fbpx

Струшката депонија канцер на градот и вистинска еколошка бомба

Додека стружани се гушат од  чадот и неподносливата смрдеа кои се шират многу често од градската депонија која се наоѓа на стотина метри од првите куќи секојдневно се зголемува бројот на заболени од рак во општината. Депонијата е место каде повеќе од една деценија се фрла најразличен вид на отпад, а која на Струга и оневозможува нормално да живее. Стружани со право велат дека таа претставува канцерот на градот.

deponija 12
deponija 12

„Тоа е страшно нешто. Ноќе не се излегува бидејки мириса и има чад. На лето посебно е катастрофа, но и на зима е катастрофа.“
„Многу голем проблем е. Во центар на поле не треба да има такви работи. До сега никој нема преземено мерки, да ја премести депонијата на друго место.“
Жители на Струга

На самиот влез на Струга од левата страна на патот кој води кон Дебар се наоѓа градската депонија, каде речиси една деценија се носи целиот отпад од градот и неговата околина.Депонијата се наоѓа на стотина метри од првата градска населба Плитишта. За да ситуацијата биде уште поалармантна, депонијата е сместена веднаш до некогаш најплодното струшко поле каде се уште се одгледуваат насади со најразлични култури. Стружани се разочарани од институциите, за кои велат дека не прават ништо да го решат  овој проблем  кој е еден од најголемите со кои градот се соочува.

Стружани бараат дислокација на депонијата од најплодното струшко поле

deponija struga
ДЕПОНИЈА СТРУГА

„Тоа е страшно нешто. Ноќе не се излегува бидејки мириса и има чад. На лето посебно е катастрофа, но и на зима е катастрофа. Треба да се најде начин, да се најде ново место и да се дислоцира под итно. Тоа е најтежок проблем и никој ништо нема преземено“, вели граѓанин на Струга.

„Многу голем проблем е. Во центар на поле не треба да има такви работи. До сега никој нема преземено мерки, да ја премести депонијата на друго место. Подобро е отпадот да се рециклира или да се прави депонија помеѓу Струга, Дебар и Кичево“, вели жител на Струга.

„Тоа не е нормално. Тоа не е добро за овој град Струга, кој е најубав.Се знае дека тоа не е здраво. Тој проблем може да се реши бидејки тоа е најлесно, но немаат интерес за тоа, не сакаат.Општината треба ја чисти и да има определено место, а не вака луѓето да фрлаат каде сакаат“, додава друг стружанец.

Советникот во градскиот Совет, Ардијан Демири вели дека на депонијата ова и е дванаесетта година како се наоѓа на оваа локација.

„Таа претставува градски канцер со огромен капацитет на загадување по однос на човековата околина и здравјето на стружани. Во моментот таму има околу 40 луѓе кои се населени во таа депонија и имаат свои импровизирани живеалишта и работат со сметот кој се таложи“, вели Демири.

Депонија е вистински канцер на градот

Од депонијата особено на лето се шири голема миризба, подложна е на самозапалување, а многу често се пали и намерно. Поради тоа целиот град во текот на туристичката сезона е под огромен притисок, вели Демири. Тој е загрижен како што вели, за се поголемиот негативен ефект кој депонијата го има врз здравјето на граѓаните.

„Ние сме во контакт со луѓе кои се загрижени за Струга. Една од идеите е да направиме експертиза по однос на сите штетни влијанија и последици кои ги произведува оваа депонија. Од мои разговори со медицински лица тие укажуваат дека во последно време зголемен е бројот на лица заболени од рак во Струга и кои што тоа го врзуваат со таа депонија. Таа има огромна загадувачка сила“, вели Демири.

„Депонијата е градски канцер, со огромен капацитет на загадување по однос на човековата околина и здравјето на стружани. Во моментот таму има околу 40 луѓе кои се населени во таа депонија и имаат свои импровизирани живеалишта и работат со сметот кој се таложи“.
Ардијан Демири, член на Советот на Општината Струга

Депонијата е џин висок 13 метри и долг  800

vizuelizacija statistika
ВИЗУЕЛИЗАЦИЈА СТАТИСТИКА

Депонијата од ден на ден  се’ повеќе се шири и според некои податоци долга е 800 метри и широка помеѓу 250-300 метри. Достигнува висина од околу 13 метри вклучувајки и три метри  во земја. Во неа се наталожени околу 30000 метри кубни отпад. Се наоѓа на 80 метри од градската автобуска станица и веднаш до индустриската зона на Струга.

Според Демири, тоа сериозно може да влијае и врз економскиот развој на градот. Пред неколку месеци градскиот Совет донесе одлука сумата од четири милиони денари за одржување на депонијата да ја зголеми на шест милиони денари.

Отпадот од Струга да се носи на депонијата во Буково

„Пред да се таложи отпад на тоа место, целокупниот смет кој го произведуваше Струга и околината се носеше во Буково. Сметам дека тие 6 милиони денари што ние како град сега ги даваме за одржување на таа депонија треба да се пренасочат кон субвенционирање на јавното комунално претријатие за да може повторно да го транспортира сметот во Буково.  Постоечката депонија да се конзервира се додека не се изнајдат фондови од ЕУ за изградба на регионални депонии“, вели Демири.

Демири уште додава дека иако досега имало неколку обиди за нејзино затворање и преместување на друга локација, ништо од сето тоа не вродило со плод.

Локалните власти во Струга бараат решение на проблемот до изградба на регионална депонија

Кренар Лога, секретар во општина Струга вели дека како локална власт работеле на изнаоѓање на алтернативно решение за постоечката депонија, се до изградба на регионална депонија.

„Општината има обезбедено околу 6000 квадрати земјиште на патот за Ќафасан близу селото Мали Влаи која ќе е времена депонија и која ќе ги има сите предвидени стандарди. Ние имаме побарано од Министерството за екологија да добиеме согласност за оваа времена депонија, а старата депонија ќе се конзервира“, вело Лога.

Ѓоко Зороски од Македонското еколошко друштво вели дека веднаш треба да се пристапи кон изградба на постројка која ќе го селектира и рециклира тој отпад.

„Тоа е првиот и законски одржлив проект кој ќе го намали влијанието на депонијата врз граѓаните на Струга. Инаку, местото  каде што се наоѓа депонијата е недозволиво и е една голема бомба бидејки наштетува на подземните води, почвите, воздухот. Поголема опасност е за подземните води за кои не се врши мониторинг, но доколку се случи нивно загадување бидејки има такви индиции, тоа загадување е многу тешко и скапо да се елиминира“, вели Зороски.

Струшката депонија е активна и без соодветни стандарди

Мирјана Лозаноска, директор на Центарот за развој на Југозападниот плански регион вели дека на целото подрачје на регионот кои тие го покриваат, има вкупно 97 депонии од кои 10 се нестандардни активни и пасивни и десет диви депонии. Ниту градската депонија во Струга нее работи согласно европските стандарди.

„Тие треба да имаат глинеста подлога и да не пропушта. Има критериуми колку треба да се одалечени од населени места. Треба да имаат комплетна инфраструктура и таа и трансфер станиците да имаат определен двор за рециклирање на она што е собрано. Кај нас тоа не е случај. Имаме измешан отпад, комунален, пластика, хартија, стакло. Сето тоа е измешано. Некаде околу 46000 тони или 231 килограм по жител годишно се собира отпад, а се генерира 10000 тони плус, што значи 57000 тони годишно за цел регион“, вели Лозаноска.

Лозаноска препорачува дека едно од решенијата за постоечките депонии согласно анализите кои биле направени е истите да бидат затворени, а земјиштето да се рехабилитира. Таа препорачува во моментот што помалку да се носи отпад и оној кој се носи да се селектира.

Се работи на план за регионална депонија

Сепак единствено решение за надминување на ваквата состојба е изградба на долго најавуваната регионална депонија за која во 2016 година била изработена потребната документација. За изградба на ваква регионална депонија во која на едно место би се носел целиот отпад од Струга, Охрид, Кичево, Дебар и неколку помали општини предложени биле девет локации и тоа една на територија во Струга во селото Пискупштина, четири во општина Дебарца и четири во општина Кичево.

„Од страна на експертите барано е по централно место пристапно од сите страни и од сите општини во регионот. Согласно анализите кои се правени во смисла на инвестциија бидејки е скапа инвестиција која заедно со целиот систем депонијата и трансфер станиците ќе чини е некаде околу 27 милиони евра, се смета дека најоптимално решение според експерите е локацијата кај селото Годивје во општина Дебарца“, вели Лозаноска.

Очекувањата се дека во 2018 година би можело да се аплицира за финансиски средства и доколку истите се одобрат да се започне со нејзина изградба.

Дополнителен проблем за Струга е што на нејзина територија се регистрирани и најголем број на диви депонии за градежен шут вкупно  триесет и седум. Најмногу ги има на потегот од Струга до селото Калишта кое се наоѓа на брегот на Охридското езеро, а голем дел од отпадот се наоѓа буквално во самото езеро.

Автор: Kanal77.mk

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

britanska ambasada

Тагови: