fbpx

Станбени згради наместо културно оживување на фабриката за бакар „Купрум“ во Скопје

Ќе се градат ли станбени згради на местото на руинираната фабриката за бакар „Купрум“ која се наоѓа веднаш до кејот на реката Вардар во скопската населба Хром е прашање кое заслужува внимание со оглед на тоа што повеќе генерации жители на оваа и околните населби израснаа гледајќи го ова транзициско индустриско ругло, кое со години стои запуштено. Станува збор за имот на фабрика која била во општествена сопственост и за кој подолг период се води стечајна постапка, која е „заглавена“ во судски процеси.

Многу генерации од населбите Хром, Ѓорче Петров и Карпош 4 и околината се сведоци дека објектите на некогашната фабрика со години наназад се запуштени

Од општина Ѓорче Петров, на чија територија лежи овој имот информираа дека според Генералниот урбанистички план просторот во фабриката „Купрум“ е предвиден со намена А-домување, што е потврда дека во иднина на овој простор е предвидено да се градат станбени објекти, но истовремено ја отвара дилемата колку е безбедно да се градат живеалишта на почва на која во минатото функционирале капацитети за производство на обоени метали.

Од општината не сакаат да навлегуваат во правните и стечајните постапки кои се водат за овој имот. На нашето прашање дали општината вршела или планира да врши испитувања на почвата и околината со оглед на тоа што таму имало фабрика, а „утре“ се планира изградба на објекти за домување, од општината велат дека бидејќи фабриката долго време е надвор од употреба досега не се појавила потреба да се извршат испитувања.

Stanbeni zgradi namesto kulturno ozivuvanje na fabrikata za bakar Kuprum vo Skopje 1Општината не побарала никакви испитувања на почвата иако во непосредна близина на фабриката има стотици куќи, а во иднина се планира изградба на објекти за домување

Оттаму не одговорија на прашањето дали општинските инспекции бараат од одговорните за овој имот да се огради односно да се обезбедат објектите во кругот на фабриката со оглед на тоа што е очигледно дека тие се запуштени со години и можат да бидат опасни по случајните минувачи. Имено, граѓаните кои живеат во блиската околина сведочат дека местото изгледа застрашувачки посебно во вечерните часови и дека е собиралиште на сомнителни ликови.

Stanbeni zgradi namesto kulturno ozivuvanje na fabrikata za bakar Kuprum vo Skopje 2Според податоците од Централниот регистар на Македонија овластено лице во претпријатието за општествена сопственост фабрика за обоени метали „Купрум“ - во стечај е стечајната управничка Ленка Илиеска.

Таа вели дека стечајната постапка се води подолг период бидејќи има судски постапки  околу површина од овој имот кој се водел како заеднички.

- Продадени се повеќе објекти од некогашната фабрика на еден купувач. Доколку немаше судски постапки досега ќе ги продадевме и останатите објекти и ќе можеше да се затвори стечајната постапка и овој простор да добие некаква корисна намена – вели Илиеска.

Таа не сакаше да открие кои се доверителите и кои се купувачите на објектите од некогашната фабрика, ниту пак колку точно објекти се продадени и по која цена.

Stanbeni zgradi namesto kulturno ozivuvanje na fabrikata za bakar Kuprum vo Skopje 3Детален план на поранешната фабрика

Според објавата на системот е-аукција на Централниот регистер согласно одлука од одборот на доверители од 12.09.2017 година стечајниот управник на „Купрум“ објавил оглас за продажба на пакет објекти кои се имот на стечајниот должник – по пат на електронска продажба со јавно наддавање без утврдена почетна цена.

Предмет на продажба бил недвижен имот сопственост на стечајниот должник и тоа објектите : бр.10 - Стовариште за складирање на стока на отворен простор-производен погон намена на објект со површина од 286 м2, објект  бр.11 - стовариште за складирање на стока на отворен простор-производен погон со површина од 138 м2, објект 12 - стовариште за нафтени деривати природен гас и ТНГ- производен погон со површина од 13 м2,  објект бр.13 - градба за црна и обоена металургија-производен погон со површина од 90 м2, објект бр.16-управни зграда со површина од 26 м2 на приземје, објект бр. 8 градби на црна и обоена металургија - производен погон со површина  од 243 м2, објект бр.2 - градби на црна и обоена металургија-производен погон со површина од 78м2, Објект бр.5 - градби на црна и обоена металургија-производен погон  со површина од 468 м2, објект бр.6 - градби на црна и обоена металургија производен погон со површина од 74м2 и уште неколку други објекти со помала квадратура.

Вкупна проценета вредност на овој пакет објекти, како што е објавено во огласот изнесувала 30.175.082 денари, но самиот факт дека имотот бил понуден на продажба без почетна цена отвара сомнежи за тоа дали е постигната пазарна вредност на продажба при наддавањето.

„Земјиштето на кое се наоѓаат сите објекти, наведени во овој оглас е во сопственост на РМ и не е предмет на продажба“, пишува во огласот.

Со оглед на тоа што земјиштето на кое лежат овие објекти е во државна сопственост, како и дека според генералниот урбанистички план на овој простор е предвидена изградба на објекти за домување станува јасно дека градските татковци уште во 2012 година при носењето на ГУП-от пресудиле дека на местото на фабриката „Купром“ ќе никнат станбени објекти. Очигледно е дека долгогодишната судска битка се води за кој да приграби поголем дел од објектите со што во иднина би имал предност при откуп на државното земјиште, кое за жал не се знае дали е еколошки исправно со оглед на фактот дека никој во државата не се заинтересирал за прашањето какви би биле условите за живеење на место во кое со години фукнционирала фабрика за бакар.

 

Спречен настан од едукативен карактер

Група млади ентузијасти од меѓународното здружение на граѓани „Културно ехо“ минатиот викенд по втор пат се обидоа во дворот на оваа поранешна фабрика во општествена сопственост да ја претстават својата иницијатива „Напуштени можности“. Станува збор за инцијатива која е превземена од големите европски центри, а која предвидува старите руинирани индустриски објекти од времето на транзицијата да се пренаменат во објекти од културата.

Иако уредно најавен во МВР и во општина Ѓорче Петров првиот настан закажан за 21 октомври беше прекинат уште во старт со предупредувања кон организаторите дека станува збор за приватен имот без оглед на тоа што општината дала писмена поддршка за одржување.

Вториот обид да се одржи овој настан беше прекинат со асистенција од припадници на МВР, а со оправдување дека станува збор за приватен имот кој е предмет на стечајна постапка и на судски процеси меѓу доверителите.

Професори од архитектонскиот факултет, екологисти и архитекти учествуваа во дебатата за „Напуштените можности“

Организаторите и присутните лица кои вториот пат дојдоа да ја поддржат иницијативата ги почитуваа укажувањата на полицијата и решија настанот да го одржат пред портите на некогашната фабрика.

- До општина Ѓорче Петров неодамна стигна иницијатива од невладин сектор за организација на настан кај фабриката. Од наша страна, истата беше одобрена, бидејќи наша тенденција е секогаш да се излезе во пресрет на НВО-организациите, како отворена и транспарентна општина. Што понатаму се случувало, немаме информација, ниту пак, некој не информирал, а не е ниту во наша надлежност тој дел – велат од општина Ѓорче Петров.

Впечаток е дека во општината не се премногу заинтересирани за ваквите иницијативи и дека освен декларативната поддршка, фактот што ниту едно лице од општината не присуствувало на овој настан за да чуе што имаат да кажат овие млади луѓе е доволна илустрација до каде е развиена свеста на нашите институции кога станува збор за реализација на благорадни идеи кои можат само да допринесат за подобро живеење на граѓаните.

Наташа В'чкова, магистер инженер архитект израснала покрај напуштените објекти на фабриката за бакар и магистрирала токму на тема за пренамена на овие индустриски објекти

Лоцирани десетина руинирани објекти

Во проектот „Напуштени можности“ кој предвидува детално истражување за напуштени објекти кои претставуваат (потенцијална) закана за безбедност и општото здравје за луѓето, животните и животната средина, нивна реставрација или пренамена, и реупотреба за општо добро досега се лоцирани десетина вакви градби.

Stanbeni zgradi namesto kulturno ozivuvanje na fabrikata za bakar Kuprum vo Skopje 11Мапа на лоцирани запуштени објекти

Целта на овој проект е да се поттикне правилно да се искористат пропаднатите фабрики и останатите објекти во државна или приватна сопственост, кои имаат потенцијал за воведување на соодветна функционална програма или имаат културно-историски идентитет, а се наоѓаат во загрозена состојба, како и, да се информираат граѓаните за: сопственоста, моменталната состојба, степенот на загрозеност, влијанието на објектите кои се загрозени, а непосредно и околината, можните идејни решенија на проблематиките и ревалоризирање и редефинирање на градската инфраструктура, овој проект првично ќе се насочи кон евидентирање, мапирање и визуелна техничка документација на истите.

Во согласност со тоа, првична цел на овој проект е да се изработи апликација - интерактивна мапа со која што ќе може да се изврши евиденција (увид за моменталната состојба) преку визуелен приказ на напуштените објекти.

Апликацијата ќе биде од едукативен карактер и до неа ќе имаат пристап заинтересираните граѓани. Податоците од извршеното истражување ќе бидат презентирани пред надлежните државни органи и локалното население, каде ќе се дискутира и за пронаоѓање на соодветни креативни архитектонски решенија за: реставрација, конзервација и ревитализација на објектите; во соработка со стручен тим од областа на архитектурата (студенти од Архитектонските факултети на локално и глобално ниво и лица кои професионално се занимаваат со архитектура).

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии Новинар и фотограф: Владо Николовски

Тагови: