- Наместо решавање на проблемот со градењето на диво и урбанистичкиот хаос, се прави обид преку нова легализација да се спечали политички капитал.
- Последните измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти се поднесени од пратеникот Скендер Реџепи, иако во Собранието речиси две години е заглавен предлог-законот што го подготви Министерството за транспорт и врски.
- Реџепи е единствениот потпишан пратеник на поднесените предлог-законски измени, кои ги турка во скратена постапка.
- Решението на Реџепи е да бидат опфатени објектите изградени до крајот на декември 2022 година наспроти она на Министерството, до јануари 2021 година.
- Десетици граѓански организации и експерти преку отворено писмо бараат повлекување на измените за легализација на дивоградбите и повикуваат пратениците под ниту една околност да не ги гласаат.
Дивоградбите стануваат адут за ловење гласови во предизборието. Наместо решавање на проблемот со градењето на диво и урбанистичкиот хаос, се прави обид преку нова легализација да се спечали политички капитал.
Последните измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти се поднесени од пратеникот Скендер Реџепи, до неодамна функционер на Алтернатива, кој реши да дејствува како независен пратеник и да ја формира партијата „Народно движење“. Реџепи поднесе законски измени, иако во Собранието речиси две години е заглавен предлог-законот што за легализација на бесправно изградените објекти го подготви Министерството за транспорт и врски, а постапката не е стигната ниту до јавна расправа.
Решението на Реџепи е „великодушно“ за оние го градат на диво, па со него се предлага да бидат опфатени објектите што се изградени до крајот на декември 2022 година наспроти решението на Министерството, со кое се опфатени дивоградбите изградени до јануари 2021 година. Но, кај Реџепи се предлага, оние кои немаат поднесено барање за легализација да добијат можност да ја завршат постапката заклучно со крајот на 2024 година, а предвидено е и зголемување на надоместокот за уредување градежно земјиште за дивоградбата.
Тој образложил дека дивоградбите го рушат редот во планирањето на просторот на државата и сами по себе претставуваат ризик од нестабилност. Иако самиот признава дека бројката е многу поголема од таа што ја пресметал Државниот завод за статистика за 2022 година (662 бесправно изградени објекти) и се движи околу 50 илјади, Реџепи спасот го гледа во нова тура легализации.
„Регулација на ова прашање преку донесување на измена и дополнување во постојниот закон несомнено мора да значи решавање на значителен број од постојните проблеми и спречување на нивна појава во иднина“, напишал пратеникот Скендер Реџепи.
Морков за граѓаните, стап за градоначалниците
„Само прашај“ го побара пратеникот Реџепи да образложи што го поттикнало да предложи вакво решение по скратена постапка.
Тој вели дека е свесен дека ќе има жестоки реакции во јавноста, но, посочува дека во нивните програмски определби е зачувувањето на семејните вредности и помош за луѓето кои се во таква ситуација. Реџепи очекува поддршка од сите пратенички групи.
„Начелно, јас сум против какви било противзаконски дејствија и градби, но, веќе имаме затечена реалност во државата во којашто по наши информации се наоѓаат преку 50 илјади семејства. Затоа, верувам дека ова е неодложно прашање кое влијание на животите на сите тие семејства кои се дел од нашата заедница. Поддршка очекуваме од сите политички партии. Предлог-законот е однесен кај координаторите на сите политички партии. Јас се чувствувам должен кон граѓаните кои не се криминалци, но, жалосно е дека се затечени во таква состојба поради финансиски проблеми да направат таков противзаконски чекор, меѓутоа мора да се изнајде решение, а за такво решение очекувам разбирање од сите политички партии, па и од невладините организации и граѓаните “, вели Реџепи.
Тој додава дека правните служби во движењето „Попули“ веќе подготвуваат нов предлог за Кривичниот законик од типот „морков и стап“. Морков за граѓаните, стап за градоначалниците и градежните инспектори во општините, доколку се затече да се почне нова дивоградба, кривично да бидат гонети. Според него, на таков начин ќе може да престане било какво стимулирање на нови дивоградби.
Неизвесно е дали обидот на Реџепи ќе биде успешен. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски смета дека решението е лошо и дека нема да добие поддршка ниту од СДСМ, имајќи предвид дека нивен предлог-закон е исто така во собраниска процедура.
Социјалдемократите, пак, останаа без одговор на нашите прашања дали ќе го поддржат предлогот.
Од Министерството за транспорт и врски тврдат дека воопшто немале увид во измените.
„До Министерството за транспорт и врски не е доставен предлогот на измените на законот и поради тоа не можеме да се произнесеме на овој предлог, бидејќи на увид ги немаме измените. Потсетувaме декa речиси две години во Собранието поднесен е предлог Закон за постапување со бесправно изградени објекти доставен од страна на Министерството за транспорт и врски за кој нема интерес за негово донесување “, велат од Министерство за транспорт и врски
Државата „удира“ по оние кои го почитуваат законот
Според претставници на архитектонската фела, постојаното носење закони за легализација дивоградби го поттикнува градењето на диво и ги казнува оние граѓани кои го почитуваат законот.
Архитектката Сања Раѓеновиќ - Јовановиќ укажува на уште еден пострашен проблем, а тоа е дека никој не гарантира за безбедноста на објектите. Според неа, излегува дека во државава имаме повеќе нелегални отколку легални објекти.
„Уште пострашно е што се легализира само со геодетски елаборати и тоа се објекти за коишто никој не може да ја гарантира, ако ништо друго, нивната безбедност по самите корисници на објектот зашто никакви други проекти за тие објекти не се приложуваат никаде. Ова само ги става во подредена ситуација оние граѓани кои регуларно ги почитуваат законите и коишто плаќаат за своите потреби, а го форсира крадењето во државата и тоа сè во име на законот.“, вели Раѓеновиќ.
Серија закони и илјадници легализации на дивоградби
Легализацијата на дивоградби за првпат беше овозможена со Законот од 2011 година. Но, она што требаше да биде помош за социјално-ранливи категории набрзо се покажа како „златна шанса“ за луѓето кои сакаат да го изиграат системот и да градат и каде смее и каде не смее, па дури и во заштитени подрачја. Еклатантен пример за тоа е Шар Планина, каде дивеењето се гледа со „голо око“.
Законите се менуваа, роковите се продолжуваа, последен пат во 2021 година за да се постапи по уште 140 илјади барања. Според податоците на надлежните, досега се легализирани речиси 300 илјади нелегално изградени објекти.
Општините сами водат евиденција на дивоградбите, секоја за себе, но, во ЗЕЛС иако немаат збирна статистика, сепак, потврдуваат дека носењето закони само поттикнува градењето на диво, па нудат и креативни решенија за да се спречат манипулациите.
„Дадените законски одредби за легализација даваа можност за поттикнување на дивоградбите и не беше целосно решен предизвикот со дивоградбите. ЗЕЛС во минатото, на бројни седници на Управниот одбор дискутираше на оваа тема, а потоа испрати бројни иницијативи до Министерството за транспорт и врски за измени во таквата легислатива. Еден од нашите предлози беше во доказната постапка да се користи слика од гугл мапс (Google maps), со што јасно ќе се види кога е изграден објектот.“, велат од ЗЕЛС.
Последните податоци на Државниот завод за статистика се од 30 јуни 2023 година и се однесуваат на минатата година. Во целата држава се евидентирани 662 бесправно изградени објекти. Од нив, 16,8 отсто се објекти за домување, 15,3 отсто се доградби и надградби, 8,8 отсто се деловни објекти, 14,2 отсто гаражи, 18,9 отсто се огради, а тука влегуваат и тераси, летни тераси, натстрешници, времени и помошни објекти.
Но, од ДЗС за „Само прашај“ појаснуваат дека ова се податоци кои ги доставуваат општинските градежни инспектори во референтната година, па, оттука станува збор за различни предмети од оние што се опфатени со Законот за легализација.
Јасно е дека бројката на дивоградби е многу поголема од официјалната, а новите и нови решенија за легализација само ја потхрануваат неказнивоста и нефункционалноста на системот, што на крајот резултира со урбанистички хаос и дивеење. Експертите досега повеќепати апелираа дека легализации не смее да се прават без архитектонски проект и контрола на статиката, бидејќи во спротивно, законските авантури лесно може да се ни се удрат од глава, а настанатата штета да биде ненадоместлива.
Десетици граѓански организации бараат повлекување на решението
Додека Реџепи ги става пратениците пред нов тест, десетици граѓански организации и експерти преку отворено писмо бараат повлекување на измените за легализација на дивоградбите и повикуваат пратениците под ниту една околност да не го притиснат зеленото копче. Оттаму потсетуваат дека претседателот Стево Пендаровски веќе одлучи да не стави потпис на слично решение, со кое се направи обид да се легализира сè и сешто, дури и ако станува збор за објекти во строго заштитени подрачја и региони под заштита на УНЕСКО.
„Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата “, укажуваат од граѓанските организации.
Тие предупредуваат дека со овој закон се поништуваат бројни законски одредби од Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, Законот за заштита на природата, Законот за земјоделското земјиште, Законот за води, Законот за шумите, Законот за заштита на културно наследство, Кривичниот законик, просторните и урбанистичките планови и дека се врши директен упад во судскиот систем.
За невладините е спорно што законот се предлага во скратена постапка без јавна расправа, како и дека со него повторно се поттикнува бесправно градење, а се демотивираат чесните граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски
Фото: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
Три државни рецепти за распродажба на Македонија
Стави фотоволтаик и легализирај ја дивоградбата
За Старата скопска чаршија надлежни се само оние кои уриваат и градат на диво
Министерството за финансии продало државно земјиште во Центар за 7 евра од квадрат
Намалениот габарит не е оправдување за висококатници кај „Холидеј Ин“