Какви впечатоци и очекувања имаат граѓаните ден по референдумот? #СамоПрашај споделува една граѓанска, пост-референдумска фото-перспектива.
Драган Ефремов, пекар
„Искрено, не верував дека толку малку луѓе излегле на референдум. Што очекувам од денеска во иднина? Очекувам дека се ќе биде во ред, дека институциите ќе ја почитуваат одлуката на народот, но исто и европските институции. Не верувам дека во Македонија ќе има лоша состојба или дека ќе има каква било нестабилност. Политичарите треба да знаат во секоја ситуација како да реагираат, бидејќи тоа им е работа. Јас сум пекар добро работам затоа што давам квалитет и сум внимателен. Така треба да биде во секоја сфера во животот.“
Благоја Филиповски, пензионер
„Искрено сум горд, верував и очекував дека народот ќе донесе правилна одлука. Македонија покажа дека не е аморфна маса да може секој да ја обликува како сака. Ова е голем „шамар“ за Европа, ние сакаме да влеземе во Унијата, но не со уцена, не со откажување од она што сме ние. Не очекувам штетни последици, очекувам освестување на целиот регион и Европа да ја почитува одлуката на референдумот.“
Силвана Димковска, цвеќарка
„Мислам дека ќе има тежок период, нестабилен во однос и на внатрешната политика и на меѓународен план. На Македонија и треба стабилизација за да има добра економија. Сега повторно е можна дестабилизација, можни нови избори, нови трошоци. Економијата, инвестициите во здравството, образованието - ќе бидат ставени подолу на државните приоритети. Јас во професијава, покрај шаренилото и мирисот на убавото сум птимист по природа и верувам дека ќе се донесе рационално и зрело решение, па конечно ќе има убав пат за младите, за нашите деца и внуци.“
Снежана Манасиева Попадинова, фармацевтка
„Очекував голема излезност на референдумот. Ден потоа верувам дека ќе биде потребна голема мудрост, а не сила. Очекувам дека ќе има тежок период на обвинувања. Се надевам дека навреме ќе се даде вистинскиот лек со цел да се спречи потешка дијагноза, барем така е во фармацијата. Во политиката можеби е слично - препишувањето на вистинскиот лек во оваа ситуација се правилните одлуки. Овие одлуки ќе ни дадат здрава и стабилна држава, со силен имунитет за нашите деца.“
Ведран Марковски, студент по медицина
„По неуспешниот референдум Македонија останува на истата позиција на која што и беше, без тенденција за промена. Во моментов иднината за Македонија е доста несигурна и се’ повеќе ќе се соочуваме со изолирање од европските држави. Мислам дека статусот на Македонија кон Европа и светот ќе биде „замрзнат“ во однос на започнување на преговорите. Во ваква состојба, искрено не гледам иднина и перспектива за мене. Како млад човек, како студент по медицина и иден доктор мислам дека јас и други мои колеги се на излезната врата од Македонија.“
Фото-сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии. Фотографија: Томислав Георгиев