fbpx

Нетранспарентноста ја урива довербата и создава сомнеж на граѓаните во институциите

Нетранспарентноста ја урива довербата и создава сомнеж на граѓаните во институциите
  • Секој втор граѓанин се согласува дека јавните институции не споделуваат редовно информации, а тие кои ги споделуваат се нејасни и неразбирливи. Перцепцијата на испитаниците е дека од нив постојано нешто се затскрива или се пренесува нејасно така што не ја гледаат големата слика.
  • Огромно мнозинство граѓани е скептично кон сè што се објавува. Повеќе од половината воопшто не веруваат во објавените информациите, а 30% „претпоставуваат дека објавената содржина е веродостојна“. Само 14% веруваат дека сè што е објавено во медиумите е точно и најголем број од нив припаѓаат на младата популација од 18 до 24 години.
  • Разочарувачка е перцепцијата на граѓаните за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека „често има изговори за владините функционери кои се однесуваат несоодветно“, а само 2,5% од испитаниците се согласуваат со тврдењето дека Владата работи отворено и етички.
  • Собранието и Обвинителството добија ниски оценки за нивната работа. Само 1% од анкетираните граѓани се согласуваат дека пратениците секогаш се грижат за граѓаните што ги претставуваат и дека обвиненијата покренати од ЈО редовно добиваат разрешница.
  • Андонов: Проактивната транспарентност и обелоденување на резултатите од политиките од страна на институциите се неопходни за да се зголеми довербата на граѓаните. Кога се нарушува институционалната транспарентност и отчетност тоа доведува до намалување на довербата на јавноста и делегитимирање на институциите.
 

Ниска доверба во институциите, критикувани за нетранспарентно и неетичко работење, со огромна доза на скептицизам кон информациите што тие ги споделуваат, но и кон содржините што се објавуваат во медиумите – ова е накусо заклучокот што го отсликува расположението на граѓаните во истражувањето реализирано од Институт за комуникациски студии, со цел да се добијат сознанија за начинот на кој граѓаните се информираат и се справуваат со дезинформациите, довербата во институциите и перцепцијата за транспарентноста на државните органи.

Граѓаните се незадоволни и од начинот на кој јавните институции комуницираат со јавноста и од нивната респонзивност. Секој втор испитаник смета дека јавните институции не споделуваат редовно информации и тие информации не се јасни и разбирливи. Тие сметаат дека властите нередовно известуваат, не можат да дојдат до некоја за нив важна информација, а тоа што се соопштува за нив не е доволно разбирливо. Со други зборови, перцепцијата на испитаниците е дека од нив постојано нешто се затскрива или се пренесува нејасно така што не ја гледаат големата слика.  За да се добие комплетна слика за перцепцијата на граѓаните е и ставот на огромното мнозинство граѓани дека комуникацијата од јавните институции не се базира на факти,  мислење кое го делат, пред сè, возрасните граѓани.

Во контекст на претходното тврдење се и одговорите кои преовладуваат кај мнозинството учесници дека за актуелни теми како што се концесијата на Еуромакс и рудниците „Иловица – Штука“, измените во Кривичниот законик, уставните измени со вклучување на бугарската заедница во Преамбулата и договорот на „Бехтел и Енка“, надлежните институции „споделуваат малку или воопшто не споделуваат информации“.

Нетранспарентноста на институциите влијае и на намалување на довербата од страна на граѓаните, но може да предизвика и резигнираност на публиката кон актуелните случувања. Програмскиот координатор во Институтот за комуникациски студии (ИКС) Дејан Андонов посочува како транспарентноста на властите од една страна и довербата на граѓаните од друга, се поврзани.

„Граѓаните комуницираат за владините политики на повеќе нивоа и овие интеракции зависат од отвореноста на јавните институции. Обезбедувањето релевантни информации за граѓаните е клучно за обликување на нивните перцепции и оценката за работењето на институциите. Затоа проактивната транспарентност и обелоденување на резултатите од политиките од страна на институциите се неопходни за да се зголеми довербата на граѓаните. Кога луѓето чувствуваат поблиска врска со јавните институции, довербата во нив има тенденција да биде поголема. Во спротивно, кога се нарушува институционалната транспарентност и отчетност тоа доведува до намалување на довербата на јавноста и делегитимирање на институциите“, вели Андонов.

Младите незаинтересирани, а возрасните скептични за информациите во медиумите

Перцепцијата за нетранспарентноста на институциите се одразува и врз информираноста на граѓаните. Евидентно во анкетата е дека голем број граѓани не се многу заинтересирани за конкретни теми, впечатливо, дури ни за оние кои последните месеци и години се чини ја брануваат јавноста. Малку поголем интерес владее за измените на Кривичниот законик и за вклучувањето на Бугарите во Уставот, но тие прашања се во фокусот на постарите, бидејќи според резултатите, интересот и фреквенцијата на следење на овие вести расте или опаѓа со возраста на учесниците во анкетата.

За разлика од повозрасните кои следат речиси сè што се случува, младите се помалку заинтересирани, но од друга страна повеќе веруваат во тоа што го читаат. Анкетата покажува дека скептицизмот кон објавените содржини расте со возраста. Исто така се констатира дека е кренато нивото на распознавање на дезинформациите, но останува низок процентот на учесниците кои практикуваат да ја проверат веродостојноста на информациите.

Телевизијата сè уште е водечки извор на информирање (66,2%) – ваков одговор дали повозрасните граѓани, со пониско и средно образование, но полека го губи здивот со социјалните медиуми (57,3%) кои како главен извор на информирање го навеле во најголем број граѓаните од 18 до 44 години.

Огромно мнозинство граѓани е скептично кон сè што се објавува - повеќе од половината практично не веруваат воопшто, а 30% „претпоставуваат дека објавената содржина е веродостојна“. Само 14% веруваат дека сè што е објавено во медиумите е точно и најголем број од нив припаѓаат на младата популација од 18-24 години.

„Резултатот треба да се разгледува во контекст и на другите одговори што ги даваат младите. Тие покажуваат генерално повисока доверба кон институциите, помалку следат актуелни настани и помалку имаат дефиниран став околу различните аспекти на информирањето од страна на државните институции. Повозрасните учесници конзистентно со поголема скепса ги третираат содржините објавени на медиумите, покажуваат поголем интерес за следење актуелни случувања и имаат подефинирани став во поглед на комуникацијата од страна на надлежните институции“, коментира Марија Димитровска од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), кој ја спроведе телефонската анкета.

Скептицизмот кон информациите сепак не ги мотивира граѓаните во доволна мера да ја проверат точноста. Третина од испитаниците одговориле дека никогаш не го проверуваат издавачот/објавувачот на веста,  а само 17,7% редовно го практикуваат тоа. Авторот на веста никогаш не го проверуваат 43,2%, а секогаш го проверуваат само 14,5%. Нешто поголем број на граѓани рекле дека проверуваат дали веста е објавена и на друг медиум.

И покрај увереноста на граѓаните дека можат да препознаваат дезинформации, две третини рекле дека можат повремено или редовно да препознаат дали некоја вест е дезинформација, високи 41% од учесниците одговориле дека понекогаш споделиле вести кои се покажале како неточни, еднакво високи 45,7% изјавиле дека никогаш не им се случило да пренесат неточна вест, а нешто помалку од 8% изјавиле дека често им се случува да споделат лажна вест.

Димитровска од ИДСЦ го објаснува логичниот след на одговорите на учесниците.

„Граѓаните изјавиле дека можат да препознаат дезинформации, што претставува одговор заснован на нивната самооценка, што секако треба да се земе со резерва во поглед на нивните реални капацитети за идентификување дезинформации. Доколку ги разгледаме одговорите на учесниците во поглед на различните практики за проверка на веродостојноста на информациите, може да се утврди дека оние учесници кои секогаш практикуваат одреден вид на проверка и оние што одговориле дека секогаш се сомневаат во сè што се објавува изјавиле дека и почесто им се случувало да споделат невистинита информација. Ова упатува на тоа дека учесниците кои се свесни дека може да бидат изложени и да споделат информации кои се невистинити, односно оние кои се сомневаат и проверуваат, повеќе се свесни и дека споделиле неточна вест, во споредба со оние што здраво за готово ги земаат вестите од различни медиуми за вистинити“, објаснува Димитровска.

„Јака“ двојка од граѓаните за трите власти

Покрај за транспарентноста, разочарувачка е перцепцијата на граѓаните и за отчетноста на трите власти – извршната, законодавната и судската. Учесниците во истражувањето сметаат дека „често има изговори за владините функционери кои се однесуваат несоодветно“, а огромна е бројката на испитаници кои сметаат дека Владата не работи отворено и не ги почитува етичките начела. Само 2,5% од испитаниците се согласуваат со тврдењето дека Владата работи отворено и етички. Бројките се истоветни и кога станува збор за нејзиното почитување на демократските институции - речиси три четвртини сметаат дека таа не ги респектира.

Собранието се наоѓа особено во незавидна улога. Само 9 анкетирани од вкупно 1000 сметаат дека пратениците секогаш се грижат за граѓаните што ги претставуваат. Учесниците што живеат во село се особено незадоволни и речиси сите сметаат дека пратениците за нив воопшто не се заинтересирани. Разбирливо, граѓаните во огромен број не се убедени дека тие носат закони што им се од полза.

И Обвинителството доби ниски оценки од граѓаните. Ниту има судски разрешници, ниту постапуваат по допрен глас, ниту јавноста е информирана за постапките. На сите овие три теми, оценките им се слаби. Едвај 1,7% од учесниците се согласуваат со тврдењето дека јавноста е информирана за текот на судските постапки, само 1,23% од учесниците сметаат дека тие постапуваат по допрен глас, а помалку од 1% од сите учесници во истражувањето во потполност се согласуваат со тврдењето дека обвиненијата покренати од ЈО редовно добиваат разрешница.

Во однос на довербата кон институциите, најголем углед кај македонските граѓани имаат Армијата, а веднаш зад неа и верските заедници и тие се единствените кои имаат просечна оценка на доверба над 4. Блиску до нив се ООН и НАТО и полицијата, три плус имаат Претседателот, медиумите, невладините и ЕУ. Далеку зад нив се Владата и Собранието, а најлошо оценети се партиите, Јавното обвинителство и судовите.

„Прикажувањето на резултатите од владините политики на граѓаните треба да биде преку јасни показатели за перформансите, за граѓаните да можат да ги согледаат институциите како способни, ефективни, вешти или професионални. Во оваа насока, особено е важна и етичката димензија, односно намерите на институциите и дали луѓето мислат дека тие навистина се грижат за интересите на граѓаните“, ги коментира наодите програмскиот координатор на ИКС Андонов.

Она што е забележително е дека Албанците имаат повисок степен на доверба во институциите отколку Македонците и тоа во сите параметри. За издвојување е и фактот дека испитаниците од село повеќе им веруваат на НАТО, ЕУ и на медиумите отколку учесниците кои живеат во градски средини.

Истражувањето на јавното мислење „Практики за информирање, следење на актуелни случувања и перцепции за транспарентност на институциите“ беше спроведено преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1000 учесници – граѓани на Република Северна Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023, како дел од проектот „Користи факти“, што е поддржан на Британската амбасада во Скопје.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска