Со волонтерството учам да бидам подобар човек

Со волонтерството учам да бидам подобар човек

kopce1

Анџела Арсенијевиќ, средношколка и волонтерка.             

andzela17

Станав волонтер на 13 години, уште во основно училиште. Мои роднини, кои работеа со Црвениот крст ме поканија да волонтирам со нив. Тие, всушност беа иницијалната каписла да почнам со хуманитарна активност. Еве, оттогаш минаа пет години. Не се откажав.

andzela7

Додека бев дел од Црвениот крст, учествував во разни хуманитарни акции за социјално загрозени семејства. Сега сум средношколка во гимназијата „Георги Димитров“, трета година. Но, училишните обврски не ме попречуваат да учам, пред се’, да бидам човек.

andzela3

Сега сум дел сум од тимот на социјалниот центар „Дуња“. Кога беа поларните температури, привремено згриживме 11 бездомни лица. Средствата за згрижување на овие луѓе ги обезбедувавме од донации. Со нив купувавме храна или пак им подготвувавме оброци. Им чистевме, миевме садови, се’ што беше потребно. Им овозможувавме медицинска нега, ги носевме во болница на преглед, операции, на преврски. Беа ангажирани 40тина волонтери, но не беа сите активни.

andzela16

Волонтер не може да биде секој. Прво, ако имаш предрасуди, не ќе можеш да им помагаш на луѓето. Едноставно, влегуваш да помогнеш без очекување дека ќе ти се врати на каков  било начин. Волонтерот мора да има енергија за критични ситуации, да е несебичен, да разговара дури и кога е нерасположен и не му се прави муабет. Тоа е ангажман со многу посветеност, работа, дружба. Преку волонтерството, сите ние учиме. Учиме да бидеме луѓе.

andzela12

Моите пријатели и соученици знаат за моите активности. Сите велат дека сакаат да помагаат, но ретко наоѓаат желба и време. Сметам дека младите недоволно се запознаени со оваа непрофитна активност. Оние пак кои се запознаени, доаѓаат еднаш или два пати и потоа се откажуваат. Но, подобро е да дојдат, отколку воопшто да не се заинтересирани.

andzela1

Волонтерството кај нас не носи никаков бенефит, особено не носи профит.  Во разни земји низ светот се добиваат посебни бодови за општо-корисна работа, кои, потоа на младите им се особена корист при упис на факултет, но кај нас тоа не е случај. Мислам дека во Македонија нема распространета волонтерска мрежа, како во други земји. Тоа е голема пречка за осознавање на хуманоста, пречка за влог во личниот развој и во заедницата.

andzela6

Освен што помагам во социјалниот центар, дел сум и од повеќе проекти за граѓански активизам. Желба ми е да се запишам на психологија или компаративна книжевност, но мојата мајка не се сложува со тоа. Вели „нема пари во тие професии“, што целосно се коси со моите сегашни убедувања за силата на непрофитна дејност.

Автор: Ј. Ивановска
Фотографија: Томислав Георгиевски
Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии