Анџела Арсенијевиќ, средношколка и волонтерка.
Станав волонтер на 13 години, уште во основно училиште. Мои роднини, кои работеа со Црвениот крст ме поканија да волонтирам со нив. Тие, всушност беа иницијалната каписла да почнам со хуманитарна активност. Еве, оттогаш минаа пет години. Не се откажав.
Додека бев дел од Црвениот крст, учествував во разни хуманитарни акции за социјално загрозени семејства. Сега сум средношколка во гимназијата „Георги Димитров“, трета година. Но, училишните обврски не ме попречуваат да учам, пред се’, да бидам човек.
Сега сум дел сум од тимот на социјалниот центар „Дуња“. Кога беа поларните температури, привремено згриживме 11 бездомни лица. Средствата за згрижување на овие луѓе ги обезбедувавме од донации. Со нив купувавме храна или пак им подготвувавме оброци. Им чистевме, миевме садови, се’ што беше потребно. Им овозможувавме медицинска нега, ги носевме во болница на преглед, операции, на преврски. Беа ангажирани 40тина волонтери, но не беа сите активни.
Волонтер не може да биде секој. Прво, ако имаш предрасуди, не ќе можеш да им помагаш на луѓето. Едноставно, влегуваш да помогнеш без очекување дека ќе ти се врати на каков било начин. Волонтерот мора да има енергија за критични ситуации, да е несебичен, да разговара дури и кога е нерасположен и не му се прави муабет. Тоа е ангажман со многу посветеност, работа, дружба. Преку волонтерството, сите ние учиме. Учиме да бидеме луѓе.
Моите пријатели и соученици знаат за моите активности. Сите велат дека сакаат да помагаат, но ретко наоѓаат желба и време. Сметам дека младите недоволно се запознаени со оваа непрофитна активност. Оние пак кои се запознаени, доаѓаат еднаш или два пати и потоа се откажуваат. Но, подобро е да дојдат, отколку воопшто да не се заинтересирани.
Волонтерството кај нас не носи никаков бенефит, особено не носи профит. Во разни земји низ светот се добиваат посебни бодови за општо-корисна работа, кои, потоа на младите им се особена корист при упис на факултет, но кај нас тоа не е случај. Мислам дека во Македонија нема распространета волонтерска мрежа, како во други земји. Тоа е голема пречка за осознавање на хуманоста, пречка за влог во личниот развој и во заедницата.
Освен што помагам во социјалниот центар, дел сум и од повеќе проекти за граѓански активизам. Желба ми е да се запишам на психологија или компаративна книжевност, но мојата мајка не се сложува со тоа. Вели „нема пари во тие професии“, што целосно се коси со моите сегашни убедувања за силата на непрофитна дејност.
Автор: Ј. Ивановска
Фотографија: Томислав Георгиевски
Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии