fbpx

Насилни „дисциплински мерки“ сè уште присутни во македонските градинки

Со крвава рана на темето на главата, скопјанката Зорица Блажеска сѝ го земала детето од градинка на 1 септември минатата година. Од градинката и се јавиле на пладне да ѝ кажат дека нејзиното дете е изгребано од играчка-коцка, но дека е добро и дека не треба да го зема порано.

Детето имало сериозна повреда на главата

Во меѓувреме медицинска сестра вработена во градинката со газа и јод се обидела да го сопре крварењето и да ја дезинфицира раната. Кога родителите по работното време го зеле детето, слушнале поинаква приказна.

Детето неколку пати го опишало настанот без да смени ниту еден збор во приказната. Семејството Блажески го однеле детето во Институтот за судска медицина каде што лекарите констатирале дека „...повредата со која се здобило детето е од удар на тапо-тврдо средство, а не е настаната со пад. А врз основа на карактеристиките на констатираната повреда во пределот на двете темени регии, можеме да кажеме дека посоченото средство - супена лажица, претставува подобно средство за настанување на констатираната повреда.“

Мислење од Институтот за судска медицина

Случајот, освен во градинката бил пријавен и во МВР. Потоа, Министерство за труд и социјална политика ја отстранило воспитувачката од групата и против неа била покрената дисциплинска постапка, којашто пред да почне била одложена. Се повикале на членот 8 А, од Изборниот законик, за одлагање на сите дицисплински постапки, додека траат изборите. Додека во градинката се расветлувал случајот, Блажеска дознала дека таа не е единствена која што имала лошо искуство со воспитувачката. Таа поради поплаки од родители била префрлана од еден објект во друг.

„Бев како сведок повикана во дисциплинската постапка. Беше нагласено дека постапката за воспитувачката се покренува по мојата пријава и по две претходни пријави кои ги има во досие. Исто од родители за неадекватно однесување.“, вели Блажеска.

По четири месеци била изречена дициплинската мерка со којашто воспитувачката добила парична казна - одбиток од плата во период од шест месеци.

Покренат обвинителен акт

Основното јавно обвинителство по поднесената пријава неодамна овој случај го проследи до надлежен суд.

„По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство врз дете од член 201-а од Кривичниот законик. На 01.09.2021 година, обвинетата 48-годишна воспитувачка во детска градинка во Автокоманда извршила физичко насилство спрема дете оставено на грижа и чување во објектот. Додека го делела ручекот за децата во групата, обвинетата со метална супена лажица го удрила детето по главата, нанесувајќи му телесна повреда – нагмечно-расцепна рана на темето.“, соопшти Обвинителството.

Има и други случаи

И други родители како Блажески, побарале инспекторите од труд и социјала да ги разгледаат нивните пријави. Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат како постапуваат инспекторите.

„По примена претставка или допрен глас, согласно одредбите од Законот за заштита на децата, инспектори од Одделението за инспекциски надзор од дејноста на заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика вршат вонреден инспекциски надзор. Инспекторите при спроведување на инспекцискиот надзор имаат право и обврска да поднесат кривична пријва за сторено кривично дело, барање за поведување на прекршочна постапка или иницијатива за покренување на дисциплинска постапка, ако најдат докази дека е сторено кривично дело, прекршок или потешка повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи.“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека доколку се утврди прекршок од страна на вработен во градинка, директорот на установата ги санкционира по претходно водена дисциплинска постапка согласно закон со изрекување на соодветна казна.

СОНК: Несоодветни услови за работа

И од СОНК признаваат дека има такви случаи и дека тие им стојат на располагање на нивните членови доколу имаат потреба од правна помош. Првиот синдикалец во образованието, Јаким Неделков вели дека ги разбира родителите кои ќе најдат забелешки, но смета дека секоја ситуација има лице и опачина. Во некои градинки, бројот на деца во групите е двојно или тројно зголемен и поради тоа вработените не можат да посветат доволно внимание. Ако поради боледување е отсутен некој од тимот воспитувачи и негователи, што е зачестена појава по појавата на корона вирусот и забраните за мешање, еден вработен останува сам на работното место и по 12 часа.

Тој додава дека партиципацијата е непромената повеќе од 10 години.

„На сметка на тоа велиме буџетот е толку, колку што е дотацијата на градинките. Сметам дека иако сме социјална држава има простор за размислување да се зголеми партиципацијата, како би можеле децата да добијат подобри и поквалитетни услови. Тоа значи да се применува она што е предвидено со закон – во секое време да има еден воспитувач и двајца негователи.“, вели Неделков.

Пријави за насилство и во „Меѓаши“

И во првата детска амбасада „Меѓаши“ стигнуваат пријави за физичко насилство врз децата во градинките. Годинава во периодот јануари-февруари имале 2 пријави за насилство врз деца и 2 пријави за соочување на децата со други проблеми во градинките.

Првата детска амбасада во интерес на децата, за најголем број од дојавите презема интервенции на обезбедување на директна помош или поддршка на контактите, преку давање на препораки, информации за контакт на соодветна институција или во зависност од тематиката и комплексноста на проблемот преку директно обраќање до соодветните институции.

Децата знаат да изразат чувства преку цртежи

На Јорданка Трајковска, психолог во Првата дестка амбасада „Меѓаши“ и дадовме цртеж на петгодишно момче кое имало зададена задача да нацрта како поминува еден ден во градинка. Трајковска ја прочита пораката на овој мал уметник.

УНИЦЕФ: Дисциплинирањето со насилство е присутно во Македонија

Истражување на УНИЦЕФ од 2017 година за знаењата, ставовите и однесувањето на наставниците во основните училишта и воспитувачите во градинките во Македонија во однос на примена на насилство како дисциплинирање на децата покажува дека 87% од испитаниците изјавиле дека немаат лично искуство со идентификување насилство врз дете во нивната секојдневна работа, а 12% потврдиле дека имаат такво искуство.

Од УНИЦЕФ велат насилството не само што влијае врз животот на децата и кога ќе станат возрасни, тоа има сериозно економско влијание врз општетсвото, намалувајќи го човечкиот капацитет и компромитирајќи го социјалниот капитал.

Со видео надзор до подобра контрола?

Во Македонија правната регулатива дозволува снимање, но засега ниту една детска градинка не поставила видео надзор во просториите каде што се движат децата.

Според членот 90 од Законот за заштита на лични податоци, градинката може да врши видео надзор во службени или деловни простории ако е потребно за заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегување и излегување од службените или деловните простории само за безбедносни цели.

Пред започнување на процесот за воспоставување на систем за вршење на видео надзор градинката е должна да изработи анализа на целта за која се поставува видео надзорот и анализата да ги содржи причините за поставување на видео надзорот во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.

Законот предвидува како да се известат сите кои ќе бидат под видео надзор, кој ќе ги следи камерите и како ќе се чуваат материјалите. Рокот за чување е 30 дена, доколу нема барање тоа да биде на подолг рок, и материјалите автоматски се бришат од медиумот на кој што се чуваат.

Да постоеше видео надзор во градинката на Автокоманда каде што е згрижено и повредено детето на Блажеска, овој случај можеби ќе беше спречен.

Детето на Блажеска неколку месеци пред да биде удрено со лажица по глава, се жалело од воспитувачката. Таа и нејзиниот соруг разговарале и со раководителот и со вработената, по што се забележала промена на добро кај детето, но од следниот месец се се вратило на старо, па било дури и полошо. Детето било вознемирено, агресивно, избегнувало комуникација. Повторно побарале одговор од градинката на што се должи ваквото однесување, но оттаму не дале став за промените кај детето и тврделе дека сè е во ред.

„Треба да се разбуди свеста кај надлежните институции да превземат мерки во врска со ваквите случаи, да се преземат мерки и да се увидат сите неправилности кои се случуваат, бидејќи станува збор за нашите деца“, вели Блажеска.

Според психологот Трајковска секоја институција, градинка, училиште, спортски клуб, треба да има политика за заштита на децата. Тоа значи да има процедура и постапки, кои што треба да се следат во најдобар интерес на децата. Потребен е кодекс на однесување којшто во никој случај нема да дозволи со насилни мерки да се дисциплинираат децата бидејќи тоа може да има сериозни последици по нивниот развој.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Наташа Јанчиќ Монтажа: Артистид Филактов

Тагови: