Пандемијата од корона вирусот КОВИД 19 го зголеми бројот на граѓани кои бараат помош во пунктот за бездомници на „Црвен крст“ во скопски Момин поток, а меѓу нив има нови лица, жртви на семејно насилство.
Пред пандемијата, во средите во пунктот доаѓале трисетина корисници, а сега доаѓаат по педесетина. Во петоците, кога пунктот вообичаено е најпосетен, неговите услуги ги користат стотина лица на кои им е потребна помош.
Од „Црвен крст“ објаснуваат дека од почетокот на пандемијата бројката на корисници се зголемила бидејќи дел од невладините организации кои работеле и им помагале на овие луѓе, го намалиле интезитетот на работа поради мерките за заштита.
Според Драгана Лазаревска од „Црвен крст“ загрижувачки е што има десетина нови посетители-жртви на семејно насилство, коешто очигледно има тренд на зголемување откако почнала пандемијата.
Најголем број од нив се жени. Тие преноќуваат кај роднини, а храна и бања користат во пунктот. Исто така, тука добиваат и психолошка поддршка и грижа од социјален работник.
„’Црвениот крст’ нема застанато со работа. Засега, за среќа нема позитивен случај или со симптоми меѓу луѓето кои ги користат нашите услуги, ниту меѓу волонтерите и вработените во ‘Црвениот крст’“, објаснува Драгана Лазаревска.
Во средите и петоците од рано изутрина дворот се полни со корисниците кои немаат дом или живеат во импровизирани домови каде само преноќуваат, а улиците, паркинзите и пазарите се местата каде го поминуваат денот.
Даут Таир девет години е бездомник.
„Еднаш животот го прокоцкав. Со комар ги изгубив сопругата, децата и работата, a сега со корона вирусот внимавам да не го изгубам животот. Носам маска, држам растојание, редовно мијам раце“, раскажува Таир.
Даут Таир работи како фризер во „Црвениот крст“. Но, без маска и чисти раце заштитени со ракавици, не потстрижува.
Тој вели дека чувствува страв, но внимава и верува дека се’ ќе заврши добро. Нему му е нејасно зошто луѓето кога се болни или имале контакт со заразаен, не пријавуваат.
Лазаревска вели дека во „Црвен крст“ има протокол, според кој доколку забележат симптоми, веднаш треба да реагираат до Центарот за јавно здравје. Но, досега немале ваква потреба.
Во кујната се дели храната, а корисниците јадат во дворот со цел да се намали престојот во затворениот простор. И користењето на бањите е со висока хигиена - се чисти темелно по секое користење.
Во „Црвен крст“ се подготвуваат за најавениот есенскиот силен бран на КОВИД 19. Тие планираат проширување на просторот за да се обезбеди поголемо растојание меѓу креветите на коишто преспиваат корисниците на пунктот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Фоторепортер: Томислав Георгиев