Нестручни естетски интервенции: Разубавување или ризик од компликации?

Корекција на нос, уста, уши, подигнување на гради или задник, липосуксија, ставање ботокс, филери. Модерното време ги подигна очекувањата за убавината. Естетските хирурзи имаат полни раце работа. Им доаѓаат и жени и мажи, бараат да бидат помлади и поубави за поголема самодоверба. Но, понекогаш се поминува границата, се бараат нереални работи, а ефектот е целосно спротивен кога се претерува со зафатите. Некои го ризикуваат и сопственото здравје, преземајќи чекори на свои раце, па се случуваат и потешки компликации.

Зголемена побарувачка и граници на естетските интервенции

Естетската хирургија е дел од пластичната хирургија, којашто доаѓа од грчкото име „пластин“, што значи да се моделира или да се обликува нешто. Тоа нешто е нашето тело. Треба да се прави разлика со естетската медицина, којашто подразбира нехируршко или неинвазивно разубавување – тука спаѓа употреба на конци, филири, ботокс. Во естетската хирургија, пак, се прават операции за да се стигне до промена на ликот или на телото на пациентот. Лекарите потврдуваат дека бројот на пациенти е сѐ поголем. Луѓето стануваат свесни за своето тело, за убавината, но и за нивните „маани“ и бараат корекција. Иако жените се побројни, сепак лекарите велат дека во изминативе години сѐ почесто во нивните ординации доаѓаат и мажи, од најразлична возраст.

„Жените најчесто бараат вадење масно ткиво од едно место и поставување во друга регија и затегнување на стомакот по породување и бременост, кога се појавува вишок на кожа којашто виси во делот на стомачната регија, па ја затегнуваме со хируршка процедура. Доаѓаат за зголемување на градите, фејслифтинзи, поправање на очни капаци или на лицевата регија. Мажите доаѓаат најчесто за нос или гинекомастија - грпка на нос, зголемен нос, широки ноздри, па бараат третман. Гинекомастија е кога има зголемување на градите кај машко, па бараат отстранување или намалување на тој вишок на гради. Во последно време бараат и липосукции за да се постигне извајан изглед на телото, да направиме лажни стомачни мускули. Секако клампавите уши се на број еден кај сите пациенти што се јавуваат кај нас“, објаснува д-р Томислав Јовановски, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија.

Д-р Роберт Стојовски, специјалист-хирург по пластична и естетска хирургија, очекува дека во наредните години операциите за отстранување на вишок на кожа да станат почести.

„Најчесто се работи за пациенти кои изгубиле поголема количина на килограми. Сега со процедурите коишто се прават во Турција и кај нас со ресекција на желудник, тие пациенти може да изгубат 50-70 килограми. Тоа е добриот дел ако се вратат на здрави навики, но останува вишок кожа и таа треба да се тргне за да имаат целосно подобрен изглед. Така што, овие процедури во наредните години би биле сѐ почести кај нас“, вели д-р Стојовски.

Кога се бара балансот меѓу желбата на пациентот и ставот на хирургот, се случува да се инсистира на зафати кои не се неопходни, бидејќи пациентот своите недостатоци, кои смета дека ги има, ги перципира како многу поголеми од она што се навистина. Оттука, и не треба да изненадува што во некои случаи границите се поместуваат до екстрем, кога се претерува и со естетските операции, но и со ботоксот и филерите, па ефектот е спротивен од очекувањата.

„Има многу пациенти кои доаѓаат повеќе пати. За пациент кој има реална индикација за хируршка, естетска интервенција секако дека е добредојден на нашата клиника за да се направи тоа поправање. Ќе почне со поправка на носот, па после ќе дојде и ќе каже дека сака малку да го затегне лицето, па дека сака поголеми гради, па да го затегне стомакот. Сѐ додека има одредена индикација да го направиме тоа како реална потреба на пациентот, тоа е прифатливо. Меѓутоа, кога ќе видиме дека пациентот почнува да менува работи што не се потребни кај него, веќе станува зависен од операции, му кажуваме дека тука е крајот од наша страна и ќе се направи совет со психолог, со психијатар за да се види зошто тоа лице бара толку често да прави такви естетски интервенции. Тука би ги спомнал и тие што доаѓаат за естетска медицина - боцкање со филери, ботокс, хиелурон. Ако некој од нашите колеги кој е стручен во таа област каже дека е веќе доста, дека се претерува со тоа, ќе оди кај некој друг што има завршено курс за апликација на филери и ботокс, ќе го заврши тоа и ќе дојде кај нас со некоја несакана компликација поради претерувањето со тие медицински помагала“, раскажува д-р Јовановски од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

„Најбитно е кога ќе дојде пациент да ги видиме неговите побарувања. Доколку видам дека нивните побарувања не соодветствуваат со ликот или е нешто што ќе ги нагрди или премногу ќе истакне некој дел на нивното лице или тело, ги советувам да не ја прават интервенцијата. Доколку не се согласуваат одат на друго место. Јас не правам нешто што мислам дека не би изгледало коректно или нешто што е претерано зашто тоа е најлоша реклама што може да ја имате, подвижна реклама што не изгледа како што треба. Се стремам да се задржи природниот лик и да се надоместат некои асиметрии на лицето - страната на којашто спиеме повеќе да се коригира, ако е паднат тонусот на кожата да се коригира, ако има мала уста да се стави мала количина во устата - постојат начини како тоа да се подобри, да изгледа природно, да не е претерано и да не паѓа во очи во негативна конотација“, вели д-р Стојовски.

Сериозни компликации од нестручна примена на супстанци за разубавување

Лекарите сведочат за компликации предизвикани од нестручност што се многу сериозни. Има случаи на пациенти кои решаваат сами да се боцкаат, се гледаат видеа на Тик-Ток и Јутуб за да се стекне „знаење“ да се аплицира филерот. Луѓето во бели мантили раскажуваат дека ова кај нас го прават козметичари, па дури и економисти. Од друга страна, под прашалник е и квалитетот на материјалите, имајќи предвид дека Царината во неколку наврати досега има спречено шверц на филери.

„Локалната алергиска реакција може да се јави доколку користиме непроверени производи најчесто од „добавувачи на црно“, набавување на разни ботокси, филери и други супстанци за разубавување, како хемиско пилинзи и слично, при што се појавуваат локални изгореници, локални алергиски реакции коишто полесно се третираат, па сѐ до оклузија на артерија, запушување, јавување на ембулус на артеријата, на местото на убод. Затоа е многу битно да се знае анатомијата на лицето и нервацијата на мускулите, артериите, вените. Морам да напоменам дека освен од непроверени производи, несакани последици се јавуваат и од неедуцирани лекари и доктори, а најголемиот проблем е тоа што честопати пациентите знаат да кажат дека се боцкале од нестручни лица. Апликаторот мора да е доктор. Право на боцкање, на апликација на филери и на сите останати естетски процедури имаат пластичните хирурзи, дерматолозите, стоматолозите. Меѓутоа, често самите пациенти знаат да кажат дека апликацијата на овие филери и ботокси е од козметичари, па и од економисти. Многу луѓе знаат да се бават со ова, мислејќи дека е безопасно, дека не може да се случи некој поголем проблем и тука најчесто се прават најголемите грешки“, предупредува д-р Дејан Филиповиќ, специјалист-дерматовенеролог.

Д-р Филиповиќ вели дека иако аплицирањето не е толку тешко, мора да се познава анатомијата за да се избегнат компликациите и дека неедицираните лица не размислуваат за компликациите, туку за да заштедат пари. Според него, има случаи кога се купуваат филери од аптеки и други доставувачи и пациентите сами си ги аплицираат, а тогаш се случува поголемиот дел од несаканите ефекти и контраиндикациите.

Специјалистот по пластична и реконструктивна хирургија, д-р Томислав Јовановски вели дека загрижува употребата на филери и ботокс од нестручни лица кои се претставуваат преку социјалните мрежи и стануваат сензација кај младите пациенти за интервенција од естетската медицина.

„Се случуваат компликации како некроза на кожа, кога треба пластичен хирург да се справи со таа компликација. Токму затоа, целта ни е овие интервенции колку што може повеќе да ги врши стручно лице кое знае да се справи и со компликациите. Компликациите се најразлични: крвавење, модрица, некроза, исхемија, слепило, па тука веќе има потреба од сериозност во третманот на тие пациенти. Ние сме на располагање и за пациентите кои не се наши, но имаат компликација, секако дека може кај нас да се решат и тие проблеми, вели д-р Јовановски од државната клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

Се прават естетски интервенции под влијание на други

Клучно за лекарите е да ја препознаат потребата на пациентот, да разговараат со него за да се утврдат и очекувањата и причината зошто се сака да се направи одредена интервенција, дали е поради внатрешното чувство, дали некој друг им сугерира. Ова се важни прашања, особено ако станува збор за тинејџери, кои се подложни на сугестии, да направат чекор што не би го направиле без влијание од надворешната средина. Во други случаи, пак, се бара корекција на корекцијата, па се таложат операциите.

„Често се случува кај помладите, како резултат на сугестибилност од други лица, да се јават на третман кај нас, да кажат дека сакаат да го оперираат носот зашто другарка ѝ зборувала дека ѝ е крив. Кога станува збор за таква ситуација, гледаме да утврдиме дали пациентот реално сака да го направи тој зафат, бидејќи кога ќе се направи операција враќање назад нема, интервенцијата останува засекогаш. Ако имаме реални очекувања и барања коишто може да се постигнат, тогаш се согласуваме пациентот да оди понатаму кон третман. Ако видиме дека станува збор за пациент кој самиот не е доволно одлучен, тогаш бараме советување, па врз основа на тие документации одлучуваме дали ќе правиме нешто кај тој пациент. Ако станува збор за пациент кој е повозрасен тинејџер, секако дека ни треба согласност од родител, но за желбата што сака да прави разговараме под надзор на родител да видиме што реално бара пациентот, што сака да постигне. Над 18 години не е потреба согласност од родител, се разговара директно со пациентот, и тие се проблематични зашто сѐ уште не се сигурни за она што сакаат да го постигнат, меѓутоа разговараме за тоа што е реално и што може да се постигне“, објаснува д-р Јовановски.

„Пациентите прават грешка со тоа што најчесто сакаат да изгледаат како некој друг. Има пациенти кои сакаа да сокријат некоја своја „маана“ со преголемо истакнување на некој друг дел. Многу е подобро да го коригираат она што примарно им смета, на пример да коригира голем нос, отколку да стави преголеми уста, јаболкници за да го сокрие големиот нос. Секогаш ги советувам да се коригира она што најмногу им смета за да изгледа природно, а не за да се маскира сликата“, вели д-р Стојовски.

Естетски операции не се прават на товар на Фондот за здравствено осигурување, туку се плаќаат приватно по утврден ценовник. Сепак, од ФЗО објаснуваат дека ако има медицинска индикација, на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија се прават реконструктивни зафати кои се на товар на државата.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Мартин Пушевски, Сунчица Николовска

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Мајда Бошњак Атасансовска