fbpx

Грабежот на државен имот ќе заврши додека се смени Законот за градежно земјиште

  • Додека Владата и локалната самоуправа се договорат за новата регулатива фрчат барања за дооформување градежни парцели.
  • Одредбата 30% - 70% досега се покажа погубна за јавниот простор и основа за сериозна корупција, а тоа најдобра се гледа на територијата на Општина Центар која е претворена во безлична градежна зона.
  • Еден од највпечатливите примери за користење на спорната законска одредба за дооформување градежна парцела е случајот со високатниците спроти хотелот „Холидеј Ин“.
  • Спорната одредба од Законот за градежно земјиште се користи и за купување државно земјиште кај поранешната фабрика „Треска“.
 

Продолжува распродажбата на државно градежно земјиште со непосредна спогодба иако изминува речиси една година откако Општина Центар иницира промена на контроверзната одредба од Законот за градежно земјиште која им овозможува на инвеститорите да се дограбат до имот на Македонија и да градат објекти на штета на јавниот интерес. Според актуелната регулатива секој што има сопственост на 30 проценти од една градежна парцела може да ги дооформи останатите 70 проценти со откуп на државно земјите во непосредна спогодба. Со иницијативата се бараше дооформување преку откуп на државно земјиште да може да поднесат само инвеститори кои ќе стекнат сопственост на 70 проценти од една градежна парцела.

Илустрација на сателитска снимка на која се гледаат границите на Општината Центар.
Во Опшина Центар велат дека има голем број барања за дооформување парцели по контроверзната законска одредба

Меѓутоа, додека Владата и локалната самоуправа се договорат за новата регулатива фрчат барања за дооформување градежни парцели. Од Општина Центар не можат да го прецизираат точниот број и локациите.

„За цела територија на Општина Центар има поднесено барања за отуѓување на градежното земјиште – сопственост на Република Северна Македонија, со непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 проценти од градежната парцела, независно дали се работи за правни или физички лица, актуелниот закон дозволува да ги дооформи и останатите 70 проценти“, велат од Општината.

Јавниот интерес заглави во дополнителни анализи

Од Министерството за транспорт и врски за „Само прашај“ велат дека ја поддржуваат секоја иницијатива на локалната самоуправа која е во насока на локалниот економски развој, просторниот развој и обезбедување хумани услови за живеење. Оттаму сметаат дека е потребно ЗЕЛС да спроведе дополнителна анализа во поглед на оправданоста на зголемување на процентот на сопственост/сосопственост во рамки на градежните парцели или пак е потребно да се изврши допрецизирање на процентот во поглед на намената на градежното земјиште(различен процент за различна намена на градежно земјиште).

„Ова е се со цел да се избегнат несаканите ефекти од оневозможување на реализација на урбанистичките планови, а со тоа и оневозможување на реализација на јавниот интерес утврден согласно материјалните одредби од член 5 од Законот за урбанистичко планирање“, велат од Министерството.

Слика на која се гледаат фотографии од Горан Герасимовски и Благој Бочварски.
Долга партија пинг-понг меѓу градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на штета на јавниот интерес.
 

Од Општина Центар велат дека иницијативата на градоначалникот Горан Герасимовски добила поддршка од сите градоначалници-членови на ЗЕЛС и дека во моментов се наоѓа во надлежното министерство за понатамошно постапување. На прашањето дали се работи на измени на Законот за градежно земјите со цел да биде вметнат предлогот на градоначалникот Герасимовски оттаму велат дека во моментов, правниците од Општина Центар, ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски работат на тоа одредбите од иницијативата да бидат вметнати во новото законско решение.

Вирус на ненадлежност

За оваа проблематика побаравме одговори и од Државното правобранителство со оглед на тоа што актуелниот Закон за градежно земјиште овозможува продажба на државно земјиште со непосредна спогодба по цени кои не секогаш одговараат на пазарните. Одговори побаравме и од Комисијата за заштита на конкуренцијата бидејќи законот овозможува лицата кои имаат над 30 проценти од парцела да имаат предност при купопродажбата на државно земјиште, што на некој начин го нарушува слободниот пазар. Добивме „штури“ одговори.

„Согласно член 68 од Законот за градежно земјиште, градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 проценти од градежната парцела, а цената на градежното земјиште е утврдена со Уредба за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија согласно зоната и намената на градежното земјиште“, велат од Државното правобранителство.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) велат дека оваа институција е надлежна да врши надзор над спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата нема надлежност да врши надзор над спроведувањето на Законот за градежно земјиште“, велат од КЗК.

Маратонско вештачење ја пролонгира истрагата за ДУП-от спроти „Холидеј Ин“

Еден од највпечтливите примери за користење на спорната законска одредба за дооформување градежна парцела е случајот со високатниците спроти хотелот „Холидеј Ин“. „Само прашај“ во повеќе наврати пишуваше дека на оваа локација беше продадено државно земјите по одредбата 30/70 и по детален урбанистички план (ДУП) што не е усогласен со Генералниот урбанистички план односно е незаконски. Спорниот ДУП беше донесен во 2012 година во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а се реализира во време на СДСМ и покрај предупредувањата дека новите градби ќе предизвикаат влошување на квалитетот на живеење во Скопје.

Графички приказ на несогласувањата помеѓу ДУП Ц 08, 2012 и ГУП на Град Скопје, 2012 – 2022
 

Под притисок на јавноста за овој случај Јавното обвинителство отвори предистражна постапка во јули 2021 година. Прашавме до каде е постапката.

„Заради утврдување релевантни факти, надлежниот јавен обвинител до Бирото за судски вештачења достави Наредба за градежно архитектонско - урбанистичко вештачење. По направената анализа на вештиот наод и мислење кои долг временски период се изготвуваа, јавниот обвинител утврди дека тие се нецелосни, односно дека не ги содржат сите барани информации, и во таа насока достави наредба за дополнително вештачење со рок на постапување со цел да ја забрза постапката. Резултатите од дополнителното вештачење се очекуваат“, велат од Обвинителството.

Фотографија од ископ на теренот кој се подготвува за изградба на висококатница спроти ГТЦ и Холидеј Ин.
Голема е шансата изградбата на висококатниците да заврши пред да има епилог на постапката во Обвинителството.

Меѓутоа, инвесторите на проектот „Гранд“ не чекаат завршување на постапката во Обвинителството. Две години откако беше отворена предистражна постапка таму се гради наголемо.

Од „Шанса за Центар“ велат дека со секој зафат на багерите спроти „Холидеј Ин“ со кој се ископува земја секојдневно се дозакопува правната држава и станува сѐ појасно целосното отсуство на интегритет кај многу институции.

„Имено и покрај тоа што тој урбанистички план во сите параметри многукратно го пробива ГУП-от, Обвинителството веќе две години не се произнесува по пријавата поднесена од Антикорпциската комисија која го оспори и планот и начинот на кој тој е донесен. Немаше реакција ниту на петиција, ниту на протести, ниту на коментари од стручна фела. Таму очигледно добро функционира само институционалниот лукративен синџир кој овозможи прво продажба на државното земјиште на приватни лица, потоа ги отфрли стручните елаборати со кои се докажа незаконитоста на урбанистичкиот план, а потоа и го овозможи самото градење кое е во тек“, велат од „Шанса за Центар“.

Истата формула се користи и кај поранешната фабрика „Треска“

Само прашај“ пишуваше дека спорната одредба од Законот за градежно земјиште се користи и за купување државно земјиште кај поранешната фабрика „Треска“. На прашањето колку одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот на поранешна фабрика „Треска“ се досега издадени со цел дооформување парцела и по чие барање, од Општина Центар информираат дека досега е реализиран еден солемнизиран договор за дооформување на градежно земјиште на нотар, спроведен на име на „Голден Арт“, „Мега Куманово“ и „Акустик Скопје“.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 1
Подолг период трае трката за откуп на државно замјиште кај „Треска“
 

Прашавме и колкава површина на оваа локација е во сопственост на инвеститори кои бараат откуп на државно земјиште за дооформување парцели и колкава е површината државно земјиште кои бараат да се откупи.

„Земјиштето во просторот на поранешната фабрика ‘Треска’ е 53 проценти во приватна сопственост, 47 проценти во државна сопственост. Од тие 47 проценти, само околу 10 проценти се предмет на дооформување на градежни парцели. Останатите 37 проценти се наменети за јавни површини, улици и инфраструктура“, велат од Општината.

Од Општината информираат дека земјиштето на оваа локација ќе се продава по цени утврдени во Уредбата за висината на цената на градежното земјиште – сопственост на Република Северна Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп, како и за засновање на право на стварна службеност.

Пожарот кај „Треска“ го предизвикал човек, ненамерно

Локацијата кај поранешна „Треска“ беше во фокусот на јавноста откако во април, минатата година се случи голем пожар во кругот на фабриката. Случајот го истражуваше Јавното обвинителство од каде побаравме одговор какви се наодите од истрагата.

Кај јавноста имаше сомнеж дека пожарот е намерно предизвикан за да се расчисти теренот за градење

„Веднаш по пожарот беше оформен предмет со цел испитување на причините. По извршените вештачења и анализи се утврди дека пожарот бил предизвикан од човечки фактор, но дека не може да се утврди дека станува збор за намерно опожарување, односно не беа пронајдени докази од кои би произлегло дека пожарот настанал како резултат на кривично дело. Од тие причини јавниот обвинител донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување“, велат од Обвинителството.

Јавен конкурс колку да се рече

На прашањето што се случи со предизборното ветување на градоначалникот Горан Герасимовски дека ќе се почитуваат решенијата од јавниот конкурс за реализација на градбите на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“, од Општина Центар велат дека решенијата се детално разгледани од градоначалникот и службите во општината.

„Во моментот, на сила има важечки ДУП за локацијата, односно ДУП-от Буњаковец 1 и 2. Градоначалникот Герасимовски побара од Град Скопје да се издвои локацијата на поранешната фабрика ‘Треска’ преку донесување на регулациски план само за тој дел. Барањето за оваа постапка се наоѓа во Град Скопје и за да се реализира, треба да го изгласа Советот на Град Скопје. Имајќи предвид дека и самата стручна жири комисија одлучи за распишаниот конкурс за ‘Треска’ да нема првонаграден, туку најдобро рангираниот труд беше награден со второ место, општината ги зема предвид и конкурсните решенија. Онаму каде што се дозволува, она што е урбанистички издржано од конкурсите, ќе има можност да биде додадено“, информираат од Општината.

Според деталниот урбанистички план, на површината кај фабриката „Треска“ е предвидено да се градат објекти со основна намена домување А2. Висината која е предвидена варира помеѓу приземје + 4 или + 5 ката со поткровје (П+4/5+ПК).
 

Од Асоцијација на архитекти на Македонија велат дека примената и одржувањето на Јавен конкурс, претставува цивилизиран гест на тие кои се најодговорни за управувањето со градскиот простор. Според нив, конкурсот, по правило ја гарантира вклученоста и партиципативноста на заедницата во процесите на урбанистичкото и архитектонско креирање, а резултатот е зачувување на јавниот интерес и јавното добро, овозможени преку иден урбан развој.

„ААМ препознавајќи ги овие вредности, најнапред го иницираше, а понатаму и се вклучи во постапката за спроведување на Јавниот конкурс за изработка на Урбанистичко-архитектонско решение за локалитетот Треска, партиципирајќи со професионален кадар од наши истакнати членови од Асоцијацијата и Академијата на архитекти на Македонија. И покрај комплексната Конкурсна програма, неговата постапка резултираше со трудови кои понудија поинакви решенија од досегашните планерските куќи и општински власти. Доколку треба да зборуваме за гарантирање на јавното добро и интерес, како и обезбедување иден развој на оваа населба, сметаме дека истите целосно се вклучени во понудените конкурсни решенија“, велат од ААМ.

Од Асоцијацијата со жалење констатираат дека трудовите и решенијата не беа јавно презентирани од нарачателот, иако по правило тоа е вообичаена пракса во цел свет.

„Тие требаше значително да помогнат во транспарентноста при креирањето на нови плански решенија, преку изработка на нов детален урбанистички план за оваа населба. ААМ го следи развојот на настаните и засега можеме да утврдиме дека доколку процесот на овој Јавен конкурс не заврши според општо воспоставените практики, не би постоеле оправдани причини за потрошеното време и ресурси на сите вклучени страни, а особено на граѓаните и членовите на нашето здружение. Дали постои или ќе се појави разумна сила од другата страна?“, велат од ААМ.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 2
Монтажа на 3Д-модел од ДУП Буњаковец 2 во реални позиции
 

Сличен став имаат и од „Шанса за Центар“. Тие велат дека како граѓанска иницијатива се доследни на ставот дека за уредувањето на „Треска“ како основа мора да се земат идејните решенија од конкурсот кој го спроведе општина Центар.

„Тие решенија се засноваат на идејата дека таму мора да има простор од јавен интерес на кој ќе има парковско зеленило и градинка, а градењето се овозможува во многу поразумни размери. Но целиот конкурс се отфрла од страна на градоначалникот Герасимовски иако за време на изборната кампања тој ветуваше дека ќе го спроведе, а неговата партија во претходниот мандат на Советот беше клучна за конкурсот воопшто да се изгласа. Сега тој наместо да ги спроведе ветувањата одбра да го спроведува постоечкиот урбанистички план кој, според анализата на стручната служба на општина Центар, е незаконски бидејќи во многу параметри неколку кратно ги пробива ограничувањата кои ги поставува Генералниот урбанистички план на Скопје“, велат од „Шанса за Центар“.

Оттаму прашуваат „која е причината и интересот зад таквата промена на ставот кај градоначалникот и неговата партија кои до пред само една ипол година беа на сосема друга страна?“.

„На пример ако ГУП-от дозволува на подрачјето на таа четврт во Буњаковец просечна бруто изградена површина за домување од 406.250 метри квадратни, деталниот план кој го спроведува градоначалникот дозволува два и пол пати повеќе односно изградена површина од над милион квадратни метри. Ако ГУП ограничува таму да има максимум 12.500 жители , ДУП-от предвидува до 33.774 жители. Ако ГУП вели дека треба да има максимум 3.472 семејства , ДУП-от овозможува да има скоро три пати повеќе или 9.382“, велат од Шанса за Центар.

Коруптивна регулатива погубна за јавниот простор

Одредбата 30% - 70% досега се покажа погубна за јавниот простор и основа за сериозна корупција, велат од „Шанса за Центар“. Според нив, тоа најдобра се гледа на територијата на Општина Центар која е претворена во безлична градежна зона.

„Резултатот се бетонски кањони од згради без минимални услови за квалитетен живот и незаконски урбанистички планови кои постојат само за да ја задоволат алчноста за големи профити на мал број на луѓе зад кои стојат и лукративни интереси на најголемите политички партии во земјава. Таа одредба пак е основа за распродажба на државното земјиште надвор од погледот на јавноста затоа што продажбата на земјиштето преку т.н. принцип на дооформување на парцели го вршат службите на општините и за нив се информирани само градоначалниците. Советите, јавноста и граѓаните немаат никаков увид во тие постапки ниту добиваат информации“, велат од „Шанса за Центар“.

„Само прашај“ досега повеќе пати пишуваше дека во Општина Центар е очигледен урбанистичкиот хаос

Од „Шанса за Центар“ велат дека лани од Советот на Општина Центар побарале да се изработи програма за располагање со јавното градежно земјиште каде ќе се наведат и овие парцели кои се планира да се продаваат за дооформување на градежни парцели, но предлогот бил одбиен со образложение дека законот не налага за овие парцели да се изработува програма.

„Така го ‘заштитија’ процесот од можноста за увид од страна на јавноста“, велат од Шанса за Центар.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека законската одредба согласно која може да се отуѓува градежно земјиште со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план на лице кое има повеќе од 30 проценти сопственост на земјиштето носи висок ризик од корупција, а многу често дава ефекти спротивни на јавниот интерес.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Ангела Рајчевска
Фотографи: Томислав Георгиев и Дарко Андоновски