fbpx

Езерото Треска остана мочуриште поради нерасчистени имотни односи

  • Општина Сарај пред две години го донесе Деталниот урбанистички план за тоа како ќе изгледа просторот, но тоа и натаму е само на хартија.
  • Се уште не е распишан национален оглас за инвеститор, бидејќи според Агенцијата за туризам има нерешени имотно-правни прашања.
  • Според ДУП, комплексот ќе има рекреативен дел, викендички, хотел и трговски центар.
  • Критериум за инвеститорот да го добие земјиштето е да овозможи ревитализација на езерото со пречистителна станица.
  • За одобрение од Министерството за животна средина мора да има и оценка дека нема негативно да влијае на реката Треска.
 

Само звукот на ѕвончето на стадото од кози се слуша на некогаш познатото туристичко место, езерото Треска. Руинирани објекти, исушено езеро претворено во мочуриште...пустош на сите страни... Иако во ваква состојба, сепак затекнавме граѓани. Велат дека доаѓаат тука само на прошетка. Неколкумина и се сончаа покрај езерото.

Спортско рекреативниот центар Езеро Треска е изграден е во 1978 година со самофинансирање на граѓаните, но поради загаденоста на водата, во 1998 година езерото беше затворено за капење. Проектот за реконструкција на езерото со години лежи во градските фиоки. Имаше обиди да се даде под концесија, да се направат игралишта за голф, ресторани и хотели, но инвестициите заглавија во правните лавиринти.

Поминаа речиси две години откако Општина Сарај го донесе Деталниот урбанистички план за тоа како ќе изгледа просторот, но засега тоа е само на хартија. Општина Сарај почна да ги урива објектите наоколу уште во јануари минатата година. Осум месеци подоцна, во август се формира Комисија за ТРЗ Сарај во Агенцијата за туризам која треба да објави национален оглас на кој ќе аплицираат заинтересираните инвеститори, односно да ја подготви зоната за продажба според Законот за туристички развојни зони - критериуми и почетна цена за продажба на земјиштето.

Сега сме ноември, но оглас се уште нема, а причина за оддолжувањето, според градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети е техничка грешка во огласот.

„Колку што знам има една техничка грешка во огласот на Владата, затоа што е напишано туристичка зона и тоа треба да се коригира за комисијата да продолжи со работа. Се надевам дека со поголема динамика ќе се ангажираат, не само општина Сарај туку и Градот Скопје и државата. Овој проект е многу потребен, се надевам дека Комисијата составена од Агенцијата за туризам, Министерството за економија и Владата ќе бидат по активни за реализација на овој проект“, вели Беџети.

Но, од Комисијата тврдат дека нема никаква техничка грешка, туку дека членовите од Комисијата при увидот во документацијата утврдиле дека има недостатоци, како што грешки се во имотните листови, се уште нерасчистени имотно-правни односи, постоечки објекти кои не се отстранети... Комисијата досега имала пет состаноци и Александар Ѓоргиевски член на Агенцијата за туризам вели дека динамиката на работа зависи од тоа кога ќе добијат „чисти“ документи.

„Во увидот во урбанистичката документација, изводите од имотните листови, како и нерасчистените имотни правни односи на некои објекти во самата зона, Комисијата се договори да се отстранат прво недостатоците“, вели Ѓоргиевски во писмената изјава за „Само прашај“.

Засега не се знае ниту цената по која ќе се продава земјиштето, бидејќи таа ќе биде определена од Комисијата во согласност со законските прописи кои важат за отуѓување на градежното земјиште и тарифниците. Но ова не е можно, додека претходно не се средат документите.

На нашето прашање до градоначалникот Беџети, зошто се уривале објекти кога има нерасчистени имотно-правни односи, само кусо одговори дека овој процес на расчистување е токму дел од решавањето на овие прашања, без да даде повеќе објаснување.

Денешната слика е далеку од онаа на која се сеќаваат скопјани
 

Во Владата, под чија капа е Агенцијата за туризам, не се запознаени до каде е објавувањето на огласот за инвеститор во Езерото Треска. Ни посочија дека надлежната општина треба да ги објави заинтересираните инвеститори и потенцијалниот инвеститор и потенцираа дека инвеститорот во зависност од големината на вложувањето ќе добие поволности.

„Според Законот за туристички развојни зони се предвидуваат поволности за инвеститорите коишто вложуваат во истите, и во зависност од големината на вложување во самиот Закон се одредени олеснувања слични на тие што се за индустриските развојни зони, но од туристички аспект“, велат од Владата за „Само прашај“.

Плажа, викендички, хотел и трговски центар

ДУП за ТРЗ Сарај

Според Урбанистичкиот план што на крајот на јануари 2021 година го промовираше градоначалникот на Сарај, Беџети, комплексот е поделен на четири блока:

-Блок 1 останува рекреативен центар со површина од 13,18 ха, околу кој е планирано заштитено подрачје од 30 м кое исто така ќе се користи како плажа;

-Блок 2 е со површина од 12,24 ха и во оваа градежна парцела се планирани викенд-куќи, при што мора максимално да го почитува планинскиот фонд, за да се избегне сечење дрвја и нерамнотежа на екосистемот. При утврдување на градежната парцела, одредено е да има најмалку 20 проценти простор за зеленило;

-Блок 3 е со површина од 9,53 ха и тука е планиран хотелски комплекс со максимална висина на згради од 4,50 / 11,50 м и максимален број на катови од четири нивоа;

-Блок 4 е со површина од 2,41 ха, каде е планиран трговски центар со отворен пазар, во кој ќе бидат претставени традицијата и културата на жителите од оваа област преку свежи и преработени органски земјоделски производи.

Заштитата на Треска е еден од критериумите за добивање на земјиштето

И додека трае уривањето и расчистувањето на просторот околу Езерото, друго прашање што се наметнува е какво ќе биде влијанието врз животната средина, односно како ќе се гарантира дека ваква голема градежна интервенција нема да ја загрози реката Треска.

Градоначалникот Беџети вели дека ќе се запазат сите стандарди за да нема никакво влијание врз реката, односно тoa ќе биде дел од критериумите за добивање на земјиштето.

А условите и критериумите ги утврдува Министерството за животна средина од каде е добиено позитивно мислење дека изградбата нема да влијае негативно врз реката. Тие се пропишани во Законот за водите и содржат она што е забрането:

  • да се вади чакал, песок и камен од корита и бреговите на површински водни тела (водотеци и езера и акумулации), со што се влошува постојниот режим на води, се предизвикуваат процеси на ерозија и се ограничува или оневозможува користењето на водите;
  • да се менува правецот на водотекот;
  • да се фрла отпаден материјал (индустриски, комунален и друг отпад), земја, градежен шут, јаловина и друго;
  • да се вршат други работи со кои се оштетуваат речните корита и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите;
  • да се сечат дрвја и да се уништува друга вегетација во речните корита и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите;
  • да се изгради брана, насип или друга слична препрека која би имала негативно влијание врз протокот на водотекот и
  • да се врши градба или зафат коишто би имале негативно влијание врз протокот на водотекот.

Сето ова треба да биде одразено во основен проект изработен од стручна установа или друго правно или физичко лице регистрирано за вршење на таков вид работи, а техничката документација на основниот проект мора да биде ревидирана од стручна установа или друго правно или физичко лице регистрирано за вршење на таков вид работи и доставено Решение за оценка на влијание врз животната средина.

Градоначалникот на Сарај Беџети е оптимист дека на пролет во 2023 година ќе почне да се гради.

„Доколку процедурите завршат побрзо и дојдеме до национален оглас што според законот тоа треба да го објави Владата а не општината и на тој начин ќе почне и градбата во Езерото Треска. Знаете каква е состојбата таму? Моменталната состојба не е добра. Не била, ниту е добра. Поради тоа и се одлучивме за ваков проект за да може да го ставиме езерото во функција и на тој начин да се развие туризмот во овој дел од градот на Скопје, т.е Сарај“, вели Беџети.

Но ако пролетта започнува кон крајот на март, дотогаш има уште четири месеци, што изгледа премалку време за решавање на имотно-правните проблеми, за распишување национален оглас и за избор на инвеститор, јавни презентации, формирање работни групи и јавна лицитација за земјиштето, ако се има предвид дека од презентацијата на ДУП се поминати две години и во тој период она што е направено е само уривањето. 

Во статистиката на Агенцијата на туризам има девет обиди за да се направат вакви туристичко-развојни зони како оваа на Езерото Треска, но ниту една досега не е реализирана, меѓу кои и фамозната во Љубаништа каде требаше да инвестира индискиот милијардер Субрата Рој. Засега никој од надлежните не дава надеж дека овој обид нема да ја доживее судбината на претходните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Арбана Ќерими Климента
Сниматели: Фатљум Алиу и Дарко Андоновски
Монтажер: Стојче Велковски