Ивана Трајановска, креативна директорка во PLX Devices Inc
Ќебето „Алфа“ против стрес донесе убав сон за илјадници Американци, а веќе и во Европа се чекаат нарачаките за него. Ќебето стана миленик и на списанието „Форбс“.
Ивана Трајановска осум години работи во PLX Devices Inc, компанија за технологија во Силиконската долина во Калифорнија. Како креативна директорка, одговорна е за неколку сектори за дизајнирање продукти врз основа на маркетинг искуствата од клиентите. Трајановска во божиќното издание на „Форбс“ беше една од деветте избрани успешни и креативни бизнис жени. Таа го дизајнираше ќебето „Алфа“ што помага за намалување на стресот и несоницата и за релаксација на целото тело.
„Стресот и несоницата станаа први непријатели кај сите нас. Јас и компанијата во која работам сакавме да направиме нешто добро, квалитетно и секако бренд препознатлив како подарок за целиот свет. Промоцијата на ќебето која траеше само 25 дена направи предпродажба од речиси 130 илјади долари. `Алфа` ќебето е миленик на америкнаскиот пазар, а го освојува и европскиот“, објаснува Трајановска.
Токму овој успех 30-годишната Ивана ја стави помеѓу деветте најуспешни и креативни жени на божиќното издание на списанието „Форбс“. „Престижниот `Форбс` е еден од најуважените бизнис магазини во Америка. Да бидам дел од нивната статија е многу мотивациски. Во мојот случај, изборот е направен во категоријата на успешни жени кои имале креативен продукт“, раскажува таа.
Вели дека постигнувањето не е само личен успех, туку и наградување на нејзините и способностите на тимот, како и мотив дека секој кој сака, има квалитет и се едуцира може да успее. Овој тип на достигнување е начин и за компанија во која работам да стигне до светскиот пазар.
„Правејќи истражувања, дознав дека оваа техника е опишана како природна терапија во медицината која била користена со децении. Кога тежината на ќебето е поставена врз телото ги стимулира мускулите и делува како масажа. Mојата цел е да го прилагодам ќебето на формата на човечката фигура, со што ќе биде до 700 отсто поефикасно во споредба со други продукти од овој тип. После многу примероци, различни дизајни и тестирања, `Алфа` стана комплетен продукт“, објаснува Трајановска.
За неа најважно е образовнието. Вели дека може да се има супер идеја, но мора да се има едукација за тоа како до подобар бизнис.
„Во Сан Франциско дојдов во 2011 година на студиите за индустриски дизајн со специјализација во дизајнирање на продукти на Универзитет Академија за уметности. Индустрискиот дизајн освен дизајнирање автомобили и воздушен транспорт, опфаќа и дизајнирање продукти за секојдневна употреба, технологија и мебел“, вели Трајановска.
Нешто што го сакате вистински и се борите да го остварите, ќе го добиете, е пораката на Ивана, која смета дека соништата се остваруваат ако работите, се надградувате и примате критика. Според неа, повеќе во светот не е важно дали сте маж или жена, дури може жените да имаат мала предност бидејќи се поитри, похрабри и кога сакаат нешто навистина, ќе најдат решение да го сработат.
„За да се остварат големи соништа треба да се вклопат вештините, начинот на размислување и способностите. Успехот не е заснован на база на пол или раса. Верувам дека сите имаме исти можности за кариера и успех и се` зависи од тоа колку сакаме да вложиме во себе. Да, се` уште има стереотипни разбирања за способноста на жените, но мислам дека тоа се менува и дека успехот кога стоите први на еден тим ја покажува вашата големина“, потенцира Трајановска.