fbpx

Дали вештачката интелигенција ќе ви ја земе работата?

Нова технологија, стари прашања: Треба ли да се плашиме од вештачката интелигенција (ВИ)? Ќе се заменат ли човечки работни места со машини? Дали новата технологија ќе нè оглупави? Со Игор Трајковски, поранешен професор на ФИНКИ и создавач на time.mk, со Татјана Ефтимоска, професорка по македонски јазик во приватното училиште „Нова“ и поранешна координаторка за Меѓународна матура во училиштето и со Анастасија Петревска, искусен пишувач, уредник и менаџер, разговараме на тема ЧетГПТ - сегашноста и иднината на четботови базирани на вештачка интелигенција.

Кои се предизвиците? Кои се претскажувањата? Кој се плаши од волкот (лош)?

Позадина

Досега, вештачката интелигенција (ВИ) се користела како некаква помошна алатка во разни сфери - дијагностицирање болести во медицина, оптимизирање рути во транспортната индустрија, подобрување на енергетска ефикасност во архитектурата и така натаму. Но истовремено, секој нов вид на автоматизација значи намалена потреба од човечки труд. Во блиска иднина, самовозечки возила ќе може да заменат камионџии, ВИ софтвер за графички дизајн може да намали потреба од луѓе уметници, а сега ЧетГПТ може да ја загрози вработеноста на пишувачи на содржина (content writers), новинари, а дури и програмери.

Појавата на ЧетГПТ го вклучи алармот кај некои професии. Извор: freepik.com

Анастасија Петревска од сферата на контент-индустријата сподели со нас дека е загрижена за вредувањето на пишувачи на пазарот на трудот. Освен тоа, стои и прашањето: кога државите ќе смислат ефикасни регулативи за контрола на авторски права во екот на новите четботови? Како и кај „уметниците“ ботови, така и кај „пишувачите“ ботови постои проблемот на авторство и фер доделено признание за оригинален труд, а не алгоритамскa парафраза.

Освен тоа, како овој софтвер ќе се примени етички во образовниот систем е исто под знак прашање. Дали ученици помалку ќе пишуваат? И без пишување, како ќе си ги оформат способностите за критичка мисла?

Од друга страна, има и такви кои веруваат дека ова е само „типично“ паничење во ваква ситуација. Редовна реакција нѝ е да се плашиме од непознати хоризонти. Можеби ваквите четботови ќе нѝ помогнат во работата. Или можеби ќе не’ предизвикаат подобро да си ја вршиме работата. Можеби нема да не’ оглупават, туку едноставно ќе го сменат образовниот процес, начинот на кој апсорбираме знаење и информации.

Како функционира ЧетГПТ?

Популарна реплика од алгоритмиски ентузијасти и/ли познавачи периодов е „не е вистинска вештачка интелигенција“. Што значи тоа? Сакаат да кажат дека ВИ програми денес (сѐ уште) не размислуваат или резонираат на човечки начин, туку дека едноставно следат алгоритми. Во позадината стои статистичка веројатност и математика. ЧетГПТ, на пример користи алгоритам за предвидување на следниот збор, кој е пософистицирана верзија на истите алгоритми кои го предложуваат следниот збор кога пишуваме мејл или пораки на телефон.

Четботот е „нахранет“ со многу информации, но не е совршен. Извор: freepik.com

Но, за Игор Трајковски, од програмерската фела, било која машина која може да изведе нешто кое ако човек го изведе, би се сметало за паметно влегува во дефиницијата за ВИ. Четботот е „нахранет“ со многу информации кои му помагаат да формира текстови кои се (генерално) релативно доверливи - иако работи како пристрасност на извори и слично остануваат некои од (многуте) проблеми.

Знаеме од што се плашиме, но на што се радуваме?

За Игор Трајковски, ВИ - генерално - ќе нѝ помогне да разрешиме повеќе социјални и егзистенцијални прашања, ако заради ништо друго, благодарение на фактот дека ваквите програми се способни да поминат низ планини информации во времетраење од неколку минути, нешто што на човек би му земало неколку животи. Со тоа, тој се надева дека ќе имаме нови ВИ научници, додека на човекот ќе му остане најстарата игра од почетокот на мисловната ера: смислување приказни за нашето постоење.

Предизвик за професорите ќе биде да смислат покреативни задачи. Извор: freepik.com

На помалку апстрактна линија, Татјана Ефтимоска, верува дека ЧетГПТ и сличните четботови едноставно ќе го сменат начинот на кој се учи, начинот на кој се развива критичка мисла, начинот на кој функционира образовниот систем. А тоа, според неа, и не мора да биде нешто страшно или лошо. Интересен предизвик за професорите ќе биде да смислат покреативни задачи кои навистина ќе ги ангажираат учениците и студентите да размислуваат и да творат. А ЧетГПТ, како помошна алатка, ќе си седи во нашите џебови.

За да ја добиете целата слика со многу повеќе факти, стручни мислења, детали и нијанси, слушајте го целиот поткаст Кој се плаши од ChatGPT?