Зачадена соба, тесна како кутија од кибрит, а некогаш гаража или подрум, веќе еден месец е привремен дом на Спасо Божиновски и на Ванчо Спасовски, неговиот другар по лоша животна судбина. Бездомници се, наназад пет-шест години. Подобро им е тука, отколку на бришан простор, на улица. Еден недефиниран меѓупростор, во кој дишат надеж меѓу чадот од тутунот. Немаат право на пензија, а не користат ни социјална помош. Целосно се невидливи за општеството.
Спасо има 62 години и бара сместување со нега во државна установа, а Ванчо кој има 60 години е здрав и бара само работа. Двајцата со години живееле од добрата волја на роднини и пријатели. Потоа, сите ги отпишале сè до почетокот на поларната зима, кога волонтерите од социјалниот центар "Дуња" им нашле покрив над глава. Киријата е платена со донации, кои полека се трошат. Спуштени ролетни ги кријат од дневната светлина. Од луѓето кои надвор постојано некаде брзаат. Никој не ги бара, никому не му требаат, признаваат самите. Посетители им се само новинари и волонтерите. Молчат, пушат цигари, една по друга. На масата во собата - чинија со недојадени макарони и сирење. Сок, пепелник и кутија со една цигара. На старите и валкани ѕидови, еден часовник, кој одбројува.
Од кревет до тоалет и назад

Има истрошено лице, длабоки бори, избраздени како со нож. Оперирана нога, а пред еден месец доживеал и мозочен удар. Неволјите никогаш не доаѓаат сами. Му се плетка јазикот од болеста, му снемува здив, но мислата му е јасна. Ја крена ногавицата од пантолоните, да ја покаже оперираната скршеница. Не може да гази од болка. А ја скршил пред пет години, му ставиле шипка, но неуспешно. -Пред еден месец ногата ми потемне, пред сечење - раскажа накратко тој.

Има две деца, но со години не зборува со нив. Семејни недоразбирања. - Ниту ми простиле, ниту јас им простувам, - мирно, без нималку огорченост, зборува тој за нивниот однос. Но, со наведната глава. Никогаш не дал документи за социјална помош, му барале тон службени хартии и се откажал. Бил тапетар во ,,Треска", работел и во печатница ,,Гоце Делчев''. Потоа, копал бунари. Од 2010 година, не работи ништо, нема сила во него, бидејќи е слабокрвен.
Чекаат одговори од министерство и од Општина Илинден
И Ванчо, исто како него, поради семејни недоразбирања, со години, не контактира со своите деца.
-Не знаат каде сум - рече тој. Живеел во Куманово, а во Скопје е веќе пет години. Собирал дреболии по канти, кои ги продавал на пазарот за стари работи, под Кале. Спиел каде ќе стаса.За себе вели дека работел од крановодител до рудар и градежник. Тврди дека во минатото бил три пати директор, на веќе пропаднати фирми.


Надвор веќе се стемнуваше. Се поздравивме со зборовите: "Ќе биде подобро".
Автор: Ј. Ивановска Фотографија: Томислав Георгиев
Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии