Каде може да го пријавам претседателот на куќниот совет кој не дава извештај и одбива да овозможи избирање на нов претседател?

Одговараат од Регулаторната комисија за домување.

Инспекцискиот надзор над примената на Законот за домување и прописите донесени врз основа на истиот закон го вршат овластени инспектори за домување во општините и општините во Градот Скопје во рамките на надлежната инспекциска служба. При вршење на инспекцискиот надзор овластените инспектори за домување имаат право да вршат надзор над станбени, станбено-деловни и деловно-станбените згради дали управувањето со истите се врши согласно со одредбите од законот за домување и прописите донесени врз основа на истиот закон.

 Управителот, односно претседателот на заедница на сопственици и сопствениците на посебни делови во станбените, станбено-деловните и деловно-станбените згради или закупците, се должни да им овозможат на овластените инспектори за домување, непречено извршување на инспекцискиот надзор, да им ги стават на увид исправите и податоците кои се потребни за вршење на надзорот, како и да им овозможат пристап до просториите и документите кои се предмет на инспекцискиот надзор.

Управителот односно претседателот на заедница на сопственици е должен да му овозможи на инспекторот, на негово барање, да ги провери сите документи поврзани со управувањето на станбената зграда. Бидејќи во конкретниов случај станува збор за сомнеж во работењето од страна на претседателот на заедница на сопственици, потребно е да се извести општинската инспекциска служба во општината во која се најдува објектот – зградата.