fbpx

Давид Хил, црномурестиот фолклорен бисер

Давид Хил е петнаесет годишен ученик во средното хемиско училиште „Марија Склодовска - Кири” на отсекот за очна оптика. Сака филм и музика, свири гитара, но посебно ужива на часовите за фолклорни танци и ора. Навидум едноставно дете како и секое друго, но различно само по бојата на кожата, што го прави препознатлив за средината.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 1

Ова момче со прекрасна насмевка, топли очи и несекојдневен шарм е плод на љубовта на Елизабета (Бети) и Џон - војникот од Њујорк кој случајно дошол во Македонија, а „намерно” останал цели 18 години. Нивнот дом мириса на среќа и хармонија, а празниците се вистинско доживување. Таткото Џон е протестант, а Бети православна христијанка, па божиќните празници двојно се слават. Се почитуваат традицијата, обичаите, семејната поврзаност. Па често наместо со збор, се разбираат со поглед.

Новогодишните празници и распустот раскажуваат дека често ги минувале во Вирџинија кај семејството на Џон. Таму младиот Давид е македонското момче со американски шарм.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 2Давид со своите родители Елизабета и Џон Хил

Неговата мајка Бети на шега вели дека Давид во училиште, со другарите и со неа зборува македонски, но со неговиот татко англиски, па често самиот си прави превод или микс од двата јазика.

„Давид од мал посетуваше македонска и германска градинка во која учеше македонски, англиски и германски јазик. Беше многу мило и интересно дете, уште повеќе што има друга боја на кожа. Често пати доаѓаше дома премногу гален и мазен од негувателките, па неколку пати реагирав и ги замолував да го третираат како сите други деца. Многу е приврзан за домот, за училиштето, за пријателите. Сака да се дружи со своите врсници, многу е посветен и исполнителен ученик. Другарчињата од мали нозе го гледаат без предрасуди. Сега се модерни, нови времиња. Можеби во минатото, повозрасните знаеја да изреагираат поради мешаниот брак и слично, но денес сите нѐ прифаќаат сосема рамнодушно.“ - раскажува мајката Бети.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 3

Таткото на Давид, Џон со иста жар и љубов ја сака земјава, фолклорната традиција, уникатните културни вредности. Го сака единствениот седум/ осмински такт во македонската музика, а често знае да заигра оро на семејни веселби. Давид, од татко му ја засакал музиката. Веќе четврта година свири гитара и компонира.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 4

Давид е еден од најталентираните играорци во културно уметничкото друштво „Фолклорни бисери” во населбата Аеродром, каде членува скоро шест години. Прв пат за ансамблот дознал од флаер што го делеле во неговото училиште. Љубопитноста прераснала во страст, па така ова момче денес е вистински амбасадор на македонската традиција и фолклор, настапувајќи дома и надвор.

„Сакам музика, многу сакам да играм. Македонските ора ми се многу интересни. Немам пропуштено час. Тренираме по три часа неделно. Омилено оро ми е „Тешкото”. Чекорите се тешки, но со вежби и напор ги совладуваме. Пред настапите поинтензивно, ама кога ќе застанеме на сцена чувството е прекрасно.”- раскажува младиот Давид.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 5

Поминавме еден час на проба со другите играорци и со кореографите Миле Дебарлиев и Виктор Ендровски кои раскажуваат за почетоците на Давид. Велат, како и секое дете, бил љубопитен за нови игри, истражување и докажување. Потврдија дека не пропуштил скоро ниедна проба, концерт и патување.

Имаме само машки и само женски игри, но голем дел од игрите се играат заеднички и се прилично со многу динамика и движења, што само по себе кажува дека македонскиот фолклор е доста богат, разновиден но и доста тежок за играње. Солист е во играта „Жетварка" и учествува во сите кореографии на ансамблот, како што се „Егејски игри“, „Седенка“, „Жетварка“, „Источно-малешевска плетенка“, „Преспа“. Особен интерес покажува за играње на најавтентичното машко македонско оро „Тешкото” – вели кореографот Виктор Ендровски.

David Hil crnomurestiot folkloren biser 6Давид на проба во КУД „Фолклорни бисери”

Денес целиот свет претставува „глобално село”, многу земји се хетерогени во етничка и културна смисла и обезбедуваат заедничко живеење на луѓе од различни националности, отвораат пат за мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на населението од различни земји. Оттука не залудно Платон ќе рече:

„Секое срце пее песна, која е незавршена, сѐ додека некое срце не одговори со шепот. Тие кои сакаат да пеат, секогаш ќе најдат песна. На допирот на љубовта, секој станува поет!“

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Светлана Божиновска

Фотографија: Томислав Георгиев

Тагови: