Трансформацијата на системот за згрижување деца

Системот за згрижување на деца доживеа целосна трансформација. Ако порано децата без родители и родителска грижа се носеа во Домот „11-ти Октомври“, каде во одредени периоди имаше и по 180 дечиња, се донесе одлука, концептот на гломазни и „сиви“ домови конечно да се напушти. Сега функционираат мали групни домови и згрижувачки семејства како форми што се поблиску до биолошките семејства.

Македонија во мало во мал групен дом во Скопје

 „Само прашај“ посети еден мал групен дом во Скопје, во кој живеат шест деца кои доаѓаат од различни градови, со различни судбини и на различни возрасти. Тука учат, другаруваат, растат, мечтаат за иднината. Домот е убав и топол. Од кујната се ширеше пријатна миризба оти готвачот што се грижи за нивната исхрана веќе ја приготвуваше храната што ќе се најде на трпезата. Додека стаса ручекот, секој со своите обврски. Едни го искористија времето за игра и слободни активности, други седнаа да ја завршат домашната задача.

Децата ни раскажаа како функционира овој мал групен дом. Една 17-годишна девојка од Куманово ни кажа дека добива огромна поддршка од шестемина воспитувачи кои работат со неа и со другите деца и им помагаат да ги совладаат сите предизвици. Претходно била во згрижувачко семејство кое ја сакало и почитувало, но откако нејзината сестра се запишала на факултет, се решиле да одат во мал групен дом, за да се искористи стипендијата што им се нуди на овие деца.

„Наутро нѐ будат наставничките и ни помагаат со учење или да се подготвиме за училиште. Имаме и дополнителни активности - танц, курс по англиски јазик. Потоа се враќаме дома и им раскажуваме на наставничките како сме поминале, бидејќи тие ни се многу голема поддршка и многу ни се блиски, повеќе како пријатели отколку како наставници, вели девојката.

Другата девојка, пак, е од Кратово и има 14 години. Таа се сеќава и на времето пред да се направи деинституционализацијата, кога наместо во мали групни домови и во средина поблиска до биолошкото семејство, системот за социјална грижа предвидуваше децата како неа да бидат сместени во големи, „сиви“ и сегрегирачки институции. Сега се наоѓа на крстопат – треба да одлучи меѓу желбата да биде медицинска сестра, социјален работник или да се бави со внатрешен дизајн. За некоја година ќе стане полнолетна и ќе треба да го напушти овој мал групен дом, што значи дека пред неа е нова страница од живот, што носи и поголема неизвесност.

„Дефинитивно е овде поубаво. Разликата е тоа што е помало, нема толку деца, со воспитувачите сме поблиски. За живеењето сама, ќе ги немам другарките кои ги имам тука и кои ми помагале цел живот, ќе морам сама да работам, да учам. Нашите воспитувачи ни велат дека и после 18 години, што и да ни треба, да се јавиме“, вели таа.

Најмладиот станар на овој мал групен дом беше 11-годишно момче од Струга. Сака да учи, но и да игра фудбал и навива за „Барселона“.

„Секогаш ми помагаат и кога не знам, одам кај нив и учам. По сите предмети имам петки и играм фудбал“, ни рече момчето.

Овој мал групен дом е една од трите организациони единици на некогашниот дом „11-ти Октомври“. Во нив, вкупно се сместени 18 деца, кои добиваат 24-часовна грижа и поддршка за да бидат извадени на прав пат. Постојат мали групни домови изведени и од поранешните институции за деца со воспитно-социјални проблеми „25-ти Мај“ и „Ранка Милановиќ“, како и од Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Топанско Поле и Специјалниот завод во Демир Капија.

Кои се промените во системот за згрижување на деца

Процесот на деинституционализација во Македонија почна во јуни 2020 година, кога се потпиша Меморандум за разбирање помеѓу тогашното Министерство за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација. Ова прво резултираше 30 деца со попреченост од Специјалниот завод во Демир Капија да ја напуштат установата и да преминат во згрижувачки семејства. Како одминуваше времето, така стана јасно дека големите колективни домови како концепт мора да се напуштат, не само за децата со попреченост, туку за сите деца. Ова подразбираше зголемување на бројот на згрижувачки семејства, но и формирање на т.н. мали групни домови.

„Целта беше децата да добијат семејна атмосфера. Стручните лица кои работат со нив им даваат 24-часовна поддршка, живеат буквално со нив, поинаков е контактот. Емоционалната близина помеѓу децата и стручното лице кое се грижи за нив е поинаква кога се во една станбена единица. Подруго е кога еден се грижи за пет деца, а друго е кога се во една институција каде што има 50 деца, па може да настанат и проблеми. Имаат професионален готвач кој се грижи за нивните потреби, добиваат здравствена заштита, добиваат помош и поддршка при изработка на домашните задачи, вклучени се во воншколски активности и се контактира со училиштето, наставниците и класните раководители, со цел правилно насочување на децата за да го завршат основното и средното образование. Нашата главна цел е да ги извадиме децата на прав пат, да се запишат понатаму на факултет и да бидат успешни граѓани, интегрирани во општеството“, објаснува Наташа Станојевиќ од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Законот предвидува дека во една ваква организациона единица можат да бидат згрижени најмногу седум деца. Се верува дека сѐ над тоа ќе го загрози квалитетот на услугите кои се пружаат. Децата одат на летен и зимски одмор, имаат воншколски активности, посетуваат работилници, курсеви и слично. Сепак, вакви форми на згрижување нема во сите градови, туку само во Скопје, Кавадарци, Берово и Штип. Во Битола има мали групни домови за новороденчиња кои може да останат таму до четиригодишна возраст, по што стручниот тим прави проценка дали детето ќе се смести во друг мал групен дом или во згрижувачко семејство, каде децата се згрижуваат до 18 годишна возраст.

„Во согласност со Законот за социјална заштита, на децата што станале полнолетни им се обезбедува еднократна парична помош во висина од 180 000 денари. Стручното лице од центарот за социјална работа кое било старател изготвува индивидуален план и тие пари се трошат во согласност со планот и потребите на детето. Ако децата се запишат на факултет, добиваат додаток за домување во висина од околу 25 000 денари“, додава Станојевиќ.

Скопјанка со три деца згрижи девојче

Малите групни домови се голем напредок во она што беше претходно, но најблиска форма до биолошкото семејство е згрижувачкото семејство. За разлика од малите групни домови каде за децата се грижат воспитувачи и стручни служби, во овие семејства децата одат кај брачен пар кој донел одлука да се грижи за нив. „Само прашај“ влезе во домот на скопјанката Даниела Петрова, која иако е мајка на три деца, од кои едно девојче на 9 години, со сопругот решиле да бидат згрижувачко семејство и да го отворат домот за уште едно 7-годишно девојче. Кога го земале, детето имало само 5 години, а ова му било второ згрижувачко семејство. Почетоците не биле лесни, секој требал да се навикне на новата средина, но Даниела ја имала поддршката од центрите за социјална работа.

„Возрасните деца не се мешаа, а малата веднаш ја прифати уште кога се видоа. Се здружија и заедно се по цел ден. Јас секогаш кога и да сум се јавила во Центарот, ми кажуваа што да направам. Без нив не би можела. И до денес, што и да треба во врска со детето ми се јавуваат“, раскажува Петрова.

Даниела вели дека отсекогаш имала желба да стане згрижувач, но долго време немала храброст да го направи тоа. Сега, дури и жали што порано не се одлучила на таков чекор. Таа го помина процесот на обуки и стана згрижувач, а центарот е должен да го посети нејзиниот дом најмалку еднаш во три месеци за да провери како се развива згриженото дете.

„Многу е убаво чувството кога знаете дека некому помагате, кога едно детенце го ставате во ред како што треба да биде, кога гледате како напредува. Тоа е успех. Прифатена е од цело наше семејство и роднини, сите ја сакаат, исто како да е наша. Нема потреба од страв. Тоа е едно убаво хумано дело“, порачува Петрова.

Како функционира згрижувањето во Македонија

Во Македонија има 376 згрижувачки семејства со 623 корисници. Згрижувач може да биде само полнолетно лице, кое на детето може да му обезбеди семејство, нега, исхрана, хигиена, грижа за здравјето и личниот развој, воспитание и образование. За ова се добива надоместок од 13 000 до 20 000 денари по дете, во зависност дали се згрижени едно, две или максимално пет деца. Постапката почнува со поднесување барање до Центарот за социјална работа во местото на живеење на идниот згрижувач, кое го препратува до Центарот за поддршка на згрижувачки семејства.

„Врз основа на податоците за детето - описното прикажување на неговите развојни потреби, потенцијали и ризикот во кој се наоѓа, пристапуваме кон избор на соодветно згрижувачко семејство кое претходно поминало наша проценка, обука и подготовка. Ние ги знаеме згрижувачките семејства под наша надлежност, ги познаваме нивните капацитети и компетенции и на тој начин го правиме изборот. Сакаме да бидеме сигурни дека ќе има добро поврзување, односно дека тоа семејство реално ќе одговори на потребите на детето. Квалитетот на грижа мора да биде на најзадоволително и највисоко ниво. Има згрижувачки семејства кои стареат, згрижувачи кои се соочуваат со здравствени  или други тешкотии во нивното матично семејство, па се откажуваат, но и такви кои добиваат негативни оценки од наша страна, па и се затвораат“, објаснува Ана Панчева од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства.

Згрижувачот е должен да овозможи продолжување на врската на детето со неговото биолошко семејство ако го има и ако постои волја за такво нешто. Детето во згрижувачко семејство престојува додека не се обезбеди трајно решение за негово сместување: да се врати во биолошкото семејство, да биде посвоено или, пак, да се пристапи кон друга форма на згрижување. Станува збор за привремена форма на грижа, иако е природно да се случи емоционално поврзување на згрижувачите со детето.

„Тоа во суштина ја прави разликата меѓу згрижувањето и посвојувањето, бидејќи со згрижувањето се воспоставува однос на згрижувач – згрижено дете, додека кај посвојувањето знаеме дека со самиот чин се воспоставува однос родител – дете и тоа е трајна грижа. Постои општо згрижување на деца без родители и родителска грижа кои се со поволна здравствена состојба, потоа специјализирани згрижувачки семејства кои згрижуваат деца со попречености, деца-жртви на насилство, деца во ризик, како и привремени згрижувачки семејства - тоа е форма кога згрижувачкото семејство во одреден временски период на барање на родители или други лица во нивното семејство прифати дете за одреден временски период додека родителите или оние кои се грижат за детето се спречени да ја обавуваат својата обврска кон тоа дете. Имаше ситуација кога единствен родител на дете немаше друга поддршка во рамки на потесното и поширокото семејство и требаше да го згрижи своето дете привремено во згрижувачко семејство додека не заврши нејзиниот оперативен зафат и рехабилитација после операцијата. И, нешто што е понова форма, е роднинското згрижување, односно можноста децата да остануваат во своите пошироки семејства, односно како згрижувачи да се јават баба, дедо, чичко, тетка, брат, сестра и други роднини по прва линија кои се возрасни“, вели Панчева.

Таа додава дека треба да се прави разлика помеѓу дете кое нема родители и дете за кое во моментот неговите родители не можат да се грижат за него и ја нема родителската грижа. Ако родителот даде согласност детето да биде посвоено или ако родителот не комуницира и не покажува интерес за детето, тоа може да биде запишано во регистарот на можни посвоеници.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Тагови: