Силвана Ивановска, порано згрижена во СОС Детско село
Уште од мала сум бунтовник, но не без причина. Веројатно долго време полицијата во Кратовско ќе памети едно мало девојче кое пријавуваше семејни немири. Мајка нѝ му побегнала на татко ми, очувот, кој ја однесе мајка ми во едно село со неколку куќи, не нѐ сакаше, а таа беше безгласна... Семејството не функционираше, по неколку пати бегање од дома се најдов во институциите кои се грижат за деца без родители, деца од дисфункционални семејства, деца со проблеми. Мојот проблем беше голем, но мојата мисла беше уште поголема - како да ги спасам и браќата. Животниот ветромет нѐ фрлаше во различни насоки. Понуди пропаст, деликвенција, но понуди и можност. Јас можностите ги зграпчив, ги држам цврсто и за моите браќа. Јас како најстара ќе ги туркам да успеат, дека тие се моите тројца мускетари.
Прво успеав да го донесам мојот брат Александар. Тој не беше чедо на очувот и ми беше прв кој морав да го спасам од неволјите. За жал и покрај тоа што бевме во дом, ние бевме препуштени сами на себе и третирани како деца кои не треба да ја знаат вистината. Еден ден, патем, ме информираа дека брат ми бил во болница, а потоа и дека го нема повеќе. Толку! Ниту збор повеќе, ниту информација што и како се случило. А, можеби и системот е таков, може ги информирале возрасните, а на нас децата ни оставаа лузни во срцето. Го барав, направив сѐ да го најдам, но залудно, само после долгото филмско трагање, во едно место во Македонија видов надгробна плоча со неговото име. И ништо повеќе. Вистината и ден денеска не ја знам.
Со Ѓоко, Боге и Кире навистина станавме „Силвана и тројцата мускетари“. Се грижев за нив, колку можев тоа да го правам како дете. Но, некако и ме слушаа. Им бев свеста и совеста. И од времето кога бевме сместени во дом за деца без родители каде владееше „законот на џунглата“ се сеќавам кога нѐ принудуваа да се тепаме меѓу себе јас, Кире и Ѓоко... Тоа никогаш не дозволивме да се случи, без разлика на последиците. Бев на прагот да потклекнам во животот, од одличен ученик изгубив интерес за учење, училиштето не ми беше предизвик, не верував во себе, не верував дека можам.
И за среќа, се случи една пресвртница во нашите животи. Боге, пред 15 години стана првото дете сместено во СОС Детско село Македонија. По него, дојдовме и ние. На почетокот, секако бевме уплашени, што ќе се случи, како ќе биде. Но, тука почувствував дека некој возрасен стои зад мене, иако и јас веќе бев возрасна во однос на она што ме натерал животот да го преживеам. Бев „принудена“ да ги поправам оценките, бев охрабрена да сфатам дека можам и дека вредам. Со мене се работеше и можам да кажам дека јас сум успехот на тимот во СОС Детско село. Запишав факултет, добив и стипендија од ФОН Универзитетот која ја оправдав, како еден од најдобрите студенти во генерација, а додека студирав и работев, она што ќе најдам. Сега, веќе четврта година сум посветена на работата во Министерството за надворешни работи, а сум пред магистрирање на два факултети (политички науки и безбедност).
И моето вработување е по моја замисла. Заедно со СОС Детско село и Даниел, другар од селото, по успешната кампања за поддршка при вработување на деца без родители успеавме да ја иницираме програмата Д-10. Тоа стана активна владина мерка, која треба системски да го реши проблемот со децата без родители и родителска грижа и веќе ги жнееме успесите од неа. Многу деца успеаја да се вработат преку програмата. Дадена е можност за подобра и поуспешна иднина на овие деца.
Јас, јас понатаму останувам будно да ги набљудувам моите тројца мускетари. И веќе напорно работам на тоа да стигнам на Оксфорд, да го збогатам моето образование со уште една, меѓународна диплома. Верувам во себе и сметам дека со моите квалификации и стручност сум на сигурно, но останувам во приказната на СОС Детското село. Ќе лобирам и ќе помагам колку што е во моја моќ. Дека навистина визијата на оваа организација е она што дава безбедност, сигурност и топол дом на секое дете без родители или родителска грижа.
Фото: Виктор Поповски Автор: Викторио Јаковлески Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии во соработка со СОС Детско село.
Прочитај ја приказната и #Прашај.