8-годишната Елеонора Младеновска од зафрленото планинско село Враготурце, ланската учебна година пропешачи 2.500 километри за да оди на настава во соседното село Пелинце, а проблемот со превозот не е решен и годинава (Фото: СДК.МК)
Продолжува голготата со училишниот превоз на семејство Младеновски во планинското село Враготурце. И оваа учебна година малата Елеонора, дете со посебни потреби, тргна на училиште пешки во соседното село Пелинце, бидејќи Општината Старо Нагоричане не и обезбеди превоз, а државата не го реши станбеното прашање на семејството.
Семејството Младеновски, живее во забито планинско село Враготурце на самата македонско-српска граница, на надморска восочина од 1.200 метри, оддалечено 40 километри од Куманово. До куќата може да се стигне исклучиво со џип, по тесен земјен пат долг 15 километри кој го поврзува селото со регионалниот пат Пелинце- Куманово или пешки по скратените патеки, угорнини и суводолици по кои оди Елеонора.
Осумгодишното девојче по пауза од три месеци, повторно поминува по 13 километри дневно за да оди на школо. Поради тоа, таткото Новко поднел барање да ја смести во Државното училиште за рехабилитација за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во населбата Кисела Вода во Скопје, бидејќи не може да се грижи за неа.
„Детето има проблеми со видот, но ми треба наод и мислење од Очната клиника. Деновиве ќе ја водам на комисија и ако ги исполни условите ќе ја примат. Таму е и брат ѝ Филип, па ќе се дружи со него. Приморан сум да ја дадам, иако не сакам децата да ми се распрскуваат. Но немам друг избор, нема кој да ја води на училиште. Таа е дете со посебни потреби и ментален хендикеп. Мината година се изнамачи по 8 километри одеше во еден правец. На ова време никој не оди пешки, освен моето дете“, вели Новко.
Ако детето не го смести во дом, Новко, кој има трајно слепило, најавува дека ќе го испише од училиште.
„Иде зима, се смалува денот, немам друго чаре. Минатата зима трипати се губевме, па едвај се вративме. Со дете во снег до половина. Смрзнавме, плаче тоа, плачам и јас од немоќта и неправда што ни се случува“, додава Новко.
Елеонора минатата учебна година пропешачи 2.500 километри за да оди на училиште. Од Општината Старо Нагоричане се правдаа дека превозникот кој го добил превозот на ученици не сака да го вози детето поради непристапниот терен до куќата.
За случајот се заинтересира Народниот правобранител од Куманово, кој поднесе преставка до Општината и се најде привремено решение, превозникот исплати средства на родителите сами да обезбедат превоз на детето.
„Сега предметот ќе го затвориме, бидејќи се исцрпени сите законски средства со кои располагавме. Доколку не се реши проблемот наредната година, повторно ќе реагираме“, изјави на крајот на учебната година Народниот правобранител во Куманово Насер Весељи.
Учителката кажуваше дека Елеонора е многу мирно и мило дете, која на почетокот била много повлечена и плашлива, но потоа се опуштила и почнала да се дружи со децата и да се социјализира.
„Сака да доаѓа на училиште и покрај тоа што многу ѝ е напорно. Сепак, таа е дете со посебни потреби за што поседува и медицински документ. Ние немаме посебна програма за работа со ваквите деца, туку постојаната ја прилагодуваме според нивните можности. Бара постојана работа и внимание, за да покаже минимални резултати. Ги научи буквите и броевите, а потешко ѝ оди сметањето. Моите очекувања не се големи, но заедно се радуваме на секој успех“, изјави учителката Маја Цветановска од подрачното основно училиште „Христијан Карпош“ во селото Пелинце, кога Елеонора заврши прво одделение.
С. НИКОЛИЌ
Текстот е првично објавен на www.sdk.mk