Лицето со попреченост 20 месеци плаќа по 950 денари кирија за руинираниот стан, иако не може да се всели оти Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор не го поправа ниту одговара на преставката поднесена кај Народниот правобранител
Возрасно лице со попреченост и тешки здравствени проблеми, за кое по смртта на мајка му се грижи старател, 20 месеци не може да се всели во стан што му го доделила државата во Скопје, бидејќи му го дале целосно руиниран, а надлежните не го поправаат. Сам старателот не може, а и нема право да поправа и да инвестира ништо во руината. Според законот, единствено тоа смее да го прави само Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со месеци не прави ништо, и покрај упорните барања на старателот за да може да се смести лицето со попреченост кое му е доделено на чување. Но затоа, мора секој месец да плаќа кирија од по 950 денари, бидејќи лицето со попреченост преку старателот е обврзано со закупот за државниот стан, потпишан од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
На 22 април лани, по неуспешните обиди да ги натера барем една шајка да заковаат во испокршениот стан во зградата кај “Шампионче“ во скопската населба Кисела Вода, старателот до Народниот правобранител Иџет Мемети поднел претставка. Претставката е против Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
“Во станот кој ми го даде Министерството за транспорт и врски на име на мојот штитеник, пред неколку години имаше диво вселени станари. Станот е оставен без врати и прозорци, нема струја, демолиран е целосно. Затоа, до станбеното претпријатие преку кое одеше доделувањето на станот на мојот штитеник, поднесов барање за санација, колку да се создадат барем минимални услови да се влезе во него. Како што не добивав никаква реакција од претпријатието, така пуштав нови барања. И до денешен ден, надлежните немаат направено ниедна поправка во станот“, наведува старателот во претставката до Народниот правобранител.
Лицето со попреченост, мора да престојува во психијатриска болница, бидејќи старателот нема кај да го прибере. Повремено доаѓа и во неговиот дом, што според старателот, не е решение.
“Киријата ја плаќам редовно и се надевав дека државата, кога веќе му го дала станот под закуп на ова лице, ќе создаде услови тој и да живее во него. Но, попусто“, вели старателот пред Народниот правобранител.
Омбудсманот веднаш побарал известување од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, зошто и покрај упорните барања на старателот претпријатието, како единствено надлежно да го реновира тој стан, тоа воопшто не реагира?
Одговорот на барањето за информација и на сите наредни интервенции до станбеното Акционерско друштво, вели државниот советник Зоран Билбиловски кај Народниот правобранител, е секогаш ист: “Во моментов немаме градежна фирма која ги изведува градежно-занаетчиските работи“.
Дојде и 2017, а ова претпријатие уште е со истиот одговор, вели Билбиловски.
Во меѓувреме, старателот на своја рака и на свој трошок ја сменил влезната врата, за да не влегуваат скитници и кучиња. Старателот платил и за приклучок за струја и вода.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за да одговори зошто воопшто и му дале државен стан на лицето со попреченост, кога немале намера да го оспособат тој стан за живеење. Претпријатието требаше да објасни и зошто 20 месеци му наплаќа кирија на ова лице, кое воопшто не живее во тој стан.
Ги прашавме надлежните во претпријатието кои се причините што станот сѐ уште не е реновиран и покрај барањата и ургенциите, не само на старателот на лицето со попреченост, туку и на Народниот правобранител.
И покрај ветувањето, одговор не добивме.
С. К. ДЕЛЕВСКА