- Ако се распаѓаат дел од објектите кои се градени неодамна како дел од проект чиј носител беше Владата, тогаш што да се помисли за илјадниците новоизградени објекти каде понекогаш како инвеститори се јавуваат сомнителни лица.
- Во однос на безбедноста на објектите кои се дел од проектот „Скопје 2014“, нашите соговорници се согласни дека е потребна редовна контрола.
- На локалната самоуправа и на инспекциските служби најлесно им е да се прогласат за ненадлежни и да ја префрлаат одговорноста.
- Во Законот за градење не се пропишува кој точно проектант и со какви квалификации треба да проектира одредени објекти.
- До неодамна единствена институција што можеше да врши контрола од овој аспект беше Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при УКИМ, но потоа на пазарот се појавија и други институти кои даваат вакви услуги.
Граѓаните на Скопје веќе навикнаа да паѓаат делови од фасадите на објектите кои се дел од проектот „Скопје 2014“, коишто стануваат сериозна закана и можат да бидат кобни за минувачите. Ако се земе предвид дека се распаѓаат дел од објектите кои се градени неодамна како дел од проект чиј носител беше Владата, што во нормални услови би требало да биде одредена гаранција за нивната безбедност, тогаш што да се помисли за илјадниците новоизградени станбени и други објекти каде понекогаш како инвеститори се јавуваат сомнителни лица, кои до вчера немале никаква врска со градежништвото, а единствен интерес им е максималниот профит. Во период кога општините „штанцаат“ одобренија за градење и кога законите во областа на градењето се менуваат „на пет минути“ главно за задоволување на интересите на инвеститорите, истражувавме колку се реално безбедни градбите во Македонија односно какви се механизмите за контрола при градењето на новите објекти, но и дали воопшто некој ја контролира состојбата на старите градби, кои најчесто се предмет на различни доградби и надградби.
Регулатива со дефекти
Повеќе фактори се испреплетени во контекст на безбедноста на градбите. Битен е квалитетот на материјалите кои се користат при изградбата, надзорот, проектната, но и техничката документација и на крај интересот на инвеститорите. Сите овие фази од градењето се главно регулирани со Законот за градење. Иако на хартија се прецизно дефинирани правилата кои би требало да обезбедат безбедност на градбите, факт е дека во секојдневието има многу аномалии кои според нашите стручни соговорници можат да се избегнат само преку зголемување на контролите и санкциите.
Професорот д-р Јосиф Јосифовски, член на Катедрата за геотехника при Градежниот факултет вели дека кај нас проблемот е тоа што не секогаш се почитуваат сите фази и одредби што се дадени со Законот за градење, а вината е во системот.
„Според мене, недостига да речеме контролата и санкцијата. Самите сме сведоци дека некогаш имаме евидентни проблеми со градбите и да не ги споменуваме поединечно, меѓутоа не гледаме завршеток на тие ситуации или некакви санкции да се преземат за понатаму сите учесници во градбата да бидат посериозни во својот пристап и своите професионални обврски“, вели Јосифовски.
Тој додава дека Законот за градење има одредени недостатоци и дека веќе осум години се зборува и многу малку се работи за носење на нов закон.
„Постојат многу дефекти во постојниот закон. Еден од тие примери е дека инвеститорот којшто гради самиот го одредува односно избира проектантот, го избира надзорот и го избира ревидентот којшто ќе работи на проектот. Се случува една иста фирма да има повеќе ќерки-фирми коишто го завршуваат целиот процес во сите фази, што не секогаш вродува со тој квалитет којшто го бараме“, вели Јосифовски.
Во однос на проектната документација, којашто е клучниот фактор која го регулира самото проектирање, тој посочува дека во Законот за градење не се пропишува кој точно проектант и со какви квалификации треба да проектира одредени објекти.
„Па се случува помали проектантски бироа со еден до двајца проектанти да проектираат сложени објекти што не би требало, а се и без доволно референци. Има одредени недоречености коишто со измени или носење на целосно нов Закон би имало простор да се разрешат“, смета Јосифовски.
Кој и како контролира?
Законот за градење предвидува градбите да се проектирани и изведени на таков начин што во текот на градежните работи и во текот на употребата нема да дојде до нарушување на механичката отпорност, стабилност и сеизмичката заштита, а особено до уривање на целата или дел од градбата, оштетување на делови од градбата, темелната основа или опремата како резултат на големи деформации на носивата конструкција на градбата и несразмерно големи деформации и оштетувања. Регулативата предвидува исполнетоста на овие услови да ги контролира субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија. До неодамна единствена институција што можеше да врши контрола од овој аспект беше Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при УКИМ, но потоа на пазарот се појавија и други институти кои даваат вакви услуги.
Професор д-р Игор Ѓорѓиев, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија објаснува како се спроведува процесот на контрола за механичката отпорност, стабилност и сеизмичката заштита. Тој информира дека Законот за градење предвидува ИЗИИС да издаде три мислења, односно да изврши три контроли.
„Првата контрола ја вршиме на проектната документација односно пресметката за стабилност на самата градба. Тука комплетно ја ревидираме пресметката и даваме одредени забелешки, па дури и ја враќаме за допресметување односно корегирање на сите аномалии ако постојат во нејзе. Потоа, инвеститорот во тек на градба нѐ повикува – првиот пат на 50 проценти изграденост, а вториот пат по завршување на градбата каде што увидуваме дали проектната документација соодветствува со изведената состојба“, вели Ѓорѓиев.
Потоа ИЗИИЗ дава трето мислење. Треба да се напомене дека првото мислење коешто е во тек на проектната документација е потребно за секој инвеститор да обезбеди одобрение за градење, додека последното мислење е потребно за инвеститорот односно идниот сопственик да добие употребна дозвола на својот објект.
„Напоменувам дека во текот на овој процес ние увидуваме многу аномалии во градењето каде што интервениравме и ги подобривме градбите односно нивната сигурност како крајна целина и употреба за граѓаните“, вели Ѓорѓиев.
На прашањето дали некоја институција или орган ја проверува статиката односно издржливоста на старите градби, посебно оние што се изградени пред и веднаш по земјотресот, Ѓорѓиев вели дека за жал нашата тековна регулатива не предвидува ваква контрола.
„Би сакал да напоменам дека во нашата држава постојат совесни граѓани на коишто им е важна сигурноста и тие во многу наврати не имаат контактирано низ изминатите децении за ние да извршиме контрола на нивната градба за некаква намена – дали сакаат да направат некаква промена на внатрешните ѕидови или да направат некаква интервенција. Ние сме давале такви мислења и анализи. Но, вообичаено овие се на иницијатива односно на барање на самиот сопственик или некоја државна институција“, вели Ѓорѓиев.
Потребно е посебно да се внимава на надградбите
Во Скопје често можат да се забележат надградби на катови на стари станбени објекти, различни доградби, а во некои случаи дури и инсталирање на надворешни лифтови. Нашите соговорници потенцираат дека посебно треба да се внимава при вакви случаи, па дури и да се избегнуваат кога се во прашање постари објекти.
Јосифовски дека доградбите на градбите, реконструкциите и санациите на објектите претставуваат едни од најсложените задачи во градежната практика.
„Имено, се работи за објекти коишто треба да се приспособат, односно новоградби коишто треба да се приспособат на постојаните објекти коишто се изградени претходно и статичките системи да се прилагодат на истите материјали и технологиите на градбата. Тоа самото по себе бара еден сериозен пристап и учество на многу искусни инженери. Во праксата постои мислење дека таквите објекти се едноставни и дека можат дури и помалку искусни инженери да ги прават за разлика од новоградбите. Но, тоа не е случај туку е спротивно од тоа. Според мене треба најискусните инженери да бидат проектанти и изведувачи на такви објекти затоа што во себе вклучуваат различни контроли и прилагодувања на новиот и стариот конструктивен систем на тие градби“, вели Јосифовски.
Тој објаснува дека за реконструкција на објект практично треба дозвола за градба и проектна документација.
„Едноставно кажано ви треба проект. Многу од луѓето коишто ги вршат овие надградби и доградби ја избегнуваат таа обврска со тоа што наместо реконструкција, градежната активност ја нарекуваат санација. Разликата е во тоа што за санација не ви треба никаква проектна документација – значи го водите и го градите објектот без соодветна проектна документација и тука е просторот и главното прашање - колку во такви услови, без проектни документации можете да гарантирате за сигурноста на одредените објекти“, укажува Јосифовски.
Ѓорѓиев меѓудругото потенцира дека надградбите стручно кажано се конструкции кои се додаваат односно се градат над постојниот објект.
„Нивната тежина одозгора налегнува на самиот постојан објект. Тука имаме проблем бидејќи постарите објекти не се проектирани за да понесат таков товар во иднина. Новото оптоварување коешто го примаат ја намалува нивната отпорност. Поради тоа овој процес бара особено внимание, но овде морам да напоменам целиот тој процес да биде контролиран од инженери или институции со соодветно знаење и искуство коешто го имаат стекнато низ своето работење“, вели Ѓорѓиев.
Тој додава дека ИЗИИС има соодветна методологија којашто опфаќа теренска контрола, контрола на квалитетот на материјалите, контрола на димензиите, опфаќа проверка и пресметка на постојниот објект и на надградениот објект и сето тоа како целина да се затвори со пресметка за контрола на нејзината стабилност, а особено за сеизмичката стабилност.
„Овој процес е сложен и граѓаните мора внимателно да пристапат кон него особено во градот Скопје бидејќи тој е во сеизмичко трусно подрачје коешто може да направи големо оштетување. Денеска овие надградби функционираат и ја имаат својата намена, но ние не знаеме кога во иднина ќе нѝ се случи голем земјотрес сличен на тој од 1963 година кога сите овие надградби ќе бидат изложени на тестот на својата издржливост. Нашиот апел е граѓаните да ги избегнат овие надградби колку што е можно, особено на постари објекти и каде што нема направено соодветни пресметки. И да се обратат до релевантни институции ако е потребно и ако се навистина одлучни да ја направат таа надградба“, вели Ѓорѓиев.
На „Скопје 2014“ му треба детална проверка
Во однос на безбедноста на објектите кои се дел од проектот „Скопје 2014“, нашите соговорници се согласни дека е потребна редовна контрола.
Јосифовски вели дека при реализацијата на проектот Скопје 2014 практично се градеа нови фасади на старите фасади и во голем дел тие беа потпрени или изградени на нови конструктивни елементи коишто треба да соработуваат со постојната конструкција.
„Се користеа несоодветни материјали односно материјали со технички спецификации коишто може да се каже дека не одговараат комплетно на барањата кои беа поставени или генерално се земаа предвид кога се изготвуваа такви објекти и фасади. Според мене беше неминовно да дојдеме до ситуација кога ќе се јават одредени проблеми бидејќи на крајот на краиштата тие конструкции се изложени на сите атмосферски влијанија низ годините и како резултат на нив, тие материјали и очекувано е на некој начин да покажат одредени слабости, деформации, пукнатини па дури и уривање на одредени помали делови“, вели Јосфовски.
Тој смета дека треба што поскоро да се покрене некаква иницијатива во којашто ќе се направи оценка или проценка на стабилноста на тие објекти и фасади.
„Тоа може да биде од некое стручно тело, организација и така натаму коишто ќе излезат со конкретни мерки од типот на санацијата или евентуално замената којашто треба да се изврши на тие објекти. Дали ќе биде тоа санација или замена – едно е јасно, дека самата акција или самата повторна реконструкција ќе има сериозни финансиски ефекти односно ќе чини“, вели Јосифовски.
Сличен став има и Ѓорѓиев.
„Јас поминувајќи низ градот можам да констатирам дека одредени фасади се во подобра, а одредени во полоша состојба. Сепак нашата препорака е да се прават редовни контроли на фасадите на државните објекти па дури и на станбените објекти на приватните лица, со цел да се избегнат понатамошни неповолни ситуации. Апелираме до граѓаните да се обратат до соодветни институции или градежни инженери да го проверат целиот тој процес“, вели Ѓорѓиев.
Вирус на ненадлежност меѓу институциите
За прашањето за контрола на безбедноста на градбите и на објектите од проектот „Скопје 2014“ со обративме и до Град Скопје, Општина Центар и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Во однос на проектот „Скопје 2014“, од Општина Центар велат дека со одлука на Советот на Општина Центар донесена на 6. седница, а одржана на 11.07.2013 год. и 22.07.2013 година, чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен обележјата на подрачејто на Општина Центар-Скопје се отстапува на Град Скопје.
„Во однос на безбедноста на доградбите и надворешните лифтови, ве информираме дека Општина Центар не врши директна проценка, но за дивоградбите кои се незаконски изведени, надлежните градежни инспектори постапуваат согласно законот. Постапката вклучува увид, составување записник и донесување решение за отстранување на нелегалната градба. Апелираме до сите инвеститори да го почитуваат Законот за градба, во спротивно Општина Центар ќе пристапи кон присилно отстранување на објектите“, велат од Општината.
Од Град Скопје за реновираните фасади на зградите на ул. Македонија кое во рамките на проектот „Скопје 2014“ ги вршел Град Скопје со средства од Владата кога градоначалник бил Коце Трајановски велат дека обврска за одржување согласно прописите имаат сопствениците на објектите.
„Град Скопје согласно закон е единствената единица на локална самоуправа која нема градежен инспекторат и согласно тоа нема право да врши таков вид надзор. За истото согласно закон надлежност за надзор носат општините“, велат од Град Скопје.
Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за паѓањето на делови од фасадите од објектите од проектот „Скопје 2014“, велат дека задача за одржување и санирање имаат институциите кои го користат просторот односно Службата за општи и заеднички работи на Владата.
„Доколку констатираат поголем проблем можат и да поведат постапка против изведувачот, надзорот пред надлежните судови. Надлежноста на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е да ја контролираат постапката на издавање на одобренија за градење на објекти за ‘Скопје 2014’ како и сите други објекти од значење на државата, но немаме надлежност за контрола на квалитетот на изведба и тековно одржување“, велат од инспекторатот.
За доградбите, надградби и лифтовските јадра, кои се чест случај на старите згради во Скопје, од инспекторатот велат дека тие се во надлежност на локалната самоуправа и за истите во текот на издавањето на одобрение за градење се прибавува мислење од Институтот за земјотресно инженерство.
Од одговорите лесно може да се заклучи дека на локалната самоуправа и на инспекциските служби најлесно им е да се прогласат за ненадлежни и да ја префрлаат одговорноста, за што одлична подлога им е актуелната регулатива.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории