fbpx

Дебарската „Телевизија 3“ – единствена на Балканот со програма на три јазици

Во градот Дебар на македонско-албанската граница колегите новинари пронашле уникатен начин како да го поттикнат соживотот помеѓу трите етнички заедници кои живеат во овој регион. Нивната локална Телевизија 3 секој ден емитува програма на сите три јазици (албански, турски и македонски) кои се зборуваат во овој регион. Младите од Дебар велат дека редовно гледаат ТВ3 и дека таа и те како придонесува за соживотот во овој крај.

Ова го потврдува и Елхаме Абазовска која програмата на ТВ3 ја следи уште од мали нозе, а од неодамна е и професионално ангажирана во телевизијата.

Елхаме Абазовска, новинарка во ТВ3 (аудио)

Покрај на искусните новинари, Телевизија 3 се потпира и на млади ентузијасти кои ревносно си ја работат својата работа. Според нив комплицирано и скапо за една мала локална телевизија е да емитува програма на три јазици но не се откажуваат од својата мисија за поддршка на соживотот во овој крај. Велат дека тоа дава резултати бидејќи ТВ3 гледаат и дома.

Амир Бунарџиу кој во телевизијата е вработен како монтажер, е горд на неговиот придонес за објективно и квалитетно информирање на Дебарчани.

„И кај мене дома гледаме ТВ3. Тоа е регионална телевизија и навистина ни е корисна во секојдневното живеење. Мислам дека нема куќа во целиот регион која не ја гледа оваа наша регионална телевизија и она што ние го работиме тука. Можеби за некој странец би било чудно и тешко да го исполни ова што ние го правиме, но мора да знаете дека ние од мали ги познаваме подеднакво сите три јазици и затоа на крај можеме успешно да емитуваме ваква разнолика програма“, вели Бунарџиу.

И навистина на бироата на новинарите во ТВ3 секогаш можат да се најдат прилози напишани на повеќе јазици. Телевизијата нема професионално вработени преведувачи, туку самите новинари ги преведуваат прилозите на трите јазици кои одлучно ги познаваат и користат целиот свој живот. Раководството е особено гордо на тој факт и продолжува да ги поттикнува и мотивира и помладите колеги да го продолжат нивниот зацртан пат. Најавуваат уште многу амбициозни проекти и велат дека се спремни за новото време и современите токови на новинарството.

Видео изјава на Главниот и одговорен уредник на ТВ 3, Ќенан Мимидиновски

ЕВОЛУЦИЈАТА ОД ТЕЛЕВИЗИЈА ЖУПА ВО ТВ3

Самото име на телевизијата има за цел да ја симболизира тројазичноста која е вистински уникат во медиумскиот бизнис не само во Македонија и Балканот туку и пошироко. Постарите жители ја паметат оваа локална станица под името Телевизија Жупа која е една од првите приватни телевизии на територијата на цела Македонија.

Основана е во Општина Центар Жупа во периодот на раните деведесетти години кога буквално во секој град се основаат полу-аматерски ТВ станици. Предноста на тогашната Телевизија Жупа е во тоа што е сместена среде природно најживописниот крај на Балканот и еден од најактивните печалбарски краеви.

Па така оваа телевизија уште на почетокот станува препознатлива по своја продукција на репортажи и документарни програми како за убавините на дебарскиот крај, така и за животот на иселениците.

Нејзините богати архивски снимки се од непроценлива вредност не само за телевизијата како медиум, туку и за целокупната фолклорна и историографска наука на нашата држава.

И после преселбата на седиштето на телевизијата во градот Дебар пред околу една деценија, не се напушта старата препознатлива уредувачка политика на максимална промоција на убавините и спецификите на дебарскиот крај и на традициите на неговите жители.

Веројатно поради овие факти, ТВ3 е една од ретките локални ТВ станици која не само што ја има преживеано транзицијата туку и продолжува да граби и да се развива и во новите услови на дигиталното новинарство со амбиции за уште поголеми подвизи во дејноста. Покрај од локални реклами, извор на приходи на телевизијата се и републички и меѓународни проекти на кои често аплицира.

Debarskata Televizija 3 edinstvena na Balkanot so programa na tri jazici 1

ДЕБАР - ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР НА ГРАД БЕЗ МЕЃУЕТНИЧКИ ПРОБЛЕМИ

Дебарчани или Дебрани како што самите се нарекуваат имаат една шега која прво ќе ви ја кажат кога ќе отидете таму. Имено велат дека во нивната чаршија се зборува најлошиот албански, најлошиот турски и најлошиот македонски јазик. И тоа не е зошто не си ги познаваат мајчините јазици туку затоа што традицијата им налага секогаш да го зборуваат јазикот на соговорникот. Па така кога двајца пријатели од албанска и македонска националност ќе се сретнат пред градската бања, Македонец задолжително му се обраќа на пријателот на албански, а овој му одговара на македонски. Е сега легендата вели дека ни едниот ни другиот не ја познаваат целосно граматиката на другиот јазик па често има грешни и смешни ситуации но важен е гестот и важна е пораката која се испраќа со ваквото однесување. А тоа е желбата за соживот.

Поради оваа пракса и низа слични примери од секоја област Дебар е град на толеранцијата, кој е познат по мирољубивата коегзистеницјата помеѓу народите. Дури и за време на најпроблемаитичните воени години соживотот во Дебар не беше нарушен со ниеден инцидент од меѓуетничка природа.

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 14.561 жител ,а етнички гледано, населението е составено од: 73,95% Албанци, 9,72% Турци, 7,41% Роми, 7,24% Македонци и минимална застапеност на Власи, Срби и Бошњаци. Што се однесува до јазикот: Македонскиот јазик како мајчин го зборувале 13,40% , албанскиот 79,05%, Турскиот 6,56% и Ромскиот 0,34%.

Ако им се верува на Дебрани, нема жител на овој крај кој не е полиглот и не ги разбира сите погоре споменати јазици.

Не случајно во еден од „најтолерантните“ градови на Балканот се раѓа ваква уникатна новинарска идеја како ТВ3.

ТРИТЕ ДНЕВНИЦИ НА ТЕЛЕВИЗИЈА 3

За крај им даваме можност на читателите да се уверат дека сите пофални зборови за нашите колеги од Дебар се вистинити. Во прилог додаваме и снимки од три случајно одбрани изданија на дневникот на ТВ 3, на секој од трите погоре споменати јазици. Уживајте во снимките и приказните од дефинитивно најживописниот крај со најубава природа во Македонија, а можеби и на Балканот.

Дневник на Македонски јазик од 04.12.2019 Дневник на Албански јазик од 06.12.2019 Дневник на Турски јазик од 17.12.2019
  Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии. Новинар: Дејан Азески

Тагови: