На 17 јули 2020 поднесов барање за повлекување на деталниот урбанистички план (ДУП) за „Мал Ринг“ во Општина Центар, предложен за јавна анкета на 22 јули 2020. Планот е изложен на увид, ставен е на веб-страницата на општината, но тој нема суштински промени во однос на претходните решенија за центарот на Скопје.
Како советник во Општина Центар, како совесен граѓанин и како родител одговорен за иднината на следните генерации, се обратив до градоначалникот, Советот, и Комисијата за урбанизам за да побарам ДУП „Мал Ринг“ да биде повлечен, одново стручно разгледан, а анкетата пред јавноста да биде одложена за периодот по септември 2020.
Овој ДУП е особено значаен за градот, па и за целата држава бидејќи со него се дефинира срцето на главниот град и бара посебно внимание и суптилно решавање. Решението за „Мал Ринг“ мора да покаже дека е производ на заедничка стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес кој ќе се води активно, фокусирано и во политички постабилен миг. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, сред лето, но и во политички чувствителен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар и за „Скопје 2014“. А „Скопје 2014“ како најпогубен, но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за „Мал Ринг“.
Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но се’ уште се дел од планот. Тоа се: „Шпански скали“, меморијалниот објект „Мајка Тереза“, катната гаража во зеленилото зад Собранието и Домот на АРМ, сите споменици од „Скопје 2014“, објектите во коритото на Вардар, па дури и онаа спорна ќебапчилница пред хотел „Холидеј Ин“.
Со „Мал Ринг“ наследивме објекти и земјиште коишто се нелегално продадени, коишто беа предмет на процеси и обвиненија од СЈО, а за нив и денес се водат постапки во судови и обвинителства, како и истражувачки лаборатории и студии. Поразително е што со предложениот план ставен на јавна расправа тие законски спорни моменти се потврдени.
Која е причината да се брза со план за којшто има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за Зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на 2 нивоа), зад АРМ, зад Министерство за Правда, зад „Палома Бјанка“.... со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во центарот? Ниту со една реченица овој план не нуди поинакво решение.
Центарот, а особено „Мал Ринг“ се зони во кои поради близината на Вардар и климатските промени може се случат последици по безбедноста на луѓето, јавните и приватните добра. Поплавувањата во подрумските простории на МНТ, Архивот и други ги доживеавме, но само слушнавме за решение за отстранување на галиите и другите препреки во Вардар, а реализација не видовме. Во планот нема измени од реалната состојба на терен, а мерките за заштита и спасување се повторно наведени само со цитирање на законите.
И денес Центар останува економски и социјално раслоен и со изразени нееднаквости. Овој план не може да придонесе кон надминување на состојбите, напротив, повторно овозможува концентрирање на инвестиции на мал простор, а запоставување на неразвиените населби. Економските ефекти од ваквото планирање ги живееме, но редно е да ги надминеме.
Со предложениот план за „Мал Ринг“ се покажува дека локалните власти и надлежните институции не ги разбираат и следат решенијата за одржливи, зелени и отпорни градови по мерка на човекот. Ова е план без визија и без показатели за тоа како сакаме да изгледа Скопје како иден, нов европски главен град.
Планерот, иако е креатор и на претходниот план, жали за состојбите причинети од „Скопје 2014“, за променетите фасади и за недозавршените промени што е тешко лицемерие.
„Мал Ринг“ бара посебно внимание и разработка за да се преобрази во однос на потребите, но и да ги надмине неопходните квалитативни и естетски недостатоци утврдени низ бројни студии и анализи.
Планот не претставува исчекор и планирање на центарот со нови вредности и потреби, туку покажува немоќ за справување со предизвиците.
Уште еднаш ги повикувам градоначалникот Саша Богдановиќ, целиот Совет, Комисијата, па и град Скопје и Владата на РСМ да покажат смелост за промени, да исчекорат и да го повлечат предложениот ДУП кој ќе се врати на доработка и разгледување од септември 2020.
Авторката е советничка во Советот на Општина Центар
Прочитајте повеќе:
![]() |
![]() |
|
Јана Белчева: „Бирократската магла“ може да го проголта паркот кај „Треска“ | Белчева: Одлуките во општина Центар се носат од личен интерес |