fbpx

Лесна тема или тежок камен околу вратот кога за македонски идентитетски столбови разговара Албанец

Партиите на Албанците и аналитичарите се поделени во мислењата дали министерот Бујар Османи е доволно внимателен кон прашањата наметнати од Софија во преговорите, а кои задираат во македонските идентитетски столбови. Едни сметаат дека тој како Албанец ќе биде и дополнително повнимателен преговорите да не завршат на штета на македонскиот идентитет. Други пак, се согласуваат дека партиите на Албанците отсекогаш биле коректни кон овие прашања, но и изразуваат стравување дека Османи не само што го нема потребниот капацитет за вака сложени прашања, туку и дека неговата ДУИ веќе има подготвени сценарија и за успех и за неуспех на преговорите со Софија.

Партиите на Албанците и аналитичарите различно ја оценуваат преговарачката улога на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој како Албанец е директно вклучен во преговорите со Софија во кои во еден добар дел се наметнати прашања кои задираат директно во македонските идентитетски столбови. Од мислењата дека, како што се постојано коректни партиите на Албанците кон прашањата од национален интерес на Македонците, дека така и Османи нема да дозволи да се нанесе штета, до ставови дека тој не само што настојува да најде брзо решение, туку и дека „лекарот е аматер за вакви теми“.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 1

Прашањето на бугарското вето и како да се деблокира патот кон членство во Европската Унија почна да троши дел од енергијата на Владата на премиерот Димитар Ковачевски и тоа во самиот негов старт на функцијата. До ветото од Софија Владата на Зоран Заев долго време функционираше со полни батерии, а оттогаш силата на владејачкиот мотор почна да слабее, на моменти да бара рестарт, како што тоа еднаш беше случај со неславното интервју за БГНЕС, за на крајот, на локалните избори, батериите целосно да се испразнат, по што полнач немаше ниту Европската Унија. Заев реши да крене раце и да побара смена. Засега Владата на Ковачевски добива потребен напон од Брисел и од преку океанот. Дали македонската Влада добива позитивна енергија од партиите на Албанците и од можеби клучното – има ли преговарачот министер Бујар Османи како Албанец позитивен пристап во однос на македонските идентитетски прашања или е посветен на брзо решение?.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 2

На внатрешен план и Ковачевски и Петков имаат наелектризирана опозиција, историчари чие мнозинство не сака компромиси за прашања од минатото, интелектуална јавност која на прашањата претежно им дава предзнак на врвен државен интерес и, конечно, претседатели на државите од кои едниот, Румен Радев има ригидни ставови кон решението на проблемот и сет на барања без дискусија кон Македонија, а другиот, Стево Пендаровски, кој се служи со умерен речник на изразување на своите стабилни ставови, а низ кои се повторува и една порака дека дека ЕУ не ни е потребна ако цената е обезличување на македонскиот народ и јазик.

Тука некаде треба да се снаоѓаат двете влади предводени од личности со тазе стаж на врвна државна функција. Во исто време, ги демнат кризи кои треба по пат да ги решаваат, а од кои можеби уште повеќе зависи стабилноста на владите – енергетската, економската, сѐ уште и пандемиската, а веќе и безбедносната криза откако украинската пламна во војна, а која веќе е извесно, ја продлабочува енергетско - економската.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 3

Владата на Ковачевски има и неизвеснот повеќе. Се соочува со „запалив материјал“ поставен многу блиску до македонскиот идентитет, самобитноста и македонскиот јазик, врз кој од источниот сосед се долева масло, а од друга страна датумот за преговори на Албанија со ЕУ е во пакет со Македонија.

Тирана е трпелива, досега не инсистираше на одвојување од пакетот за да тргне кон бриселски датум, но бездруго Ковачевски мора да ги има предвид како интересите на Албанија, така и политичките ставови на партиите на македонските Албанци. Тие имаат два клуча – Бадинтеровиот кој го отвора Собранието за евентуални уставни измени, како и клучот за хармонијата и соживотот во земјава.

Дали му е од помош или на Ковачевски му одмогнува тоа што во преговорите со Бугарија директно, и тоа уште од времето на Владата на Заев, преговара Албанец – министерот за надворешни работи Бујар Османи?

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 4

Критиките што можат да се слушнат во јавноста па и од некои партии, е дека на Османи му е лесно да преговара за нешто од што Албанците како етничка заедница, како народ, нема да имаат последици. Па и Никола Димитров, екс – вицепремиер и екс - преговарач со Софија, му забележа на Османи дека како да посакува брзо да го реши проблемот со Бугарија во функција на ЕУ – напредок за потоа да се припишуваат заслуги.

Самиот Османи многу пати во изјави и интервјуа нагласува дека не доаѓа предвид македонскиот народ да претрпи каква било штета и дека тој и Владата не преговараат за македонскиот јазик и воопшто за идентитетот. Минатата недела тој направи еден чекор поздравен во Македонија – во Тирана тој седна со политичките претставници и претставници на здруженија на македонското малцинство во Албанија и разговарал, воедно и самиот се информирал, за можностите за унапредување на малцинските права во таа земја.

Партиите на Албанците и аналитичарите различно ја ценат и улогата на Османи и дејствувањето на ДУИ во Владата по ова прашање. Генерално, велат, политичарите Албанци се коректни тогаш кога на удар од надвор се Македонците и сите прашања поврзани со Македонците и Македонија. Беа, велат, коректни и долги години кога се преговараше со Грција заради името, иако беше забавена вкупната евроатланска интеграција на земјава.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека коректноста произлегува од фактот што станува збор за многу чувствително прашање за Македонците, но оценува дека е и чувствително и за Албанците бидејќи „нас не може помили да ни бидат Бугарите од Македонците“.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 5

„Османи, барем според изјавите, мислам дека е внимателен и дека нема да направи компромис на штета на свој сограѓанин Македонец. Нема свесен албански политичар кој би направил таква штета. Сетете се на Абдурахман Алити, кој беше лидер на Партијата за демократски просперитет. Кога замина за амбасадор во Софија, тој беше првиот амбасадор кој седна на иста маса со сите тамошни здруженија на Македонците и уште даде изјава дека во Македонија се ангажирал за права на Албанците, а дека во Бугарија се залага за правата на Македонците. Верувам во договор и верувам дека Македонија може на Бугарија да ѝ овозможи со посветол образ да се повлече од нешто што е глупаво, а го наметнаа еден број тамошни политичари. Треба да е јасно дека со сила нема промена на националната определба. Доказ може да биде петвековната турска империја – и македонскиот и албанскиот народ опстанале“, вели Муслиу.

Политичкиот аналитичар Махи Несими пак, на прашањето дали смета дека министерот Османи треба да биде повнимателен бидејќи преговара за идентитетски прашања на Македонците, акцентот во својот одговор го става на неговата стручност за водење на така тешки и сензитивни преговори.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 6

„Корпусот на прашањата поврзани со договорот кој треба да се постигне со Бугарија во над 80 отсто се однесуваат на Македонците. Затоа, главниот збор го имат Македонците. Османи си зема премногу слобода да решава за прашања за кои е апсолутен аматер. Кој и зошто му го дозволува тој луксуз е посебно прашање. Со оглед на неговата професија добро би било тој да се ангажира за одговорност во врска со изгорените 14 граѓани во модуларната болница во Тетово“, вели Несими.

Движењето Беса изнесува остри критики како на сметка на Османи, така и на ДУИ и отворено се сомнева во тоа што го работи министерот. На прашањето дали Османи треба да биде повнимателен, од Беса ни изјавија дека проблем е не само стручноста, туку и тоа што тој и ДУИ веќе имаат стратегија и за успех и за крах на преговорите со Бугарија:

„Сметаме дека министерот Османи нема професионален капацитет да одговори на задачите како шеф на дипломатија, од друга страна партијата што тој ја претставува е синоним на криминал и корупција и секако дека било кој исход од преговорите министерот Османи ќе се обиде да го претвори во партиски поени за ДУИ, било тоа да биде позитивен или негативен исход. Ако е исходот негативен ДУИ ќе сака да се сврти на етничка карта, ако е позитивен тие ќе се обидат да се претстават како спасители на државата. Но и во двата случаја тоа ќе биде само за и натаму да ги прикриват нивните криминални и коруптивни зделки од 20 годишното владеење“.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 7

Отворено сомневање во ангажманот на министерот Османи изнесува и Алијанса за Албанците.

„Бугарското вето и блокадата на евроинтеграцијата е резултат на дипломатското фијаско на власта СДСМ - ДУИ. Бујар Османи како поранешен министер за ЕУ, сега како министер за надворешни работи, сноси голем товар на одговорност за ќорсокакот во кој се наоѓа земјата. Се разбира, другиот дел на товарот на одговорноста ја сносат поранешниот премиер Заев и поранешниот министер и вицепремиер Димитров, како автори на Договорот за добрососедство со Бугарија кое се претвори во јаболко на раздорот меѓу двете земји. Еден од главните проблеми во овој спор е и фактот дека тие тројцата заедно потфрлија во информирањето на Собранието и јавноста за спроведувањето на Договорот за пријателство и за текот на преговорите“, ни изјави Арбен Фетаи, раководител на секторот за надворешна политика во Алијанса за Албанците.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 8

И владејачката Алтернатива смета дека и Османи, но и секој друг политички претставник на Македонија треба да е внимателен кога се зборува на темата идентитет.

„Ние имаме целосно разбирање и емпатија кон Македонците како нација и кон македонскиот јазик во овој спор и во никој случај не би сакале тие да се чувствуваат повредени, навредени или понижени од никого, а најмалку од нивните сограѓани Албанци. Сепак, поаѓајќи од теоријата на Андерсон за замислените заедници, треба да се согласиме дека во време кога светот станува глобално село, битката за национален идентитет и национален јазик и по цена на блокада на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија е неразумна. Затоа нашиот предлог е историјата да им остане на историчарите, јазикот на лингвистите, нека одлучат тие со научни докази, но Северна Македонија да ги отпочне преговорите за членство во Европската Унија. Тој пат и онака ќе биде долг, па ќе имаме време да ги решиме и другите прашања, како што се тие од областа на идентитетот“, ни изјавија од Алтернатива.

На прашањето дали гледаат пречка Бугарите што живеат во Македонија да бидат внесени во Уставот и дали тоа ќе се одрази врз позицијата на албанската етничка заедница, имајќи предвид дека со Охридскиот рамковен одговор таа е попосебна во однос на другите немакедонски етнички заедници, партиите на Албанците не гледаат посебен проблем во тоа.

„Нам не ни пречи да се вметнат и Бугарите во Уставот. Сметаме дека како демократска земја која се стреми кон европските вредности не треба да бидеме ригидни по прашањето на правото за слободно изразување на етнички и секаков друг идентитет. Ако тоа помогне во решавање на спорот со Бугарија, гледаме само предности во таквото решение. Што се однесува до другите прашања во Уставот, вклучително и на Албанците во државата, мислиме дека тоа прашање е премногу политизирано и дека така се поставени пречките за рационално и функционално решавање на тоа прашање. Во секој случај нам, како држава, ни треба да го отвориме тоа прашање без никакви предрасуди алудирајќи дека отварањето на едно прашање може да води во еден или друг правец. Нам ни треба да го отвориме прашањето за Уставот во смисла на подобрување на севкупните односи во државата, почнувајќи од столбовите на државата како што е владеење на правото, да направиме добра рамонотежа на законодавната, извршаната и судската власт и да најдеме начин како ќе дојдеме до Устав кој ќе ја направи нашата држава подобро место за живеење во секаква смисла, а во тој случај мислиме дека сите етнички заедници, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бугари, Хрвати, Црногорци, Еѓипќани и сите други би се чувствувале реализирани во својот идентитет“, смета Алтернатива.

Lesna tema ili tezok kamen okolu vratot koga za makedonski identitetski stolbovi razgovara Albanec 9

И Движењето Беса во принцип не е против уставно дефинирање на Бугарите од Македонија.

„Република Северна Македонија е мулти етничко општество и не би требало да има предрасуди за евентуално вметнување на бугарската етничка заедница во Уставот, но секако и тоа треба да се види низ призмата на преговарачките позиции на нашата држава во преговорите со Бугарија“, смета Беса.

„Алијанса за Албанците на Уставот гледа како на еден правен акт којшто бара постојани измени и дополнувања во согласност со политичките и социо-економските прилики за да го одразува мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на општеството и државата, потребите на граѓаните, толеранцијата и соживотот. Посебно се ангажираме за еден нов и демократски устав, којшто ќе ја редефинира земјата како рамноправна држава на двете најголеми зедници, со проширени права и за другите заедници, опфаќајки ја и бугарската заедница“, вели Фетаи од Алијанса за Албанците.

Токму тоа што последно ни го одговори Фетаи беше планирано да биде и нашето следно прашање, во смисла дали преговорите со Бугарија и евентуалното вметнување на Бугарите во нашиот Устав би можело да се искористи и за прашања од етнички карактер на Албанците внатре во македонскиот систем. Во таа насока и Беса има свој одговор, но како и Фетаху што забележува, така и од Беса велат дека не станува збор за искористување на преговорите со Бугарија, туку за принципиелен став кој не е нов.

„Наш став отсекогаш бил дека моментално најголемата потценувачка уставна формулација е што албанскиот јазик се уште се сведува на 20-те отсто. Тоа прашање мислам дека веќе треба да се надмине и не треба да се имаат предрасуди за тоа, без разлика на исходот со Бугарија, тоа отворено прашање треба да претрпи промени и зборот ‘јазикот на граѓаните што го зборуваат повеќе од 20 проценти да се замени со зборот ‘албански јазик’ “, велат во Беса.

Аналитичарот Алберт Муслиу за прашањето на Бугари во македонскиот Устав вели дека е непринципиелен оној политичар кој е против една етничка заедница да биде вметната во Уставот, зашто тоа не оди во иста линија со принципите што ги прокламираат.

„Нема штета ниту за Македонците, освен доколку има нешто тајно во преговорите што ние не го знаеме. Но од ова што го знаеме, вметнувањето на Бугарите ќе биде уште една потврда, и тоа преку самиот Устав, дека Бугарите се различен народ од Македонците, како и од другите народи во Македонија. Во тој контекст ја читам и изјавата на министерот Османи кој говори за Бугари кои живеат во Македонија“, вели Муслиу.

Аналитичарот Махи Несими смета дека и тоа прашање може да биде многу тешко за решавање, а не како што во една прилика лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека нема зошто да се биде против и дека е тоа едноставно прашање.

„Од многу причини вметнувањето на Бугарите во Уствот е доста сложено и комплексно прашање. Стратешки е штетно, меѓу другото и поради тоа што не постои реципроцитет. Таквото решение се очекува да придизвика и други измени на Уставот. При зачленувањето на Република Северна.Македонија во Европската Унија секако дека ќе се случи и таа измена на Уставот“, вели Несими.

На прашањето, има ли простор низ призмата на решавањето на спорот со Бугарија да се унапреди позицијата на Албанците како народ во Македонија, Несими со кус одговор:

„Ако се отвара проблемот со Уставот, односно прембулата, ќе бидат потребни доста измени кои тешко дека Македонија ќе може да ги реши“.

 

Новинар: Панта Џамбазоски

Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: