fbpx

„Водовод“ со сметки и до 32.000 евра за граѓани ги покрива трошоците за новиот барок

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Скопје поделило нови вонредни сметки за вода со илјадници евра, откри канцеларијата на Народниот правобранител. Отворени се постапки за два нови слуачи, од кои во едниот физичко лице добило вонредна сметка со износ од над милион денари (над 16.000 евра) за потрошена вода за еден месец, а другиот е за сметка од околу два милиони денари (над 32.000 евра). Вонредните сметки Народниот правобранител ги смести во годишниот извештај почитување на човековите права во Македоиија.

vodovod vnatre 650x488Милионските денарски вонредни сметки кај потрошувачите стигнуваа истовремено со зголемувањето на трошоците за изградба на новата барокна зграда во која претпријатието се пресели месецов; – во луксузниот хол има фонтана (Фото: СДК.МК)

„ЈП ’Водовод и канализација’ Скопје голем број на граѓани ги шокираше со таканаречени вонредни фактури, чии износи достигнуваа до неколку стотици илјади денари. Најекстремен случај е фактура со износ од над еден милион денари. И покрај сите укажувања дека не постои законски основ за издавање на вакви фактури, ова јавно претпријатие не прифати ниту едно укажување на Народниот правобранител, туку продолжи со праксата на работење надвор од законите, а противзаконското работење продолжува и оваа година. Пред неколку дена отворивме постапка за граѓани кои добиле вонредни сметка за вода за еден месец од над милион денари, а друг за околу два милиони денари. Се прашувам каде е крајот на самоволието и противзаконското работење на раководството на ЈП ’Водовод и канализација’“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети.

Минатата година, канцеларијата беше затрупана со претставки од незадоволни корисници на „Водовод“ меѓу кои голем број имаа добиено вонредни сметки. Во педесеттина предмети правобранителот утврди дека претпријатието работи незаконски, за што им беше укажано. Народниот правобранител не доби од „Водовод“ толкување за терминнот вонредна фактура кој го користат како објаснување за милионските сметки, иако во неколку наврати при средбите со вработените од „Водовод“ побарале да им биде објаснето што конкретно подразбираат под овој термин.

memeti 400x267Милионските вонредни сметки кај потрошувачите стигнуваа истовремено со зголемувањето на трошоците за изградба на новата барокна зграда во која претпријатието се пресели месецов. Таа почна да се гради во 2011, кога беше најавено дека целосната изградба ќе чини околу 10 милиони евра, но ако се соберат сите досега објавени договори за јавни набавки за оваа зграда, се добива сума од околу 20 милиони евра.

Кружната барокна зграда на кејот на Вардар има вкупна површина од околу 10.000 квадратни метри, распоредени на пет ката и три подземни нивоа со гаража за 138 возила. Идејното решение е на архитектот Жарко Чаушевски, кој за зградата доби прва награда во вредност од 190.000 денари на јавен конкурс. Чаушевски е победик на повеќето конкурси за градбите на „Скопје 2014“.  За изведувач на градежните работи беше избрана австриската фирма „Алпине бау“. Фирмата банкротираше откако ја изгради зградата во фаза на карабина во 2013, па претпријатието требаше да избере нов изведувач, а во меѓувреме зема и кредит од 7.317.073 евра за довршување на зградата. „Алдинг Инженеринг“ во 2014 година беше избрана да го доврши новото седиште на претпријатието.

Јавното претпријатие се пресели во зградата на почетокот на месецов, а додека траеше изградбата, од февруари 2011 беше сместено во зградата на фирмата „Технометал Вардар“  во сторгиор центар на градот, за месечна кирија од 25.000 евра.

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk

Тагови: