fbpx

Граѓаните не се вклучени во градските политики и по десет години од Првото Архитектонско Востание

Леонора Грчева

Десет години поминаа од Првото Архитектонско Востание, кое го организиравме со група колеги и другари. Повеќето не се ни познававме меѓу себе. Нѐ сплоти гневот од она што почна да се случува во Скопје со најавувањето на изградба на црква на Плоштад Македонија, оптимизмот дека може и мора да живееме во подобро место, и чувството дека е наша обврска како млади граѓани, и млади архитекти, да бидеме гласни, да се бориме за квалитетен град и за отворено, праведно општество.

Згрозени од кокичето на кичот (домот на Мајка Тереза) и од најавата за уништување на плоштадот, ниту во најкреативните моменти не можевме да замислиме каква иднина всушност го чекаше нашето Скопје преку монструозниот проект Скопје 2014 и преку криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Од 28.03.2009 до денес, еве што дочека Скопје:

  • 28 идиотски згради во „барокен стил“, несоодветни ни по функција ни по стил, полни луѓе кои работат во несоодветни услови, кои продолжуваат да го празнат буџетот затоа што упорно се распаѓаат
  • над 70 споменици и скулптури, повеќето нелегално изградени
  • идиотска триумфална порта, идиотски бродови во Вардар, идиотско започнато панорамско тркало на идиотски мост
  • потрошени (и украдени) над 684 милиони евра
  • уништен дел од кејот, украден јавен простор, зголемени ризици од поплава и земјотрес со градење на ризична зона покрај Вардар
  • уништен огромен дел од македонското архитектонско културно наследство од модерната (На-Ма, МЕПСО, Влада на РМ, и огромен број згради од централното градско подрајче)
  • уништен и доведен до апсурд Закон за урбанистичко планирање со 15 измени и Закон за градење со 26 измени за време на ВМРО, огромен дел од овие измени направени наменски за да овозможат реализација на делови од Скопје 2014…
  • постепено уништување на архитектонско-урбанистичката професија, на градот, и на квалитетот на живот на неговите граѓани.

Она што ние го баравме како млади студенти, беше стручно и граѓанско учество во донесувањето на урбаните планови и политики. Десет години подоцна и една Влада подоцна, се уште не гледаме големи промени во донесувањето на градските политики, има мали исчекори, мали обиди за вклучување на јавноста, мали трошки надеж, но ниту од далеку доволно.

Градот се планира преку детални урбанистички планови (ДУП-ови). За секој ДУП, сѐ уште, граѓаните може да се изјаснат само со јавна анкета која трае 10-15 дена, на предлог план, претставен преку нечитлив цртеж, презентиран во нејавен простор, каде планерите се појавуваат само првиот ден.

Каде се можностите за граѓанско учество и партиципација пред плановите да се исцртаат? Каде се јавните изложби и дебати за секој план? Каде се плановите, скиците, објаснувањата наменети за граѓаните, наместо оние нечитливи ДУПови кои и архитекти се мачат да ги интерпретираат? Каде се работните групи со многуте граѓански групи, активисти, невладини организации кои се на многу теми постручни од планерите? Каде се консултациите со соседите кои ќе ги сносат последиците од плановите и кои ги познаваат населбите најдобро?

Наместо да ја имитираме Европа со лажен барок, време е да почнеме да ги имитираме партиципативните градски политики.

Да се потсетиме на дел од нашите барања од пред 10 години, кои сѐ уште не се застарени, и да се надеваме дека ќе се остварат пред да поминат уште 10 години.

  1. Бараме официјален став од Архтиектонскиот факултет во Скопје за случувањата на јавниот простор од општествен интерес.
  2. Бараме стручни трибини пред секое ново клучно превземање на гpадежни работи.
  3. Бараме најтранспарентни конкурси, огласи и урбанистички анкети, како и формирање на широки комисии со македонски заседавачи и странски консултанти, непартиски тела кои ќе одлучуваат за ваквите градби. Во краен случај и изјаснување на референдум како што се прави во европските градови кога се носат вакви големи одлуки. Дотогаш, мораториум на градба!

Тагови: