Повеќе од 3 000 пожари избиле само во првите осум месеци од годината, соопштуваат од Центарот за управување со кризи. Во исто време, ова лето ги собори сите топлински рекорди по што најверојатно ќе биде прогласено за најтоплото лето во историјата откако е почнато мерењето според Климатскиот мониторинг на Европската унија. Eвропскиот информативен систем за шумски пожари известува за алармантни бројки за 2024 година во Македонија - досега 96 167 хектари шума се уништени од шумски пожари. Колку за илустрација, изгорена е површина 16 пати поголема од Скопје.
Во селата без капка вода селаните гасеа оган со голи раце
Светиниколското село Малино е едно од македонските села во кои нема донесено вода со водовод, а водата во бунарите длабоки неколку метри веќе пресушила. Селото и околината беа зафатени со еден од силните пожари летово. Месец ипол по кошмарот на селаните, 70-годишниот Стојанчо Симонов раскажува за кобниот ден.
„Јас спиев, а оганот до дворот навлегол. Еден автомобил ми свири, еден човек од таа страна стои. Прозорецот беше отворен и кога погледнав, сѐ гореше кон мене! Брзо почнав да го гасам со водата што ја имав донесено од бунарите близу селото, а можеше и да нема. Малку го изгасив огнот, но продолжи, ми изгоре сеното, врати...“, објаснува селанецот.
Ова село, кое според последниот попис брои 21 жител, било пеплосано во еден здив. Некогашното Малино со 800 жители, за кого Стојанчо вели дека било „живо“ село, почнало да се празни откако водата од реките почнала да ја снемува. Во последните години, пресушиле сите селски чешми. А глобалното затоплување и пожарите ги поврзува пеколен круг. Секнувањето на водата ги тера селаните да се преселат оти не само што нема за нив, туку нема каде да го напојуваат ниту добитокот. Ако нема добиток, никој не ја пасе и обновува тревата. Тревата расте и брзо се суши, а исушена трева гори побрзо и од светлината. Така Малино, но и многу други напуштени села изгореа во последните пожари во земјава.
„Нема вода. Да ни донесат вода некој ќе седи, ќе си чува добиток, но штом нема вода кренаа раце и сите побегнаа. Да имавме вода, колку сме-толку сме немаше да дојде до оваа катастрофа. Со раце не се фаќа оган! Колку чини да се донесе вода? Нека е и 10 000 евра, ама што значи тоа за државата и за секое село. И во други села нема вода. Донеси им вода на луѓето да можат да живеат, да се вратат“, растревожено зборува Стојанчо.
Тој и неговите соселани раскажуваат дека со чизми го гаселе пожарот. Онаму каде што имало многу трева, кога се газело, се пропаѓало во жар. Жар имало и после 3-4 дена од пожарот. Ама, велат, во тие моменти имаш сила и ако треба ќе се жртвуваш.
Со солзи во очите за Малино зборува и Лазо Владев, кој е поранешен жител на селото.
„Кога гледам сега, многу ми е тешко. Од услови што ги имаше на времето - природата дала и вода и сѐ, последниве десетина години, секоја година водата се намалуваше и оваа година секна. Воопшто нема, капка вода нема“, вели Лазо.
Лути се на природата, а уште полути на властите.
„И кога одиме кај градоначалникот од Свети Николе да му кажеме дека немаме вода, тој ни вели - ама колку луѓе сте вие таму. Еден човек да има должен е да донесе вода. Како така поставува прашања, не знам. А знаат даноци да наплаќаат. Тоа е страшна работа, чудо невидено! Страшна незаинтересираност“, револтирано зборува Лазо.
Вода за двајца е скапо да се донесе, ама тие двајца можеле да загинат во пожарите, а можеле и да спасат да не се прошири огнот кај нив и во другите села. Без вода, вели Стојанчо во Малино, инвестирањето во земјоделството е како играње комар.
„Напразно ќе се работи, нема вода, не врне и сѐ е на штета. Фрлаш пари во земја. Како коцка, ги вложуваш парите и нема ништо. И ден по ден пропаѓаш“, вели Стојанчо.
Како во африканска земја, а не во светиниколското Малино, со тага, во деветметарската дупка која некогаш била бунар гледа и Цане Шукулоски, чија куќа до пола изгоре во пожарот.
„Ова е бунарот, од дедото покоен. До пред некоја година имаше вода. Сега нема ништо! А девет метри е длабок“, вели Цане.
Овие тројца соселани, пријатели со иста мака, по 6 километри патуваат за да наполнат вода за себе и за стоката што им останала. За овие луѓе што му избегаа на огнот и со голи раце го победија, предизвикот што ги мачи е како да најдат вода за да преживеат. Свесни се дека и следното лето ќе биде исто или уште пожешко.
Системот за управување со кризи бара итни реформи
Дека и следното лето го чека работа и проблеми е свесен и директорот на Центарот за управување кризи, Стојанче Ангелов. Климатските промени не се контролираат, ама тешко се наоѓа решение и за раселените села.
„Ние сега имаме огромни ливади со висока трева. Кога оваа трева ќе се исуши, станува лесно запалив и горлив материјал. Една од причините за губењето на контрола врз пожарите, особено на подалечните места, е противпожарните единици да стигнат и да почнат со интервенција“, вели Ангелов.
Гореше многу и насекаде, но Ангелов вели дека повиците за доброволци не им биле од корист, напротив, биле опасни.
„Ние избегнуваме користење на доброволци. Пожелно е населението да помага, да ги брани своите домови, своите села - место кое што добро го познаваат. Тие не влегуваат во огнот туку треба да го сопрат огнот. Со обично црево да испрскаат вода, со метли, со лопати да го сопрат огнот кога оди ниско по трева. Меѓутоа, јас не дозволувам гаснење на пожар со доброволци. Луѓе кои немаат никаква обука, облечени во влечки, патики, тренерки, да пуштите да влезат во борова шума е како да сте ги осудиле на смрт. Може некој од нив да изгори. Ние имаме доволно сили, а ако некаде се потребни повеќе луѓе ние можеме да испратиме војска и полиција. Но, за тие успешно да дејствуваат, треба да им обезбедиме минимум противпожарни ресурси. Но, немаме! Сега е во тек набавка. Јас сум голем оптимист дека следната година ќе ја пречекаме многу поподготвени и со реформиран систем за управување со кризи“, ни изјави Ангелов.
Ама за реформи на системот за управување со кризи потребно е повеќе од набавка на лопати. Свесен е Ангелов, а свесен е и државниот врв кој му дал зелено светло за реорганизација. Тој имал средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која јасно кажала дека е неопходна реформа на системот, а вели дека и премиерот Мицкоски во повеќе наврати повторил дека е потребно да се направи трансформација на системот.
„Јас би кажал поправилно да се формира една нова институција од двете постоечки институции - Центарот за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување. Сега ние сме само координатори, но немаме наши ресурси. ЦУК ги координира сите државни ресурси – единиците на Дирекцијата за заштита и спасување, армијата, полицијата, хеликоптерите, авионите, странската помош, но нема сопствени ресурси. Затоа јас сум поборник и се надевам дека оваа идеја ќе успеам да ја наметнам во следните реформи и да се формира специјална единица за заштита и спасување, или Потрага и спасување. Многу ни е потребна таа единица во јачина од една армиска чета од 120 луѓе која би имала четири вода, по 30-тина луѓе, составени од одделенија и на тој начин ние ќе имаме пирамида и команда. Оваа единица би била мултифункционална - летно време ќе гаси пожари, на есен ќе спасува луѓе или имот од поплави, а во кој било период од годината ќе спасуваат луѓе од планините или од непристапни или тешко пристапни места. Иако навидум изгледа скапо, нема да биде поскапо од она што сега го имаме. Во ЦУК и во ДЗС има околу 600 луѓе, за жал можам да констатирам дека еден добар дел од нив се целосно неискористени и неефикасни“, вели Ангелов.
Науката нуди спас со вештачка интелигенција
Ако не научиме по пожарите од летово, догодина ќе гориме уште повеќе, оти прогнозите се дека температурите ќе растат. Потребни се реформи и стратегии на повеќе нивоа, за да создадеме отпорни општества кои поуспешно ќе се справуваат со интензивните климатски промени.
Активистот Горјан Јовановски вели дека историски гледано според податоците што постојат, станува сѐ полошо. Според Парискиот договор глобалната температура требаше да се одржува не повеќе од 1,5 степени од пред индустриската ера, но таа милениумска цел, до крајот на овој милениум, годинава веќе е промашена, вели Јовановски.
„Тоа значи дека веќе немаме контрола врз ситуацијата, врз стакленичките гасови и зголемувањето на температурите. Доколку сакаме да имаме барем малку увид во тоа како ќе изгледа иднината со ваквите температурни разлики, мора да се користат модели на вештачка интелигенција. Модели кои што предвидуваат, во зависност од тоа колку стакленички гасови продолжуваме да испуштаме во атмосферата - од страна на фабриките, автомобилите, буквално на нашето човечко дејствување на земјата, кога во некој случај ќе продолжи нормален или експоненцијален раст на стакленички гасови. Врз база на тоа се креирани модели со помош на машинско учење, вештачка интелигенција, што покажуваат колку пострашно ќе стане ова. А ние понатаму, како научници, како компјутерски инженери, работиме да ги претопиме тие податоци во колку бури ќе не очекуваат, колку суши ќе не очекуваат, колку поплави ќе не очекуваат. Бидејќи целиот еко систем трпи врз база на овие температурни промени“, објаснува Јовановски.
Климатските промени мора итно да се сфатат посериозно, оти со силата на природата тешко кој излегол на крај. Професорот на Факултетот за земјоделство и храна, Ордан Чукалиев вели дека недостасува многу посериозен пристап.
„На климатски промени работиме еден помал тим од десетина-дваесет луѓе вклучени во истражувањата во земјоделството. Има недостиг на кадри. Веќе имаме сознанија кои ќе бидат проблемите, меѓутоа ние досега ги разгледувавме само два главни параметри - врнежите и температурата. Меѓутоа, климатските промени носат пореметувања во сите останати метеоролошки параметри - промени во однос на ветар, силината на ветерот, проблеми во однос на сончевата радијација, ожеготини... Тоа го немаме работено и предлагавме мерки врз база на сознанија, не врз база на податоци што навистина ќе се случи во Република Северна Македонија. Сето тоа е недоволно поткрепено со податоци, со научни истражувања“, вели Чукалиев.
Само во првите седум месеци од годината, над 38 милиони денари изнесува вкупната штета од опожарена шума. Над 800 пожари кои во изминативе пет години зафатиле шумски појаси предизвикале штета од над 55 милиони евра. Обновата на шумскиот фонд во зависност од видот на дрвјата и почвените услови вообичаено трае од 30 до 50 години. Климатските промени се случуваат постојано, со забрзан интензитет и затоа секое општество само крои план како да си помогне. Екстремните временски услови ќе станат уште поинтензивни доколку земјите не ја намалат емисијата на гасови што ја загрева планетата Земја.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажерка: Мајда Бошњак-Атанасовска