
- Пожарот во дискотеката „Пулс“ ја разоткри нефункционалноста на системот, корупцијата и негрижата за безбедноста.
- Нашата “инспекција“ покажа дека хидрантите во станбените згради се празни, ПП апаратите ги нема, а пожарните скали често се узурпирани.
- Паркинзи со непрописно паркирани возила, рампи и лоши урбанистички решенија го оневозможуваат пристапот на противпожарните возила.
- Законите предвидуваат обврски за управителите и за општините, но недоволниот број инспектори придонесува за непочитување на регулативите.
- Општините започнаа вонредни контроли, но набавката на опрема и поправките се скапи и сложени, а свеста за безбедноста често проработува дури по трагедии.
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ по повеќе од три децении самостојност беше страотна потврда за нефункционалноста на системот, долгите пипци на корупцијата, но за жал и на неодговрноста и негрижата на граѓаните.
Огромната загуба на 59 млади луѓе нè натера да погледеме околу себе, да размислиме како се однесуваме и колку водиме грижа за заедничкото добро и безбедноста.
Па така, сите почнавме да гледаме во хидрантите во зградите во кои живееме и во објектите во кои работиме. Гледаме, а знаеме дека се празни. Го знаеме тоа години наназад. Но, сега сме сериозни, првпат, откако со децении црвените метални кутии во влезовите зјаат празни и служат за оставање отпадоци.
Или дури и за некои други „духовни“ работи.
Градоначалниците, општинските власти се растрчаа. Првенствено испраќаа контроли во угостителските објекти, но во сите општини се проверуваат и станбените објекти. Додека градоначалниците ги чекаат извештатите од овие контроли, „Само прашај“ тргна во своја инспекција.
Не е многу тешко да се предвиди што забележавме. Бевме во повеќе згради и населби низ Скопје - во Капиштец, во Центар, во Аеродром, урбани средини кои важат за пожелни места за живеење и со најскапи станови. Во сите сликата е идентична.
Три фактори во станбените згради придонесуваат за тоа каква ќе биде реакцијата во случај на пожар. Тоа се функционалните хидрантски систем и ПП апаратите, во старите постаритр повисоки згради пожарните скали за евакуација и на крајот пристапот за противпожарните возила.
Заклучокот од нашата „инспекција“ е дека ништо од овие три работи не е како што треба. Во ниту еден објект во кој бевме.
Хидрантите секаде се празни, во ниту еден објект не видовме црева. Во една зграда имаше хидрант заклучен со катанец, веројатно и внатре имаше црево, но кој ќе го отвора катанецот ако избувне пожар. Каде е клучот, дали тој сосед е дома?
Сите станари знаат дека цревата одамна ги нема, во најголем дел се украдени и тоа токму од луѓе кои живеат во тие згради. Тешко некој од надвор доаѓа да го краде цревото од хидрантот.
Во некои од поновите згради, ситуацијата е иронична. Цревата постојат. Но, не се во хидрантите. Кога ги прашавме станарите каде се цревата, велат, скриени се, заклучени за да не ги крадат. Тука повторно многу прашања: Кој ќе ги бара ако се случи пожар? Кој има клуч и колку време ќе треба да се извадат за да се користат ако гори во зградата?
Откако расчистивме дека хидрантската мрежа е нефукционална, а ПП апарати нема, баравме дали ќе може станарите да се евакуираат преку пожарните или скалите за итни случаи. За волја на вистината во дел од обојектите, скалите може да се користат, но во најголем дел тие се блокирани. И за ова како и за украдените црева, се виновни самите станари. Оти пожарните скали се користат како остави и тоа најчесто за стари и непотребни работи, понекогаш и за зимница.
Бидејќи констатиравме дека првите два фактора за помош во случај на пожар во речиси сите згради се нефункционални, трето беше да првериме дали има услови да пристапи противпожарно возило. И, очекувано, и овде блокада. Паркинзите се преполни. На нив, има места обележани со големи „иксови“ со жолта боја кои изначуваат дека тој дел треба да биде оставен празен. Но, едноставно не е. Секогаш има паркирано возила. Дополнително, урбанистичките решенија, близината на зградите една до друга, затворањето на паркинзите со столбчиња или рампи, прават огромни проблеми кога пристигнуваат пожарникарите. Тие многу често се мачат да пристапат до објектот кој гори, па во тој момент на итност, се тргаат автомобилите, се отклучуваат рампите на паркинзите и се губи драгоцено време.
Ова се резултатите од нашата „инспекција“ во зградите во Скопје, а многу слично е и во другите градови - трите фактори за справување со пожар се комплетно неисполнети.
Тука доаѓаме до прашањето: Кој е одговорен? Објаснувањето е дека хидрантската мрежа е одговорност на Управителите на објектите избрани од заедницата на станарите. Оваа проблематика, иако многу штуро, е регулирана во два закона: Законот за заштита и спасување и Законот за домување.
Контролите ги прават, општинските инспектори за домување. Така вели законот. Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначланик на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски признава дека општините немаат доволно инспектори, некои немаат воопшто, па во овој момент кога на сите ни текна каква опасност се пожарите, општините си позајмуваат инспектори.
Законот за домување, пак, вели дека, ако општината нема инспектори, контролата ја вршат инспектори од Државниот комунален испекторат во име на општините и во име на Град Скопје.
„Редовното одржување од ставот (2) точка 2 на овој член го опфаќа инвестиционото и тековното одржување на станбената зграда. Тековно одржување на зградата претставува преземање на мерки и активности што овозможуваат непречено користење на заедничките делови од станбената зграда, на инсталациите и уредите, вклучувајќи набавка на резервни делови за заедничките инсталации и уреди, вградување на дополнителни апарати и уреди како мерачи, броила и други уреди. Инвестиционото одржување ги опфаќа работите со кои се одржува и зголемува вредноста на објектот квалитативно и квантитативно, а се однесува на работите што не се опфатени со тековното одржување“, пишува во членот од Законот за домување кој се однесува на обврските на управителите и на кој се повикуваат општинските инспектори за да им наложат на управителите да ја доведат во нормална состојба целата неопходна опрема.
Општините наложија вондредни контроли во станбените згради. Тие се во тек, а бидејќи сосема е извесно каков ќе биде исходот, најавуваат дека ќе ги задолжат управителите да ја обезбедат потребната опрема.
Следната фаза ќе биде санкционирање.
„Управителите ќе добијат одреден временски рок за да се усогласат со законските одредби, потоа ќе биде направена контрола, онаму каде што нема да има усогласеност ќе бидат изречени казни. Сметам дека мора да има ригорозни санкции за непочитување на законите нема да можеме да ја постигнеме целата“, вели за „Само прашај“ претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Но, обезбедувањето потребна опрема не е воопшто едноставно како што можеби навидум изгледа, а не е ниту евтино.
За ова сведочи Трајче Стамков, претседател на куќен совет во зграда во Ново Лисиче во скопската општина Аеродром. Тој ја почнал постапката за набавка на потребната опрема со оглед дека и во овој објект како и во речиси сите во Скопје, нема ништо од она што е законски предвидено.
„Одговорноста е на управителите, па тргнав да пребројувам што имаме во зградта и што треба да се набави. Излезе дека немаме ништо освен црвените кутии до кои нема вода и кои зјаат празни. Треба да се набават црева, сврзници, спојки, млазници за вода. Дополнително, ова е тешко за монтирање, а не се наоѓа ниту фирма која ова го прави. Фирмите кои треба да ја издадат лиценцата која потврдува дека опремата е во ред, доаѓаат на крај, да го проверат притисокот и да констатираат дека е се во ред и да издадат лиценца“, вели Стамков.
И набавката на опремата не е единствениот проблем, треба да се стави во функција целата инсталација која вклучува и пумпа за вода која обезбедува притисок за повисоките спратови. Треба да има ПП апарати на секој спрат и тоа од два вида. Во зградите треба да има и звучен аларм кој предупредува во случај на пожар. Тој се активира преку оние мали црвени кутии и кои исто како и целата друга опрема не се функционални. Дополнително треба да има и панични светла.
„Сето ова ќе чини пари, ние треба да ја набавиме целата опрема, треба да викнеме луѓе да спроведат вода, да монтираат, ќе мора сега еднократно да собираме дополнителна сума од оние редовните месечни сметки што ги плаќаат станарите, а ќе мора да ги зголемиме двете сметки и редовниот и дополнтелниот фонд за по 100 денари, за да имаме средства за се ова да се покрие. Станарите, во оваа ситуација се кооперативни, свесни дека опаснаста е за сите нас кои живееме во вакви згради без опрема“, вели Стамков.
За крај, станбените згради покрај сето ова се должни да имаат и Пожарен куќен ред. Тој треба да е поставен на видна позиција во зградата. Ова го одредува Законот за заштита и спасување.
„Сопствениците, односно корисниците на станбени објекти со повеќе од четири стана, како и сопствениците, односно корисниците на деловни и индустриски објекти кои не изработуваат планови за заштита и спасување, се должни да имаат „Пожарен куќен ред”, поставен на видно место во објектот. Пожарниот куќен ред од ставот 1 на овој член, содржи: - мерки за заштита од пожари соодветна на животните и работните услови во објектот; - организација на заштита од пожари и - упатство за постапка во случај на пожар“.
Во нашата проверка низ зградите во Скопје, а бевме во повеќе од 20, ваков куќен ред видовме само во една.
Сето ова, недостатоците во опременоста на зградите со инсталација за пожари покрај нашето истражување веќе го потврдија и дел од скопските градоначалници. Тие сведочат дека контролите, на пример во Општина Карпош покажале дека од 800 проверени згради само една имала комплетна опрема за справување со пожар. Слични податоци има и во Општина Чаир.
Тоа што требаше да се случи трагедија за на сите да ни проработи свеста, и на граѓаните и на институциите, па да проверуваме и да набавуваме она што е потребно, е само потврда дека одговорноста ни проработува стихијно и само кога директно ќе се соочиме со опасноста.
А анализа за сите овие недостатоци веќе постои веќе три години. Уште во 2022 година Противпожарниот сојуз на Град Скопје направил проверка и констатирал дека 98 проценти од станбените згради се со големи недостатоци. Нивниот извештај вели дека во зградите или нема хидранти или тие се нефункционални, не работат паничните светла, а противпожарните скали во зградите над 22 метри делумно се во функција, но дел се затворени или узурпирани со покуќнина. И сето ова, како и за многу други работи, останало само како констатација. На хартија. До првата несреќа.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Ѓуровски
Фотографии: Наке Батев