fbpx

Нови станбени комплекси ќе го загрозат чистиот воздух во Охрид?

Дваесеттина нови висококатници ќе никнат на неколку локации во Охрид. Граѓаните, експертите и некои од градските советници во општинскиот совет велат дека сето ова не е во интерес на градот и дека изградбата на новите згради ќе влијае врз квалитетот на воздухот кој охриѓани сега го дишат. Локалните власти уверуваат дека Охрид се урбанизира плански.

Некои од овие висококатници ќе се градат близу строгиот центар на Охрид. На опфатот помеѓу улиците „Јане Сандански“, „Туристичка“ и „Даме Груев“, според урбанистичкиот план ,треба да се градат згради со височина од пет ката, приземје плус потпокрив. Четрикатници пак, ќе никнат на опфатот меѓу улиците „Димитар Влахов“ и „Македонски просветители“,  кои објекти дел се со поткровје. Овие урбанистички планови во нацрт верзија беа донесени на седницa на градскиот совет која се одржа на 25 јануари оваа година. Сега ќе следуваат уште две фази, јавна расправа и повторно гласање на оптинскиот Совет пред да стапат на сила.Во рамките на постоечките ДУП-ови веќе постојат неколку изградени згради.

Против пим (PM) честичките во моето маaло и мојот град – напишаа на својот фб профил двајца советници од Вмро Дпмне.
Гласањето за овие урбанистички планови ги подели советниците од владеачката ВМРО ДПМНЕ. Против ваквата политика гласаа двајца советници од ВМРО ДПМНЕ во Охрид, Јованка Дамоска Секулоска и Дејан Паноски. Не рекоа ништо на седницата, туку својот став го изнесоа на  Фејсбук, каде напишаа: “Против ПМ честичките во моето маaло и мојот град“.

Го прашавме Паноски што значи ова. Вели дека ваквата својата одлука ја оправдува со ставот дека на Охрид му е потребна деурбанизација и деузурупација.

-Тоа е принципелна политика.За она што сме гласале против во 2012 година, за истото гласаме и сега. Охрид да остане онаков каков што беше препознатлив, а тоа е без масовна урбанизација која ќе му претставува проблем. Исто така не би сакале да го доведеме моментот на квалитетен воздух во прашање во Охрид со изградбата на големи блокови на згради, бидејки се соочуваме и гледаме дека тој проблем може да биде доста непријатен и за здравјето и доста непријатен за еден град како што е Охрид, вели Паноски.

Паноски вели дека тој е против изградбата на комплексот на згради и од еколошка, но и од економска, урбанистичка и демографска гледна точка.

-Не ги сметаме за потребни.Таков став сме имале и во 2012 година, таков став имаме сега во 2017 а , ако треба таков став ќе имаме и во 2020 година. Во политиката може да имате свој принципи и своја визија, меѓутоа не значи дека тие принципи секогаш ќе бидат прифатени од мнозинството. За сега ние со една поинаква визија за деурбанизација и деузурпација сме во малцинство и затоа мнозинството си донесе одлука каква што си донесе, вели Паноски.

Охрид требаше да си направи имиџ на град со беспрекорно чист воздух. Прекумерната градба е евидентирана.

Димитар Зарчев, архитект

Од локалната самоуправа велат дека реализацијата на нацрт планот ќе започне откако ќе ја помине процедурата низ повеќе државни органи и институции за стручно мислење и одобрување.

Нови станбени објекти ќе се градат и покрај градскиот кеј?
Дополнително нови  станбени објекти треба да никнат и покрај градскиот кеј „Македонија“ според Деталниот урбанистички план (ДУП) за дел од урбаната заедница два . Иако овој план се’ уште не е дојден на разгледување пред советниците, за него се одржаа јавни расправи.

 Граѓаните се загрижени дека ова сериозно ќе се одрази врз квалитетот на животот, а ќе го затвори и протокот на воздух.  Некои изнесоа тврдења дека се предвидува изградба на објекти од 16,5 метри, кои би биле повисоки од постоечките. Буквално велат тоа  ќе биде Кинески ѕид кој ќе го запре протокот на воздух од езерото.

Ако вие донесете објект до друг на едно метро и дваесет сантиметри тогаш каков воздух ќе имаат граѓаните, како ќе се чувствуваат. Се носат маркици по се изгледа не по правилникот за изработка на ДУП, туку по нарачка. Најголемото зло е тоа што се носат маркици со огромни висини, вели еден грѓанин на Охрид.

Димитар Спасески, секретар во Општина Охрид вели дека ДУП-от се носи согласно законот и дека максималната висина на сите објекти ќе биде П плус четири.

Ние како локална самоуправа заедно со планерите гледаме колку што е можно да ги испочитуваме тие забелешки, меѓутоа исто така сме обврзани со законската регулатива да ја испочитуваме големината на самите парцели. Тука некаде се испреплетуваат желбите и законската регулатива, рече Спасески.

Архитеките предупредуваат дека новите објекти ќе предизвикаат деградација на просторот.
Димитар Зарчев, еден од најпознатите охридски архитекти, кој повеќе од пет децении се занимава со оваа професија прашува која е потребата од изградбата на нови станбени згради во услови кога во Охрид има многу непродадени и неискористени станови.

Во јавноста се наметнува вештачка тема дека урбанизацијата на Охрид посебно во централното градско подрачје и  езерскиот појас се случува по 2013 година,  што е апсолутно неточно.

Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид

-Што се однесува до кејот ние на кејот имаме доста објекти. Мене ме загрижува дека не е тенденцијата што сакаме да градиме,  туку што градиме, како градиме и дали треба да градиме на одредени локалитети. Ако на кејот поставуваме други повисоки објекти има еден друг фактор, тој се вика деградација на просторот во позадината на тие објекти.Фали економскиот дел, фали еколошкиот дел“, вели Зарчев.

Профитабилен урбанизам или комерцијален урбанизам како мотив
Зарчев вели дека треба  постручно и постудиозно образложение за потребата од нови објекти во Охрид.

-Кому му е тоа потребно?Дали му е потребно тоа на граѓаните или се работи за бизнис или за некаков профитабилен урбанизам или т.н комерцијален урбанизам кој нема врска со научниот, кој е зацртан со оној кој го имаме носено со години.Мислам дека заштитата на градот е и во смалената градба односно во неизградба. Не знам зошто од локалната структура и не само локалната се доживува градбата како некаков напредок на градот. Охрид не е град во развој, ние немаме индустриски капацитети. Кај нас има околу 5000 станови кои се покажаа дека се неискористени, вели Зарчев.

Зарчев додава дека на Охрид му е доста од нови објекти. Неколку туристички комплекси како Горица и Свети Стафан од туристички вели се претворија  во станбени комплекси. Според него Охрид треба да го сочува просторот за да може градот да дише.

Тој предупредува дека поради изградбата на нови објекти може да дојде до нарушување на структурата на воздухот на која охриѓани се навикнати.

-Охрид требаше да си направи имиџ на град со беспрекорно чист воздух. Прекумерната градба е евидентирана. Дали ќе биде со станбени згради дали со други, прашање е само колку тие се потребни, вели Зарчев.

Локалните власти не знаат колку нови згради ќе никнат во Охрид.
На нашето прашање колку нови станбени објекти се предвидени да се градат на различни локации во Охрид, во периодот кој следува, од Општината немаа прецизен одговор.Од таму писмено одговорија дека бројот на станбените објекти  не можел точно да се прецизира од причина што реализацијата на повеќе планови биле во различни временски периоди.

„Градењето на предвидените објекти зависи од повеќе фактори и тој број не секогаш се поклопува со бројот на предвидени објекти во соодветните планови“, сооштија од Општина Охрид.

Бакрачески:  Во Охрид нема непланска урбанизација.
Градоначалникот Никола Бакрачески во една изјава неодамна уверуваше дека на Охрид не му се случува урбанизација, како онаа до 2013 година, во времето на поранешниот градоначалник.

-Која е таа урбанизација? Во последните четири години во делот на урбанизацијата на она кое вие сметам дека претпоставувате дека е екстензивна урбанизација во централното градско подрачје и старото градско јадро,  не се случува ништо.Зошто ги мешате периодите помеѓу урбанизација од 2000 до 2013 година и во периодот од 2013 година до денес? Ние мора да имаме чисти позиции. Во јавноста се наметнува вештачка тема дека урбанизацијата на Охрид посебно во централното градско подрачје и  езерскиот појас се случува по 2013 година,  што е апсолутно неточно“, вели Бакрачески

Голем дел од урбанистички планови кои требаше да бидат спроведени пред 2013 година беа променети за да не продолжи трендот на експанзивна урбанизација на централното градско подрачје и на крајезерскиот предел вели Бакрачески.

Автор: Kanal77.mk Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.

britanska ambasada 

Тагови: