостатокот од учебници се покрива со дигитални презентации

На прашањето дали некогаш размислувала да се пријави на конкурсот за учебници, со глед на тоа што веќе има селектирано материјал што им го дели на учениците таа одговара:

„Можно е, веќе разговарав со колешка, само да најдеме малку време“, вели таа.

Наставничка по биологија која предава неколку предмети во средно стручно образование во помал град во Македонија вели дека комбинира материјали од различни извори и нема проблем да го предаде материјалот на учениците. Во последните години подготвува дигитални презентации кои многу ѝ ја олеснуваат работата, особено што подготвената наставна единица ја употребува и наредната година.

„Но, не треба на тоа да се потпреме. Имаме ученици што доаѓаат од сиромашни семејства, немаат телефони, ниту компјутери. Затоа ни се неопходни учебници“, вели таа.

Јулија Гајдаџиева е директорка на Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Иако се води како гимназија, фокусот на наставната програма е стручен и насочен кон математика, информатика и природни науки. МИГ постои три години, а во секоја генерација се запишуваат само по два класа ученици кои полагаат приемни испити од кои се селектираат најдобрите основци во овие области. Наставните програми за МИГ ги подготвува Бирото за развој на образованието и тие се навистина комплексни и на високо ниво, објаснува Гајдаџиева.

„Учебници сè уште немаме. Во подготовка е учебник за информатика за прва година и верувам дека до септември ќе биде готов за користење. Во меѓувреме, наставниците ја следат наставната програма и го дистрибуираат материјалот до учениците кои го усвојуваат без проблем. Сепак, верувам дека со учебници ќе им биде многу полесно на сите“, вели Гајдаџиева.

Што е решението?

Од Центарот за средно стручно образование велат дека наставниците ја следат програмата на ниво на модул и наставна програма, ја планираат и реализираат наставата и се снаоѓаат на овој или оној начин.

Од Центарот за средно стручно образование не гледаат проблем што нема учебници

Учебникот е за ученикот, не е за наставникот. Тој мора да користи и други извори и средства за да го пренесе материјалот на учениците. А учебникот е за ученикот, дома да се потсети и да го совлада тоа што не успеал на часот. Наставните програми се базирани на резултати на учење, а резултати се постигнуваат со предавање на материјалот од наставните единици. Суштината на оваа програма е да се постигнат резултати на учење. Има критериуми за проверка на ученикот и критериуми за постигнувања и тие се соодветни на резултатите. Критериумите се соодветни на резултатите, така се дефинирани. Моделот е одличен и функционира, тврдат од Центарот.

На интернет страницата е-учебници досега се ставени неколку учебници за средно стручно образование според реформираното ССО. МОН продолжува да објавува конкурси и ги охрабрува авторите да учествуваат на повиците за изготвување учебници. Упатените велат дека овие состојби не се од вчера, туку се провлекуваат низ системот 30 години и еден недостаток се таложел на друг. Искусните наставници објаснуваат дека и пред реформите немале учебници и се снаоѓале со материјали.

Од Педагошката служба велат дека до 2008 година издавачите со готови ракописи за учебници конкурирале во МОН, каде се вршел изборот на конкретен учебник кој бил одобруван за употреба. Од 2008 година целата процедура – од објавување конкурс за да се пријават автори, до одобрување на учебникот, ја вршат службите на МОН. Во меѓувреме се случија неколку образовни реформи, а Педагошката служба сè уште работи според стар и нефункционален Закон за учебници за основно и средно образование, првично донесен во 2008 година кој ги комплицира и усложнува постапките.

Тоа, според Педагошката служба, ќе биде и појдовна точка за откочување на проблемите. Во подготовка е нов закон за учебници кој многу ќе ги поедностави нештата.

Каква е постапката за печатење учебници?

Постапките се исти за преведените учебници на албански, турски, српски, босански и на ромски јазик. Одобрените учебници за кои МОН има склучено договори за пренос на авторско материјално право, поминуваат низ повеќе фази пред да се печатат и дистрибуираат до учениците.

„По потпишување на договорот автор до МОН доставува е-верзија на учебник, која пак МОН ја доставува до фирма (одбрана преку постапка за јавни набавки) за стручна редакција и графичко и техничко уредување. Откако ќе го уреди, фирмата доставува импресум и е-верзија од уредениот учебник до МОН“, објаснуваат од Педагошката служба.

Тогаш почнува постапка за уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебници.

Автор/и на одобрениот учебник и министерoт потпишуваат договор за пренос на материјално право и авторот доставува е-верзија на одобрениот учебник. Преку јавни набавки МОН веќе има спроведено постапка за превод, лектура, стручна редакција, графичко и техничко уредување, печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование. Врз основа на рамковна спогодба, МОН и давателите на услугата склучуваат поединечни договори за следење на реализација на процесот. МОН избира овластени лица кои ја следат реализација на рамковните спогодби и поединечните склучени договори.

Овластени лица за следење на реализација на договорот (од МОН) ја доставуваат е-верзијата од одобрениот учебник до тој што преку јавни набавки е избран да врши стручна редакција, графичко и техничко уредување. Потоа давателот на услугата до овластените лица доставува импресум за секој учебник поединечно во рок не подолг од десет дена од денот на истекот на рокот за целосна реализација на договорот. Овластени лица за следење на реализација на договорот доставуваат до давателот на услугата ЦИП запис и ИСБН број во рок од седум дена од денот на добивање на импресумот. Договорот се смета за целосно реализиран со доставување на финалната верзија на по еден примерок на CD/DVD преломен во ПДФ формат на стручно редактиран, графичко и технички уреден учебник погодна за објавување на веб и за печатење и еден примерок CD со Word верзија погодна за превод од секој учебник. Иста е процедурата за печатење на учебниците на другите јазици.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Весна Ивановска-Илиевска Фотограф: Дарко Андоновски