fbpx

Јас можам

Стефанија Димеска е 24 годишна девојка. Дипломиран машински инженер за роботика и мехатроника. Волонтерка во Црвениот Крст. Моторџика, возач, падобранка, а три пати неделно тренира и кунг фу. Но, таа е и пилот. И тоа најмладиот женски пилот по спортска авијација во земјава.

Не се сеќава точно дали првото летање со авион и’ било на четири или пет години, но дефинитивно го памети пилотот – татко и’ Коце, кој е професионален пилот во Министерството за внатрешни работи. Оттогаш па до денес тој е нејзината поддршка и инспирација.

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 2Спомен од првиот лет со татко и Коце

Стефи за помалку од една година стекнала дозвола за спортско летање (Private Pilot License - PPL). Оваа лиценца  и’ е отскочна даска за да ја оствари следната цел - да управува со „Боинг 777“, комерцијален авион со најголем долет.  Сега „набива“ поминати часови во воздух. И’ требаат 1.500 часа. Паралелно, се дообразува во Бугарија за да полага за  меѓународна лиценца за управување со комерцијални авиони.

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 3Сега е мал авионот, ама ќе биде Боинг 777

Упорноста кај Стефи и’ се гледа уште на првата средба. „Ако се фатам за една работа сакам да ја истерам до крај. Си дадов рок од две години да станам пилот во комерцијалната авијација и да имам датум за интервју во некоја авиокомпанија. Важен е и финансискиот момент, инвестицијата во овие обуки, бидејќи не е евтино да се лета. Затоа интензивно учам, студирам, пилотирам.“ – одлучна е младата пилотка.

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 4

„Често ме прашуваат дали сум свесна колку треба да се жртвувам за да станам пилот. Татко ми редовно ме потсетува дека тоа е работа која цел живот се учи, се вежба, колку труд и време одзема, а и ние домашните ги паметиме неговите отсуства. Знам дека како женско оваа одлука може да се одрази на мојот приватен живот, како што е формирањето семејство. Но, подготвена сум да го остварам тоа што го сакам, особено кога ја имам поддршката од моите!“ – вели Стефи, како што ја знаат на скопскиот аеродром „Стенковец“.

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 5„Најголемата поддршка ја имам од татко ми“ – Стефанија Димеска со татко и’ Коце Димески

Неретко насетила недоверба кај луѓето кога ќе се соочат со несекојдневна ситуација - со млада девојка која цврсто гази во машкиот свет на авијацијата. Знаат да ме прашаат „Зарем ти леташ?, додавајќи дека сепак доминира поддршката и охрабрувањето. Посебен поттик добива од пријателките и од други жени. Ја радува што има се’ повеќе жени во овој бизнис.

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 6Ако сама не си наточиш гориво, нема летање...

Како професионален пилот се гледа на редовна линија кон Барселона или друг град во Шпанија. „Топло е, луѓето се ведри, имаат убава музика. Тоа е мојата омилена дестинација“ - вели Стефи.

На крај ја прашавме која и’ e среќната мисла пред заспивање. Одговорот беше брз и едноставен: „Јас можам!“

najmlada pilotka po sportska avijacija vo mk 7

Фотосторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии во соработка со Здружението за афирмација на воздухопловството „Аероклуб Скопје“

Фотографија: Томислав Георгиев Новинар: Горан Теменугов

Тагови: