fbpx

Кои се најчестите онлајн измами?

Одговара Гоце Андреевски од Министерството за внатрешни работи.

Во изминатиот период Секторот за компјутерски криминал бележи зголемен број на пријави за лажни наградни игри на интернет, користејќи ги социјалните мрежи, особено социјалната мрежа Фејсбук, при што се отвораат лажни профили на правни лица (компании) од нашата земја кои се познати и со долгогодишно постоење, со цел неовластено прибавување на лични податоци од граѓаните.

Начинот на извршување на овие лажни наградни игри е отворање лажни профили именувани како некоја позната компанија од земјата, се користи нивното лого, бренд, со објава дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и сл. Притоа се бара од граѓаните за да учествуваат во овие лажни наградни игри, да кликнат „Ми се допаѓа“ на страницата и на конкретната објава, во коментар да напишат „Учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се прошири лажната наградна игра.

Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за подигнување на истата потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта со цел злоупотреба на личните податоци и податоците од платежни картички, банкарски сметки на граѓаните, кој модус е активен и овој период.