Адвокатската комора не им дозволува на нашите адвокати да се здружуваат во рамки на Отворен Балкан

  • На 21 април оваа година, во Белград е основано Здружение на адвокати на Отворен Балкан чија цел е да се залага за признавање на адвокатските лиценци во рамки на отворениот пазар на труд на Иницијативата.
  • Еден ипол месец подоцна Адвокатската комора на Македонија, на годишно собрание носи нов Статут со нов член 8 според кој членовите може да се дел само од оваа комора.    
  • За двајца адвокати од Македонија кои се дел од здружението, Адвокатската комора води дисциплинска постапка и им се заканува одземање на лиценцата. 
  • Александар Ристески го чека исходот од дисциплинската постапка, но и од инцијативата пред Уставниот суд каде го оспорува членот 8 од Статутот.

Иницијативата Отворен Балкан овозможи отворен пазар на трудот меѓу трите држави членки, Македонија, Србија и Албанија. Од март годинава отворена е можноста за слободно движење во потрагата по работа без никакви бирократски ограничувања, Македонците може да одат да работат во Србија и Албанија. Со исклучок на лиценцираните професии.

Поведени од ова, адвокати од трите земји во април годинава формирале Здружение на адвокати на Отворен Балкан кое треба да се залага за признавање на адвокатските лиценци во рамки на Иницијативата. Токму оваа идеја на Здружението му направи проблеми на адвокатот Александар Ристески. Нему му се заканува одземање на лиценцата за работа, бидејќи Адвокатската комора против него покренала дициплинска постапка чиј краен исход може да биде одземање на адвокатската лиценца со што тој нема да може да ја работи професијата во која со години градел кариера.

Ристески во моментов сам се бори со Адвокатската комора откако неговата колешка, адвокатката Рајна Наумовска - Марковска, со која заедно се меѓу основачите на Здружението, по неколкумесечна борба со Адвокатската комора се откажа и се повлече од членство во Здружението.

Здружението на адвокати на Отворен Балкан е формирано во април во Белград и во него членуваат адвокати од Македонија, Србија и Албанија ( Статут ,Извод, Решение)

Ристески кој за „Само прашај“ вели дека не се откажува од битката, сега го чека исходот од дисциплинската постапка во Адвокатската комора, но и од инцијативата пред Уставниот суд каде го оспорува членот 8 од Статутот на Адвокатската комора според кој и му е покренат дисциплинскиот процес.

Битка пред Уставен

Битката на Ристески почнува во јуни годинава. Откако во април во Белград е формирано Здружението на адвокати на Отворен Балкан, во јуни Адвокатската комора на Македонија, на собрание, во Статутот вметнува члeн 8 според кој адвокатите се здружуваат само во Адвокатската комора. Врз основа на овој член, два месеци по формирањето на Здружението, ретроактивно, Ристески и Наумовска - Марковска добиваат известување дека против нив има дисциплински процес вo Адвокатската комора поради прекршување на Статутот.

„На 21 април оваа година, во Белград се основаше Здружение на адвокати на Отворен Балкан. Здружението е регистрирано на четири јазици, српски, македонски, албански и англиски и претставува невладина организација, граѓанска, невладина организација. Регистрирана е во согласност со српските закони. Главна идеја за формирањето на здружението и за неговата работа, е да се врши лобирање, во иднина, некогаш, во рамките на отворениот пазар на трудот во рамки на иницијативата Отворен Балкан да бидат вклучени и регулираните професии, вклучувајќи ги и адвокатите. Значи, да може да важат лиценците во рамките на сега за сега, трите држави што се во Отворен Балкан, Македонија, Србија и Албанија, некогаш ако би се проширило и пошироко. Исто така, здружението има за цела, како и секоја невладина, граѓанска организација да врши некој вид вмрежување, да обезбеди некои проекти, обуки. Тоа е главната поента и главната идеја“, објаснува Ристески.

Дополнително, втората точка на „обвинението“ вели дека со нивните постапки овие двајца адвокати го прекршиле и Кодексот на адвокатската етика.

Но, она што е спорно во целата оваа постапка, според Ристевски е дека членот во Статутот на кој се базира дисциплинската постапка, всушност е донесен на собрание кое е одржано еден ипол месец подоцна откако тие го формирале здружението во Србија.

„Здружението е формирано на 21 април, на 25 април 2024 е регистрирано во српскиот регистар на здруженија. Потоа, на 1 јуни, Адвокатската комора на Македонија, на годишно собрание што се одржало во Струга донела нов Статут. Во Тој Статут поместена е одредба што порано не постоела ниту во претходно важечкиот ниту во никој претходен статут. Тоа е членот 8 од сегашниот Статут којшто гласи: ‘Адвокатите се организираат и здружуваат само и единствено во Адвокатска комора на РСМ’. И врз основа на тој член, иако во последниот член од важечкиот Статут вели дека е донесен на 1 јуни и важи од 1 јуни 2024 години, дисциплинскиот обвинител на Адвокатската комора, против нас двајцата што сме основачи на здружението, што сме од Македонија, поведе дисциплинска постапка со повратно дејство. Основот на дисциплинската постапка е непочитување на статутот“, објаснува Ристевски.

Ништо помалку спорен, според Ристевски, не е ниту другиот дел од обвинувањето, за наводно прекршување на Кодексот на адвокатска етика, бидејќи претставуваат нелојална конкуренција за адвокатурата.

„Во Кодексот на адвокатска етика, чисто да појаснам, под нелојална конкуренција се подразбира дека адвокат не смее да биде сопственик, управител, акционер во трговско дружтво што се занимава во правен консалтинг, осигурителна дејност, нешто што спред адвокатурата претставува нелојална конкуренција. Ние не сме членови на трговско друштво и самото здржение нема намера и воопшто не е земено во предвид да пружа правни услуги, нешто што е со наплата. Тоа е само здружување и организирање на адвокатите“, посочува тој.

Откако на 1 јуни, Адвокатската комора го донела новиот статут, по околу десетина ден, на 11 јуни, дисциплинскиот обвинител им испратил барање за произнесување за наводите дека го прекршиле Статутот и Кодексот на адвокатската етика. По нивниот одговор, следувало поднесување на дисциплинско обвинение, во овој момент постапката е во фаза на дисциплинско обвинение поднесено од дисциплинскиот обвинител до дисциплинскиот суд. Сега, Ристески чека  да се закаже термин за седница на дисциплинскиот суд.

Паралено со постапката во Адвокатската комора, Ристески бара заштита и од Уставен суд. Поднел иницијатива со која ја спори уставноста на членот 8 според кој е обвинет. Смета дека овој член се коси со уставните начела односно со неприкосновнето право на здружување.

Согласно членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија:

(1) На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

(2) Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, вели Уставот на Македонија.

На 20 јуни поднесена е од наша страна иницијатива до Уставен суд во која ја спориме уставноста на членот 8 од Статутот на Адвокатската комора бидејќи сметаме дека е спортивен на членот 20, ставови 1 и 2 од Уставот во кои се гарантира правото на здружување како и дека тоаа одредба, тој член е спортивен на повеќе меѓународни договори од кои најпозната е Европската конвенција за човекови права. Знаеме дека предметот е земен во работа, се уште нема информација дека е ставен на седница на Уставниот суд, вели Ристески.

Од Уставен суд потврдуваат дека иницијативата е кај нив.

„Во тек е фаза на претходна постапка во која тимот кој работи на предметот обезбедува релевантни податоци и подготвува анализа на оспорената одредба. Во овој случај, според поднсителите, спорен е член 8 од Статутот на Адвокатската комора. Фазата на претходна постапка завршува со изготвување реферат со конкретен предлог за одлучување и предметот ќе биде ставен на седница за дискутирање и гласање“, велат од Уставен суд.

За некого мајка, за некого макеа

За сите овие тврдења, но и за сите дилеми кои се отвораат со овој случај „Само прашај„ се обрати до Адвокатската комора. Се обидовме да дознаеме зошто е поднесено дисциплинско обвиненеие ретроактивно, односно по промената на Статутот која се случила дури откако било формирано здружението во Белград.

Поради членство во Здружение на адвокати на Отворен Балкан, двајца македонски адвокати се соочуваат со можност да ја изгубат лиценцата за работа

Побаравме прецизно објаснување на членот 8 кој гласи „ Адвокатите се организираат и здружуваат само и единствено во Адвокатска комора на Република Северна Македонија“. Со оглед дека членувањето во Адвокатската комора е законска обврска за адвокатите во земјава, се обидевме од Комората да ни објаснат на какво здружување на адвоктите се мисли, дали тие немаат право да бидат челнови на било какво здруженија или само на здруженија поврзани со адвокатурата.

Од Адвокатската комора не го прифатија барањето за разговор и на сите наши прашањата го испратија овој одговор:

„Во врска со вашиот имеил од 1 ноември 2024 година, Ве известуваме дека во тек е активна постапка пред органите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, а со цел да нема влијание во истата, не можеме да Ви одговориме на поставените прашања. Постапката се одвива во рамките на Законот и подзаконските акти на Комората“, се вели во одговорот од Адвокатската комора.

Сепак, Ристески тврди дека, адвокати од земјават челнуваат во меѓународни здруженија на и немаат никакви проблеми со комората.

„Ако се чита буквално како што е сега овој член 8, излегува дека адвокатите, додека се адвокати не може да челнуваат во ниту едно друго здружение на граѓани, во ние една невладни организација, во ниту еден сојуз, федерација, што и да е, здружение на маратонци, на риболовци. Ако се чита буквално и ригидно, така излегува. Истовремено има голем број, не знам колкав точно, но има значителен број адвокати од Македонија што се членови во странство на други здруженија поврзани со адвокатура. Едно од нив е на пример International barr association, меѓународна адвокатска комора со седиште во Лондон, така се вика, но е невладина организација и другата е Меѓународната унија на адвокати со седиште во Париз. Ние иако немаме ништо против тие колеги лично, за да се покаже апсурдноста на тој член, ние пуштивме дисциплински пријави против тие што со прост google search ги најдовме, пуштивме дисциплински пријави дека го кршат членот 8 од Статутот“, вели Ристески.

Објаснува дека добил неофицијални информации, од пренесени разговори дека треба да му биде одземена адвокатската лиценца „ бидејќи сме биле штета за адвокатурата и сепаратистичко движење“.

Според регистарот ов Адвокатската комора во неа членуваат околу 3.000 адвокати кои годишно плаќаат по 100 евра членарина. По овој основ, како и по основ на издавање лиценци кои чинат по 1.500 евра, но и од донации, минатата година во Комората влегле 600.000 илјади евра. За седуммината вработени, Комората годишно троши околу седум милиони евра.

„Полјаците имаат поговорка, ако не знаеш што е проблемот, проблемот веројатно се парите. Тоа дека адвокатите мора да се челнови на Адвокатската комора е неспорно. Адвокатската комора е таа што ги доделува лиценците. Ние како здружение ниту сакаме, ниту можеме да издаваме или да одземаме лиценци. Најверојатно се работи за некј страв од некаква потенцијална идна конкуренција“, смета Ристоски.

Сепак, теоретски, кога би дошло до признавање на лиценците, адвокатите од Македонија би можеле да работат во Србија и Албанија, но тоа ќе значи дека и адвокатите од овие земји ќе работат во Македонија. Ристески објаснува дека ова е идеја преземена од Европската унија каде адвокатите слободно циркулираат од држава во држава и работат на судски спорови. Вели добивката би била за нашите компани и граѓани кои со свои, домашни адвокати би оделе на евентуалните спорови во овие две земји.

„Идејата на Иницијативата Отворен Балкан подразбира слободно циркулирање на пазарот на трудот . Тоа не е некој дека измислил нова идеја, тоа е копија на тоа што е во рамките на Европската унија. Во рамките на Европската унија, адвокат од Бугарија може да застапува во Италија, ако го знае јазикот или ако си ангажира преведувач. Не е нешто ново, ние што сме го измислиле и воопшто не знаеме и дали би успеале во тоа лобирање. Ние само се залагаме. Тоа е исто како што има здруженија на граѓани кои се залагаат за нешто што сега е нелегално да стане легално. На пример здруженијата што се залагаат за легализација на канабисот. Некому му се допаѓа тоа, некому не, но самото дејствување на тие здруженија не е нелегално, не го руши уставниот поредок, не повикува на овена агресија. Не тврдиме дека би успеале, наша цел е да се обидеме да лобираме, тоа е сепак политичка одлука, тоа е на ниво на меѓународен догвор меѓу три држави во моментов. Можеби во иднина ќе се прошири на повеќе, три држави од Западен Балкан формирале Иницијатива Отворен Балкан, можеби ќе влезе четврта држава, можеби петта. Користа е двострана. На пример има македонски претпријатија што имаат деловна соработка со Србија, ќе дојде од некој судски спор, тие си имаат свој адвокат и најверојатно би сакале тој да ги застапува во Белград, во Ниш каде што би било судењето. Тоа е поентата“, објаснува Ристески.

Она што дополнително е специфично за целиот овој случај е дека против двајцата адвокати, иницијатори на Здружението има четири дисциплински постапки, а во Адвокатската комора во просек годишно, има вкупно по четри покренати процеси против адвокати годишно. Во 2019 има три завршени дисциплински постапки, во 2020 немало ниту една, во 2021 две, потоа во 2022, 2023 и 2024 по четири завршени дисциплински постапки.

Во сите се изрекувани парични казни или јавни опомени. Во историјата на Адвокатската комора никогаш не е изречена казна, одземање на лиценцата, најсторгата изречена казна е 10 годишни членарини.  Сите дисциплнски постапки секогаш биле покренувани  откако имало поплака од институција или граѓанин против адвокат, оваа против Ристески, како што објаснува тој,  е прва самоиницијативно покрената од дисциплинскиот обвинител.

Неговата колешка Рајна Наумовска – Марковска реши да се откаже од членството во Здружението формирано во Белград и за тоа веќе ја известила Комората за нејзината одлука. Ристески сега останува сам да ги чека одлуките и да се соочи со потенцијално губење на работата која му обезбедува егзистенција.

Против одлуката на Дисциплинскиот суд има право на жалба до Жалбениот совет на Комората, кој може, но и не мора да одржи седница, може да одлучи без  странки, а неговата одлука е извршна, конечна и правосилна. Потоа постои можност за жалба до Управен суд, но тужбата не го одлага извршувањето.

Адвокатите бараат заштита од Уставниот суд со оспорување на, според нив, ригидниот член 8 од Статутот на Комората  

Постапките пред Управниот и Вишиот управен суд вообичаено траат долго. Може да се бара времена мерка, но тоа е дискреционо право на Судот дали ќе одлучи, дали е основано да има времена мерка која би го стопирала извршувањето.

Според Законот за адвокатурата лиценцата може да му биде одземена максимум на три години. Но, со оглед дека против него има две дисциплински постапки, Ристески стравува дека му се заканува одземање на лиценцата на шест години.

Исходот од овие процеси го очекуваат и неговите колеги, адвокатите од Србија и Албанија со кои заедно го формираа Здружението. Тие во нивните држави во ниту еден момент немале никакви проблеми со матичните адвокатски комори.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Олгица Поцкова

Фотографии: Дарко Андоновски

Поврзани стории:

Отворен Балкан ги подотвори границите, но бариерите останаа

Отворен Балкан пропадна во јазот помеѓу Белград и Приштина